Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.251/2024
Скопје, 12.03.2025 година
С к о п ј е
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 12 март 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел II „Општ дел“ точка 5 потточка 1 во делот „„Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ и потточка 2 во делот „„Вкупно нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Скендер Реџепи од Скопје, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на деловите од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година (во натамошниот текст: Методологија), означени во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, со оспорените делови од Методологијата се повредуваат член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 6 став 1 точка 1 алинеја 1 и член 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.
Согласно темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото, правните акти како дел од правниот поредок не треба да создаваат правна несигурност за субјектите на правото и мора да бидат во согласност со повисоките акти врз основа на кои се донесени, со што ќе се почитува хиерархиската поставеност на актите како обврска од член 51 од Уставот.
Од анализата на содржината на оспорените делови на Методологијата во корелација со одредбите од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, произлегува дека категориите „вкупно резидентно население“ и „вкупно нерезидентно население“, не се предвидени со член 6 став 1 алинеја 1 од овој закон.
Ова не е предвидено со член 17 став 2 алинеја 1 од истиот закон, ниту директорот на Државниот завод за статистика има овластување да воведува посебни категории во Методологијата.
Со Методологијата, треба да се дефинираат единиците коишто ќе се попишуваат и белезите за кои ќе се прибираат податоците, а не да се прави нивна категоризација.
На ваков начин, создадена е правна несигурност, бидејќи Државниот завод за статистика како надлежен орган за водење пописна политика, наместо да ги спроведува актите на Собранието како носител на законодавната власт, си зема за право да постапува спротивно на законското овластување и предвидува категории коишто не се предвидени во Законот, а самиот директор се става во улога на создавач на норма, односно законодавец, спротивно на член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.
Во случајот, со оспорените делови се повредува и еднаквоста на граѓаните гарантирана со член 9 од Уставот, бидејќи тие се еднакви во остварувањето на нивните права, без разлика дали се резиденти или нерезиденти.
Предвидената категоризација во Методологијата е основ за различен третман, бидејќи на одреден граѓанин единствено поради фактот што не се наоѓа во државата при спроведувањето на пописот, му се скратуваат одредени права, меѓу кои е правото на вработување со оглед дека државната политика за вработување во државната администрација се креира врз основа на бројките од пописот.
Со иницијативата се предлага донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените делови од Методологијата.
II
Судот утврди дека оспорениот дел „„Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ е содржан во потточка 1 точка 5 од делот II „Општ дел“ од Методологијата.
Потточката 5 има четири алинеи кои се однесуваат на тоа кои лица го сочинуваат резидентното население и тоа: лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија; лицата – странци кои престојуваат во Република Северна Македонија подолго од 12 месеци (една година), со одобрение за постојан или за привремен престој; лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на Пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив; лицата што имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а кои во времето на Пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на домаќинствата што привремено престојуваат во странство со наведените лица (независно од должината на престојот во странство по некој од наведените основи).
Оваа потточка содржи посебен став со четири алинеи кој се однесува на тоа кои лица освен претходно наведените, спаѓаат во вкупното резидентно население под услов ако се континуирано присутни во земјата повеќе од 12 месеци и тоа: странците со признат статус на бегалец што ќе се најдат во Република Северна Македонија во времето на Пописот; странците со признато право на азил поради супсидијарна заштита, кои во времето на Пописот се нашле во Република Северна Македонија; странците со поднесено барање за признавање право на азил што се нашле во Република Северна Македонија во времето на Пописот и други лица што ќе се најдат на територијата на Република Северна Македонија во време на Пописот (а кои ги исполнуваат претходно дефинираните критериуми).
Исто така, Судот утврди дека оспорениот дел „„Вкупно нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ е содржан во потточка 2 од точка 5 од делот II „Општ дел“ од Методологијата.
Потточката 2 има две алинеи кои се однесуваат на тоа кои лица се во категоријата вкупно нерезидентно население: лицата државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив; и лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија до 12 месеци (помалку од една година), со одобрение за привремен престој.
III
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Во член 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година* („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2021 и 73/2021) е предвидено дека со овој закон се уредуваат содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година (во натамошниот текст: Пописот), надлежните органи за спроведување на Пописот, правата и обврските на надлежните органи, стручните тела и другите учесници во спроведувањето на Пописот, правата и обврските на давателите на податоците во Пописот, единиците кои се опфаќаат со Пописот, пописните реони, употребата на јазиците во Пописот, начинот на спроведување на Пописот, користењето, чувањето и заштитата на податоците од Пописот, обработката и објавувањето на податоците од Пописот, информирањето на населението за целите и значењето на Пописот и неговото финансирање.
Согласно член 4 став 1 од овој закон, Пописот ќе се спроведе во периодот од 5 до 30 септември 2021 година, додека според став 2 од истиот член, Пописот ќе се спроведе според состојбата на 4 септември 2021 година, во 24:00 часот (критичен момент на Пописот).
Во член 5 став 1 од Законот е определено кои податоци ќе се приберат со Пописот (за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија).
Законот, содржи посебна глава II насловена „Единици кои ќе се опфатат со Пописот“ (членови 6-12). Консеквентно на цитираниот член 5 од Законот, со член 6 од истиот е определен опфатот на Пописот.
Така, согласно став 1 на овој член, тоа се лица: државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство (алинеја 1); странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој (алинеја 2); и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Северна Македонија (алинеја 3). Потоа, според ставот 2 на истиот член, тоа се и домаќинствата на лицата од ставот 1 на овој член. И на крајот, ставот 3 на овој член определува дека со Пописот ќе бидат опфатени станови и други населени простории.
Покрај определувањето на опфатот на Пописот, со член 7 алинеи 1-3 од Законот е дефинирано кои лица нема да бидат опфатени со истиот. Тоа се: дипломатскиот персонал на странските дипломатски и конзуларни претставништва во Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства (алинеја 1); странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства, лоцирани во Република Северна Македонија, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и институции кои во моментот на Пописот престојуваат во Република Северна Македонија (алинеја 2); и странските државјани кои во времето на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија заради службен пат, приватна посета, лекување, туристички и слични патувања (алинеја 3).
Според член 15 од истиот закон, Пописот го организира и спроведува Државниот завод за статистика.
Со ставот 2 на член 17 од Законот се утврдени овластувањата на директорот на Државниот завод за статистика во врска со Пописот. Меѓу другото, директорот пропишува Методологија за Пописот со дефиниции на единиците што се попишуваат и белезите за кои се прибираат податоци (алинеја 1).
Врз основа на овластувањето од член 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година*, директорот на Државниот завод за статистика ja донел Методологијата којашто е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021 од 4 февруари 2021 година.
Од анализата на одредбите од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година* и Методологијата, произлегува дека пописот е статистичка операција уредена со законски и подзаконски норми во која се прибираат, обработуваат, оценуваат, анализираат и дисеминираат податоци за населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во определен временски интервал.
За Судот, во конретниот случај е неспорно постоењето на законско овластување за директорот на Државниот завод за статистика со подзаконски акт, да уреди прашања определени со закон.
Овластувањето се состои во тоа, директорот со законски утврден акт (Методологија) да ги пропише дефинициите на единиците што се попишуваат и белезите за кои се прибираат податоци.
Меѓутоа, кај оспорените делови од Методологијата, не станува збор за дефинирање како што е предвидено со Законот, туку за категоризирање за што директорот на Државниот завод нема овластување.
Поради ова, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од Методологијата со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година*.
IV
Врз основа на наведеното, Судот со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски