Во периодот од 25 до 26 Април 2025 година, претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и шефот на кабинетот на претседателот, д-р Екрем Халимовски, учествуваат на Меѓународниот симпозиум по повод 63-годишнината од работењето на Уставниот суд на Република Туркије што се одржа во Истанбул.
На Меѓународниот симпозиум на тема: „Иднината на уставното судство во 21-ви век“ што се одржа во две сесии „Уставната правда во дигиталната ера“ и „Новите предизвици и можности на уставната правда“, покрај претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, учествуваа претседатели и судии на меѓународни судови и институции: Африканскиот суд за човекови права, Уставните судови на: Албанија, Азербејџан, Кралството на Бахраин, Белорусија, Бенин, Бугарија, Казахстан, Косово, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Узбекистан и др., претставници на врховни судови од светот, претставници на Советот на Европа и на Венецијанската Комисија при Советот на Европа, судии на Европскиот суд за човекови права, претставник од Светската правна асоцијација и еминентни професори од универзитетите во Република Туркије.
Во прилог воведното обраќање на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски на отворањето на церемонијата по повод 63-годишнината на Уставниот суд на Република Туркије.
„Почитувани присутни, драги колеги од уставните судови,
Почитуван претседател и кардеш, Кадир Озкаја
Ми претставува задоволство и особена чест што сум присутен и дозволете ми да ви ja честитам 63-тата годишнина на Уставниот суд на Република Туркије. Вашето гостопримство, претседателе Озкаја, како и гостопримството на Туркије е добро познато и најголемо на светот.
Претпоставувам дека многу од вас знаете дека пријателските и братските односни помеѓу Македонија и Туркије имаат длабоки историски корени коишто се темел за една искрена и долготрајна соработка. Нашето стратешко партнерство се темели на заедничка историја, традиции, обичаи и заеднички вредности.
Почитувани,
Во таквата реалност, последните години сведоци сме и на јакнење на правната и судската соработка меѓу двете држави. Особено значајна е соработката меѓу уставните судови на Република Северна Македонија и Република Туркије, кои преку заеднички средби и размена на искуства придонесуваат за унапредување на владеењето на правото, почитувањето на човековите права и независноста на судската власт.
Овие односи претставуваат пример за тоа како правните институции можат да бидат мост на пријателство и заемна поддршка.
Во нашите братски односи секогаш сме покажале и доследно сме го испрочитувале начелото дека, Македонија ќе ги брани интересите на Туркије таму каде што не е присутна Туркије, и обратно, Туркије ги штити интересите на Македонија таму каде што не е присутна Македонија.
Очекувам во иднина пријателските односи да продолжат со уште по големо темпо со отворено срце, со визија и посветеност.
Ви благодарам!”


Во рамките на церемонијата со која се одбележува 63-годишнината на Уставниот суд на Република Туркије, во Палатата на Долмабахче Сарај беше присутен и претседателот на Република Туркије, Н.Е. Реџеп Таип Ердоган. Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и претседателот на Уставниот суд на Република Туркије, г.Озкаја остварија кратка срдечна средба со претседателот на Република Туркије, г.Ердоган на која го информираа за одличната соработка меѓу двата уставни суда при што претседателот г.Ердоган упати топли поздрави до граѓаните на Македонија и ги повика да ги продолжат братските и искрени односи како и нивната соработка.
Престојот на претседателот Костадиновски продолжува и денес со учество на меѓународниот симпозиум на тема „Уставното судство во дигиталната ера и ефектите на AI“.





