Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.219/2024
Скопје, 12.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 став 3 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023).
Образложение
I
Благица Весковска, адвокат од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителката на иницијативата смета дека оспорените одредби од член 2 став 3 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023) не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човековите права.
Во иницијативата подносителката ги изложува причините за оспорување на одредбите од Законот, по што предлага Уставниот суд истите да ги поништи како спротивни на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека оспорениот член 2 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023), уредува
„Член 2
Членот 368 се менува и гласи:
„(3) Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.“
Судот, утврди и дека според оспорениот член 4 од истиот закон „Започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во членот 2 од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон.”
III
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата се оспорува член 2 став 3 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи (Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023).
Разгледувајќи ја предметната иницијатива и одредбите од Законот коишто се оспоруваат, Судот утврди дека постапувајќи по претходно поднесени иницијативи, Уставниот суд со Одлуката У.бр.98/2024 и 139/2024 од 25 септември 2024 година, во целина ги укина член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023).
Имајќи предвид дека предметно оспорените одредби не се повеќе во правниот поредок, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски