У.бр.168/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.168/2024
Скопје, 26.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 73 став 2 и став 3 алинеи 1, 2 и 3 и член 76 став 3 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/23 и 170/24).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара меѓусебна оцена за согласноста на член 73 став 2 и став 3 алинеи 1, 2 и 3  и член 76 став 3 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/23 и 170/24)  со член 6, член 9 и член 10 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија” бр. 18/01, 92/08, 139/09 и 35/10).

Образложение

I

Марјан Максимоски, адвокат од Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 73 став 2 и став 3 алинеи 1, 2 и 3 и член 76 став 3 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/23 и 170/24).

Во иницијативата подносителот ја оспорува уставноста и законитоста на член 73 став 2 и став 3 алинеи 1, 2  и 3 и член 76 став 3 од Законот за дивечот и ловството и ја цитира содржината на оспорените  одредби од Законот, како и содржината на член 8 став 1 алинеја 6, член 30 ставовите 1, 2 и 3, член 50 став 1 (подносителот го наведува член 50 став 1, меѓутоа го цитира член 51 став 1) и член 56 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, како и содржината на член 6, член 9 и член 10 од Законот за сопственост и други стварни права и член 3 став 1 од Законот за дивеч и ловството, и  наведува дека е неспорен фактот дека целиот дивеч е под посебна заштита на државата и истиот е во државна сопственост, а согласно законски воспоставената сопственост државата е должна да ја надомести и секоја штета што дивите животни ќе ја предизвикаат на граѓаните и нивните имоти.

Меѓутоа, со оспорените одредби од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/23 и 170/24) подносителот на иницијативата наведува дека се ограничува правото на сопственост на граѓаните на начин што за сопствениците се наметнуваат обврски во вид на преземање мерки за обезбедување и спречување на штета од дивеч, а согласно содржината на наведените оспорени одредби заклучува дека секое непочитување на вака предвидените мерки за заштита на имотот и сопственоста, ќе ја амнестира државата од обврската да ја надомести штетата што дивите животни ја причинуваат на граѓаните и нивните имоти.

Ваквото ограничување на сопственоста на граѓаните врз нивните недвижни имоти, според подносителот е во целосна спротивност со член 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и праксата на Европскиот суд за човекови права, кој има воспоставено строги правила кога државата може да го ограничи правото на сопственост на граѓаните. Во прилог на своето образложение ја наведува пресудата Стрезовски и други против Северна Македонија (апликација бр. 14460/16) и заклучува дека единствена цел на оспорените законски одредби од Законот за дивечот и ловството е државата да ја избегне својата обврска да ја надоместува штетата на граѓаните предизвикана од страна на дивите животни. Ваквата цел на законските одредби, според подносителот не е легитимна односно истата не е од општ интерес, ниту во интерес на граѓаните, нивниот начин на живот и начинот и целта заради која истите стопанисуваат со своите имоти и/или животни.

Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека мешањето на државата во мирното уживање на сопственоста и воздржување од дејствија мора да ја постигнат правичната рамнотежа помеѓу барањата од општиот интерес на заедницата и потребата од заштита на индивидуалните основни права. Содржината на предложените мерки за заштита како што се наведени во оспорениот член 73 став 3 алинеи 1, 2 и 3 упатуваат на несразмерно голема обврска на граѓаните да преземаат мерки со кои би се изложиле себе, своите семејства и својата егзистенција на значителни трошоци а се со цел да се заштити дивечот, за чија благосостојба треба да се грижи државата. Ваквиот факт, смета подносителот, упатува на заклучокот дека во ситуација кога државата не умее да се справи со движењето, бројноста и благосостојбата на дивите животни, истата преку законски решенија, наметнува непропорционален и неоправдан товар на страна на граѓаните со цел да се избегне одговорноста за надомест на штета причинета од страна на дивите животни.

Имајќи ги предвид изнесените наводи во иницијативата, подносителот му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Законот за дивеч и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/23 и 170/24) и истите да ги укине односно поништи како неуставни и незаконити.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 73 став 2 од Законот за дивеч и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/23 и 170/24) е определено дека за штета од дивеч не се смета штета која дивечот ќе ја направи врз земјоделските култури, водите, добитокот, шумите, дивечот, пчелите, луѓето и на објекти, доколку истите не се соодветно обезбедени и не се преземени мерки за спречување на штета од дивеч.

Според оспорениот став 3 алинеи 1, 2 и 3 мерките за обезбедување и спречување на штета од дивеч, сопствениците на земјоделски култури, води, добиток, шуми, дивеч и пчели, особено го прават со: 1) чување и заштита на добитокот, посевите, насадите и другите објекти на земјоделското и друго земјиште (пчелни семејства и слично); 2) прогон на дивечот кој го загрозува земјиштето или имотот од загрозеното земјиште или имот и 3) оградување со соодветни огради, употреба на механички, електрични и хемиски заштитни средства, видливи звучни плашила, електронски детектори за дивеч за заштита за одредено подрачје од одделни видови дивеч.

Во оспорениот член 76 став 3 е определено дека штетата што ќе ја причини дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење нема да се надоместува во случај кога сопственикот или корисникот на земјоделските култури, водите, добитокот, шумите, дивечот, пчелите и на објекти, истите соодветно не ги обезбедил, односно не преземал мерки за спречување на штета од дивеч од членот 73 став (3) од овој закон.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, видно од став 2, а според став 3 од истиот член никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 56 став 1 од Уставот, е уредено дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Согласно со ставот 3 од овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Операционализација на уставната норма дека животинскиот свет е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита наоѓаме во Законот за заштита на природата и во Законот за дивечот и ловството.

Видно од член 1 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/2023 и 170/2024), со овој закон се уредуваат одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови, заштитата, зачувувањето и унапредувањето на живеалиштата на дивечот, востановувањето, уредувањето и одржувањето на ловиштата, начинот на давањето на дивечот на користење, како и други прашања од значење на дивечот и ловството.

Согласно со член 3 став 1 на овој закон, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес за Република Северна Македонија ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон и Законот за заштита на природата, а во став 2 од истиот член е регулирано дека по исклучок од ставот 1 на овој член, дивечот кој се наоѓа во ограден простор за одгледување, размножување и заштита на дивечот (размножувалиште), ограден простор за интензивно одгледување и застрел на дивечот (оградено ловиште), полигоните за лов на дивеч и фармите за дивеч е во сопственост на правни и физички лица кои поседуваат соодветна документација за потеклото и внесувањето на дивечот во наведените простории и ужива посебна заштита согласно со ставот 1 на овој член.

Под „дивеч” во смисла на овој закон, се определени односно одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат.

Според член 11, дивечот може да биде дивеч под заштита и дивеч без посебна заштита.

Дивеч под заштита е: срна, обичен елен, елен лопатар, дивокоза, муфлон, мечка, дива свиња, зајак, верверица, рис, видра, дива мачка, јазовец, полв, стоболка, лештерка, фазан, полска еребица, еребица камењарка, ……………….орел,……………шумски був, кукувија, гавран, сојка, модра чавка, црвеноклуна галица, галица чолица и златна сариасма.

Дивеч без посебна заштита е: волк, чакал, лисица, куна златка, куна белка, мала ласица, твор, голем корморан, јастреб кокошкар, врана гачец, пепелава врана или гарга, чавка, страчка и сколовранец.

Согласно со член 12 став 1 за дивечот под заштита се утврдува ловостој, привремена и трајна забрана за ловење а според став 2, за време на ловостој, привремена и трајна забрана за ловење, дивечот под заштита не смее да се лови, прогонува или вознемирува, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Според член 14 од Законот, трајно се забранува ловење на: мечка, рис, видра, ………..сив сокол, јужен сокол, мал сокол,……. јастреб, ………..сур орел, орел крстач, орел клокташ, џуџест орел, орел рибар, белоопашест орел, орел змијар, бел мршојадец, белоглав мршојадец, црн мршојадец, брадест (жолтоглав) мршојадец, голем ушест був, шумски ушест був,………….

Во главата VIII од Законот, насловена како „Штета од дивеч и на дивеч” законодавецот во член 73 став 1 регулира дека за штета од дивеч се смета штетата што дивечот може да ја направи врз земјоделските култури, водите, добитокот, шумите, дивечот, пчелите, луѓето и на објектите.

Дополнително, во ставот 2 од истиот член, кој воедно е и оспорен од страна на подносителот на иницијативата, законодавецот  предвидува дека за штета од дивеч не се смета штетата која дивечот ќе ја направи врз земјоделските култури, водите, добитокот, шумите, дивечот, пчелите, луѓето и на објектите, доколку истите не се соодветно обезбедени и не се преземени мерки за спречување на штета од дивеч.

Во ставот 3, кој исто така е оспорен, законодавецот ги предвидел мерките за обезбедување и спречување на штета од дивеч, односно сопствениците на земјоделски култури, води, добиток, шуми, дивеч и пчели, особено тоа треба да го прават со: 1) чување и заштита на добитокот, посевите, насадите и другите објекти на земјоделското и друго земјиште (пчелни семејства и слично); 2) прогон на дивечот кој го загрозува земјиштето или имотот од загрозеното земјиште или имот и 3) оградување со соодветни огради, употреба на механички, електрични и хемиски заштитни средства, видливи звучни плашила, електронски детектори за дивеч за заштита за одредено подрачје од одделни видови дивеч.

Спротивно од овој член, во член 74 од овој закон, законодавецот определил и реципрочни обврски дека и корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиштето со посебна намена  исто така, се должни да преземаат мерки за обезбедување и спречување на штетите од дивечот заштитен со ловостој.

Мерките за обезбедување и спречување на штети од дивеч кои е должен да ги преземе корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиштето со посебна намена се: 1) одржување на бројот на дивечот во ловиштето до бројна состојба којашто може да се одгледува во ловиштето (капацитет на ловиштето) и 2) обезбедување на доволно вода и храна за дивечот во ловиштето.

Во член 76 став 1  е определено дека за штети што ќе ги причини дивечот под заштита за кој се утврдува ловостој, одговорен е корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиштето со посебна намена освен во периодот за кој е определен ловостој, а според став 2 штетата што ќе ја причини дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење се надоместува од Буџетот на Република Северна Македонија преку судска постапка. Понатаму во оспорениот став 3 е регулирано дека штетата што ќе ја причини дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење нема да се надоместува во случај кога сопственикот или корисникот на земјоделските култури, водите, добитокот, шумите, дивечот, пчелите и на објекти, истите соодветно не ги обезбедил, односно не презел мерки за спречување на штета од дивеч како што е определено во член 73 став 3 од овој закон.

Од став 4 до став 10 на истиот член е регулирана постапката за надомест на штета што ја причинил дивечот по пат на спогодба. Имено, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство формира соодветни комисии составени од вработени лица од самото министерство, Државниот инспекторат за шумство и ловство и Агенцијата за храна и ветеринарство коишто при увидот со записник утврдуваат дали има штета и дали се соодветно преземени мерките за заштита од член 73 став 3. Лицето кое претрпело штета од дивеч кој е под трајна или привремена забрана за ловење е должно да достави барање за надомест на штета до Министерството со извештај изготвен од овластен проценител за висината на штетата. Доколку министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство не донесе одлука за надомест во рок од три месеци од денот на поднесување на барањето, лицето кое претрпело штета може да поведе постапка пред надлежен суд кои се решаваат според општите прописи за надомест на штета.

Од анализата на наведените одредби и на Законот во целина произлегува дека законодавецот ја операционализирал уставната норма дека животинскиот свет е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита и во таа смисла со регулирање на областа ловство, меѓу другото, се регулираат и мерките за превенција и прекумерно оптоварување на Буџетот на Републиката без притоа да се ограничи неприкосновеното право на сопственост на физичките и правните лица, туку со поблиско правно регулирање се определуваат начинот и условите на надомест на штета на лицата кои претрпеле штета од дивеч.

Со овие законски одредби се применува начелото на постапување со внимание на добар домаќин и добар стопанственик, а не го ограничува правото на сопственост како што образложува подносителот на иницијативата од причини што не се врши експропријација на  недвижниот имот, не се воспоставува право на службеност врз недвижностите ниту пак се воспоставуваат товари или ограничувања, туку напротив се регулираат мерките кои сопствениците на земјоделски култури, води, добиток, шуми, дивеч и пчелни семејства се должни да ги преземат за нивната сопственост да биде заштитена од дивечот и можните штети што може да ги нанесат овие животни. Овие мерки за обезбедување и заштита  не се од задолжителен односно облигаторен карактер, туку претставуваат услов за лицата кои претрпеле штета да добијат соодветен надоместок од Буџетот на Република Северна Македонија по пат на спогодба со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Впрочем и уставната норма со која се предвидува гаранција на правото на сопственост и правото на наследување, меѓу другото, регулира дека сопственоста создава права но и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, што значи дека подеднакво се битни како поединечниот така и јавниот интерес и истите мора подеднакво да бидат земени  предвид, како и дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Исто така, во Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) согласно член 3, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на сопственикот и на заедницата а според член 10 од истиот закон е предвидено дека правото на сопственост може да се ограничи или да се одземе кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а имајќи предвид дека дивечот е во сопственост на Републиката и е добро од општ интерес ужива посебна заштита на начин и услови утврдени со закон или во конкретниот случај со Законот за дивеч и ловството.

Оспорените законски одредби односно преземањето на предвидените заштитни мерки не се од задолжителен карактер и за нивно непреземање и непочитување законодавецот не предвидел прекршочни одредби. Единствено доколку сопствениците на недвижен или движен имот  сакаат да го остварат своето право на надомест на штета од државата по пат на спогодба, ќе бидат обврзани да ги почитуваат овие мерки за обезбедување односно овие законски одредби.

Во крајна линија подносителот овие оспорени одредби ги гледа изолирано. Законодавецот предвидел дека доколку министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство не донесе одлука во рок од три месеци од денот на поднесување на барањето за надомест на штета причинета од дивеч, спорот за надомест на штета се решава според општите прописи за надомест на штета. Во Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија” бр. 8/2001, 78/2001, 4/2002, 59/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009, 23/2013, 123/2013,  и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 89/2020, 215/2021, 154/2023, 220/2023, 149/2024, 209/2024) конкретната материја е уредена во глава III-а „Одговорност за штета од животни”  односно во член 165-и став 2  меѓу другото е определено дека за штетата причинета од дивеч за кој е пропишана трајна забрана на ловење одговара државата, доколку не докаже дека штетата настанала по вина на оштетениот.

Исто така за компарација, Судот го зеде во предвид и Законот за ловство во Република Хрватска, („Народна новина” бр.99/18, 32/19 и 32/20),  кој од член 76 до член 82 во глава VII со наслов „Штета и надомест на штета”  на ист начин ги уредил мерките за обезбедување и спречување на штета од дивеч на сопствениците на земјоделски култури, води, добиток, шуми, дивеч, пчели и слично и начинот на надомест на штета предизвикана од дивеч. Така, во член 76 меѓу другото е уредено дека управувачот на ловиштето, физичките и правните лица на кои дивечот може да им нанесе директна имотна штета односно оштетените лица се должни да ги преземат сите неопходни мерки за да се спречат штетите што дивечот може да им ги нанесе на луѓето или на имотот.

Во член 77  исто така, се определени мерките за спречување на оштетување од дивеч а тоа се: намалување на бројот на дивеч на број што може да се одгледува во ловиштата, обезбедување доволно вода и храна за дивеч во ловиштата, заштита на посевите и насадите, протерување на диви животни од загрозена земја како и употреба на механички, електрични и хемиски заштитни средства, видливи и звучни исплашувачи, детектори, како и други вообичаени мерки за заштита за одредена област и вид на дивеч, додека во член 81 е регулирано дека штетата предизвикана од дивеч не се надоместува ако штетата настанала на површина помала од 5% од вкупната површина на технолошката единица во согласност со посебен пропис; на површини на кои сопственикот или корисникот на земјиштето не ги презел мерките и дејствијата од членот 79 на овој закон односно на соодветен начин и на свој трошок, како добар управител не преземал мерки, дозволени дејствија и интервенции заради заштита на својот имот од настанување на таква штета со оградување на стока, насочено чување на стоката и протерување на диви животни, оградување на повеќегодишни насади, шума, шумско земјиште и слично.

Наводите во иницијативата дека ваквото ограничување на сопственоста е во целосна спротивност со член 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и праксата на Европскиот суд за човекови права е неиздржана од причини што правото на мирно уживање на сопственоста со овие законски одредби не е нарушено односно сопственикот не е оневозможен во вршење на сопственичкото право над својот имот, па од тие причини посочената судска пракса, пресудата Стрезовски и други против Северна Македонија (апликација бр.14460/16) е несоодветна наспроти оспорените одредби од Законот за дивечот и ловството.

Од изнесеното, Судот утврди дека за оспорените одредби од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 263/23 и 170/24) односно член 73 став 2 и став 3 алинеи 1, 2 и 3 како и член 76 став 3 не може основано да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеја 6, член 30 став 1,2 и 3, член 51 став 1 и член 56 од Уставот на Република Северна Македонија како и со член 1 од Протоколот 1 (заштита на сопственоста) на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Во врска пак, со наводите во иницијативата дека оспорените одредби од Законот за дивечот и ловството не се во согласност со член 6, член 9 и член 10 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија” бр. 18/01, 92/08, 139/09 и 35/10), Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите, односно  во овој дел иницијативата се отфрла согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски