Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), по гласањето против Одлуката У.бр.239/2024, со која Уставниот суд, на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, утврди повреда на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување на подносителот на барањето, Сали Мурат, пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, сторено со дејство од страна на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, писмено го образложуваме нашето несогласување со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
1. По повод барањето на пратеникот Сали Мурат, на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, Уставниот суд со Одлука У.бр.239/2024, одлучи да утврди повреда на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Несогласни со мнозинството судии, сметаме дека наводите во барањето беа неосновани и дека Судот требаше да го одбие истото, поради што гласавме против и со почит ја искажуваме нашата несогласност со аргументите од предметната одлука.
Пред да го образложиме нашето издвоено мислење, уште на самиот почеток ја нагласуваме контрадикторноста помеѓу диспозитивот на Одлуката и самото образложение. Имено, во диспозитивот на Одлуката се наведува повредата на слободата на јавно изразување на мислата и повредата на политичко дејствување. При тоа, не е наведено со кои дејствија или поединечни акти тоа е сторено. Дејствието или актот претставуваат и го сочинуваат битието на повредата, се разбира, ако истата е сторена. При неспорниот факт, дека диспозитивот на секоја одлука претставува извршен наслов, диспозитивот на оваа одлука нема опис на дејствието, а со тоа нема ипрестација. Со образложението на одлуката се оправдува и се образложува диспозитивот на одлуката, а не него го нема.
2. Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата наведува дека тој како пратеник во Собранието, на 5 август 2024 година, поднел два поднесоци со пратенички прашања адресирани до претседателот на Собранието, при што е назначен органот, односно функционерот на кој се однесуваат поставените прашања. Во првиот поднесок, кој се однесувал на Министерството за култура и туризам се содржани вкупно осум прашања во врска со изградбата на нов турски театар додека вториот поднесок се однесувал на министерот за внатрешни работи, во врска со барањата на државјанини на Република Турција за стекнување државјанство на Република Северна Македонија.
На 2 септември 2024 година на подносителот му е доставен допис од претседателот на Собранието под бр.08-3906/2 и бр.3907/2 од 12 август 2024 година, дека пратеничките прашања доставени до претседателот на Собранието на 5 август 2024 година, не се доставени до министерот за внатрешни работи (прашање под архивски број 08-3906/1) и Министерството за култура (прашање под архивски број 08-3907/1), со образложение дека „согласно востановената собраниска пракса, пратениците ги поставуваат пратеничките прашања до претседателот на Владата и до членовите на Владата по истекот на сто дена од изборот на Владата на Република Северна Македонија“. Во прилог на дописот, доставени се: допис на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски под бр.08-1590/2 од 11 март 2016 година до Нора Алити, тогашна пратеничка и дописот на поранешениот претседател на Собранието, Талат Џафери под бр.08-2884/2; 08-2885/2 од 15.09.2020 година до Антонијо Милошоски, тогашен пратеник во Собранието, со што се укажува дека со подносителот на барањето е постапувано идентично како и со пратеници од претходни собраниски состави, а со цел да се укаже и потврди доследноста и конзистентноста во почитувањето на собраниската пракса.
3. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи е предвидено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислењето и слободата на примањето и пренесувањето информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.
Имено, правото на слобода на изразување им е гарантирана на граѓаните со меѓународни правни акти за човековите права како Универзалната декларација за човековите права. Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права, Европската конвенција за заштита на човековите права и други акти, кои се ратификувани од страна на Република Македонија, притоа гарантирајќи и регулирајќи заштита на правото на слобода на изразување. Со тоа нашата држава презеде обврска за почитување, гарантирање и заштита на човековите права и слободи на изразување, кое во исто време е инкорпорирано во членот 16 од Уставот на Република Македонија. Имајќи предвид дека правото на слобода на изразување е уставна категорија, ова право понатаму е уредено преку низа закони и други акти. Во таа насока нашата земја има развиено правна и институционална рамка која треба да овозможи реализирање на ова право и да го разграничи од сличните и блиски концепти како говорот на омраза и клеветата и навреда.
Од анализата на цитираната уставна одредба произлегува дека непосредната уставно-судската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд според член 110 алинеја 3 од Уставот. Поаѓајќи од фактот дека уставната функција на Уставниот суд е да ги штити правата на човекот и граѓанинот, дека Уставот утврдува и дефинира во член 110 алинеја 3 непосредно и директно остварување на таа функција, произлегува дека на тој начин уставотворецот воспоставил уставно-судска заштита според начелото дека апсолутно сите акти и дејствија на државната власт, (поточно од носителите и органите на трите власти – законодавната, извршната и судската) на ист начин подлежат на оцена на нивната уставност, како и на уставно-судска санкција кога се во прашање правата и слободите на човекот и граѓанинот.
Уставот ја гарантира слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување, на начин кој е генерален за сите поединци, но ова не значи дека не постои никакво ограничување при манифестирањето на оваа слобода и право. Границите на манифестирањето на оваа слобода и право за поединецот се наоѓаат во законски санкционираните дејствија, при што во уставно-правен спор се утврдува дали постои повреда на загарантираната слобода на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување преку санкционирање или ограничување во нејзината манифестација.
Оттука, во конкретен случај како овој, каде дополнителна специфичност се јавува кога овие слободи и права се поврзани со поединец кој извршува политичка функција, како во случајов пратеник во Собранието, Уставниот суд цени дали вака загарантираните уставно права биле повредени со дејствие на носителот на законодавната власт или пак овие права не го исполнуваат критериумот да добијат директна уставно-судска заштита. По наше длабоко уверување во конкретниов случај, со дејствијата и постапувањето на претседателот на Собранието апсолутно не може да стане збор за повреда на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување како што тврди подносителот на барањето, односно како што утврди мнозинството судии.
4. Нашите аргументи против Одлуката на мнозинството судии се следниве:
Прво, се согласуваме со аргументот на мнозинството даден во одлуката дека Уставот, Законот за Собранието и Деловникот на Собранието на содржат ниту една норма со експлицитно ограничување пратенички прашања да не се поставуваат или доставуваат во првите 100 дена од изборот на Владата, до неа или до министерствата. Но потребно е да се наведе дека постои токму таква пракса на која се повикал претседателот на Собранието, со дополнителни факти и докази дека истата била доследно почитувана во претходните состави на Собранието. Одлика на една стабилна, зрела демократија, е да се почитуваат и негуваат традициите и воспоставените практики како “100 дена Влада” кои како “непишани” но значајни за парламентаризмот правила ја сочинуваат суштината на парламентарните демократии, бидејќи создаваат општоприфатени парламентарни стандарди. Покрај наведеното, воспоставента собраниска пракса за одговор на поставените пратенички прашања, е потполно компатибилна со собраниската постапка за интерпелација за работата на претседателот и членовите на владата, според која пред да истечат 100 дена од изборот на владата, истата не може да се поднесе. Имено, во образложението на одговорот на претседателот на собранието дека „согласно востановената собраниска пракса, пратениците ги поставуваат пратеничките прашања до претседателот на Владата и до членовите на Владата по истекот на сто дена од изборот на Владата на Република Северна Македонија“, е потполно идентична и е во рамките на легитимното постапување. Ова од причина што, периодот од 100 дена претставува соодветен период за прилагодување на новите членови на владата со фактичката состојба која ја затекнуваат, запознавање со започнатите постапки и проекти, за потребната анализа на определување на насоките за понатамошно работење.
Не се согласуваме со аргументот на мнозинството судии дека во конкретниот случај станува збор за неисполнување на првиот услов предвиден во т.н тест на нужност во демократско општество, кој според одлуката на судот, го применува Европскиот суд за човекови права со цел да оцени дали ограничувањето било оправдано, дали постои вмешување во слободата на јавно изразување на мислата и правото на политичко дејствување на подносителот на барањето. Непроследувањето на поставените пратенички прашања на подносителот на барањето од 5 август 2024 година од страна на претседателот на Собранието до Министерството за култура и туризам и министерот за внатрешни работи како дел од предвидената постапка во вакви случаи, не претставува мешање бидејќи во ниту еден случај под никакви околности подносителот на иницијативата не бил спречен да ја изразува мислата јавно ниту политички да дејствува. Имено, на подносителот на барањето му биле достапни сите можности за јавно изразување на мислата и политички да дејствува и тоа преку јавен настап од собраниска говорница, одржување на прес-конференција во просториите на собранието, надвор од собранието, присуство во медиуми, користење на социјални мрежи, користење на транспаренти во собранието, и многу други начини достапни за пратеници на собранието. Суштината на функцијата и должноста која подносителот на барањето ја извршува, е од чисто политичка природа и подразбира слободно политичко делување. Во тој контекст, наводите дека му е ограничено правото на политичко дејствување се апсурдни. Наведената практика на ЕСЧП е целосно несоодветна и неприменлива во овој конкретен случај, што за жал беше игнорирано од мнозинството судии. Оттука, според наше мислење, би претставувало непропорционално вмешување во слободата и правото на политичко дејствување на барателот доколку претседателот на собранието постапувал на сличен начин како што постапиле претседателите на собранијата, кои во рефератот се наведени како судска пракса на Европскиот суд за човекови права, и тоа во предметите Karácsony and others v.Hungary (Апликации бр. 42461/13 и 44357/13), кога Eвропскиот суд за човекови права, утврдил повреда на член 10 од Конвенцијата (слобода на изразување) и Castells v. Spain (23 април 1992, бр.236), каде што апликантите биле изложени на санкции поради начинот на кој ја изрзиле нивната мисла. Во првиот случај пратениците биле парично казнети со образложение дека истакнатиот транспарент претставувал тешка повреда на редот во Парламентот, додека во случајот Casstela против Шпанија Судот утврдил дека кривичното гонење на пратеник за наводна навреда на Владата е сериозна закана за слободата на изразување, бидејќи мислењето на апликантот било искажано во политички контекст, каде што и лежи суштината на демократијата.
Со самиот фактот што во конкретниот случај, подносителот на барањето не бил изложен на санкција од страна на претседателот на Собранието, со самиот факт што во идентична правна и фактичка состојба во примери од минатото не е утврдено различно постапување од постапувањето во конкретниов случај (како компаратор), со фактот дека подосителот на барањето уредно бил известен за причините за непостапувањето по неговите пратенички прашања, а подоцна по повторно поднесени барања барателот ги добил одговорите на поставените прашања согласно собраниската пракса, сметаме дека апсолутно не може да стане збор за недозволено мешање во слободата за јавно изразување на мислата и правото за политичко дејствување. Во конкретниот случај барателот е тој што со поднесеното барање, но и со одлука на мнозинството судии за жал, всушност повредува долгогодишна практика на Собранието со што се задира во основите на парламентаризмот, парламентарната демократија и стандардите кои таа ги изградила. Барателот а и мнозинството судии морале да имаат предвид дека во хипотетична ситуација токму барателот како пратеник во иднина може да се најде во обратна ситуација, да биде дел од Влада и да му бидат доставени пратенички прашања, или пак во улога на претседател на Собранието пред истекот на парламентарниот џентламентски непишан стандард пратенички прашања да не се доставуваат во првите 100 дена од избор на Влада, пришто се поставува прашањето како би постапил во таква ситуација, од што произлегува и дилемата за нас, дали намерата и легитимната цел и на барателот и на мнозинството судии со нивната одлука е всушност насочена кон отстранување на собраниската пракса?
Дополнително, Уставниот суд во предметот У.бр.116/2017 има утврдено дека на лицата Гоце Марковски и Гораст Муратовски, двајцата од Скопје, им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Според Судот, “дејствието на лишување од слобода на членовите на мирниот протест, односно преземање на дејствие од страна на припадниците на полицијата „ставање лисици на рацете“, според фактите кои се изнесени во барањето, како и од извештајот на Министерството за внатрешни работи, а што се потврди и од доказите, односно исказите на присутните на јавната расправа, претставува повреда на правото на слободно изразување на мислата, бидејќи со наведеното дејствие преземено од припадниците на полицијата по однос на припадниците на групата од мировниот протест им било попречено носењето на транспарентите во кои била изразена нивната мисла”.
Уставниот суд во предметот У.бр.16/1992 го одби барањето на Ратко Црвенковски и Ѓуро Пауновски од Скопје за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Според Судот “Од наведените уставни одредби произлегува дека содржината на слободата на јавното изразување на мислата, а со тоа и предметот на заштита од страна на Уставниот суд, не е ограничена само на човековото мислење како внатрешен психолошки процес на расудување за природните и општествените појави што го опкружуваат, туку се однесува на слободата на човекот она што го мисли и да и го соопшти на јавноста”.
Од ваквите ставови на Уставниот суд, како и од ставовите во наведената пракса на ЕСЧП, евидентно и јасно произлегува дека не може да стане збор за повреда на слободата на изразување на мислата од барателот Сали Мурат, бидејќи пратеничкото прашање се поставува со цел добивање на одреден одговор кој потоа може политички и јавно да биде експлоатиран и пратеничкото прашање не може да преставува слобода на изразување на мислата, со него не се изразува мисла со него се прашува! Во таа смисла слободата на политичко делување и слободата на јавно изразување на мислата не била попречена на барателот Сали Мурат, тој на ниеден начин ниту бил попречен, ниту ограничен од претседателот на Собранието слободно да и соопшти на јавноста што мисли, дали е согласен или не со собраниската пракса, да критикува, итн. Дополнително укажуваме дека барателот Сали Мурат не претрпел никаква санкција или казна за да тврди дека слободата на јавно изразување на мислата и на политичко делување му била повредена како во наведените случаи од ЕСЧП.
Во овој контекст освен што апсолутно беше погрешен пристапот на мнозинството судии во нивните правни толкување на конретниот случај, тие неосновано се повикаа и на т.н трипартитен тест, кој произлегува од самата формулација на ставот 2 на членот 10 од Европската Конвенцијата кој се состои во испитување дали ограничувањето на слободата на изразување е пропишана со закон, е насочено како остварување на легитимна цел и дали е „неопходно во едно демократско општество“, од причина што за вакви повреди воопшто не може да стане збор за истите да бидат тестирани и оценувани.
Во контекст на претходно изнесеното, сметаме дека аргументот на мнозинството судии дека вмешувањето на претседателот на собранието не било заосновано на закон односно на Деловникот на Собранието, е неоснован. Ова од причина што во конкретниот случај, најпрвин не постои вмешување од страна на претседателот на собранието, подносителот на барањето да ги реализира уставно загаранитаните слободи и права, на кои се повикува, за да потоа да се анализира дали истото е правно основано или не. За да постои вмешување потребно е да постои директно дејство на претседателот на собранието со која подносителот на барањето бил спречен да ги реализира наведените слободи и права, или санкција и казна за неговото постапување. Имено, на подносителот на барањето како и сите граѓани на државата и на пратеници во собранието им стојат на располагање многу други можности и начини за стекнување односно добивање на информации за работата на одредена институција од државната власта. Една од тие можности е поднесување на Барање за пристап до информации од јавен карактер, можност неискористена од страна на подносителот на барањето. Судот, при донесување на одлуката за утврдување на повреда, требало да ја има предвид и ова околност бидејќи за да станува збор за повреда на уставно загрантирано право, потребно е да се искористат сите средства и можности кои ги предвидува системот за пристап до информации.
Исто така, сметаме дека аргументот во одлуката на мнозинството судии дека претседателот на собранието во одговорот не навел ниту еден од основите за ограничување на слободата на јавно изразување на мислата, предвидени во член 10 став 2 од Европската конвенција, како што се: државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството, е не соодветен бидејќи пристапот до бараните информации да беше инкомпатибилен со наведените основи за ограничување на наведената слобода, подносителот на барањето никогаш немаше да ги добие. Напротив, подносителот на барањето на 2 октомври 2024 година повторно ги поднел истите пратенички прашања до министерот за внатрешни работи и Министерот за внатрешни работи со допис бр.16.1-1383/2 од 31.10.2024 година до Собранието доставил одговори на овие пратенички прашања, додека Министерството за култура и туризам со допис со арх.бр.50-8924/2 од 30.10.2024 година одговорил на пратеничките прашања на подносителот, со што барањето на подносителот станало беспредметно. Имено, претходното постапување на претседателот на собранието, што подносителот на барањето го смета за вмешување а мнозинството судии со одлука утврди дека е така, било во насока на испочитување на воспоставената собраниска пракса, и во ниту еден случај не може да се толкува дека истото претставува вмешување во реализирање на слободата на јавно изразување на мислата и правото на политичко дејствување. Но, ако поднесувањето на пратеничките прашања на подносителот на барањето, се анализира од перспектива на легитимните цели, тогаш прашањето што се поставува е која била легитимната цел на подносителот на барањето? Од одлуката на судот, може да се утврди дека легитимната цел бил да се добијат одговорите на поставените пратенички прашања, за да истите да ги користи за политичко дејствување. Но, до пред поднесување на барањето, подносителот ги добил одговорите на поставените пратенички прашања и тоа на ден 2 октомври 2025, непосредно 2 дена пред поднесување на барањето. На овој начин мнозинството судии погрешно утврди повреда во околности кога легитимната цела на поставените пратенички прашања е постигната и не може да се тврди дека претседателот на собранието со претходно непроследувањето на пратеничките праша се вмешал во реализирање на наведените слободи и права на подносителот на барањето, загранатирани со Уставот. Напротив, ваквото постапување на барателот да поднесе барање до Уставниот суд е тенденциозно и спротивно на воспоставената собраниска пракса, односно насочено е против истата.
Со оглед на тоа дека во конкретниот случај постапување на претседателот на Собранието не може да се толкува како вмешување, сметаме дека не постои ни потреба за анализа на тоа дали вмешувањето е можно или не.
5. Во контекст на изнесеното, цениме дека Судот требаше да ја одбие барањето за повреда на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот сторена со дејствие од страна на претседателот на собранието.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски
Судија на Уставниот суд,
д-р Осман Кадриу