У.бр.104/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.104/2024
Скопје, 12.02.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 245 став 3 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 14/2020, 86/2020, 136/2020 и 154/2023).

Образложение

I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 245 став 3 од Законот за извршување.

Подносителот во иницијативата наведува дека со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судската одлука која гласи на исполнување на обврска, на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, како и  нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

Во иницијативата се наведува дека во делот од Законот во кој се регулира испитот за извршители, како и условите за полагање на истиот, се наоѓа и оспорениот член 245 став 1 во кој е пропишано дека испитот за извршители може да го полагаат диплoмирани правници со завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1 или 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Северна Македонија кои имаат најмалку пет години работно искуство на правни работи, во став 2 е наведено дека кандидатите треба да достават доказ за уплатен износ на предвидените средства за полагање на испитот.

Подносителот наведува дека ставот 3 кој пропишува дека министерот ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испит за извршител, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, изготвување на материјали и покани, уверенија и надоместок за работата на членовите и секретарот на Комисијата која го спроведува испитот и изготвување на уверенијата, е спорен и истиот не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3 и член 91 став 1 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата подносителот ги цитира уставните одредби со кои смета дека оспорената одредба е во спротивност.

Притоа, наведува дека од анализата на горенаведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт.

Подносителот на иницијативата смета дека овластувањето на министерот за правда да ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испит за извршител, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, изготвување на материјали и покани, уверенија и надоместок за работа на членовите и секретарот на Комисијата која го спроведува испитот за извршители и изготвување на уверенијата, нема уставна основа.

Понатаму, подносителот наведува дека во Законот за извршување не постои дел во кој се содржани мерила и критериуми за определување на какви било трошоци, од што произлегува дека со оспорената одредба се дава овластување на министерот за правда, да ги определи трошоците, надоместокот за работа на членовите и секретарот на Комисијата која го спроведува испитот како и овластување да ги утврди самите критериуми и мерила за определување на трошоците и надоместокот за работа.

Со ваквото пропишување во оспорената одредба, според подносителот, извршната власт навлегува во законодавната власт.

Подносителот на иницијативата наведува дека имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, нејасно е со каков вид на акт министерот ќе ги определи трошоците предвидени во истата. Следствено на ова, според подносителот, се поставува прашањето дали министерот со општ акт или со поединечен акт – решение, ќе ги определи тие трошоци, и во тој случај кој би бил органот кој би постапувал по изјавен правен лек против тоа решение.

Поради сето погоре наведено подносителот наведува дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите од Уставот, врз основа на што бара од Уставниот суд да поведе постапка и ја да укине.

II

На седницата Судот утврди дека според 245 став 3 од Законот за извршување, министерот ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испит за извршител, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, изготвување на материјали и покани, уверенија и надоместок за работата на членовите и секретарот на Комисијата која го спроведува испитот и изготвување на уверенијата.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република северна Македонија.

Согласно со член 51 во Република Северна  Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно со член 110 алинеja 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02, 13/06, 82/08, 167/10, 36/11 и 51/11 и „Службен весник на Република Северна Македонија” 96/19, 110/19, 154/19 и 121/2024), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Согласно со член 61 став 1 од истиот закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 245 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 14/2020, 86/2020, 136/2020 и 154/2023), испитот за извршители може да го полагаат дипломирани правници со завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1 или 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија кои имаат најмалку пет години работно искуство на правни работи. Според став 2, кандидатите треба да достават доказ за уплатен износ на предвидените средства за полагање на испитот. Согласно став 3 од истиот член министерот ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испит за извршител, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, изготвување на материјали и покани, уверенија и надоместок за работата на членовите и секретарот на Комисијата која го спроведува испитот и изготвување на уверенијата. Според став 4, трошоците за полагање на испит се уплатуваат на сметката на сопствени приходи на Министерството. Став 5 пропишува дека трошоците доколку не се уплатени на соодветната сметка на Министерството, најдоцна седум дена пред денот определен за полагање на испитот, на кандидатот нема да му се дозволи полагање на испитот. Додека пак во став 6 се пропишува дека ако кандидатот во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства му се враќаат согласно со закон.

Во оспорениот член 245 став 3 од Законот за извршување, министерот ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испит за извршител, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, изготвување на материјали и покани, уверенија и надоместок за работата на членовите и секретарот на Комисијата која го спроведува испитот и изготвување на уверенијата.

Според член 249 став 1 од истиот закон, испитот се состои од устен и писмен дел.

Според член 251 од истиот закон, испитот за извршител ce полага пред Комисија, формирана од министерот за правда, составена од пет членови, нивни заменици и секретар. Според став 2 од истиот член, членовите на Комисијата и нивните заменици ги именува министерот за правда и тоа по еден од редот на извршителите, нотарите, судиите, професорите од правните факултети акредитирани во Република Северна Македонија и од редот на вработените во Министерството за правда кои работат на соодветната област.

Во претходна постапка е прибавено мислење од Владата на Република Северна Македонија во однос на наводите на иницијаторот.

Согласно истото, со одредбата од член 245 став 3 од Законот за извршување, јасно се дадени критериумите за утврдување на висината на реално направените трошоци за полагање на испитот за извршител, кои ги опфаќаат потребните средства за материјали и покани за одржување на испитот, разгледување на документите, доставени од кандидатите за полагање на испитот, трошоците за изготвување на уверенија за положен испит за извршител во кои се опфатени трошоците за набавка на хартија и печатење на уверенијата кои им се даваат на кандидатите кои го положиле испитот за извршител, како и надоместокот за членовите и секретарот на Комисијата за полагање на испитот за извршител.

Судот го имаше предвид мислењето на Владата и врз основа на  сопствена уставно-правна анализа, утврди дека оспорената одредба дава јасни критериуми за утврдување на висината на реално направените трошоци за полагање на испитот за извршител, бидејќи истата набројува видови на трошоци кои може да се појават при спроведување на испитот, а кои исто така е потребно да бидат реални.

Во однос на наводот на подносителот на иницијативата дека во оспорената одредба не е јасно наведено за тоа каков вид на акт донесува министерот за правда при утврдување на висината на реално направените трошоци за полагање на испитот за извршител, Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што во член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, јасно и прецизно е наведено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Во прилог на наведеното оди и мислењето на Владата каде што е наведено дека министерот за правда донесува решение со кое се определува износот кој кандидатите треба да го платат за полагање на испитот, како и дополнително со решение го определува надоместокот на членовите и секретарот на Комисијата за полагање на испитот за извршители, кој се исплатува од паричните средства кои ги уплатуваат кандидатите за полагање на испитот, а со кои се покриваат сите трошоци за материјали за спроведување на испитот, покани, уверенија и надоместоците за членовите на Комисијата за полагање на испитот.

Судот оцени дека во конкретниот случај станува збор за законско овластување на министерот за утврдување на висината на реално направените трошоци кои паѓаат на товар на барателите, и не станува збор за утврдување на права и обврски за граѓаните бидејќи согласно со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Од анализата на наведените законски одредби, Судот оцени дека законодавецот точно дефинирал кој и како може да полага испит за извршител, како и критериумите врз основа на кои се утврдуваат трошоците кои произлегуваат од постапката за спроведување на испитот. Оттука, Судот оцени, дека во конкретниот случај станува збор за реални трошоци што се должат на извршените дејствија при реализација на испитот, кои претставуваат исплата на соодветен паричен износ за кои постои законска рамка, како што е определено во член 96 од Уставот.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски