У.бр.180/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.180/2024
Скопје, 04.12.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 62 став 2 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 42/2020).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019).

Образложение

I

Љупчо Докузов, адвокат од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби означени во диспозитивот на Решението.

Подносителот на иницијативата наведува дека член 38-а од Законот за судовите, како и член 62 став 2 од Законот за јавното обвинителство се во спротивност со член 8, член 9 став 1, член 32 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со оспорените одредби од Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство се уредува надлежноста и предметот на работа на новоизбраните судии и јавни обвинители.

Во член 38-а од Законот за судовите е предвидено дека судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од член 30 од овој закон.

Со член 62 од Законот за јавното обвинителство на Репбулика Северна Македонија е предвидено дека јавен обвинител во основно јавно обвинителство со јавнообвинителски стаж до три години, може да постапува во основното јавно обвинителство во кое е избран само по предмети за кои е пропишана надлежност за постапување на основните судови со основна надлежност.

Понтаму, подносителот го цитира член 30 од Законот за судовите со кои е уредена стварната надлежност на судовите, од каде член 30 подетално го разработува следното:

Основните судови со основна надлежност за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат во прв степен по кривични дела и прекршоци, и тоа: за кривични дела за кои со закон како главна казна е определена казна затвор до пет години, ако за некои кривични дела не е предвидена надлежност на друг суд;за кривични дела за кои со посебен закон е определена надлежност на суд со основна надлежност; за сите видови на прекршоци, освен за прекршоци кои со закон се ставени во надлежност на орган на државна управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања и за жалби и приговори за постапките за кои се надлежни овие судови.

Основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен по граѓански спорови, и тоа: за спорови во имотноправните и други граѓанско-правни односи на физички и правни лица, чија вредност е до 50.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд; за спорови за утврдување и оспорување на татковство, мајчинство, утврдување на постоење на брак, за поништување на брак и развод на брак; за законска издршка; за чување и воспитување на деца; за смеќавање на владение; за доживотна издршка; за надоместок на штета која не надминува 50.000 евра во денарска противвредност; во постапка за обезбедување и извршување; за работни односи; во спорови од наследно-правни односи; во вонпарнични и оставински работи и за други работи утврдени со закон.

Со горецитираните спорни одредби од Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство на Република Северна Македонија се уредува надлежноста и предметот на работа на новоизбраните судии и јавни обвинители.

Во Законот за судовите е наведено дека судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до 2 години е надлежен да одлучува само за предмети за кои е надлежен да одлучува основен суд со основна надлежност, односно за предмети за кои не е предвидена казна над 5 години затвор и граѓански предмети кои имаат вредност до 50.000,00 евра, односно како што е наведено во член 30 од Законот за судовите.

Со Законот за јавното обвинителство на идентичен начин се определува дека основен јавен обвинител кој има јавнообвинителски стаж до 3 години да може да постапува само во предмети за кои е надлежен Основен суд со основна надлежност, односно за предмети и дела со предвидена казна затвор до 5 години, т.е да постапува во предмети согласно со член 30 од Законот за судовите.

Уставот, како највисок правен акт, ги содржи основните начела на општествено – економско уредување и во тие рамки во него се содржани и основните начела на трудовото право и работните односи. Во член 32 од Уставот е предвидено дека „Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“.

Согласно со наведената уставна одредба, законодавецот немал поткрепа во Уставот на Република Северна Македонија и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, за да ги ограничуваат во работата новите судии и јавни обвинители за кои во Законот за судовите се бара судиски стаж од две години, односно во Законот за јавното обвинителство, јавнообвинителски стаж од три години.

Оттаму, со член 32 од Уставот на Република Северна Македонија не е наведено, односно дозволено со закон да се предвидуваат раздвојувања, односно намалувања на правата, обврските и овластувањата на судиите и јавните обвинители по функција или по стаж. Напротив, со наведената уставна одредба е предвидено сите судии и јавни обвинители да имаат еднакво право на учество во работата на судовите и јавните обвинителства согласно со добиената функција – судија, односно јавен обвинител.

Преку претходно наведените закони е уредено дека судија и јавен обвинител во Република Северна Македонија се станува по завршена обука на Академијата за судии и јавни обвинители, а исто така е предвидено, по изборот на лицата кои ја завршиле Академијата и добиле функции судија, односно јавен обвинител да посетуваат понатамошна обука пред Академијата. Со ова, на еден начин се води грижа за новите судии и јавни обвинители по нивниот избор, а со кои не се задира во нивната функција и правата кои тие ги имаат како судии, односно јавни обвинители, со што не се прави сегрегација помеѓу новите и постојните судии, односно јавни обвинители, кои според добиената функција се на исто ниво.

Преку оспорените одредби од член 38-а од Законот за судовите и член 62 од Законот за јавното обвинителство, новоназначените судии и јавни обвинители се доведуваат во нееднаква положба со лицата кои имаат иста функција, иста плата, во одредени околности и повеќе правно искуство vis-à-vis професионалното работење како поранешни адвокати, правобранители и слично, а во конкретната ситуација немаат судиски, односно јавнообвинителски стаж.

Намерата за ограничување во работата на новоизбраните судии и јавни обвинители од страна на законодавецот нема поткрепа во Уставот, бидејќи во самите закони кои ја регулираат нивната функција во споменатите членови се наведени начините за избор на судии и јавни обвинители, па додавањето на посебни услови како јавнообвинителски и судиски стаж, по спроведениот избор за судија или јавен обвинител, подносителот смета дека е непотребно ограничување на правата од работен однос на новоизбраните судии и јавни обвинители, со што се доведуваат до нееднаков третман со постарите колеги судии и јавни обвинители.

Подносителот смета дека со оспорените одредби се спречува напредокот во работата на новите судии и јавни обвинители, со оглед на тоа дека треба да поминат повеќе години за напредок во кариерата, а истите се чувствуваат како помлади обвинители и судии, иако некои од завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители се на 50 годишна возраст и имаат 25 години работен стаж поминат во правосудството.

Легитимно е да се постави сомнеж во постапувањето на новоизбраните судии и јавни обвинители во делот на ефикасноста, но не секогаш станува збор за млади правници кои немаат никаков претходен стаж, односно кои по завршувањето на студиите продолжиле на Академијата за судии и јавни обвинители и по самото завршување на програмата биле избрани за судии или јавни обвинители. Голем дел од учесниците на Академијата се правници со големо работно искуство, а во некои случаи и со поголемо правно искуство од постоечките судии и јавни обвинители, поради што подносителот смета дека е неуставно да се ограничуваат новите судии и јавни обвинители по нивниот избор и на тој начин да добиваат третман на пониски основни судии или пониски јавни обвинители од оние со кои се на исто професионално ниво.

Оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок.

Со оспорените одредби е повредено начелото на владеење на правото според кое законите мора да бидат во согласност со Уставот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Со ограничувањето на судиската и јавнообвинителската функција, кои се уставни категории, законодавецот директно го прекршил принципот на владеење на правото и правната сигурност, бидејќи не постои правна оправданост за ограничување на овие функции по однос на стаж кои новоизбраните лица никако не може да го имаат, доколку во минатото не биле разрешени судии, односно разрешени јавни обвинители.

Според подносителот на оваа иницијатива, претседателот на судот како одговорно лице за работата на судот може, а воедно е и должен да ја регулира и контролира работата на сите судии, па дури и на новоизбраните судии, па согласно неговите видувања да одлучи дали некој од новите судии е компентентен и спремен за одлучување во конкретни предмети или не, или пак ќе го насочи прво да одлучува за дела и предмети согласно член 30, со што нема да се одрази негативно врз оние судии кои по стапување на функцијата ќе покажат добри резултати и ќе продолжат да напредуваат во кариерата без ограничувања, бидејќи Уставот им го гарантира тоа право.

Понатаму, подносителот наведува дека оспорените одредби не се во согласност ниту со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, каде граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Оттаму нема уставен основ за различно третирање на новоизбраните судии и јавни обвинители во однос на постоечките основни судии и обвинители кои со оспорените одредби, иако имаат иста функција, истите добиваат нееднаков третман во правата кои треба заеднички да ги уживаат. Врз основа на наведеното, се добива впечаток дека законодавецот излегол надвор од уставната рамка со тоа што ги дискриминирал новоизбраните судии кои на овој начин не можат да ја извршуваат судиската функција во целост, односно добиле ограничување без оглед на стажот кој го имаат како правници, адвокати, правобранители и слично.

Со член 51 од Уставот на кој се повикува подносителот во оваа иницијатива е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Имајќи ги предвид цитираните уставни одредби, подносителот смета дека доколку останат во сила оспорените одредби, би можело да се соочиме со понатамошно евентуално менување и доразработување на истите одредби, со што роковите може да бидат дури и зголемени, како и да бидат утврдени други нови обврски кои покрај квалификуваниот стаж, ќе служат како услов за ограничување на правото на работа и самостојно постапување на новоизбраните судии и јавни обвинители.

Врз основа на претходно наведеното, подносителот предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз осонова на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да донесе одлука со која ќе ги поништи оспорените одредби од член 38-а од Законот за судовите и член 62 став 2 од Законот за јавното обвинителство како неуставни, или евентуално истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 38-а од Законот за судовите е предвидено дека судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од членот 30 од овој закон.

Со член 62 од Законот за јавното обвинителство е уредено дека јавен обвинител во основно јавно обвинителство со јавнообвинителски стаж до три години, може да постапува во основното јавно обвинителство во кое е избран само по предмети за кои е пропишана надлежност за постапување на основните судови со основна надлежност.

III

Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од истиот член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Член 51 од Уставот Република Северна Македонија уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Во член 38-а од Законот за судовите е предвидено дека судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од член 30 од овој закон.

Со член 62 од Законот за јавното обвинителство е уредено дека јавен обвинител во основно јавно обвинителство со јавнообвинителски стаж до три години, може да постапува во основното јавно обвинителство во кое е избран само по предмети за кои е пропишана надлежност за постапување на основните судови со основна надлежност.

Законодавецот има дискреционо право да ги уредува именувањата во судството и обвинителството, согласно со широката рамка дадена со Уставот, за организација и функционирање на овие институции.

Предметните одредби имаат за цел да обезбедат новоименуваните судии и јавни обвинители да го стекнат потребното искуство со постапување по предмети, соодветно на нивното ниво на искуство, со што ќе се зачува квалитетот и интегритетот на судскиот процес.

Ограничувањето наметнато со оспорените одредби од член 38-а од Законот за судовите и член 62 став 2 од Законот за јавното обвинителство се усогласува со начелото на судска и обвинителска независност бидејќи тоа е процесно правило насочено кон обезбедување на новоименуваните судии и јавни обвинители постепено да се прилагодат на нивните функции. Со ова, намерата не е да се поткопа независноста, туку напротив, преку истата да се одржи стандард на судиска и обвинителска компетентност и професионалност.

Принципот на владеење на правото бара законите да обезбедат компетентно, ефикасно и непристрасно судство. Оспорените одредби имаат за цел да ја задржат довербата на јавноста со тоа што ќе обезбедат во посложените случаи да постапуваат поискусни судии, односно јавни обвинители. Оваа регулаторна рамка е усогласена со уставната цел за обезбедување на фер и ефикасен судски систем.

Оттаму, оспорените одредби не го ускратуваат правото на работа или напредување во кариерата на новоименуваните судии и јавни обвинители. Тие ги регулираат почетните фази на нивниот професионален развој за да се осигураат дека се соодветно обучени и подготвени пред да почнат да постапуваат во посложени предмети. Воедно, овој процес не го повредува член 32 од Уставот, туку се усогласува со него на начин што се гарантира дека судиите и јавните обвинители ги исполнуваат потребните стандарди за компетентност и професионалност.

Дополнително, оспорените одредби имаат за цел да го балансираат правото на работа со јавниот интерес за одржување на добро функционален судски и јавнообвинителски систем. Преку нив, на еден начин се спречуваат неискусните судии и јавни обвинители, предвреме да се соочат со огромна одговорност, а со самото тоа се штити интегритетот на судскиот процес.

Во однос на член 9 од Уставот, диференцијацијата утврдена со оспорените одредби не претставува дискриминација. Одредбите подеднакво се применуваат за сите новоименувани судии и јавни обвинители и се засноваат на објективни критериуми, како што е судиското и јавнообвинителското искуство, кое е неопходно за да се обезбеди компетентно постапување по предметите. Целта на вака уредените одредби е да се обезбеди јасна патека за напредување во кариерата, без да се загрози квалитетот на професионалното одлучување и работење.

Различниот третман на новоизбраните судии и јавни обвинители е оправдан и пропорционален во однос на целта за одржување на компетентно и ефикасно судство и јавно обвинителство. Предметните одредби не утврдуваат произволна дискриминација, наместо тоа, тие одразуваат легитимна грижа да се осигура дека само соодветно искусни професионалци ќе постапуваат со случаи кои вклучуваат построги казни, или сложени граѓански спорови.

Во таа насока, член 9 од Уставот не го спречува законодавецот да воведува различни категории на професионалци, доколку таквите разлики служат за легитимна цел, притоа, дозволувајќи им на новите судии и јавни обвинители постепено да стекнуваат искуство, со што преку предметните одредби се одржува довербата на јавноста во квалитетот и интегритетот на правосудниот систем.

Понатаму, член 32 од Уставот го гарантира правото на работа, но ова право не е апсолутно и истото може да биде предмет на ограничувања кои служат на јавниот интерес. Ограничувањето засновано на судиско и јавнообвинителско искуство е пропорционална мерка креирана да ги заштити квалитетот и компетентноста на судството и јавното обвинителство, со што се поддржува јавниот интерес за правично спроведување на правдата.

Во таа насока и член 51 од Уставот, уредува законите да бидат во согласност со Уставот, со што не му забранува на законодавецот да создава конкретни квалификации или критериуми за судиите и јавните обвинители во различни фази од нивната кариера.

Оспорените одредби се во корелација со меѓународните стандарди за обука и развој на судството и обвинителството, како што се Основните принципи на Обединетите нации за независност на судството и Листата за проверка за владеење на правото на Венецијанската комисија, кои се залагаат за соодветна обука и искуство како суштински компоненти на судската компетентност.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и врз основа на уставно-судската анализа на оспорените одредби, Судот утврди дека истите не може да се доведат под сомнение за несогласност со Уставот од аспект на наводите во иницијативата.

Во врска со предлогот истакнат во иницијативата, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство, имајќи го предвид предлогот за неповедување, односно отфрлање на постапката за оценување на нивната уставност, Судот утврди дека не се исполнети условите за примена на член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Дополнително, од анализата на уставно-судска практика произлезе дека оспорената одредба од Законот за судовите била предмет на уставно-судска оцена, при што Уставниот суд не утврдил дека е спротивна на Уставот. Имајќи предвид дека правната и фактичката состојба се непроменети, Судот утврди дека аспектите на оспорување, изнесени во оваа иницијатива не се од влијание за заземање на поинаков став од она што Уставниот суд го утврди во Решението У.бр.200/2023 од 03.07.2024 година, со кое не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот за судовите.

Со оглед на фактот дека со поднесената иницијатива не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во делот на оспорената одредба од Законот за судовите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски