Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр.37/2024
Скопје, 20.11.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 37 став 4, член 72 алинеја 1 и член 79 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 115, 116, 117 и 118 од Деловникот на Советот на Општина Демир Хисар („Службен гласник на Општина Демир Хисар“ бр.03/2002).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 115, 116, 117 и 118 од Деловникот на Советот на Општина Демир Хисар („Службен гласник на Општина Демир Хисар“ бр.03/2002).
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, во предметот оформен по сопствена иницијатива со Решението У.бр. 37/2024 од 9 април 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за локалната самоуправа.
II
На седницата Судот утврди дека Деловникот на Советот на Општина Демир Хисар содржи дел со наслов 9 „Автентично толкување на општи акти” во кој се уредени членовите 115, 116, 117 и 118.
Според член 115 од Деловникот, барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на Општина и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење.
Согласно со член 116 од истиот деловник барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Статутарно-правната комисија.
Во член 117 од Деловникот, Статутарно-правната комисија по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и управните органи и административните органи на општината.
Според член 118 од Деловникот, ако Статутарно-правната Комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично токлување не е оправдано, Статутарно-правната комисија за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.
III
Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во конкретниот случај, се оспорува уставноста и законитоста на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 115, 116, 117 и 118 од Деловникот на Советот на Општина Демир Хисар.
Советот на Општина Демир Хисар, повикувајќи се на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.05/02) и член 43 од Статутот на Општина Демир Хисар, на седницата одржана на 31.05.2002 година го донел Деловникот на Советот на Општина Демир Хисар, објавен во „Службен гласник на Општина Демир Хисар“ бр.03/2002.
Деловникот на Советот на Општина Демир Хисар содржи дел со наслов 9 „Автентично толкување на општи акти” во кој се уредени членовите 115, 116, 117 и 118. Во член 115 од Деловникот на Општината се уредува дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите на општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на Општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Во член 116 од Деловникот, се уредува дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Статутарно-правната комисија. Во член 117 пак од Деловникот се уредува дека Статутарно-правната комисија по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и управните органи и административните органи во Општината. Според член 118 од Деловникот на Општината, ако Статутарно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на усвојување, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување, не е оправдано, Статутарно-правната комисија за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија’ бр.248/2023).
Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.
Во конкретниот случај, оспорената одредба дава право на член на Советот на Општината да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, и покрај тоа што станува збор за Совет на Општина кој претставува орган на локалната власт.
Постапувајќи по предметот оформен од Судот се утврди дека Советот на Општината согласно со член 36 став 1 точка 1. од Законот за локалната самоуправа го донел оспорениот деловник.
Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.
При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Демир Хисар, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел оспорениот деловник во кој предвидел право на член на Советот на Општината да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.
Правото на давање автентично толкување на прописи е прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од уставно-судската анализа произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и ваков правен институт не може да биде уреден со деловник или статут.
Поради фактот дека автентичното толкување е уредено во наведените одредби на Деловникот со што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека истите не се во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за локалната самоуправа.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски