У.бр.207/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.207/2023
Скопје, 05.02.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 129/2023 и 53/2024).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број. 129/2023 и 53/2024), во делот „акт на“, бидејќи смета дека истиот е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека од содржината на оспорената одредба, како и во целината на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, не е пропишано кој го донесува актот во кој се утврдува правото на плата и параметрите за тоа во колкава висина можат да се движат додатоците на плата на директорот и заменикот на Академијата.

Според подносителот, Законот оставил можност висината на додатоците да се пропишува со подзаконски акт за кој не е јасно кој треба да го донесе дали директорот, Управниот одбор или Програмскиот совет како орган на Академијата, а тоа доведувало до арбитрарно определување на висината на додатоците.

Ваквата формулација на оспорената одредба, според подносителот е нејасна и непрецизна, поради што предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и истиот да го укине, како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека со член 17 став 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, е предвидено дека директорот и заменикот имаат право на додаток на плата заради заштита на угледот на институцијата и доверливоста во работењето, а чија висина поблиску се уредува со акт на Академијата.

III

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во член 1 помеѓу другото, ги определил органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Според член 8 од Законот, Управниот одбор, директорот и Програмскиот совет се органи на управување на Академијата.

Со членот 11 од Законот, се уредуваат детално надлежностите на Управниот одбор на Академијата, а согласно алинејата 14 од истиот член, донесува акти за прашања за кои во овој закон е утврдено овластување да ги донесува Академијата.

Согласно член 66 од овој закон, средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „судска власт“, како и од други извори на финансирање, односно донации и подароци, самостојни приходи и приходи преку издавање на публикации, реализација на обуки за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството и во правосудството, реализација на проекти, грантови, кои не се во спротивност со дејноста на Академијата, а во согласност со Управниот одбор.

Законодавецот, со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители го уредил работењето на Академијата како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуват во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Во член 17 од Законот, законодавецот ја пропишал платата на директорот и заменикот на Академијата на начин што во ставот 1 предвидел платата на директорот да се определува на нивото на плата на судија на Врховниот суд, која е утврдена со закон, а на неговиот заменик согласно ставот 2 од истиот член, платата се определува на ниво на плата на судија во апелационен суд која е утврдена со закон. Покрај основната плата на директорот и неговиот заменик, законодавецот со ставот 3, предвидел и право на додаток на плата заради заштита на угледот на институцијата и доверливоста во работењето, а висината на додатокот пропишал дека се утврдува со акт на Академијата, што во суштина е предмет на оспорување со иницијативата.
За подносителот е нејасно кој го носи подзаконскиот акт кој треба да ги содржи параметрите за висината на додатоците на плата на директорот и неговиот заменик, за кои смета дека исклучиво мора да бидат предмет на уредување на Законот, а не на подзаконски акт.

Од анализата на наведените законски одредби, како и од целината на Законот произлегува дека законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, при што главен извор за финансирање на Академијата е Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на “судската власт”.

Оттука, имајќи предвид дека државата е таа која ги обезбедува финансиските средства, покрај другото, и за додаток на плата на директорот и на заменикот, основано се постави прашањето дали решението од оспорениот член 17 став 3 од Законот е оправдано во смисла на тоа Академијата во своите акти да ја определи висината на додатокот на плата на директорот и на заменикот. Ова дотолку повеќе што општите акти на Академијата ги носи Управниот одбор на предлог на директорот.

Неспорно е дека на директорот и на заменикот на директорот на Академијата им следува додаток на плата заради заштита на угледот на институцијата и доверливоста во работењето, но законодавецот не пропишал критериуми односно рамка врз основа на која Академијата во своите акти ќе ја определи висината на тој надоместок како што тоа го предвидел во ставовите 1 и 2 од истиот член.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата и содржината на оспорената одредба со која на Академијата ѝ се овозможува со свој акт поблиску да ја утврдува висината на надоместокот, без притоа Законот да содржи параметри, критериуми и рамка за утврдување на висината на надоместокот, Судот цени дека основано се доведува во прашање уставноста на оспорената одредба, односно нејзината согласност со уставната одредба на која се повикува подносителот на иницијативата.

Од анализата на оспорената одредба, Судот цени дека пропишаниот член 17 став 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, е спротивен на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат јасни и прецизни норми и истите да бидат правно усогласени со Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски