Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.195/2023
Скопје, 19.02.2025
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 19 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.
Образложение
I
Сашо Цветановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.
Според подносителот на иницијативата, член 13 став 2 од Правилникот според кој се бара од подносителот на барањето за лиценца за работа, да достави доказ кој не е предвиден со член 32 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.173/2022), каде таксативно е наведено што треба да се приложи со барањето за добивање на лиценца за работа на правното лице за да може да се вршат сметководствени работи. Одредбата од оспорениот член 13 став 2 има технички грешки кои создаваат конфузија, не треба да се дел од одредбата и укажуваат на погрешно нумерирање на одредбата. Понатаму во иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 ставови 1 и 2 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека дополнителниот доказ не е предвиден во член 32 став 2 од Законот и дека подносителот на барањето за лиценца е вработен со полно работно време во трговец поединец односно во трговско друштво, што претставува изменување и дополнување на одредбата во Законот за вршење на сметководствени работи со одредба од правилник како подзаконски акт. Според наводите во иницијативата во законот не е предвидено за правните лица коишто вршат сметководствени работи да мораат да вработат лице со полно работно време, кое се предвидува со одредбите од член 31 став 12 од Законот за вршење на сметководствени работи според кој друштвото за вршење на сметководствени работи мора да има вработено најмалку еден овластен сметководител, но не е пропишано дека мора да биде вработено со полно работно време.
Со дополнувањето на иницијативата подносителот наведува дека е неосновано поистоветувањето на општиот термин „вработено лице“ со „лице вработено со полно работно време“. Според наводите во иницијативата, законодавецот прави јасна разлика во однос на употребата на општиот термин „вработено лице“ и вработувањето на лице со утврдена должина на работното време и го дава примерот со одредбите од член 31 став 6 од истиот закон согласно кој „обврзниците на водење на сметководство“ кои согласно Законот за трговски друштва се поврзани лица односно можат да вработат едно исто лице со скратено работно време. Исто така, го цитира член 21 став 1 согласно кој е наведено дека „председателот на Институтот ја врши својата функција професионално со полно работно време и има право на плата“. Во иницијативата е наведено дека во сите останати членови од Законот за вршење на сметководствени работи во кои се одредени условите за регистрација во различни регистри кои ги води Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија се користи терминот „вработено лице“ без определување на должината на работното време како што се член 31 став 1 точка 12, член 32 став 2 точка 3, член 33 став 3 точка 1 и други во Законот за вршење на сметководствени работи.
II
На седницата Судот утврди дека Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, врз основа на член 27 став 3 точка 39 од Статутот на Институтот, донел Правилник за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, во кој е содржана и оспорената одредба.
Во оспорениот член 13 став 2 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар се предвидува дека подносител на барањето за издавање на лиценца за работа на трговецот поединец-сметководител и трговецот поединец-овластен сметководител односно трговско друштво, должен е покрај доказите од член 12 став 2 од овој Правилник да достави и доказ дека подносителот на барањето е вработен со полно работно време во трговецот поединец односно трговското друштво.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот го оспорува член 13 став 2 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Уставниот суд со Одлуката У.бр.170/2024 од 30 октомври 2024 година го укина оспорениот Правилник за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.
Имајќи предвид дека Правилникот не е во правниот поредок, а со тоа и оспорената одредба цитирана во точка 1 од ова решение, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски