Уставниот суд на седницата одржана на 05 февруари 2025 година донесе одлука да го поништи Законот за данок за солидарност.
Уставниот суд оцени дека оспорениот Закон не ја гарантира правната сигурност на субјектите кои се опфатени со него. Со впуштање во уредување односи коишто претходно веќе биле уредени и завршени, Судот утврди дека се создава правна несигурност за даночните обврзници и нивните легитимни очекувања, а со тоа и повреда на владеењето на правото и на уставно загарантираното право на сопственост кое е неприкосновено. Правата што произлегуваат од него никој никому не може да ги одземе или ограничи.
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и Законодавецот има должност да конципира прецизни и јасни норми коишто ќе ја гарантираат правната сигурност на субјектите во нивната правна положба и правната предвидливост во нивните легитимни очекувања.
Предвидливоста на даноците е важен елемент за носење на деловни одлуки врз основа на која субјектите имале легитимно очекување нивните даночни обврски да завршат во законската рамка од нивното настанување.
Од одредбите на Законот произлегува дека даночните обврзници се должни да ја утврдат даночната основа според критериумите во член 6 од Законот, а образецот за оданочување до Управата за јавни приходи да го поднесат најдоцна до 25 септември 2023 година, кој воедно е датум на објавување и стапување на сила на Законот. Примената на Законот започнува веднаш со неговото објавување, без vacatio legis, чијашто смисла се состои од потребата на засегнатите субјекти да бидат запознати со содржината на Законот пред неговото влегување во сила, во функција да го прилагодат своето однесување на новиот правен режим, што е нивно уставно право.
Според Судот, постои повратно дејство на Законот, спротивно на уставната забрана од член 52 став 4 од Уставот според која законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, што во овој случај не може да се примени бидејќи не се однесува директно на граѓаните. Со Законот, не се засегнати нивните права, туку даночните обврски на определени правни субјекти.
Според содржината на член 2 од Законот, причините за воведување на данокот се непредвидливи и неповолни економски околности во државата, што според Судот се нејасни критериуми. Во истата одредба, како „оправдување” на солидарноста, се појаснува дека Законот се заснова на принципите на правичност, еднаквост и пропорционалност според кои секој е должен да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности.
Од изнесената содржина на Законот произлегува дека засегнатите даночни обврзници имаат обврска да платат значително висока даночна стапка на солидарен данок и тоа само оние правни лица кои оствариле вкупен приход поголем од 615.000.000 денари во 2022 година (член 4). Член 5 од Законот во кој се утврдени критериумите за исклучување од опсегот на Законот, меѓу другото и на компаниите коишто во 2022 година започнале со вршење на дејност, укажува на нивен повластен и заштитен третман, од нејасни причини и без доволно објаснети аргументи.
При одлучувањето дали оспорениот Закон ќе го поништи или ќе го укине, Уставниот суд одлучи да го поништи поради тоа што оцени дека таквата одлука е соодветна на тежината на повредата поради повратното дејство на Законот, односно повреда на владеењето на правото, правната предвидливост и правната сигурност како фундаментални принципи.
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски одржа прес-конференција по завршување на седницата, на којашто ги образложи дел од аргументите на одлуката.
Напомена: Во ова соопштение се содржани дел од аргументите,Судот дополнително ќе ја објави Одлуката.