У.бр.165/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.165/2023
Скопје, 11.12.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 11 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување и промена на имињата на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје бр. 27-2792/1, во деловите под реден број 138, 232, 244 и 417,  донесена на 67-та седница на Советот на Град Скопје, одржана на 30 март 2021 година и објавена во Електронскиот службен гласник на Град Скопје бр.4/2021.

Образложение

I

Политичката партија „Левица“, застапувана од проф. д-р Димитар Апасиев – како законски застапник на политичката партија и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување и промена на имињата на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје бр. 27-2792/1, во деловите под реден број 138, 232, 244 и 417,  донесена на 67-та седница на Советот на Град Скопје, одржана на 30 март 2021 година и објавена во Електронскиот службен гласник на Град Скопје бр.4/2021.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените делови под реден број 138, 232, 244 и 417 на наведената одлука се спротивни на член 1, член 3 ставови 1 и 2, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Подносителот, исто така, наведува дека оспорените делови на наведената одлука се спротивни на член 6 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти како lex specialis.

Во рамки на образложението на иницијативата, подносителот на иницијативата наведува дека оспорените преименувања на улиците, кои се наоѓаат во подрачјето на Град Скопје, носат имиња на историски личности, со кои се придонесува кон нарушување на односите меѓу заедниците во Република Северна Македонија.

Во продолжение на образложението на иницијативата, подносителот прави краток осврт на историското минато на личностите, со чии имиња сега се означени улиците во подрачјето на Град Скопје, со напомена дека директно ја прекршуваат императивната јus cogens норма утврдена во член 6 став 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата бара Одлуката за определување и промена на имиња на улици и плоштади во подрачјето на Град Скопје, донесена од Советот на Град Скопје на шеесет и седмата седница, одржана на 30.03.2021 година, во деловите наведени под реден број 138, 232, 244 и 417 да се укине или поништи бидејќи е неуставна и незаконита, односно е инкомпатибилна со правниот поредок на државата.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената Одлука за определување и промена на имињата на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје бр. 27-2792/1, е донесена на 67-та седница на Советот на Град Скопје, одржана на 30 март 2021 година и е објавена во Електронскиот службен гласник на Град Скопје бр.4/2021.

Одлуката содржи  3 члена.

Во член 1 е содржан табеларниот приказ на инфраструктурите објекти (улици, мостови и плоштади), чии имиња се менувале. Во рамките на овој член се опфатени оспорените имиња на 4 улици наведени под реден број:
– 138 (улица со технички број 1467 и име „Втора Македонска Бригада“ се преименува во „Адем Демачи“);
– 232 (улицата со технички број 774 и име „Лазе Москов“ се преименува во „Ернест Колиќи“);
– 244 (улицата со технички број 1453 и име „Македонска Косовска Бригада“ се преименува во „Митхат Фрашери“);
– 417 (улицата со технички број 417 и име „191“ се преименува во „Сул Хотла“).

III

Во член 1 од Уставот е предвидено дека Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Северна Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Според член 3 став 1 од Уставот, територијата на Република Северна Македонија е неделива и неотуѓива, додека во став 2 е предвидено дека постојаната граница на Република Северна Македонија е неповредлива.

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна  Македонија.

Во член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, додека во алинеја 2 е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/02), се дефинирани надлежностите на советите на општините.

Согласно со член 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 66/04,55/07, 145/10, 136/11, 163/13, 147/2015 и 224/2024), со овој закон се уредуваат условите и начинот на определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, нумерирање на објектите наменети за живеење и работа, поставување и одржување на табли со имиња на улиците и куќните броеви, како и водење на регистар и евиденција на имиња на улици и куќни броеви.

Според член 4 став 1 од овој закон, определување име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината се врши со одлука донесена од советот на општината, а за подрачјето на градот Скопје, со одлука донесена од Советот на градот Скопје. Во став 2 е предвидено дека одлуката од ставот 1 на овој член се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, односно на  Советот на градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, односно во градот Скопје

Согласно со член 5 став 1 од истиот закон, името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на градот Скопје може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Според став 2 од листата од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, односно Советот на градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија. Во став 3 е предвидено дека при утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по истата.

Според член 6 став 1 од овој закон, не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на Република Северна Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Република Северна Македонија и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека таа вредност се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Заради остварување на принципот на владеење на правото како темелна уставна вредност, законодавецот има уставно овластување со закон да ги дефинира надлежностите на единиците на локална самоуправа и да ги пропише условите и начинот на донесување на правните прописи од нивната страна.

Во член 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, на многу јасен начин е предвидено дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, нумерирање на објектите наменети за живеење и работа, поставување и одржување на табли со имиња на улиците и куќните броеви, како и водење на регистар и евиденција на имиња на улици и куќни броеви.

Во оваа насока, согласно со членовите 4 и 5 од истиот закон, како услови за донесување на одлука за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктури објекти се предвидени: наведената одлука да се донесе од страна на надлежен орган, а во конкретниот случај тоа е совет на општина односно на Совет на Град Скопје, во зависност каде се наоѓаат улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти; со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, односно на Советот на Град Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од членовите на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, односно во Град Скопје; по дадената претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија и мислење од општините од подрачјето на Град Скопје.

Од прибавената документација произлегува дека одлуката чии делови се оспорени, согласно член 36 од Законот за локалната самоуправа и член 4 став 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти е донесена од страна на надлежен орган односно од Советот на Град Скопје, на шеесет и седмата седница одржана на 30.03.2021 година, при што може да се констатира дека првиот услов е исполнет. Покрај ова, од записникот од истата седница на Советот на Град Скопје произлегува дека оспорената одлука е донесена со мнозинство гласови и тоа со 25 гласа „за“, 1 глас „против“ и 1 глас „воздржан“ од членовите на Советот на Град Скопје. Исто така, „за“ одлуката гласале 10 членa од присутните 12 членa на Советот на Град Скопје кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Град Скопје. Согласно наведеното произлегува дека и вториот услов за донесување одлука за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, со мнозинство гласови предвиден во член 4 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, е исполнет.

Во однос на третиот услов за донесување на одлука за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, предвиден во член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, по претходно добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија, Судот оцени дека истиот е исполнет, што беше констатирано од прибавената документација. Имено, Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 9 март 2021 година го разгледала новиот текст на Предлог-листата за дополнување на Листата на имиња, на улици, плоштади и на други инфраструктурни објекти и за истата дала согласност, којa е заведен под архивски број 40-2677/1 од 9 март 2021 година.

Воедно, и последниот четврти услов, предвиден во член 5 став 3 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, дека при утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на Градот Скопје, општините од подрачјето на Градот Скопје даваат мислење по истата, Судот оцени дека и овој услов е исполнет. Од увидот на прибавената документација произлегува дека е добиено мислење од страна на општините од подрачјето на Град Скопје, а особено е прибавено мислење од страна на Општина Чаир во чие подрачје се наоѓаат улиците чие имиња се оспорени.

Од наведеното произлегува дека сите законски услови предвидени во членовите 4 и 5 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти се исполнети, и сметаме дека од формален аспект одлуката чии делови се оспорени не може да се проблематизира од аспект на уставност и законитост.

Во однос на наводите на подносителот на инцијативата дека оспорените делови под реден број 138, 232, 244 и 417 на наведената одлука на Советот на Град Скопје, се инкомпатибилни со нашиот уставен поредок, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што во член 5 став 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, е предвидено дека името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на Градот Скопје може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум. Имено, името на улица може да биде име и на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, како што е и во конкретниот случај. Од листата за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, утврдена од страна на Советот на Град Скопје, на шеесет и седмата седница одржана на 30 март 2021 година, произлегува дека станува збор за личности од областа на историјата, науката и културата. Имено, од наведеното произлегува дека и од материјален аспект, оспорените делови на наведената одлука се во согласност со уставните и законските одредби.

Во однос на предлогот на подносителот на иницијативата, Уставниот суд да консултира научници и стручни лица од областа на историјата, а со цел фактографско утврдување на биографијата, идеологијата и дејствувањата на историските личности чии имиња ги означуваат улиците кои се оспорени, Судот оцени дека истиот е неоснован. Ова од причина што согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да цени историски факти, а истовремено консултациите со научници и стручни лица од областа на историјата, може да резултираат со различни ставови и аргументи од различни научници и стручни лица и како последица на ова Уставниот суд може да се доведе во ситуација да ја цени валидноста и веродостојноста на историските факти и аргументи, што е во надлежност на други институции, а не на Уставниот суд.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека наводите на подносителот на иницијативата дека оспорените делови од наведената одлука се спротивни на член 1, член 3 ставови 1 и 2, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и член 6 став 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, се неосновани од причина што наведената одлука, и од материјален и од формален аспект е во согласност со наведените уставни и законски одредби.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски