Уставниот суд го одби барањето за заштита на слободите и правата на Еролд Муслиу

Уставниот суд на седницата одржана на 05 февруари го одби барањето за заштита на слободите и правата на Еролд Муслиу и утврди дека се неосновани наводите за сторена дискриминација врз него со Одлуки кои се донесени од страна на претседателот на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Во барањето, подносителот наведува дека дискриминацијата му е сторена со Одлука за неговото разрешување од функцијата директор на Агенцијата за разузнавње и со Одлука со која друго лице од женски пол е именувано на таа функција, донесени од претседателот на Републиката, а полот и политичката припадност ги наведува како дискриминаторските основи. 

Во овој случај Судот се впушти во оцена дали постои дискриминаторски основ, дали постои релевантна споредлива ситуација со друго лице/лице, и кое право или слобода гарантирано со Уставот, подносителот не може да го оствари, споредбено со друго лице/лица во иста или слична ситуација, исклучиво заради неговата припадност по наведените основи.

Пред Уставниот суд се постави прашањето, дали може да стане збор за политичка припадност и дискриминација по тој основ ако се подразбира дека директор на Агенија за разузнавање не смее да припаѓа на ниту една политичка партија? Што значи по овој основ наводите на подносителот не се издржани, бидејќи Судот не може да утврди дека некој е политички дискриминиран ако воопшто не е член на некоја политичка партија. 

Во контекст на овој навод подносителот не наведува релевантна споредлива ситуација за дискриминација по основ на негова политичка припадност, а во однос на дискриминацијата по основ на пол, произлегува дека тој ја посочува ситуацијата на новоименуваното лице за директор од женски пол. Меѓутоа, паралелата која ја прави со друг случај не може да се прифати како релевантна, бидејќи не станува збор за иста или слична фактичка и правна ситуација, како онаа на подносителот и не е подложна на споредба со положбата на подносителот, што е видно од содржината на двете одлуки, со едната се врши разрешување на подносителот од функцијата директор на Агенцијата поради нестручно и несовесно вршење на функцијата согласно одредби од Законот за Агенцијата за разузнавање, а со другата, именување на лице за директор на Агенцијата согласно одредби од истиот закон.

Подносителот во барањето наведува дека со негово дискриминирање по основ на пол и политичка припадност му е повредено правото на забрана на дискриминација. Меѓутоа, припадноста на лицето на некоја од уставно заштитените основи, само по себе не значи и не доведува до дискриминација како недозволено разликување. Разликувањето ќе се смета за недозволено кога некое лично својство, карактеристика, припадност или статус (дискриминаторски основ), е пречка некое лице по иста основа како и друго лице во иста/идентична ситуација или во многу слична ситуација, да оствари слобода или право. 

Подносителот не наведува кое право не може да го оствари на еднаква основа споредбено со друго лице/лица во иста или слична положба. Во суштина, подносителот бара да биде заштитен од дискриминација затоа што смета дека е незаконито разрешен од јавната функција којашто дотогаш ја вршел. Право на неразрешување од јавна функција, како право, не постои, ниту се гарантира со Уставот.

Судијата известител во овој предмет- проф.д-р Ана Павловска-Данева даде изјава за медиуми по завршување на седницата. Изјавата беше пренесена во живо од МИА.

https://fb.watch/xAwV-xTFHM