Уставен суд
на Република Северна Македонија
У. бр.221/2024
Скопје, 19.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 1 и 2 и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 19 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 151 и член 184 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 118 став 1 во делот „според одредбите со кои се регулира извршувањето“, член 120 став 1 во делот „според одредбите што важат за извршувањето“, член 130 став 3 во делот „тече од денот на достава на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерка притвор или е на издржување на казна затвор, рокот“, член 143 став 1, член 153 став 1 алинеја 1 во делот „не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот“ и член 193 став 2 во делот „Ако во домот е извршен и претрес тогаш ќе се состави записник во согласност со членот 192 од овој закон кој мора да ги содржи причините за претрес без наредба.“ и став 3 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија бр.150/2010, 100/2012,142/2016 и 198/2018).
Образложение
I
Леонид Трпеноски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби, бидејќи смета дека истите се спротивни на Уставот на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права.
Подносителот на иницијативата ја образложува својата причина поради која се обраќа до Уставниот суд да ja оцени уставноста на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка како еден од најважните правни прописи во едно демократско општество и развојот на казненото процесно право, кое се остварува преку усогласеноста на законите со Уставот и меѓународните норми, особено со одредбите од Европската конвенција за човековите права до степен до кој судската пракса на Европскиот суд за човекови права може да се имплементира врз конкретни кривични постапки на кои се применува овој закон како еден од најважните правни прописи во едно демократско општество засновано на владеење на правото и заштита на човековите права. Подносителот дава компаративна споредба на концептите од стариот Закон за кривичната постапка, односно мешовита постапка со изразени инквизициони елементи со Законот за кривичната постапка кој сега е во сила и има поблиски елементи на акузаторен модел на кривичната постапка.
Потоа, во иницијативата се изнесуваат причините за оспорување на секоја оспорена одредба од Законот одделно.
По однос на оспорениот член 118 став 1 во делот „според одредбите со кои се регулира извршувањето“ од Законот, како причини за оспорување, подносителот го наведува Законот за извршување според кој законски не било возможно она што го предвидува Законот за кривичната постапка, во оспорениот дел на оваа одредба, односно да се определат привремени мерки за обезбедување на имотноправното барање според одредбите со кои се регулира извршувањето, кои пак уредуваат правила за извршување на правосилни судски, управни или нотарски одлуки кои гласеле на исполнување на парична обврска, а не и правила врз основа на кои може да се определат привремени мерки за обезбедување на граѓанско правно побарување или имотноправно барање што настанало поради извршување на кривично дело.
Од овие причини подносителот смета дека одредбата во оспорениот дел упатува на одредби кои не може да се применат за целите за кои била предвидена, поради што смета дека оспорената одредба ќе остане функционална и применлива и без оспорениот дел.
Подносителот смета дека законодавецот треба да направи измена на начин што оспорениот дел „според одредбите со кои се регулира извршувањето“, ќе го замени со делот „ член 1 од Закон за обезбедување на побарувањата“, со што истата би била функционална и применлива.
Оспорениот дел од одредбата се оспорува како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Со иницијативата се оспорува и член 120 став 1 во делот „според одредбите што важат за извршувањето“ од истиот закон.
По однос на оваа оспорена одредба, подносителот се повикува на истите причини за оспорување наведени во претходно оспорениот член 118 став 1 од Законот, со дополнување дека во одредбите со кои се регулира извршувањето нема правила за определување привремени мерки за обезбедување на побарувањата.
И по однос на оваа оспорена одредба, подносителот смета дека законодавецот треба да направи измена на начин што оспорениот дел „според одредбите што важат за извршувањето“, ќе го замени со делот „ член 1 од Закон за обезбедување на побарувањата“, со што истата би била функционална и применлива.
Оспорениот дел од одредбата се оспорува како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
По однос на член 130 став 3 во делот „тече од денот на достава на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерка притвор или е на издржување на казна затвор, рокот“, од Законот, во иницијативата се наведува дека судот, по изготвување на пресуда, ја доставува до обвинетиот и бранителот, меѓутоа според оспорениот дел од одредбата, рокот за жалба почнувал да тече од приемот на пресудата од страна на обвинетиот со исклучок кога има определено мерка притвор. Подносителот смета дека прашањето е сосема оправдано која е смислата обвинетиот да има бранител за процесен полномошник кога еден од најбитните процесни преклузивни рокови започнувал да тече не од дејствието врзано со оној кој бил поставен стучно да му помага во постапката, туку од дејствието врзано за неуката странка.
Бранителот бил задолжен за стручна одбрана на обвинетиот бидејќи тој без неа би бил нерамноправен во споредба со обвинителот, па со оспорениот дел од одредбата бранителот бил ограничен токму во едно од најбитните процесни права и дејствија какво што е правото на жалба, нејзината стручна изработка и навремено поднесување.
Оспорениот дел од одредбата, тој смета дека е спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 53 од Уставот и Амандман XXI на Уставот, како и член 6 ставови 1 и 3 и член 13 од ЕКЧП, бидејќи со него се рушела подлогата на правото на ефективна правна помош, ефективен правен лек и правото на правична судска постапка.
Член 143 став 1 од Законот, кој се однесува на надзор на обработката на личните податоци, се оспорува од номотехнички аспект.
Подносителот наведува дека Дирекцијата за заштита на личните податоци била именувана согласно одредбите на стариот Закон за заштита на личните податоци кој престанал да важи на 24.02.2020 година. Подносителот смета дека оспорениот дел од одредбата внесува правна несигурност и е во судир со владеењето на правото од причина што надлежен орган за обработка и заштита на личните податоци не била Дирекцијата туку Агенција.
Подносителот смета дека законодавецот треба да направи измена на начин што оспорениот дел „Дирекцијата“, ке го замени со делот „Органот на управата надлежен…“, со што истата би била функционална и применлива.
Оспорениот дел од одредбата се оспорува како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
По однос на оспорениот член 151 на Законот, кој предвидува менување на висината на гаранцијата, во иницијативата се наведува дека истата имплицира на можност од промена на гаранција само на повисок износ, но не и на понизок иако не била исклучена и таква правна ситуација, кога истрагата ќе биде запрена за некое од кривичните дела или доколку имотната состојба на обвинетиот била влошена.
Ваквото уредување во одредбата, остава простор гаранцијата да може да се промени само во случај на проширување на истражната постапка, но не и при нејзино стеснување.
Според наводите во иницијативата, пред донесување на правосилна пресуда, слободите и правата на обвинетиот и другите лица пропорционално со тежината на кривичното дело и степенот на сомневање, можело да бидат ограничени само во мера која била нужна и по услови кои ги предвидува Уставот, ратификуваните меѓународни договори и Законот за кривичната постапка. Подносителот смета дека оспорената одредба е спротивна на заложбите за пропорционално зафаќање во човековите слободи и права на лицето кое до правосилна осуда се смета за невино, односно, на обвинетиот може да му се зголеми гаранцијата доколку истрагата се прошири, но не и да му се намали во случај кога истрагата започната за повеќе дела биде запрена за некои од нив. Во ваков случај ограничувањето на правото на сопственост не е пропорционално, а со тоа ниту уставно ниту конвенциски оправдано.
Подносителот наведува дека со укинување на оспорената одредба, нема да се влијае негативно врз органите на прогон со оглед на тоа дека во Законот за кривичната постапка, постоеле и други одредби со кои би се определиле мерки за обезбедување.
Одредбата се оспорува како спротивна на член 8 став 1 алинеи 1, 6 и 11 и член 30 од Уставот и спротивна на член 1 став 1 од Протоколот 1 кон ЕКЧП.
По однос на член 153 став 1 алинеја 1 во делот „не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот“, според наводите по однос на оваа оспорена одредба, ЗКП точно определил за што трето лице може да гарантира со свој имот. За подносителот, како спорен дел од одредбата е фактот што гаранцијата може да пропадне и поради причина за која никој не гарантирал.
Имено, доколку таа се определила за лице за кое постоело основано сомневање дека сторило кривично дело и кога постоеле околности што укажувале на опасност од бекство или го оправдувале стравот дека обвинетиот ќе го повтори или доврши кривичното дело, положената гаранција можела да пропадне доколку обвинетиот не дојдел на уредно доставена покана, а притоа не го оправдал недоаѓањето. Според наводите, недоаѓањето на расправа не било исто што и бегство.
Подносителот смета дека третото лице кое ја положува гаранцијата, ЗКП го довело во заблуда поради што може да го изгуби својот имот поради причина за која не ни гарантирал, со што наплатата на гаранцијата се претварала во казна за оној кој ја дал без да се исполнат условите за кои гарантирал.
Оспорениот дел од одредбата, според него, не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 и член 30 од Уставот и член 1 став 1 од Протоколот 1 кон ЕКЧП.
Член 184 од Законот, кој се однесува на пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци, се оспорува од аспект на ограничување на основните слободи и права.
Имено, според наводите во иницијативата, судската наредба е уставна обврска и согласно нашиот правен систем, судот е гарант на човековите слободи и права и заштитник на нивното арбитрарно зафаќање. Одредбите од член 191 од ЗКП, предвидуваат предавање на наредбата на лицето спрема кое е издадена наредбата, доброволно да ги предаде предметите што од него се бараат, но според подносителот, ЗКП не предвидел казнена мерка доколку лицето не го стори тоа.
Според подносителот, повикот лицето доброволно да ги предаде предметите не значи и обврска лицето да ѝ помогне на полицијата при претресот. Според одредбата, лицето не смее да ја попречува работата на полицијата, но нема законска обврска да го предаде тоа што ќе го побараат од него.
Подносителот наведува дека оваа одредба, под закана на парична казна, го обврзува лицето кое го користело компјутерот, по барање на извршителот на наредбата да овозможи пристап до податоците во компјутерот, да ги предаде потребните известувања за непречно остварување на целта на претресот и веднаш да преземе мерки со кои би спречил уништување или менување на податоци.
Понатаму, во наводите на иницијативата се наведува дека од аспект на привилегијата против самоинкриминација, проблематична била должноста што под закана со санкција што ја има лицето кое го користело уредот и имало пристап до него, доколку тоа лице било осомничено, да овозможи пристап до податоците и обврската за преземање мерки заради спречување на менување и уништување на податоците. За подносителот, како спорен дел од одредбата е наложената обврска на лицето активно да помага на извршителите на наредбата од причина што тоа може да доведе до сопствена инкриминација, што е спротивно на презумцијата на невиност и привилегијата против самоинкриминација, а како таква спротивна на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 13 став 1 од Уставот и член 6 став 2 од ЕКЧП и член 2 став 1 и член 70 став 1 алинеја 5 од ЗКП.
Во врска со член 193 став 2, во делот „Ако во домот е извршен и претрес тогаш ќе се состави записник во согласност со членот 192 од овој закон кој мора да ги содржи причините за претрес без наредба.“ и став 3 од истот член од Законот, во иницијативата како причина за оспорување се наведува овластувањето на полицијата да врши претрес без судска наредба за претрес.
Според подносителот, неуставно е овластувањето за претрес без судска наредба на сите простории од домот кој и не мора да биде сопственост на осомничното лице. Тоа овозможувало арбитрарно ограничување на уставно загарантираното право без судски налог или согласност на држателот на домот. Ваквото овластување, го правело ранливо правото на неповредливост на домот и правото на мирно уживање на сопственоста.
Оспорените ставови од одредбата се оспоруваат како спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11, член 26 и член 30 од Уставот, како и член 8 и член 1 од Протоколот 1 кон ЕКЧП.
II
На седницата Судот утврди дека во оспорените одредби од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018) е предвидено:
Член 118 став 1
(1) По предлог на јавниот обвинител и на овластените лица во кривичната постапка според одредбите со кои се регулира извршу¬вањето, може да се определат привремени мерки за обезбедување на имотноправното барање што настанало поради извршувањето на кривичното дело.
Член 120 став 1
(1) Ако оштетениот има барање спрема трето лице затоа што кај него се наоѓаат предметите прибавени со кривичното дело, или затоа што поради кривичното дело тоа дошло до имотна корист, судот во кривичната постапка, по предлог од овластените лица од членот 111 став (1) на овој закон, може според одредбите што важат за извршувањето да определи привремени мерки за обезбедување и спрема тоа трето лице. Одредбите од членот 118 ставови (2) и (3) на овој закон важат и во овој случај.
Член 130 став 3
(3) Ако обвинетиот има бранител обвинителниот акт, обвинителниот предлог, приватната тужба и сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалба, како и жалбата на противната странка која се доставува заради одговор, ќе му се достават и на бранителот и на обвинетиот, според членот 127 од овој закон. Во тој случај рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на доставата на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор, рокот тече од денот на доставата на бранителот.
Член 143 став 1
(1) Надзор над обработката на личните податоци и нивната заштита утврдена со овој закон и друг закон врши Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Член 151
„Веќе определената висина на гаранцијата може да се промени во случај на проширување на истражната постапка, како и доколку во текот на постапката се дознаат дополнителни околности во однос на имотната состојба на обвинетиот, а кои влијаат врз определувањето на висината на гаранцијата.“
Член 153 став 1 алинеја 1
(1) Положената гаранција ќе пропадне и на обвинетиот ќе му се определи притвор, ако:
– не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот;
Член 184
(1) По барање на извршителот на наредбата лицето, кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци, е должно да овозможи пристап до нив и да ги даде потребните известувања за непречено остварување на целта на претресот.
(2) По барање на извршителот на наредбата лицето кое го користи компјутерот или има пристап до него или до други уред или носител на податоци е должно веднаш да преземе мерки со кои се спречува уништување или менување на податоците.
(3) Лицето кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци, а кое нема да постапи по ставовите (1) и (2) на овој член, а за тоа не постојат оправдани причини, судијата на претходната постапка ќе го казни според одредбите од членот 88 став (1) на овој закон.
Член 193 ставови 2 и 3
(2) Во случаите од ставот 1 на овој член нема да се состави записник, туку на држателот на домот веднаш ќе му се издаде потврда, во која ќе се назначи причината за влегувањето во домот и сите забелешки на држателот. Ако во домот е извршен и претрес тогаш ќе се состави записник во согласност со членот 192 од овој закон кој мора да ги содржи причините за претрес без наредба.
(3) Кога е извршен претрес без наредба за претрес, извршителот на претресот мора веднаш да го извести јавниот обвинител.
III
Една од основните надлежности на Уставниот суд е неговата контрола на усогласеноста на сите правни акти со Уставот пропишана во член 110 алинеја 1, која се однесува на начелото на уставност што подразбира постоење на правни правила кодифицирани и систематизирани во највисоко рангираниот правен акт во државата.
Во конкретниот случај, се оспорува Законот за кривичната постапка, односно, уставноста на одредени одредби од Законот.
Имајќи ја предвид структурата на целината на Законот за кривичната постапка наспрема уставната уреденост, произлегува дека станува збор за системски процесен закон, донесен со двотретинско мнозинство кој содржи правна уреденост меѓу другото и на слободите и правата на човекот и граѓанинот во кривичната постапка што е во рамки на определбите утврдени во Уставот на Република Северна Македонија за владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, почитување на општо прифатените норми на меѓународното право, презумцијата на невиност, правото на жалба, неповредливоста на домот и правото на сопственост, начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите како и самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба што обезбедува правна помош. Тоа се вредности уредени во член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6 и 11, член 13 став 2, Амандманот XXI, членовите 26, 30, 51 и 53 од Уставот, како и во рамките на меѓународноправните стандарди определени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи за правото на слобода, правото на правична судска постапка, правото на почитување на приватниот и семејниот живот, правото на сопственост (членовите 6 и 8 од Конвенцијата и член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата), а на кои уставни и конвенциски определби упатува подносителот на иницијативата.
Имајќи предвид дека во кривичната постапка се засегаат индивидуалните права и слободи утврдени со Уставот и определени во меѓународното право во нашиот правен систем постои прецизна јурисдикција и јуриспруденција во Законот за кривичната постапка, во конкретниот предмет, потребно е да се утврди дали законодавецот оваа материја – процесните кривично-правни правила ги уредил соодветно на надлежните органи да им се доделени овластувања кои уставно им припаѓаат и пропорционално – законската мерка да е сразмерна на практично потребното дејствие во врска со остварувањето на индивидуалните човекови слободи и права во кривичната постапка.
Заради подобар увид во конкретната проблематика, предмет на уставно-судска анализа, Судот пристапи кон поединечна анализа на секоја одделно оспорена одредба со соодветно правно мислење.
– член 118 став 1 оспорен во делот „според одредбите со кои се регулира извршувањето“ од Законот и
– член 120 став 1 во делот „според одредбите што важат за извршувањето“.
Оспорените членови се систематизирани во глава XI „Имотноправно барање“, под наслов „Привремени мерки за обезбедување на имотноправно барање“ и „Привремено обезбедување спрема трето лице“.
Одредбата од член 118 став 1 гласи:
(1) По предлог на јавниот обвинител и на овластените лица во кривичната постапка според одредбите со кои се регулира извршувањето, може да се определат привремени мерки за обезбедување на имотноправното барање што настанало поради извршувањето на кривичното дело.
Одредбата од член 120 став 1 гласи:
(1) Ако оштетениот има барање спрема трето лице затоа што кај него се наоѓаат предметите прибавени со кривичното дело, или затоа што поради кривичното дело тоа дошло до имотна корист, судот во кривичната постапка, по предлог од овластените лица од членот 111 став (1) на овој закон, може според одредбите што важат за извршувањето да определи привремени мерки за обезбедување и спрема тоа трето лице. Одредбите од членот 118 ставови (2) и (3) на овој закон важат и во овој случај.
Како причина за оспорување, подносителот во двата оспорени члена го наведува погрешното упатување во одредбата на Законот за извршување. Подносителот смета дека спорните делови од одредбите кој во член 118 став 1 од Законот, гласи „според одредбите со кои се регулира извршувањето“ и оспорениот дел од одредбата во член 120 став 1 кој гласи„ според одредбите што важат за извршувањето“ треба да се заменат со член 1 од Законот за обезбедување на побарувањата, за одредбите да бидат јасни и примеливи.
Од анализата на содржината на член 118 став 1 и член 120 став 1 од Законот, а посебно на содржината од оспорените делови, произлезе дека при усогласувањето на законските одредби со направените измени и дополнувања на Законот за кривичната постапка извршени во 2016 и 2018 година, во член 118 став 1 и член 120 став 1 од Законот законодавецот направил превид, односно не направил соодветна измена во делот на одредбата каде стои „извршувањето“, да биде заменет со „обезбедување на побарувањата“.
Судот цени дека очигледен и јасен е пропустот. Ваквата техничка неусогласеност на одредбите од Законот, не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните и истата не предизвикува забуна во однос на правилната примена на одредбите.
Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во својата основа го има елементот правна сигурност што подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни и прецизни норми. Од анализата на оспорените членови произлегува дека станува збор за очигледен пропуст од технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на одредбите како што е наведено во иницијативата, поради што и не имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, да ги менува и дополнува, а воедно и да врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.
– член 130 став 3 во делот „тече од денот на достава на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерка притвор или е на издржување на казна затвор, рокот“, од Законот, систeмaтизиран во глава XIII „Доставување писмена и разгледување списи“.
Одредбата гласи:
(3) Ако обвинетиот има бранител обвинителниот акт, обвинителниот предлог, приватната тужба и сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалба, како и жалбата на противната странка која се доставува заради одговор, ќе му се достават и на бранителот и на обвинетиот, според членот 127 од овој закон. Во тој случај рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на доставата на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор, рокот тече од денот на доставата на бранителот.
Постапувајќи по претходно поднесена иницијатива Уставниот суд со Решението У.бр.6/2021 од 29 септември 2021 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 130 став 3 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018). Овие одредби Судот ги ценеше од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и не најде повреда на истиот.
Во правното мислење изразено во ова решение, Судот утврди дека:
„оспорениот член 130 став 3 од Законот за кривичната постапка, по својата содржина претставува јасно и прецизно формулирано правило во поглед на тоа, од чија достава започнува да се засметува течењето на рокот за изјавување на правен лек во ситуација кога писменото се доставува до обвинетиот и до неговиот бранител (рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на доставата на обвинетиот), како и јасно и прецизно формулирано правило во поглед на тоа, од чија достава започнува да се засметува течењето на рокот за изјавување на правен лек во ситуација кога на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор (рокот тече од денот на доставата на бранителот), со што од аспект на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, оспорената законска норма според Судот, ги задоволува критериумите на јасност и прецизност во уредувањето.
Ваквото законско решение е конципирано со цел утврдување на конкретен рок за изјавување на жалба, поради реалната можност доставата на писменото да се изврши во различен ден на обвинетиот и на бранителот.
Законодавецот, водел сметка за ваквите можни ситуации и токму заради правната сигурност на граѓаните во поглед на остварувањата на нивните права во постапка пред суд, го уредил оспореното законско решение. При ова, треба да се има предвид дека рокот за навремено изјавен правен лек, се врзува за доставата на обвинетиот ако не станува збор за ситуација на изречена мерка притвор на обвинетиот или тој е на издржување на казна затвор, а ако станува збор за таква ситуација, во тој случај, рокот тече од денот на доставата на бранителот, односно рокот се врзува за доставата на неговиот бранител.
Оттука, законодавецот точно прецизирал, во кој случај рокот се засметува од доставата на обвинетиот, а во кој случај од доставата на бранителот, што значи во зависност од ситуацијата во која се наоѓа обвинетиот (дали е на слобода или не), Законот определува од чија достава (на обвинетиот или на неговиот бранител) ќе се засметува почетокот на течењето на рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалба.
Во зависност од ситуацијата, рокот ќе се засметува од доставата на обвинетиот, односно од доставата на неговиот бранител, следствено и формулацијата во дел од член 411 став 2 од Законот (членот е посветен на субјекти кои можат да поднесат жалба) дека „Рокот за жалба и во тој случај тече од денот кога на обвинетиот, односно на неговиот бранител му е доставен преписот од пресудата”.
При анализата на оспорениот член од Законот како целина, Судот ја имаше предвид изнесената уставно-судска практика, но во постапката по овој предмет, даде осврт на другите основи и нови причини од конретната иницијатива заради утврдување на околностите дали постои исполнување на условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Судот.
Подносителот на иницијативата наведува дека член 130 став 3 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 11, Амандманот XXI и член 53 од Уставот, како и член 6 ставови 1 и 3 и член 13 од ЕКЧП, бидејќи смета дека со него се руши подлогата на правото на ефективна правна помош, ефективен правен лек и правото на правична судска постапка.
Во член 130 од Законот, се содржани посебни дополнителни одредби за доставување на одредени писмена до обвинетиот и до бранителот, како и за сметање на роковите кои течат од денот на доставата.
Оспорениот став 3 од одредбата, се однесува на доставата на писмена до обвинетиот и до бранителот, кога обвинетиот има бранител. Обвинителниот акт, обвинителниот предлог, приватната тужба и сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалба, како и жалбата на спротивната странка тужителот, која се доставува заради одговор, се доставуваат и до бранителот и до обвинетиот. Во случај кога одбраната е задолжителна, обвинетиот има бранител, независно дали се работи за избран бранител или бранител поставен по службена должност, секое писмено кое се доставува до обвинетиот се доставува и до неговиот бранител. Рокот за изјавување на правен лек или за поднесување одговор на жалбата, кога обвинетиот има бранител се смета од предавање на писменото на обвинетиот, со исклучок на ситуација кога на обвинетиот му е изречена мерката притвор или истиот се наоѓа на издржување на казна затвор, рокот почнува да тече од доставата до бранителот.
Според подносителот, со оспорениот дел од одредбата кој се однесува на преклузивниот рок на жалба кој започнува да тече од денот на достава од обвинетиот, бранителот бил ограничен токму во едно од најбитните процесни права и дејствија какво што е правото на жалба, нејзината стручна изработка и навремено поднесување.
Од анализата на оспорениот член, произлегува дека во интерес на обвинетиот е истиот да биде во постојан контакт и комуникација со неговиот бранител за прашањата поврзани со кривичната постапка, а доколку пак нивниот контакт е ограничен, Законот за кривичната постапка предвидел други законски решенија, како што е впрочем и уредувањето на оспорениот член 130 став 3 од Законот во продолжение „Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор, рокот тече од денот на доставата на бранителот”.
Ова дотолку повеќе што, сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалба, како и жалбата на спротивната странка која се доставува заради одговор, му се доставуват и на бранителот согласно член 127 од иситот закон. Законодавецот, рокот за навремено изјавен правен лек, го врзува за доставата на обвинетиот доколку не станува збор за ситуација на изречена мерка притвор на обвинетиот или тој е на издржување на казна затвор, законодавецот водел сметка за ваквите можни ситуации и токму заради правната сигурност на граѓаните во поглед на остварувањата на нивните права во постапка пред суд, го уредил оспореното законско решение. При ова, треба да се има предвид дека Законот за кривичната постапка во повеќе одредби (член 70, член 71 став 2, член 74, член 476 став 2) го предвидел правото на постојана вклученост на бранителот во сите процесни дејствија.
Од анализа на оспорениот член, направена од аспект на заштита на правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, правото на правична судска постапка, правото на реална жалба утврдени во Европската конвенција за заштита на човековите права, а втемелени во домашното законодавство, имајќи ја предвид и уставно-судската пракса изнесена во решение на овој суд, Судот смета дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел согласно член 38 алинеја 2 од Актот на Судот, бидејќи нема основи за поинакво одлучување.
Член 143 став 1 од Законот, е систематизиран во глава XV „Заштита на личните податоци“, под наслов „Надзор над обработката на личните податоци “.
Одредбата гласи:
(1) Надзор над обработката на личните податоци и нивната заштита утврдена со овој закон и друг закон врши Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Подносителот смета дека оспорениот дел од одредбата внесува правна несигурност и е во судир со владеењето на правото од причина што надлежен орган за обработка и заштита на личните податоци не била Дирекцијата, туку Агенција.
Од анализата на содржината на член 143 став 1 од Законот, произлезе дека Дирекцијата за заштита на личните податоци е именувана со одредбите од Закон за заштита на личните податоци (“Службен весник на Република Македонија” бр. 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018).
Согласно со новиот Закон за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020) во член 118 е пропишан преодниот режим на Агенцијата, односно Дирекцијата за заштита на личните податоци со денот на влегувањето во сила од овој закон, продолжува да работи како Агенција за заштита на личните податоци.
Со оглед на тоа дека Законот за кривичната постапка е двотретински закон, а последните измени и дополнувања се донесени во 2018 година, односно пред донесување на новиот Закон за заштита на личните податоци, кој во член 118 јасно го предвидел преодниот режим на Дирекцијата во Агенција, Судот утврди дека ненаправената измена во оспорената одредба има технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на одредбите како што е наведено во иницијативата, поради што и не имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, да ги менува и дополнува, а воедно и да врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.
Понатаму, со иницијативата се оспорува и член 151 од Законот, систематизиран во глава XVI „мерки за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка’, под точка 4 „Гаранција“, со наслов „ Менување на висината на гаранцијата“.
Одредбата гласи:
„Веќе определената висина на гаранцијата може да се промени во случај на проширување на истражната постапка, како и доколку во текот на постапката се дознаат дополнителни околности во однос на имотната состојба на обвинетиот, а кои влијаат врз определувањето на висината на гаранцијата.“
Согласно Законот за кривичната постапка, гаранцијата, е една од мерките кои можат да се преземат спрема обвинетиот за обезбедување на негово присуство и за непречено водење на кривичната постапка.
Согласно со член 150 став 2 од Законот, гаранција може да даде обвинетиот лично за себе или за обвинетиот гаранција може да даде некое друго лице.
Висината на гаранцијата секогаш гласи на паричен износ кој судот ја определува во зависност од повеќе околности, наведени во член150 став 3, меѓу кои и тежината на кривичното дело и имотната состојба на давателот на гаранцијата. Доколку овие околности се изменат може да дојде и до измена на определената висина на гаранцијата, ако се оцени дека претходно определената висина веќе не одговара на целта заради која гаранцијата е определена.
Законот определил дека до промена на висината на гаранцијата може да дојде ако е проширена истражната постапка против обвинетиот (односно донесена нова наредба за спроведување на истражна постапка за друго дело), како и ако се дознаат определени дополнителни околности за имотната состојба на давателот на гаранцијата, кои се од влијание за истата. Меѓутоа, треба да се има предвид дека судот самостојно не може да дојде до сознание ниту за проширување на истражната постапка против обвинетиот ниту во однос на постоење на дополнителни околности за имотната состојба на давателот на гаранцијата, посебно кога е сè уште фазата на претходна постапка, па до промена на висината на гаранцијата, најчесто ќе може да дојде само по поднесен предлог до судот.
При постоење на дадените околности, проширување на истражната постапка, или сознание за дополнителни околности за имотната состојба, можни се неколку различни ситуации. Судот може да одлучи да го прифати предлогот за зголемување на износот на определената гаранција, кога има таков предлог, и зголемениот износ да биде положен од страна на обвинетиот, или друго лице кое за обвинетиот ја дава гаранцијата. Но исто така, можно е обвинетиот, односно лицето кое за него ја дава гаранцијата, да не постапи по одлуката на судот за зголемување на износот на гаранцијата во рокот определен со решението, или да го извести судот дека нема, или не е во можност да го положи зголемениот износ на гаранцијата. Во овој случај доаѓа до укинување на претходно определената гаранција од страна на судот и враќање на износот на положената гаранција на лицето што ја дало гаранцијата и определување на друга мерка за обезбедување поради постоењето на околностите поради кои била определена гаранцијата.
Во случај на проширување на истражната постапка, со оглед на тежината на кривичното дело за кое истрагата се проширува и другите околности во врска со тоа кривично дело, судот цени дали гаранцијата, како мерка за обезбедување, е или не е адекватна мерка за постигнување на целта заради која се изрекуваат ваквите мерки. Во таков случај, повторно доаѓа до укинување на претходно определената гаранција и враќање на положениот износ на гаранцијата, како и определување на друга мерка за обезбедување од страна на судот.
Со оспорената одредба, не е исклучена можноста до менување на висината на гаранцијата – намалување да дојде по предлог на обвинетиот или неговиот бранител поради променета имотна состојба на обвинетиот.
Имајќи ја предвид содржината на член 8 став 1 алинеи 1, 6 и 11 и член 30 од Уставот, наспроти содржината на оспорената одредба, произлегува дека не станува збор за непропорционалност во ограничувањето на сопственоста, напротив гонењето на сторителите на кривичните дела и нивната евентуална осуда е од јавен инстерес од општо добро утврден со закон, а определувањето на гаранцијата е последователно дејство кое на предлог на странките се презема со цел обезбедување на присуство на обвинетиот во кривичната постапка и непречено водење на истата.
Поради тоа, Судот цени дека член 151 од Законот за кривичната постапка е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 6 и 11 и со член 30 од Уставот, како и во рамките на меѓународноправните стандарди определени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи за заштита на правото на сопственост согласно член 1 став 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата, а на кои уставни и конвенциски определби упатува подносителот на иницијативата.
Врз основа на сето напред изнесено, Судот, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 151 од Законот.
Со иницијативата се оспорува и член 153 став 1 алинеја 1 во делот „не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот“. Овој оспорен член е систематизиран во глава XVI „Мерки за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка“ точка 4 „Гаранција“, насловен како „ Пропаѓање на гаранцијата“.
Одредбата гласи:
(1) Положената гаранција ќе пропадне и на обвинетиот ќе му се определи притвор, ако:
– не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот;
Постапувајќи по претходно поднесена иницијатива, Уставниот суд со Решението У.бр.19/2018 од 27.06.2023 година, покрај останатите одредби, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 153 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018). Овие одредби Судот ги ценеше од аспект на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот и не најде повреда на истиот.
Во правното мислење изразено во ова решение, Судот утврди дека:
„Определувањето во член 153 од Законот, да пропадне положената гаранција и да се определи притвор на обвинетиот, се причинско-последично поврзани мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот. Пропаѓањето на положената гаранција зависи од однесувањето на обвинетиот, односно положената гаранција не би пропаднала доколку обвинетиот присуствува или не го попречува водењето на кривичната постапка на еден од начините предвидени во член 153 став 1 од Законот.
Во таа смисла, има оправданост, соодветност и пропорционалност меѓу целта – обезбедување присуство и непречено водење на кривичната постапка, од една страна, и дејствијата кои законодавецот, во член 153 од Законот за кривичната постапка, ги определил како незаконити дејствија на обвинетиот кои би довеле до пропаѓање на гаранцијата и определување на мерка притвор од друга страна, а заради непречено водење на кривичната постапка.
Гаранцијата, пак, дадена од некое друго лице наместо осомничениот или обвинетиот согласно став 2 од истиот член, е преземање на правна обврска од страна на друго лице дека обвинетиот ќе присуствува и нема да го попречува водењето на кривичната постапка, па неисполнувањето на тие обврски од субјективни причини на обвинетиот има за последица пропаѓање на гаранцијата дадена од друго лице, што исто така има оправданост, соодветност и пропорционалност со законски определената цел.
Тука треба да се има предвид дека преземањето обврска да се гарантира со сопствен имот за друго лице е направено на доброволна основа со целосна свесност за можните последици, доколку обвинетото лице не ги почитува правилата за непречено водење на постапката.
Оспорениот член 153 од Законот, гледано од неговата содржина – обезбедување присуство на осомничениот или обвинетиот и непречено водење на кривичната постапка преку положување на гаранција, не задира во правото на сопственост како што е наведено во иницијативата.
Имајќи предвид дека доброволно преземената обврска за гаранција, која зависи од однесувањето на обвинетиот кое не смее да биде спротивно на целта заради која таа е определена, не навлегува во повреда на мирно уживање на имотот согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи за заштита на правото на сопственост согласно член 1 став 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата, а на кои уставни и конвенциски определби упатува подносителот на иницијативата.
Со оглед на тоа дека во предметната иницијатива член 153 од Законот се оспорува од истите причини како и во иницијативата по која Судот одлучувал и донел Решение У.бр.19/2018 од 27.06.2023 година, а наводите во иницијативата не нудат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно член 38 алинеја 2 од Актот на Судот.
Член 184 од Законот, е систематизиран во глава XVII „Мерки за пронаоѓање и обезбедување на лица и предмети“, точка 1 „Претрес“ насловен како „Пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци“.
Одредбата гласи:
(1) По барање на извршителот на наредбата лицето, кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци, е должно да овозможи пристап до нив и да ги даде потребните известувања за непречено остварување на целта на претресот.
(2) По барање на извршителот на наредбата лицето кое го користи компјутерот или има пристап до него или до други уред или носител на податоци е должно веднаш да преземе мерки со кои се спречува уништување или менување на податоците.
(3) Лицето кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци, а кое нема да постапи по ставовите (1) и (2) на овој член, а за тоа не постојат оправдани причини, судијата на претходната постапка ќе го казни според одредбите од членот 88 став (1) на овој закон.
Од анализата на оспорениот член од Законот, произлезе дека, кога постои наредба за пребарување во компјутерски систем или податоци, лицето кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци е должно да овозможи пристап до нив и да ги даде потребните известувања за непречено остварување на целта на претресот или да преземе мерки со кои се спречува уништување или менување на податоците.
Доколку тоа не го стори без оправдани причини, судијата за претходна постапка може да го казни со парична казна од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност. Секако, можноста за изрекување на казната, како санкција за непостапување по барањето на извршителот на наредбата, или постоење на оправдани причини заради кои лицето не може да постапи по барањето, не ја исклучува можноста, органот кој ја води постапката, да побара од судот да издаде наредба за привремено одземање на вакви предмети согласно член 194 од ЗКП, или самиот да ги одземе истите согласно член 196 од ЗКП, доколку смета дека тоа е неопходно за постапката.
Претресување на подвижни предмети во себе ги опфаќа и случаите на пребарување на компјутерски системи и компјутерски податоци. Во компјутерските системи можат да се најдат важни податоци за кривичната постапка, па определувањето на условите под кои може да се пребарува во електронската меморија овозможува да се добијат податоци на законит начин кои потоа ќе можат да се користат во кривичната постапка. Компјутерите и сличните уреди за автоматска обработка на податоци, сами по себе како подвижни предмети, најчесто не претставуваат некаков доказ, туку е потребно да се влезе во нивната меморија за да се добијат податоци кои би претставувале доказ во кривичната постапка.
За подносителот како спорен дел од одредбата била наложената обврска на лицето активно да помага на извршителите на наредбата од причина што тоа можело да доведе до сопствена инкриминација, што било спротивно на презумцијата на невиност и привилегијата против самоинкриминација.
Оспорениот член 184 од Законот е систематизиран под точка 1 насловена „Претрес“. Законот за кривичната постапка во член 182 став 1 ги превидел основите за претрес, односно, помеѓу другите основи и за пронаоѓање траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка. Согласно член 181 став 2 од Законот, претресот на дом и пребарувањето на компјутер го наредува судот со писмена и образложена наредба по барање на јавниот обвинител, а во случај на опасност од одлагање и по барање на правосудната полиција.
Од наведените законски одредби во корелација со оспорениот член, произлегува дека по претходни сознанија за сторено кривично дело, на барање на јавниот обвинител или во исклучителни ситуации по барање на правосудната полиција, судот издава писмена образложена наредба за пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци, заради одземање на податоци и спречување на уништување или менување на податоците.
Целта на законската мерка претрес е пронаоѓање и обезбедување на лица и предмети за да се води кривична постапка. Истражното дејствие претрес значи истражување барање, пребарување на простории, лица и предмети под услови и на начин пропишан со закон, согласно со член 181 став 1 од Законот.
Заедно со цитираните одредби треба да се има предвид и содржината на член 21 точка 17 од Законот, каде под поимот претрес се подразбира детално истражување на лице, средство за превоз или дом под услови определени со закон.
Од изнесените законски одредби, произлегува дека услов за претрес на лице е да постои веројатност дека кај лицето ќе се пронајдат траги или предмети важни за кривичната постапка. Претресот на лице се врши на законски уредениот начин односно претходно легитимирање на извршителот на претресот, повикување на лицето доброволно да ги предаде предметите што се бараат, предавање на наредбата за претрес на лицето, поучување на лицето дека има право на бранител кој може да присуствува на претресот согласно член 191 ставови 1 и 2 од Законот, а само во законски определени случаи претресот на лицето се врши без претходно предавање на наредбата, без претходна покана за предавање на лице или предмети и без поука за право на бранител според член 191 став 4 од истиот закон. За секој претрес, се составува записник, кој го потпишува, покрај другите, и лицето врз кое се врши претресот, текот и начинот на вршењето на претресот може да се сними со апарат за визуелно-тонско снимање, а посебно се внимава на местата каде што се пронајдени определени лица и предмети, согласно со член 192 став 1 од Законот.
Целта на дејствието претрес, во ситуација кога е исполнет наведениот законски услов и кога се спроведува на изнесениот законски уреден начин, е пронаоѓање и обезбедување на лица и предмети за водење на кривична постапка (глава XVII од Законот).
Во таа смисла, има оправданост, соодветност и пропорционалност меѓу целта – обезбедување пристап до податоци содржани во компјутер или други уред или носител на податоци заради спречување, уништување или менување на податоците, од една страна, и дејствијата кои законодавецот, во член 184 од Законот за кривичната постапка, ги определил како должност спрема лицето, кое го користи компјутерот или има пристап до него или до друг уред или носител на податоци, да овозможи пристап до истите за непречено остварување на целта на претресот, односно за преземање мерки за обезбедување предмети важни за кривичната постапка.
Имајќи ја предвид содржината на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 и член 13 став 1 од Уставот, наспроти содржината на оспорената одредба, произлегува дека не станува збор за одземање или ограничување на сопственоста за случаи кои не се поврзани со јавен интерес утврден со закон, напротив гонењето на сторителите на кривичните дела и нивната евентуална осуда што е од јавен интерес од општо добро утврден со закон, а прибавувањето на податоци се последователни дејствија кои се преземаат со цел обезбедување докази за успешно водење на кривичната постапката се до нејзино конечно завршување.
Според Судот, во оспорениот член 184 од Законот, со употребата на изразот „лицето“, не се прејудицира постоење на вина и инкриминација на истото. Впрочем и член 13 од Уставот, на кој се повикува подносителот, го користи терминот обвинето лице како уставна категорија, а до повреда на презумцијата на невиност со примена на одва одредба не може да дојде, од причина што до таква повреда доаѓа само кога пред правосилноста на судската пресуда биде откриен идентитетот на сторителот, што е во согласност и со член 6 став 2 од ЕКЧП.
Поради тоа, Судот оцени дека член 184 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 13 став 1 од Уставот и член 6 став 2 од ЕКЧП, поради што одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста.
Член 193 ставови 2 и 3 од Законот, исто така, систематизиран во глава XVII „Мерки за пронаоѓање и обезбедување на лица и предмети. Под член 193 од Законот стои наслов „Влегување во дом врз основа на согласност или наредба за приведување“.
Одредбата гласи:
(2) Во случаите од ставот 1 на овој член нема да се состави записник, туку на држателот на домот веднаш ќе му се издаде потврда, во која ќе се назначи причината за влегувањето во домот и сите забелешки на држателот. Ако во домот е извршен и претрес тогаш ќе се состави записник во согласност со членот 192 од овој закон кој мора да ги содржи причините за претрес без наредба.
(3) Кога е извршен претрес без наредба за претрес, извршителот на претресот мора веднаш да го извести јавниот обвинител.
Во член 193 од Законот, се регулирани случаите кога претресот се врши без наредба или врз основа на согласност од лицето кај кое се врши претресот. Кога во овие случаи се влегува во домот на држателот без да се изврши претрес не се составува записник за претрес, туку се изготвува потврда која треба да ги содржи причините поради кои се влегло во домот на држателот. Доколку, пак, се изврши претрес, се изготвува записник за претрес во кој покрај податоците кои треба да ги содржи записникот за претрес, исто така треба да се наведат и причините поради кои е извршен претрес без наредба за претрес. По извршениот претрес, правосудната полиција која секогаш го врши претресот, задолжително веднаш го известува јавниот обвинител. Во овие случаи се применуваат сите правила за постапката и текот за вршење на претресот.
Оспорените ставови од одредбата се оспоруваат како спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11, член 26 и член 30 од Уставот, како и член 8 и член 1 од Протоколот 1 кон ЕКЧП.
Постапувајќи по претходно поднесена иницијатива Уставниот суд со Решението У.бр.19/2018 од 27.06.2023 година, покрај останатите одредби, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 193 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018). Овие одредби Судот ги ценеше од аспект на член 26 од Уставот и членовите 8 и 13 од Европската конвенција за човекови права и не најде повреда на иститe.
Во правното мислење изразено во ова решение, Судот утврди дека:
„Во став 2 од оспорената одредба, законодавецот предвидел на држателот на домот веднаш да му се издаде потврда во која ќе се наведат причините за влегување во домот, како и сите забелешки на држателот на домот без да се сочини записник, а во потврдата да се внесат причините за влегување со сите забелешки на држателот, како и причините за претрес без наредба.
Кога е извршен ваков претрес според став 3 од истиот член, извршителот на претресот мора веднаш да го извести јавниот обвинител. За тоа какви елементи мора да содржи записникот за претрес определува член 192 од Законот, во кој, меѓу другото, е определено дека и држателот на станот во кој се врши претрес го потпишува записникот и прима потврда за евентуално одземање на предмети.
Треба да се има предвид дека влегувањето во дом без наредба за претрес, поради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност се заснова на два факти: лицето е затечено при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност и влегувањето е поради лишување од слобода на сторителот на кривичното дело, па ваквото нарушување на неповредливоста на домот гарантирана со член 26 од Уставот, има своја оправданост. Доколку не се постапи на ваков начин постои голема опасност сторителот на кривичното дело да стане недостапен на органите на прогонот со што би ја избегнал кривичната одговорност.
Во смисла на сето наведено, треба да се има предвид дека и за вакви ситуации, законодавецот пропишал процедурални правила за сочинување на записник, потпишување на истиот и обврска за задолжително известување на јавниот обвинител.
Во согласност со член 290 од Законот, за сите претходно наведени случаи на влегување во домот без наредба за претрес, држателот на домот доколку смета дека со преземањето на некое од дејствијата е повредено некое негово право, може да поднесе жалба во рок од 8 дена од сторувањето на дејствието до судијата на претходна постапка, а против решението на судијата на претходна постапка може да поднесе жалба до советот на првостепениот суд, како и да поднесе кривична пријава или правната заштита да ја остварува на друг начин. По однос на наводите на подносителот на иницијативата дека во означената законска одредба не била пропишана обврска за јавниот обвинител или полицијата да го запознаат лицето со можноста да го одбие нивното влегување во неговиот дом без судска наредба, како и за неговото право да поднесе жалба или приговор ако му се повредени неговите права во тие ситуации, а не била предвидена ниту судска контрола на законитоста на преземените дејствија, Судот утврди дека постои делотворен правен лек за случаите кога доаѓа до нарушување на непровредливоста на домот заради цел од повисок јавен интерес, а тоа е обезбедување на докази важни за кривичната постапка, спречување на сторителот во моментот кога извршува кривично дело и други ситуации кои бараат итно и неодложно постапување.“
Со предметната иницијатива, одредбата се оспорува и од аспект на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 и член 30 од Уставот, кои во предметот У.бр.19/2018 не биле проблематизирани. Со оглед дека законската одредба ја конкретизира уставната определба да може да се ограничи правото на сопственост кога се работи за јавен интерес утврден со закон, не го повредува начелото на владеење на правото и е во рамки на почитување на општо прифатените норми на меѓународното право, сметаме дека не постои повреда и од аспект на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 и член 30 од Уставот.
Имајќи предвид дека во предметната иницијатива член 193 ставови 2 и 3 од Законот, се оспорува од истите причини како и во иницијативата по која Судот одлучувал и донел Решение У.бр.19/2018 од 27.06.2023 година, а наводите во иницијативата не нудат основи за поинакво одлучување од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Судот.
Од сумарната анализа на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка наспрема уставната уреденост, произлегува дека станува збор за системски процесен закон, како еден од најважните правни акти во едно демократско општество, оптимално усогласен со правилата од Европската конвенција за заштита на човековите права и со решенијата кои преовладуваат во европските земји.
Основната одредница по која се водел законодавецот е имплементација на препораките на Европската Унија и Советот на Европа за казнената постапка, креирање ефикасно јавно обвинителство и воспоставување нова операционална и менаџерска структура, како и раководење и соработка со полицијата и другите органи што го применуваат овој закон.
Овој закон, содржи правна уреденост, меѓу другото, и на слободите и правата на човекот и граѓанинот во кривичната постапка што е во рамки на определбите утврдени во Уставот на Република Северна Македонија за владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, презумцијата на невиност, неповредливоста на домот, правото на жалба, правото на сопственост, независноста и самостојноста на адвокатурата како јавна служба, начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите како и согласноста на законите со Уставот и согласноста на сите прописи со Уставот и со законите.
Тоа се вредности уредени во член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11, член 13 став 1, Амандманот XXI, членовите 26, 30, 51 и 53 од Уставот, како и во рамки на меѓународните правни стандарди определени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи за правото на правична судска постапка и правото на реална жалба, правото на сопственост согласно со членовите 6 и 13 од Конвенцијата и член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата, а на кои уставни и конвенциски определби упатува подносителот на иницијативата.
Законодавецот оваа материја – процесните кривичноправни правила ги уредил соодветно на начин што на надлежните органи пропорционално им се доделени овластувања кои уставно им припаѓаат, а законската мерка ја пропишал сразмерно на практично потребното дејствие во врска со остварувањето на индивидуалните човекови слободи и права во кривичната постапка.
Имајќи ја предвид изнесената досегашна уставно-судска пракса во врска со Законот за кривичната постапка, произлегува дека Судот досега се произнесувал за поединечни правила содржани во одделни членови од Законот, но и за одредби кои задираат во целиот систем на кривичната постапка како и за согласноста на одредби од Законот со одделни одредби од Уставот, за усогласеноста на одредбите од Законот со правилата содржани во Европската конвенција, кои правила согласно член 118 од Уставот, се дел од внатрешниот правен поредок на Република Северна Македонија и имаат статус на темелни вредности, пропишани во член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот.
Од утврдената фактичка состојба и правна анализа на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка во корелација со други одредби со кои се тесно поврзани оспорените одредби, за поголемиот дел од оспорените одредби, Судот не најде спротивност со ниту една уставна норма посочени во иницијативата, а за дел, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски