Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.181/2024
Скопје, 19.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 19 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, бр.09-287/1 од 17.02.2024 година, донесена од Советот на Општина Гевгелија, објавена во „Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.5 од од 20.02.2024 година.
Образложение
I
До Уставниот суд на Република Северна Македонија Друштвото за градежништво, инженеринг, трговија и услуги САС ИНВЕСТ ДООЕЛ Гевгелија, застапувано од Мартин Тодоровски, адвокат од Скопје поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Во поднесената иницијатива, која дополнително е прецизирана, се наведува дека предмет на оспорување е одлукатата за донесување на Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, Општина Гевгелија, и во истата се наведува дека целта на иницијативата е заштита на уставните и законските права на подносителот на иницијативата.
Во иницијативата се наведува дека оспорениот акт не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот и со Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Имено, според иницијативата Општината издала одобрение за градба на паркинг простор на подносителот на иницијативата, но со новиот ДУП Општина Гевгелија преку ангажираното друштво ИНПУМА за ГП 1.2.173 тој простор го доделува на ГП 1.2.172 и на тој начин го побиваат и оспоруваат сопственото одобрение за градба која е во тек.
Согласно проектот подносителот на иницијативата има паркинг место, кое со новиот ДУП им се оневозможува да го изведат бидејќи на негово место е предвиден пат за соседот преку недвижен имот на подносителот, на место каде Општина Гевгелија одобрила паркинг место помеѓу двата постоечки објекти и веќе е во градба.
Според наводите во иницијативата Општина Гевгелија –Сектор за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина на име на подносителот на иницијативата издаде Одобрение за градба УП1 број 11-310 од 22.02.2022 година кое се однесува на целата градба. Согласно издаденото одобрение и според важечкиот ДУП подносителот на иницијативата како градител обезбеди паркинг место за секоја станбена единица, а Општина Гевгелија одобри влез од ул.„Маршал Тито“, кој се наоѓа помеѓу ГП 1.2.172 и ГП 1.2.171, за да може да се влезе во ГП 1.2.173. Истиот влез служи и за ГП 1.2.171 кој би можел да влегува во дворот преку својот паркинг. Со новиот ДУП, кој е предмет на оспорување, Општина Гевгелија за ГП 1.2.173 го доделува на ГП 1.2.172, и на тој начин го побива сопственото одобрение за градба која е во тек, а исто и на соседната ГП 1.2.171.
Видно од проектот, исто така, подносителот на иницијативата има паркинг место кое со новиот ДУП им се оневозможува да го изведат, бидејќи на негово место е предвиден пат за соседот преку недвижниот имот на подносителот, на место каде Општина Гевгелија одобрила паркинг простор меѓу двата постоечки објекти.
Оттука, подносителот на иницијативата смета дека Општина Гевгелија донела правосилно Одобрение за градба кое одобрение се коси со новиот сега оспорен ДУП. Подносителот смета дека е невозможно да се платат комуналии, да се изгради објект и во меѓувреме истата општина да изврши промена на ДУП, на штета на подносителот.
Од наведените причини, подносителот наведува дека оспорениот ДУП не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, односно со донесениот ДУП се повредува принципот на владеењето на правото, како и принципот на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина.
Понатаму во иницијативата се наведува дека во конкретниот случај Општина Гевгелија издава одобрение за градба и потоа носи нов ДУП со кој се менува веќе донесеното правосилно одобрение, со што се повредува член 56 став 1, член 57 став 1 од Законот за градење, како и член 19 од Законот за урбанистичкото планирање.
Имено, Општина Гевгелија без ажурирана документациона основа донела нов ДУП иако со постоечкиот ДУП веќе било дадено одобрение за градење, кое се коси со новиот ДУП. Со новиот ДУП сите четири паркинг места му се поништуваат на иницијаторот, а со тоа истиот како инвеститор/градител на објект не ги исполнува условите од Законот за градење, и на тој начин Општина Гевгелија му го поништува правосилното одобрение за градење.
Поради изнесените аргументи, подносителот предлага Уставниот суд да ја уважи иницијативата и оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2 да ја укине.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање( „Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) Советот на Општина Гевгелија на седницата одржана на 17.02.2024 година ја донел оспорената одлука.
Во член 1 од Одлуката се предвидува дека со оваа одлука се донесува конечен предлог детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, Општина Гевгелија, плански период 2019-2024 година, со графички приказ на планот и текстуален дел на планот.
Според член 2 од истата одлука конечниот предлог детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, Општина Гевгелија, плански период 2019-2024 година од член 1 на оваа одлука зафаќа површина од 24,2 ха.Границите на планскиот опфат за предметниот ДУП за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, Општина Гевгелија се: на север границата се движи по осовината на постојната сервисна улица „Слободан Митров Данко“, на исток продолжува по осовината на сервисната улица „Борис Кидрич“, на југ се движи по осовината на собирната улица „Маршал Тито“, и на запад по осовините на станбените улици „Гевгелиски Партизански одреди“ и „ 7-ми Ноември“.
Согласно со член 3 од истата одлука со планот се утврдени следните класи намени: А-Домување, А1- Домување во станбени куќи, А2- Домување во станбени згради, А4-Времено сместување, Б-Комерцијални и деловни намени, Б1-Мали комерцијални и деловни намени, Б2-Големи трговски центри, Б4-Деловни простори, Б5-Хотелски комплекси, В-Јавни институции,В1-Образование,В3-Култура, В4-Државни институции, Д-Зеленило и рекреација, Д2-Заштитено зеленило, Е-Инфраструктури, Е1-Комунална инфраструктура(Улична мрежа и други инфраструктурни системи), Е2-Комунална супструктура (трафостаници, катна гаража, автобуска станица).
Според член 4 од оспорената одлука конечниот предлог детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, Општина Гевгелија, плански период 2019-2024 година се состои од текстуален и графички приказ кои се составен дел на оваа одлука.
Според член 5 од Одлуката конечниот предлог детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, Општина Гевгелија, плански период 2019-2024 година по усвојувањето се доставува на надлежните државни органи и институции утврдени со закон.
Во член 6 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на Општина Гевгелија“.
III
Во фаза на претходна постапка по барање на Уставниот суд Советот на Општина Гевгелија ја достави потребната документација и по увидот во истата се утврди следната фактичка состојба:
Изработката на предметниот план произлегува од Годишната програма за изработување на урбанистички планови на Општина Гевгелија за 2019 година, бр. 09-214/1 од 29.01.2019 година. Градоначалникот на Општина Гевгелија издал потврда со која се одобрува Планската програма, за изработка на Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, општина Гевгелија со технички број 12/2019 од март 2019 година.
Комисијата за урбанизам на Општина Гевгелија констатира дека урбанистичкиот план е усогласен со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање и прописите донесени врз основа на истиот и за него дава позитивно мислење.
По добивање на позитивно мислење за предлог планот од Комисијата за урбанизам, градоначалникот донел Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по предлог детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, општина Гевгелија бр.11-768/4 од 12.11.2019 година.
Градоначалникот на Општина Гевгелија донел Соопштение за одржување на јавна презентација и јавна анкета по Предлог Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, општина Гевгелија бр.11-768/5 од 12.11.2019 година.
Општина Гевгелија организирала јавна презентација по Детален урбанистички план за Блок 1.2, 2.1 и 2.2 КО Гевгелија, општина Гевгелија, на ден 22.11.2019 година со почеток во 11:00 часот во просториите на Народниот театар во Гевгелија. За организирањето на презентација е објавено соопштение во весникот „Нова Македонија“, на локалната телевизија ТВ Нова, локалната радио станица Тајм ФМ, а се објави соопштението и на веб страната на Општина Гевгелија и во електронскиот систем е-урбанизам. За одржувањето на јавната презентација беа известени надлежните институции кои ги вршат работите од областа на заштита на животна средина, заштита на културно наследство, заштита и спасување, енергетика, водовод и други институции утврдени со член 32 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Градоначалникот на Општина Гевгелија изготви ИЗВЕШТАЈ ОД ЈАВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА И ЈАВНА АНКЕТА за Детален урбанистички план за Блок 1.2, 2.1 и 2.2 КО Гевгелија, бр. 11-768/13 21.01.2020 год. По прифаќањето на дел од поднесените приговори Комисијата констатира дека со прифаќање на забелешките од јавната анкета предлог планот претрпува значајни промени поради што е потребно да се изврши нова јавна презентација и јавна анкета за Урбанистички план за Блок 1.2, 2.1 и 2.2 КО Гевгелија.
Градоначалникот на Општина Гевгелија донел Одлука за организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета за Детален Урбанистички план за Блок 1.2,Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија, бр.11-49/2 од 27.01.2020 година и истата да се одржи на 31.01.2020 година со почеток во 12.00 часот. Издадено е и Соопштение за одржувањето на истите и по кое поднесени се приговори од физички и правни лица.
Стручната комисија изготвила Извештај од спроведената јавна презентација и јавна анкета, дел од приговорите се прифатени дел не, за што во писмена форма секој од подносителите е известен. По разгледувањето на сите доставени забелешки и мислења комисијата за изготвување на Извештајот од спроведената јавна презентација и јавна анкета за Детален Урбанистички план за Блок 1.2,Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија, констатира дека постапката за изработка и донесување на планот може да продолжи.
Комисијата за урбанизам изготви Извештај бр.11-387/2 од 29.04.2022 година, во кој констатира дека по извршените корекции и вградените забелешки по спроведената втора јавна презентација и јавна анкета на предметниот план, истиот е усогласен со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и за него дава позитивно мислење.По добиеното мислење, градоначалникот на Општина Гевгелија поднел барање до Министерството за транспорт и врски за добивање Согласност.
Министерството за транспорт и врски со писмен допис бр.24-7764/1 од 19.11.2020 година ја извести Општина Гевгелија дека не ја издава бараната согласност за предметниот Детален урбанистички план со истакнати забелешки.
Стручната комисија по вградените забелешки констатира дека предлог деталниот урбанистички план има претрпено минимални промени во намени на земјиштето и регулациските линии , поради што донела Заклучок бр.11-387/3 од 03.05.2022 година со кој оцени дека нема потреба од организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета за Детален Урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија(плански период 2019-2024).
Градоначалникот на Општина Гевгелија со допис бр.11-387/11 од 17.10.2022 година побара повторно согласност од Министерството за транспорт и врски за предметниот план.
Министерството за транспорт и врски со писмен допис бр.21-5817/1 од 19.10.2022 година ја извести Општина Гевгелија дека не ја издава бараната согласност за предметниот Детален урбанистички план со истакнати забелешки.
Стручната комисија по прифатените забелешки по известувањето од Министерството за транспорт и врски донесе Заклучок бр.11-126/5 од 21.02.2023 година со кој констатира дека предлог деталниот урбанистички план има претрпено промени во регулационите линии заради што е потребно организирање на повторена јавна презентација и јавна анкета за Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија(плански период 2019-2024).
Градоначалникот на Општина Гевгелија донел Одлука за организирање на повторена јавна презентација и јавна анкета за Детален Урбанистички план за Блок 1.2,Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија, бр.11-126/1 од 21.02.2023 година и истата да се одржи на 27.02.2023 година со почеток во 12.00 часот. Издадено е и Соопштение за одржувањето на истите и по кое поднесени се приговори од физички и правни лица.
Комисијата за урбанизам изготвила Извештај бр.11-126/7 од 16.03.2023 година, во кој констатира дека по извршените корекции и вградените забелешки по спроведената трета јавна презентација и јавна анкета на предметниот план, предлогот на планот ќе претрпи промени во однос на регулационите линии и намени на земјиштето поради што е неопходно согласно член 35 став 13 од Законот за просторно и урбанистичко планирање повторно да се спроведе јавна презентација и јавна анкета.
Имено, токму по спроведената (3) јавна презентација и јавна анкета по предметниот урбанистички план од увидот во наведениот Извештај на Стручната комисија за урбанизам, во кој е дадено образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, меѓу повеќето дадени забелешки, е содржана и забелешката, односно барањето на Антонио Петровски кое се однесува на овозможување развој на објектот во ГП бр.1.2.173 и пристап до истиот од Ул.„Маршал Тито“. По однос на ваквото барање Стручната комисија во Извештајот констатира дека приговорот СЕ ПРИФАЌА делумно, и согласно добиеното позитивно мислење од НУ „Завод и Музеј“ – Струмица како надлежен орган за изработка на Заштитно Конзерваторски Основи за Деталниот урбанистички план за кое се дадени насоки за овозможување на развој на постојниот објект, барањето од страна на Комисијата се прифаќа. Во однос на барањето да се планира уште еден пристап до градежната парцела од Ул.„Маршал Тито“ истото НЕ СЕ ПРИФАЌА од причина што парцелата веќе има пристап и согласно тоа Комисијата смета дека нема потреба за пристап до парцелата од две страни.
Градоначалникот на Општина Гевгелија донел Одлука за организирање на повторена (4) јавна презентација и јавна анкета за Детален Урбанистички план за Блок 1.2,Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија, бр.11-126/10 од 05.04.2023 година и истата да се одржи на 12.04.2023 година со почеток во 12.00 часот. Издадено е и Соопштение за одржувањето на истите по кое се поднесени приговори од физички и правни лица.
Стручната комисија за урбанизам по спроведената четврта јавна презентација и јавна анкета за Детален Урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија(плански период 2019-2024) изготви Извештај бр.11-126/18 од 26.05.2023 година во кој констатира дека по предлог деталниот урбанистички план, а по спроведената четврта јавна презентација и јавна анкета, нема потреба од организирање на повторена јавна презентација и јавна анкета од причина што истиот е усогласен со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање и прописите донесени врз истиот и за него дава позитивно мислење.
Градоначалникот на Општина Гевгелија со допис бр.11-16/3 од 22.01.2024 година побарал повторно согласност од Министерството за транспорт и врски за предметниот план.
Министерството за транспорт и врски со писмен допис бр.21-610/1 од 24.01.2024 година ја известило Општина Гевгелија дека издава Согласност за Конечен предлог Детален Урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2-Општина Гевгелија(плански период 2019-2024) со плански опфат 24,24 ха, изработен од ИН-ПУМА Институт за урбанизам, сообраќај и екологија ДОО Скопје, со технички број 12/2019 од декември 2023 година.
На 17.02.2024 година, Советот на Општина Гевгелија , ја донел оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, бр.09-287/1 од 17.02.2024 година, донесена од Советот на Општина Гевгелија, објавена во „Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.5 од од 20.02.2024 година.
IV
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Во став 3 е предвидено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Амандманот XVII точка 1 од Уставот е пропишано дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници, учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Уставот предвидел дека уредувањето и хуманизацијата на просторот како темелна вредност на уставниот поредок се операционализира преку системот на просторно и урбанистичко планирање кој меѓу другите начела се темели и на начелото на заштита на јавниот интерес. За овој принцип се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбанистичките планови, поради што и законодавецот предвидел изречна одредба според која со урбанистичкото планирање задолжително се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон. Грижата за јавниот интерес се изразува и преку сложените постапки за донесување на урбанистичките планови, кои се изработуваат во различни фази и во постапка којашто треба да биде јавна, транспарентна и инклузивна, во која граѓаните непосредно учествуваат со давање на свои мислења и забелешки, со учество на стручни лица и вршење на стручна ревизија за да на крајот постапката заврши со давање согласност од надлежното министерство со што се потврдува дека планот е донесен согласно одредбите на Законот и прописите донесени врз основа на Законот.
Вака операционализираната темелна вредност во практиката се гарантира и заштитува преку друга темелна вредност преку владеењето на правото.
Ваквиот уставен стандард произлегува од таму што постапката за донесување на плановите се состои од вкупност на дејствија кои се преземаат последователно, при што законитото преземање на претходното дејствие е предуслов за законито преземено наредно дејствие во постапката и обратно, незаконитоста на дејствието преземено претходно ја доведува во прашање законитоста на сите други преземени дејствија.
Согласно со член 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/02), единици на локалната самоуправа се општините и своите надлежности ги извршуваат преку органи избрани непосредно од граѓаните.
Во глава III од Законот, насловена како „Надлежности на општините“, е содржан член 22 во кој е наведена листата на надлежностите на општините. Притоа, општините покрај другото, се надлежни за вршење на работите од областа на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште. Согласно став 2 на овој член, надлежностите од ставот (1) на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон, а во став 3 е уредено дека со закон се утврдуваат работите од надлежност на општината кои таа задолжително ќе ги врши.
Според член 32 став 1 од Законот, Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.
Од вака наведените уставни и законски одредби како и член 20 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека согласно начелото на супсидијарност, општините се надлежни само за она што со Уставот и закон е предвидено како нивна надлежност. Во насока на ова, основната улога и надлежност на општината како единица на локалната самоуправа е уредување и хуманизација на просторот преку урбанистичко планирање на истиот и таа улога се остварува со донесување урбанистички планови и програми. Своите надлежности општините ги остваруваат преку органите на општината (совет и градоначалник), а Советот е претставнички орган на граѓаните со точно пропишани законски надлежности.
Во Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 90/17, 64/18, и 168/18), кој бил во важност во време на спроведување на постапката за носење на оспорениот акт, меѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање (член 68) како и стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето ( член 28).
Од наведените законски одредби произлегува дека сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработка, донесување и спроведување на плановите да обезбедат похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и просторен развој на населените места и градби, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природа, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирање и уредување на просторот што е и интенција на Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Со Законот за просторно и урбанистичко планирање се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Законот за просторно и урбанистичко планирање во член 7 уредува дека во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Согласно член 11 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.
Понатаму, согласно член 16 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.
Според член 20 од Законот, за изработување на плановите од член 7 став 1 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна програма. Општините и Градот Скопје ја доставуваат програмата до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во службено гласило.
Постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-плански документации и урбанистичко-проектни документации се спроведува во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.
Согласно член 29 од Законот, просторниот план и генералниот урбанистички план се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план, а деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план за вон населено место се изработуваат во една фаза, како предлог на план.
Јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, на предлог на урбанистички план за село и на предлог на урбанистички план за вон населено место, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно член 33 на овој закон.
Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите го врши општината. Согласно со член 35 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање за одржување на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став (1) на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета, во кое задолжително се наведува називот на планот, времето и местото на одржување на јавната анкета, времето и местото на одржување на јавната презентација, местоположбата и површината на опфатот на планот како и имињата на улиците кои се во рамки на опфатот на планот, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета.
Јавната презентација и јавната анкета се спроведуваат со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во општината или во просториите на општината. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови ( во електронска или писмена форма).
Според Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: претставник на изработувач на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според член 35 став 11 од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 12, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Законот за градење во член 56 предвидува дека изведувањето на градби од членот 57 на овој закон може да започне со издавањето на одобрение за градење кое е правосилно во управната постапка.
Во член 58 став 1 од Законот за градење се предвидува дека градбите од прва категорија од членот 57 на овој закон се градби од значење за Републиката и одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Како дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање, законодавецот пропишал обврска за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистички план за вон населено место, при што за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија. Извештајот е составен дел на предлогот на планот и се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам. Врз основа на извештајот, стручната комисија е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став (1) на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Доколку стручната комисија оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Владеењето на правото како една од темелните вредности на правниот поредок предвидува дека сите учесници вклучени во постапката за урбанистичко планирање, а особено локалната самоуправа како носител на процесот на урбанистичко планирање, треба да го обезбедат системот на урбанистичко планирање преку континуиран процес на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на плановите бидејќи тоа е единствениот начин преку кој може да се обезбеди правната сигурност на граѓаните во важењето и спроведувањето на донесените акти додека постапката за суспендирање или неприменување поради усогласување треба да биде просторно и правно ограничена на исклучоци сè со цел да не се наруши континуитетот на планирањето.
Начелото на пропорционалност како една од основните компоненти на владеењето на правото, како темелна вредност на правниот поредок, предвидува дека сите правни акти, мерки или дејствија треба да бидат пропорционални, односно компатибилни на воспоставената цел и истите мора да бидат неопходни за да се постигне истата. Покрај ова, како важна компонента на начелото на пропорционалност е дека преземените мерки или дејствија не смеат да наметнуваат врз правните субјекти товар кој е прекумерен во однос на целта што се мисли да се постигне. Ова е општо прифатена дефиниција на начелото на пропорционалност во рамките на правото на ЕУ и меѓународното право.
Од прибавената писмена документација произлегува дека оспорената одлука е донесена во постапка спроведена во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во време на спроведување на постапката за нејзино донесување.
Имено, урбанистички план е јавен документ со кој се уредува организацијата, намената, формата и начинот на употребата на просторот и земјиштето, како и просторните и функционалните услови за изградба и употреба на планираните градби. Урбанистичките планови ги носи општината во кое истата ја изразува својата визија за просторот, односно својот план со кој го планира просторот, што значи дека при постоење на нови елементи или нови околности, општината може истите да ги инкорпорира . Имено, според член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање со донесувањето на нов урбанистички план престанува да важи постојниот план. Токму оваа законска одредба, според нас, упатува на правото на општината по нејзино наоѓање и оценка, како планер на просторот да може во секое време доколку се јави потреба за тоа во нова постапка, спроведена согласно Законот за урбанистичко планирање, да донесе нов детален урбанистички план со што не се повредува член 28 став 2 од Законот.
Според член 28 став 1 точка 3 од истиот закон, планирањето на просторот се врши за период од најмалку 5 години за ДУП. Во член 28 став 2 од истиот закон, се предвидува дека со донесувањето на нов Просторен план на Републиката и нов урбанистички план, престанува да важи постојниот план.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, утврдената фактичка состојба врз основа на доставената документација, како и наводите во иницијативата, Судот оцени дека постапката за донесување на Одлуката за конкретниот Детален урбанистички план е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имено, од одговорот и доставената документација од страна на Советот на Општината, произлегува дека наводите во иницијативата дека при донесувањето на оспорената одлука не биле почитувани одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, не се основани.
Подносителот во иницијативата наведува дека со оспорениот урбанистички план биле направени измени кои се на штета на подносителот на иницијативата кој претходно, според стариот урбанистички план, имал добиено одобрение за градење од градоначалникот на Општина Гевгелија, но со новиот урбанистички план се менува намената на просторот за кој истиот го добил одобрението. Имено, подносителот на иницијативата наведува дека согласно добиеното одобрение „САС Инвест “ ДООЕЛ Гевгелија како градител обезбедил паркинг место за секоја станбена единица, но Општина Гевгелија одобри влез од Ул.„Маршал Тито“, кој се наоѓа помеѓу ГП 1.2.172 и ГП 1.2.171 за да може да се влезе во ГП 1.2.173 широк 4,5 м.
Со сега оспорениот Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, Општина Гевгелија преку ангажираното друштво ИН-ПУМА за ГП 1.2.173 тој простор го доделува на ГП 1.2.172 и на тој начин издаденото одобрение се става вон сила. Имено, видно од проектот, подносителот на иницијативата има паркинг место кое со новиот, сега оспорен урбанистички план се оневозможува да се изведе бидејќи на негово место е предвиден пат за соседот преку недвижен имот на подносителот, на место каде Општина Гевгелија одобрила паркинг место помеѓу двата постоечки објекти.
Ценејќи ги истакнатите наводи, Судот оцени дека истите не може да ја доведат под сомнение согласноста на оспорената одлука со уставните одредби на кои се укажува во иницијативата, ниту пак со одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Ова, од причина што член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистчко планирање уредува дека со донесувањето на нов урбанистички план престанува да важи постојниот план. Токму оваа законска одредба, според Судот, упатува на правото на општината по нејзино наоѓање и оценка, како планер на просторот да може во секое време доколку се јави потреба за тоа во нова постапка, спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, да донесе нов детален урбанистички план.
Така, Општина Гевгелија во нова постапка спроведена согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање ја донела оспорената одлука. Притоа, видно од приложената документација неспорно произлегува дека Општината во една транспарентна постапка по спроведување на повеќе јавни презентавции и јавни анкети ( дури 4) им е дадена можност на сите заинтересирани лица, меѓу кои и подносителот на иницијативата, да дадат забелешки и приговори.
Од увидот во Извештај на Стручната комисија за урбанизам, број бр.11-126/7 од 16.03.2023 во кој е дадено образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, неспорно произлегува дека и подносителот, односно Антонио Петровски како сопственик на објект на катастарска парцела во сопственост на Република Северна Македонија доставил приговор со барање за овозможување развој на објектот и пристап од ул.„Маршал Тито“ со образложение дека Општината веќе има издадено Одобрение за градба на објектот на инвеститорот ДГИТУ „САС ИНВЕСТ“ , Дооел Гевгелија, правно лице во негова сопственост. Во прилог на приговорот било доставено и Стручно мислење од НУ „Завод и Музеј“ од Струмица во кое истото се изјаснило дека објектот не е валоризиран и ги изгубил својте вредности, и поради постоење на Одобрение за градба Комисијата одлучи тој дел од приговорот да се прифати. Но, по однос на барањето пристап од ул.„Маршал Тито“ Стручната комисија оцени дека барањето не може да се прифати од причина што за градежната парцела е обезбеден пристап од сообраќајницата на западната страна, објектот не излегува директно на оваа улица истиот се наоѓа во внатрешноста и формирање на нова раскрсница и нова пристапна улица не е можно.
По спроведената јавна презентација и јавна анкета до подносителот на иницијативата ДГИУТ „САС“ Дооел –Гевгелија, Општина Гевгелија постапувајќи согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање доставила Известување бр.11-944/2 од 01.12.2013 година со кое се известува подносителот на иницијативата дека пристапувањето до ГП бр.1.2.173 од ул.„Маршал Тито“ се планира преку пешачка патека со ширина од 3,00 м и истата се третира како јавна површина.
Ваквите измени се инкорпорирани во Конечниот предлог план, а во фаза на јавна презентација и јавна анкета по истиот(чеврта по ред) не е доставен приговор од страна на подносителот на иницијативата, по кое од Министерството за транспорт и врски е добиена потребната согласност и е донесена оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Блок 1.2, Блок 2.1 и Блок 2.2, бр.09-287/1 од 17.02.2024 година.
Оттука, Уставниот суд нема надлежност да ја преиспитува целисходноста и оправданоста на предложените плански решенија, туку таква улога има стручната комисија која е надлежна да постапува по забелешки и предлози од граѓаните и да одлучува за нивната оправданост или неоправданост, како што, видно од доставената документација е постапено од страна на Општина Гевгелија. Имено, клучно за постапката во која е донесен оспорениот план е транспарентноста во смисла на запознавање на граѓаните со планските решенија, за да се овозможи на граѓаните преку анкетни листови да достават свои предлози и забелешки, што во случајов е сторено и со тоа е испочитувана целата постапка за донесување на оспорената одлука предвидена и уредена во Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во време на нејзиното спроведување.
По однос на наводите во иницијативата дека Општина Гевгелија без ажурирана документациона основа ја донела оспорената одлука, Судот оцени дека се неосновани. Имено, во член 5 од Законот децидно е уредено значењето на изразите употребени во овој закон, па така во алинеја 17 од наведениот член е уредено дека ажурирани геодетски подлоги се катастарски планови во соодветен размер, со приказ на постојна состојба на земјиштето, катастарските парцели, градби и податоци за инсталациите (подземни, надземни, воздушни), со ивелациони коти на теренот,
Од увидот во доставената документација произлегува дека Општина Гевгелија во фаза на донесување на предметниот урбанистички план во целост ги испочитиувала сите фази во постапката, а со тоа и одредбите во Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова од причина што, планот е изработен врз основа на Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени за ажурирана геодетска подлога КО Гевгелија изготвено од страна на Друштво за геодетски работи, проектирање, инженеринг и консалтинг „ГЕОМАТИКА“ ДОО увоз-извоз Скопје број 0801-32/3-2019 од 05.03.2019 година и заверен од Агенцијата за катастар и недвижности .
Оттука, според Судот не е направена повреда на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 и член 51 од Уставот, на кои се повикува подносителот во иницијативата, како и на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски