Дневен ред за 4. седница закажана за 26 февруари (среда) во 9:30 часот

На 26 февруари 2025 година (среда) со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 4.седница со дневен ред за кој се предвидени девет иницијативи за оценување на уставност/законитост и три барања за заштита на слободи и права. 

1. Реферат У.бр.95/2024

Оспорен: Член 4 став 3 во делот „поради судска ненадлежност“ од Законот за медијација

Подносител:  Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата ја оспорува одредбата од Законот во која е уредено дека во случај на поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, постои основ за отфрлање на тужбата поради судска ненадлежност. Подносителот наведува дека со оваа правна норма се остава простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските, затоа што тужбата може да биде оценета како „преуранета“ или „неуредна“ и од тие причини да биде отфрлена, а не и дека „постои судска ненадлежност“. Се наведува дека медијаторот не го решава спорниот однос и нема улога на суд и поднесувањето тужба „до надлежниот суд“ во вакви случаи не може да се отфрли „поради судска ненадлежност“ бидејќи судската ненадлежност не е доведена во прашање.

2. Реферат У.бр.96/2024

Оспорени: Член 13 од Законот за нотаријатот, насловот на член 32 во делот „и број“ и член 32 став 4 од Законот за извршување

 Подносител: Александар Ристески, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот со оспорените законски одредби законодавецот пропишал лимитирање (ограничување) на бројот на лица кои во Република Северна Македонија може да бидат именувани како  нотари и извршители со што се повредуваат уставните норми за слободата на пазарот и претприемништвото, еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот и забраната за монополска положба и монополско однесување на пазарот, како и достапноста на секое работно место под еднакви услови за секој граѓанин.

3. Реферат У.бр.120/2024

Оспорен: Член 93 од Законот за урбанистичко планирање во делот „и ќе бидат завршени во рок од четири години од денот на влегувањето во сила на овој закон” и став 2 од Законот за урбанистичко планирање.

Подносител: Тони Андевски

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, со ваквото законско уредување се загрозува правната сигурност бидејќи предвидува ретроактивна примена на Законот за урбанистичко планирање на начин што за оние постапки коишто завршиле пред истек на четири години од влегување во сила на овој закон се применувале одредбите од претходните закони, а за оние постапки коишто од било кои причини не завршиле пред истекот на тие четири години од неговото влегување во сила, ќе треба да продолжат согласно одредбите од новиот закон. Со оспорената законска одредба, според подносителот, законодавецот задира во стекнатите права на субјектите со реторактивна примена на законот со што е нарушена правната сигурност и ги доведува субјектите при остварување на стекнатите права и интереси во нееднаква положба во однос на оние што ги завршиле постапките и ги оствариле своите права согласно претходно важечките закони. Исто така, со донесување на оспорената законска одредба се повредува принципот на легитимни очекувања на субјектите како елемент на владеење на правото, бидејќи субјектите при започнување на постапките за донесување урбанистички планови се воделе од важечките законски одредби, а со оспорената одредба се предвидува овие постапки да завршат согласно други законски одредби.

4. Реферат У.бр.156/2024

Оспорен: Член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во делот „ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад”.

Подносител: Славко Лазовски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот оспорената одредба е во спротивност со владеењето на правото од член 8 алинеја 3 и принципот на еднаквост од член 9 став 2 од Уставот бидејќи оспорената законска одредба има непосредни правни последици врз одредени лица кои од различни причини не го оствариле, иако се стекнале со право од пензиско осигурување – право на пензија, само поради неподнесување барање за остварување на тоа право. Според  подносителот барањето за остварување на правото на пензија треба да се остварува по автоматизам, а не по поднесено барање од причина што странката може да биде објективно спречена во поднесувањето на барањето или да не му се познати или достапни начините на поднесување на барањето.

5. Реферат У.бр.168/2024

Оспорени: Член 73 став 2 и став 3 алинеја 1, 2 и 3 и член 76 став 3 од Законот за дивеч и ловство

Подносител: Марјан Максимоски, адвокат од Кичево

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби се ограничува правото на сопственост на граѓаните, на начин што за сопствениците се наметнуваат обврски во вид на преземање на мерки за обезбедување и спречување на штета од дивеч, а согласно содржината на оспорените членови секое непочитување на така предвидените мерки ќе ја амнестира државата од обврска да ја надомести штетата што дивите животни ја причинуваат на граѓаните и нивните имоти.

6. Реферат У.бр.186/2024 (предметот е во фаза на гласање)

Оспорени: Членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на    Изборниот законик 

Оспорен акт: Член 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик донесен на 07 март 2024 година

Подносители на иницијативата: Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на  членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување  во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.

7. Реферат У.бр.100/2024

Оспорен: Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесеното барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти

Подносител: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорениот правилник е донесен врз основа на одредба од Законот за личната карта која престанала да важи со што не може да произведува права ниту пак врз нејзина основа да се преземаат правни дејства. Во одредбите на Законот не е извршена измена на зборовите „Република Македонија“ со „Република Северна Македонија“, со што оспорениот правилник не е во согласност со Законот за лична карта и со Уставот. Подносителот смета дека е недопуштена промената на името на државата со подзаконски пропис, во случајов со оспорениот правилник, со што истиот не е во согласност со одлуките на референдуми од 08.09.1999 година и од 30.09.2018 година и со член 1 став 1 и член 2 од Уставот. Издавањето на лични исправи за едни граѓани со името на државата Република Македонија, а за други со името „Република Северна Македонија“ ги прави граѓаните нееднакви пред Уставот и законите.

Подносителот наведува дека поради суспензијата на правото на жалба или друг вид на правна заштита на издавањето на личната карта како поединечен правен акт, бара Уставниот суд да го поништи оспорениот правилник. Исто така, подносителот наведува дека никаде во Законот за лична карта не е утврдено дека престанува важноста на нејзината употреба поради промена на името на државата и со присилна замена на личните карти, со општ пропис, државата ја суспендира нивната важност доколку на нив не е впишано новото име на државата и тоа со обврска трошокот на замената да биде на товар на граѓанинот.

8. Оспорен: член 3 од Правилникот за образецот на барањето и потребната документација за утврдување на стаж на осигурување со зголемено траење, образецот на барањето и потребната документација за исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд, образецот на барањето и потребната документација за остварување на право на старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија и паричен надоместок за телесно оштетување, барањето и потребната документација за утврдување инвалидност, образецот на предлогот за утврдување на инвалидност од лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и образецот на предлогот на работодавачот за утврдување на инвалидност на осигуреникот.

Подносител: Славко Лазовски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба во делот „од средствата на солидарниот фонд“ од Правилникот не е во согласност со одредбите на Уставот и со член 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, и истата треба да се укине како спротивна на: принципот на владеењето на правото, начелото на еднаквост, член 34, член 35, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. 

9. Реферат У.бр.198/2024

Оспорен акт: Одлука за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медреса Иса Беу” с. Кондово, донесена од Владата на 26 март 2024 година. 

Подносител на иницијативата: Славко Николов

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека основач на приватното средно училиште е Исламската верска заедница, за што подносителот тврди дека верска заедница и религиозна група не е дозволено да биде основач на приватно средно училиште каде што ќе се организира и остварува настава за средно гимназиско образование од општествено-хуманистичко подрачје, јазично-уметничко подрачје и природно-математичко подрачје. Според подносителот, Уставот дозволува верските заедници да основаат верски училишта, но тие да бидат од верски карактер, операционализирани со закон. 

II БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1.У.бр.233/2024

Предмет: Барање за заштита на правото или слободата од членот 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Филип Џуклески

Од наводите во барањето: 

Подносителот смета дека му се повредени угледот, моралниот интегритет и достоинството преку преземени дејствија со наводно невистинито информирање од страна на одговорно лице од Автомобилистичката федерација на Северна Македонија, до Спортскиот Авто Картинг Сојуз на Србија. Подносителот на барањето тврди дека добил известување дека е избришан од евиденцијата на Федерацијата, како и дека  до Сојузот во Србија е испратен допис без негово знаење, со содржина дека е доживотно казнет и избркан возач од АФСМ, со што наведува дека е дискриминиран и оневозможен да членува и понатаму во спортските федерации во Србија.

2. У.бр.237/2024

Предмет: Барање за заштита на слободите и правата согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Влатко Стојанов

Од наводите во барањето: 

Подносителот наведува две одлуки донесени од страна на Основниот суд Битола и Апелациониот суд Битола за кои тврди дека се неправедно и незаконски санкционирани, поради тоа што одбиле вакцинација на нивното дете. Се наведува дека е нарушен физичкиот интегритет на неговото дете, на начин што се врши принуда за задолжително вакцинирање, при што доколку не се реализира, родителот ќе се соочи со финансиски последици.

3.У.бр.263/2024 

Предмет: Барање за заштита на слободи и права 

Оспорени акти: Одлука  на Апелационен суд Гостивар донесена на 15.05.2024 година

Подносител на барањето: Живко Петрушевски

Од наводите во барањето: 

Подносителот наведува дека при водењето на постапката е дискриминиран и му е нарушено правото на еднаков третман на сопственоста. Се тврди дека втората страна во судскиот процес бесправно и на сила му преземала 31 m2 од имотот.