У.бр.96/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.96/2024
Скопје, 26.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73  од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/18).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на насловот на член 32 во делот „и број“ и член 32 став (4) од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023).

Образложение

I

Александар Ристески, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека од оспорениот член 13 од Законот за нотаријатот, како и од насловот на член 32 во делот „и број“  и од член 32 став 4 од Законот за извршување, произлегува дека законодавецот пропишал лимитирање (ограничување) на бројот на лица кои во Република Северна Македонија можат да бидат именувани како нотари или извршители.

Според подносителот на иницијативата, нотарите и извршителите, иако извршуваат јавни овластувања (овластувања доделени од страна на Републиката), истите се само приватни субјекти односно истите се само физички лица кои вршат самостојна дејност поврзана со давање на правни услуги, во рамки на слободниот правен промет. Недозволиво е нотарите и извршителите да бидат лимитирани на одреден максимален број, којшто не е законски дефиниран, бидејќи тоа доведува до арбитрарност во однос на зголемувањето или намалувањето на бројот на нотари и извршители од страна на субјектите овластени за тоа.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со лимитирањето на максималниот број на нотари и извршители, законодавецот овозможил на пазарот да постои монополска положба односно монополско однесување, што е спротивно на слободата на пазарот и претприемништвото.

Во иницијативата се наведува дека нема никаква уставна оправданост и издржаност лимитирањето на максималниот број на нотари и извршители оправдувањето со фактот дека истите вршат јавни овластувања бидејќи и други приватни економски оператори вршат јавни овластувања.

Подносителот на иницијативата наведува дека лимитирањето на максималниот број на нотари не може да се оправда со фактот дека нотаријатот во Република Северна Македонија е устроен според принципите на латинскиот нотаријат бидејќи начелото numerus clausus во нотаријатот не е општо прифатено начело во сите држави на латинскиот нотаријат.

Според подносителот на иницијативата, законодавецот со оспорениот член 13 од Законот за нотаријатот, како и со оспорениот наслов на член 32  во делот „и број“ и со оспорениот член 32 став 4 од Законот за извршување, извршил менување односно дерогација на одредбите од универзалната декларација на човековите права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, како и на Ревидираната европска социјална повелба, поради тоа што оневозможил слободен пристап до работа и до вработување во професиите нотар и извршител.

Од горенаведеното, подносителот смета дека оспорениот член 13 од Законот за нотаријатот, како и оспорениот наслов на член 32 во делот „и број“ и оспорениот член 32 став 4 од Законот за извршување, треба да бидат поништени и укинати од причина што се спротивни на член 8 став 1 алинеи 1,3,7 и 11, член 32 став 2, член 55 и член 118 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека со член 13 став 1 од Законот за нотаријат („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) се предвидува дека нотарските службени седишта ги определува министерот по прибавено мислење од Комората, притоа водејќи сметка на подрачјето на секој основен суд да биде именуван најмалку по еден нотар. Во ставот 2 од истиот член, е утврдено дека ако на подрачјето на основниот суд има до 20.000 жители според последниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, треба да има најмалку по еден нотар. Согласно со став 3 од член 13 од овој закон е утврдено дека за подрачјето на основните судови со проширена надлежност се именува најмалку уште по еден нотар. Според став 4 од истиот член е уредено дека при определување на бројот на нотарските службени седишта министерот ќе ги земе предвид и потребите за нотарски услуги и развиеноста на трговскиот и правниот промет, бројот на доверени предмети од судовите или други органи, како и бројот на нотарски платни налози. Во ставот 5 од истиот член е утврдено дека бројот и распоредот на службените седишта и службените подрачја за кои се именуваат нотарите, ги пропишува министерот врз основа на претходна согласност од Владата на Република Македонија.

Во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023), во главата втора со наслов „Извршител“ (членови 32-39) е содржан членот 32, насловен „Поим и број на извршители“.

Со член 32 став 4 од овој закон се утврдува дека бројот на извршителите за подрачјето на основниот суд го определува министерот врз основа на претходно прибавена согласност од Владата на Република Северна Македонија. Бројот на местата се определува врз основа на мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, од Нотарската комора на Република Северна Македонија податок за бројот на извршни нотарски исправи, како и по прибавено мислење на Комората на извршители.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 7 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член  110  алинеја 1 од Уставот на Ре¬публика Северна Македонија се предвидува дека Устав¬ниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 13 од Законот за Владата на Република Северна  Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15 и 142/2016), министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи.

Со Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/18) се уредува организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составување на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот. Според истиот закон нотарската служба е јавна служба што ја вршат нотари, кои се самостојни и независни носители на таа служба. Согласно одредбите од истиот закон, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон.

Според Законот за нотаријатот, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање. Нотарската служба опфаќа составување и издавање на јавна исправа за правните работи во форма на нотарски акт, изјави и потврди за факти врз основа на кои се востановуваат права или обврски, донесување решенија во постапка за издавање на нотарски платни налози, потврдување на приватни исправи (солемнизација), издавање на потврди, заверка на потпис и ракознак, на препис, на превод, примање на чување исправи, на пари и на предмети од вредност заради нивно предавање на други лица или органи, како и вршење на доверени работи определени со закон. Нотарската служба нотарот ја врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и други прописи и општи акти засновани врз основа на закон. Нотарската служба се врши со примена на начелата за гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинетата штета во вршењето на нотарската служба, неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршењето на нотарската служба, угледно и достоинствено вршење на нотарската служба и надоместок за извршената работа.

Член 13 став 1 од Законот за нотаријатот, уредува дека нотарските службени седишта ги определува министерот по прибавено мислење од Комората, притоа водејќи сметка на подрачјето на секој основен суд да биде именуван најмалку по еден нотар. Според став 2 од истиот член, ако на подрачјето на основниот суд има до 20.000 жители според последниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, треба да има најмалку по еден нотар. Според став 3 од истиот член, за подрачјето на основните судови со проширена надлежност се именува најмалку уште по еден нотар. Според став 4 од истиот член, при определување на бројот на нотарските службени седишта министерот ќе ги земе предвид и потребите за нотарски услуги и развиеноста на трговскиот и правниот промет, бројот на доверени предмети од судовите или други органи, како и бројот на нотарски платни налози. Според став 5 од Законот за нотаријатот, бројот и распоредот на службените седишта и службените подрачја за кои се именуваат нотарите, ги пропишува министерот врз основа на претходна согласност од Владата на Република Македонија.

Во член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, наведено е дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Нотаријатот во Република Северна Македонија е организиран врз територијален принцип според подрачјата на основните судови. Службеното седиште и подрачјето за кое е именуван нотарот го определува министерот за правда. Заради зголемување на квалитетот на услугите на граѓаните, брзината и ефикасноста на остварувањето на правата на граѓаните и правните лица, како и мотивирањето на личното усовршување на нотарите заради зголемување на квалитетот на услугите кои ги даваат нотарите, во правец на објективно утврдување на бројот на службените седишта на нотарите.

Нотарските седишта во Република Северна Македонија ги определува министерот за правда согласно определени критериуми утврдени во Законот за нотаријатот и Правилникот за бројот и распоредот на службените седишта на нотарите во Република Северна Македонија. Според Законот за нотаријатот бројот на нотарите на подрачјето на основните судови се определува, зголемува или намалува, со оглед на потребата за брзо и ефикасно вршење на нотарските работи.

На подрачјето на секој основен суд треба да има најмалку еден нотар, ако на подрачјето на основниот суд има до 20.000 жители, според последниот службен попис. При определувањето на бројот и седиштата на нотарите, министерот за правда ги зема предвид развиеноста на правниот живот на подрачјето, обемот и видот на предметите во судот и во другите органи и институции од влијание за обемот на нотарските работи.

Предвидувањето на одредби во законите коишто ја уредуваат нотарската дејност во одделни национални правни системи во однос на критериуми според кои се определува бројот на нотари, укажува на тоа дека бројот на нотарски места е ограничен. Бројот на нотарски места е оној број за кој се проценува дека е неопходен со цел граѓаните и другите заинтересирани лица да бидат опслужени на брз, квалитетен и стручен начин.

Правилото за ограничен број нотарски места е одраз на потребата за вршење на нотарската дејност, на начин што преку точно предвиден број нотарски места се овозможува доволен обем на работи за секој нотар, со што се обезбедува негова сигурна материјална положба којашто ја гарантира неговата независност. Положбата на нотарот како лице со јавни овластувања, кое својата дејност ја врши со елементи на државен суверенитет, но како слободна професија и сите работи што влегуваат во надлежност на нотарската служба, со оглед на нивната природа и карактер, при што функционално припаѓа во доменот на вонпарничното судство и превентивното правосудство, налагаат бројот на нотарите да биде ограничен.

Примарен аргумент во однос на тоа зошто не треба да се дозволи либерализација на нотарската служба е тоа што за разлика од другите правни професии, единствено нотарската професија претставува јавна служба во која се вршат дејности со елементи на државен суверенитет. Нотарската служба, како дел од правниот систем, функционално припаѓа во доменот на вонпарничната јурисдикција и превентивното правосудство. Имајќи ја предвид неговата доминантна улога во доменот на превентивното правосудство, нотарот најчесто се поима како превентивен судија. Јавниот карактер на нотарската служба и нејзината улога во сферата на превентивната правна заштита влијае и на дефинирањето на положбата на носителите на таа служба, на начин на кој има доста сличности со судскиот статус.

Воедно, поради тоа што нотарите вршат работи доверени со јавни овластувања и работи преземени од судот како доверена работа, државата има интерес да обезбеди надзор над нивното работење поради што истите подлежат на надзор од страна на Министерството за правда или судовите кога нотарите вршат работи доверени од судот, со цел следење на нивната работа и обезбедување на законитост во нивното работење, како лица со јавни овластувања. Либерализацијата на нотарската служба би довела до тоа да нема надзор над нивното работење, што ќе доведе до намалување на правната сигурност на граѓаните и правните лица и воопшто во правниот промет, а со тоа и би биле иницирани голем број постапки пред надлежните судови.

Судот оцени дека државата дел од своите надлежности делегира на лица на кои им ги пренела своите овластувања, така што сосем е јасно дека државата може и мора да се грижи кому го прави тоа, водејќи сметка за квалитетот и законитоста при вршењето на пренесените овластувања, а тоа е можно само со определен број на лица на кои се пренесуваат овластувањата од страна на државата, во согласност со закон и подзаконски акти, што во никој случај не може да се поистоветува со слободно претприемништво според ставовите на подносителот на иницијативата, па следствено на ова, оспорениот член 13 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/18) е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 11, член 32 став 2, член 55 и член 118 од Уставот на Република Северна Македонија.

Воедно, со предметната иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на насловот на член 32 во делот „и број“ и член 32 став 4 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023), од истите причини како во предметот У.бр.33/2018, за што Судот се произнел и утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите на Уставот.

Имено, во наведеното решение, Судот зазел став дека ограничувањето на бројот на извршителите на секое од судските подрачја е направено со цел да одговара на реалните потреби на општеството. Токму затоа, според член 32 став 4  од Законот, бројот на извршителите го определува министерот за правда врз основа на претходно прибавена согласност од Владата на Република Македонија, а по претходно прибавено мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, од Нотарската комора на Република Македонија податок за бројот на извршни нотарски исправи, како и по прибавено мислење на Комората на извршители. Сосема е оправдано бројот на извршителите да биде различен за поединечните подрачја во државата и да зависи од бројот на судските предмети кои евентуално би можеле да стигнат пред извршителите, понатаму од бројот на управните акти на конкретно подрачје кои би можеле да бидат дадени на присилно извршување, и динамиката на правниот промет на одредени подрачја.

Оттука, Судот оцени дека оспорениот член 32 став 4 од Законот не е во спротивност со Уставот бидејќи со ваквото законско решение сосема е оправдано бројот на извршителите да биде различен за поединечни подрачја во државата и да зависи од бројот на судските предмети кои евентуално би можеле да стигнат пред извршителите, понатаму од бројот на управните акти на конкретно подрачје кои би можеле да бидат дадени на присилно извршување, и динамиката на правниот промет на одредени подрачја.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за член 32 став 4 од Законот за извршување, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски