Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.230/2024
Скопје, 11.12.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 67 и член 72 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УТВРДУВА дека Комисијата за прашања на избори и именувања при Собранието на Република Северна Македонија е стварно надлежна да постапува по Барањето за остварување на правото на плата по престанок на функцијата од 28.05.2024 година, поднесено од страна на Тоше Зафиров.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Во барањето поднесено од Тоше Зафиров од Кочани е содржан предлог за решавање судир на надлежност помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и претседателот на Република Северна Македонија, а во врска со членовите 19 и 20 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1990, 44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 84/2005, 110/2007, 121/2007,161/2008, 92/2009, 139/2009, 139/2009, 153/2009, 42/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 233/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024).
Подносителот на предлогот во периодот од 01.08.2019 година до 17.05.2024 година ја извршувал функцијата заменик генерален секретар на претседателот на Република Северна Македонија. По завршувањето на функцијата на 20.05.2024 година, согласно со член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, подносителот на предлогот со Барање за остварување на плата по престанок на функцијата се обратил до Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија со Одговор бр. 16-2607/2 од 14.06.2024 година го известила подносителот дека не е надлежна да одлучува по барањето.
Против Одговорот на Комисијата од страна на подносителот на 04.07.2024 година бил поднесен приговор до Собранито на Република Северна Македонија. На 24.07.2024 година било поднесено и Барање за приоритетно постапување бидејќи одговорот од Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија бил нецелосен и спротивен на Законот за општата управна постапка, заради што, подносителот на приговорот (сега подносител на предлогот за решавање судир на надлежност) барал Одговорот на Барањето за остварување на право на плата по престанок на функцијата на Комисијата да се поништи и да се задолжи да донесе решение.
По добивањето на Одговорот за ненадлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија од 14.06.2024 година, подносителот со Барање за остварување на плата по престанок на функцијата на 20.06.2024 година се обратил и до Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
Генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија истиот ден, со Известување бр. 08-226/2 од 20.06.2024 година, го известил подносителот дека претседателот на Република Северна Македонија не е надлежен да одлучува по ова прашање и согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија јасно е определена надлежноста на органот односно телото кое го утврдува правото на плата по престанување на функцијата.
Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд, подносителот со предлог за решавање судир на надлежности се обрати до Судот и му предложи да донесе Одлука за решавање на судирот на надлежност со која ќе одлучи по однос на стварната надлежност за постапување по Барањето, согласно со член 110 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека со Одлуката за именување заменик генерален секретар на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија бр.08-674/1 од 01.08.2019 година, подносителот Тоше Зафиров е именуван за заменик генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 160/2019). Функцијата ја извршувал сè до 17.05.2024 година, кога е разрешен од функцијата со Одлуката за разрешување заменик генерален секретар на Кабинетот на претседателот бр. 08-14/1 од 17 мај 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 105/2024).
На 28.05.2024 година со Барање за остварување на плата по престанок на функцијата, подносителот на предлогот се обратил до Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија за остварување и утврдување на правото од член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија “ бр.36/1990, 44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 84/2005, 110/2007, 121/2007,161/2008, 92/2009, 139/2009, 139/2009, 153/2009, 42/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 233/2018 и “Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) со образложение дека одредбите од член 18 до 24 од Законот се применуваат и на функционерите именувани од страна на претседателот на Република Северна Македонија.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија со Одговор бр. 16-2607/2 од 14.06.2024 година го известила подносителот дека не е надлежна да одлучува по Барањето.
Откако од горенаведената Комисија добил одговор за нејзина ненадлежност да одлучува по барањето, на ден 20.06.2024 година подносителот се обратил и до Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија со барање претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за правото на остварување на плата по престанување на функцијата заменик генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
Генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија истиот ден по приемот на Барањето, со Известување бр. 08-226/2 од 20.06.2024 година, го известил подносителот дека согласно Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија јасно е определена надлежноста на органот односно телото кое го утврдува правото на плата по престанување на функцијата. Имено, согласно со член 20 став 2 од Законот, надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото од член 19 како и неговото престанување.
Против Одговорот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија на 04.07.2024 година од страна на барателот на остварување на правото поднесен е Приговор до Собранието на Република Северна Македонија согласно член 14 и член 118 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124 од 23.07.2015 година), со барање да се поништи Одговорот бр. 16-2607/2 од 14.06.2024 година на Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија и да се донесе решение со кое ќе му се утврди правото на плата по престанување на функцијата заменик генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
Имајќи предвид дека до 22.07.2024 година не било решено по приговорот, од страна на подносителот на предлогот за решавање судир на надлежности, на 24.07.2024 година, а во насока на член 119 од Законот за општата управна постапка поднесено е Барање за приоритетно постапување со барање Одговорот на Комисијата да се поништи и да се задолжи да донесе решение со кое ќе му се утврди правото на плата по престанок на функцијата. Но, до поднесување на предлогот за решавање судир на надлежности пред Уставниот суд не е донесено решение.
Поради изнесеното, Тоше Зафиров од Кочани на 25 септември 2024 година се обрати до Уставниот суд на Република Северна Македонија со предлог за решавање судир на надлежности помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и претседателот на Република Северна Македонија, а во врска со неговото Барање за остварување на плата по престанување на функцијата заменик генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
Во претходната постапка од страна на Уставниот суд доставено е Барање до Собранието на Република Северна Македонија и до претседателот на Република Северна Македонија за достава на сите акти кои се донесени во фазата на постапување по конкретната оспорена постапка за судир на надлежност.
Собранието на Република Северна Македонија до Уставниот суд достави Одговор на Барање за остварување на плата по престанок на функцијата, поднесено под архивски број 16-2607/1 од 28.05.2024 година, заведено под бр.16-2607/2 од 14.06.2024 година и Одговор на тужба У-5 бр. 908/2024 година. Од одговорот на тужбата може да се види дека подносителот на предлогот, Тоше Зафиров до Управниот суд на Република Северна Македонија поднел тужба против Собранието на Република Северна Македонија, поради молчење на администрација.
Согласно со одговорот на тужбата, Собранието на Република Северна Македонија, смета дека не е надлежно да донесе одлука на поднесениот приговор бидејќи тоа не било второстепен орган кој би одлучувал во постапка за остварување на правото на плата по престанување на функција, а сето тоа согласно со член 68 од Уставот на Република Северна Македонија и законите. Воедно, согласно со член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и Одлуката за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Северна Македонија, Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија е надлежна да одлучува за остварување на плата по основ на престанување на фунцијата на пратеници и функционери кои ги избира и именува Собранието.
Од страна на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија до Уставниот суд доставено е Барањето за остварување на плата по престанок на функцијата бр. 08-226/1 од 20 јуни 2024 година, поднесено од страна на Тоше Зафиров и Известувањето од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија бр.08-226/2 од 20.06.2024 година, со дополнително доставување на одговор на Барање бр.08-226/4 од 05.11.2024 година.
Имено, согласно со член 25 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија е уредено дека „Одредбите од член 19 до 24 на овој закон се применуваат и на претседателот на Република Македонија, на функционер и раководен работник што го именува или назначува претседателот на Република Македонија или телото што тој ќе го овласти и на функционер и раководен работник кој го именува или назначува Владата.“ при што јасно е определена надлежноста на органот односно телото кое го утврдува правото на плата по престанување на функцијата, додека согласно член 20 став 2 од Законот „Надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото од член 19 на овој закон и престанувањето на правото според одредбите на овој закон“. Согласно со наведеното, претседателот на Републиката нема законска надлежност, ниту законско овластување да донесе акт за остварување на правото на плата по престанок на функцијата на лицето Тоше Зафиров, поранешен заменик генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
III
Според член 110 алинеи 4 и 5 од Уставот, Уставниот суд решава за судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и за судир на надлежност меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.
Согласно со член 64 став 1 од Актот на Уставниот суд, предлог за решавање судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судир. Став 2 од истиот член уредува дека предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.
Во член 65 став 2 од Актот е предвидено дека субјектите од член 64 на овој акт кои поради прифаќање или одбивање на надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежност може да го поднесат откако и двата органи ја прифатат или ја одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.
Според член 67 од Актот со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите предвидени во Актот на Уставниот суд, произлегува дека за да постои судир на надлежност било тоа да е позитивен со кој два органи се прогласуваат за надлежни или негативен судир на надлежност кога два органи се прогласуваат за ненадлежни, нужно е да постојат два правосилни или конечни акти, а во конкретниот случај тоа се Одговорот бр. 16-2607/2 на Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието на Република Северна Македонија од 14.06.2024 и Известувањето од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија бр.08-226/2 од 20.06.2024 година. Со двата наведени акта е предизвикан судир на надлежности помеѓу Собранието на Република Северна Македонија, како орган на законодавната власт и претседателот на Република Северна Македонија, како орган на извршната власт во државата.
Одговорот на Собранието претставува конечен акт бидејќи против него не е допуштена жалба со оглед на фактот дека Собранието е највисок државен орган на власт и не постои второстепен орган кој би одлучувал по жалби против неговите акти, но затоа пак против овој акт дозволено е со тужба да се поведе управен спор, што е сторено од страна на подносителот. Управно-судската постапка по тужбата е во тек, што само ја докажува конечноста на актот за чија законитост ќе одлучи Управниот суд, но независно од исходот на таа постапка, Управниот суд нема надлежност да одлучува за надлежноста на Собранието ниту пак да го решава судирот на надлежности меѓу Собранието и претседателот на државата.
Во насока на претходното говори и дефиницијата на конечен акт, утврдена во член 15 став 1 од Законот за општата управна постапка „Конечен управен акт е оној против кој може да се поведе управен спор.“
Вториот акт кој заедно со претходниот го предизвикуваат негативниот судир на надлежности е Известувањето од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија бр.08-226/2 од 20.06.2024 година кој претставува правосилен акт имајќи предвид дека против него странката (во случајот, подносителот на предлогот пред Уставниот суд) не повела управен спор во законски утврдениот рок од 30 дена од добивање на актот. Бидејќи тој рок е истечен, актот станува правосилен, согласно член 16 став 1 од Законот за општата управна постапка „Управниот акт против кој не може да се изјави жалба, ниту да се поведе управен спор, а со кој се решавало за права, обврски или правни интереси на странката е правосилен управен акт.“
Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека основ за постапување по предлогот во конкретниот случај претставува постоењето на еден конечен и еден правосилен акт со кои два органи, едниот на законодавната, а другиот на извршната власт, се огласиле за ненадлежни, односно постои негативен судир на надлежности со што е нарушено законски утврденото право на подносителот.
Од анализата на законски одредби произлегува дека согласно со член 19 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија “ бр.36/1990, 44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 84/2005, 110/2007, 121/2007,161/2008, 92/2009, 139/2009, 139/2009, 153/2009, 42/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) функционер и раководен работник кој го именува Собранието односно назначува телото што тоа ќе го овласти, претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата под услови и начин предвидени во законот.
Согласно со член 20 став 1 од Законот, правото од член 19 на овој закон се стекнува врз основа на лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата. Ставот 2 од истиот член уредува дека надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото од член 19 на овој закон како и престанувањето на правото според одредбите на овој закон.
Член 25 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, уредува дека одредбите од членовите 19 до 24 на истиот закон се применуваат и на претседателот на Република Северна Македонија, на функционер и раководен работник што го именува или назначува претседателот на Република Северна Македонија или телото што тој ќе го овласти и на функционер и раководен работник кој го именува или назначува Владата.
Од анализата на актите и од утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека надлежното тело на Собранието на Република Северна Македонија е надлежен орган за постапување по конкретното Барање за остварување на право на плата по престанок на функцијата, поднесено на 28.05.2024 година.
Оттука, Судот утврди дека е потребно Собранието на Република Северна Македонија да ја изврши својата надлежност, согласно членовите 19 и 20 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски