Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.111/2024
Скопје, 04.12.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31 став 3 од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” број 294/2021).
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата подносителот ги цитира одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото) и алинеја 4 (поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска), член 33 од Уставот според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните приходи на начин утврден со закон, член 51 според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Во продолжение, подносителот го цитира член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, според кој Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите како и ги утврдува јавните давачки, член 91 алинеја 1 според која Владата ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и алинеја 5, според која Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите, како и член 96 од Уставот според кој органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата. Подносителот, исто така, го цитира и член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа според кој министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, член 56 став 1 од истиот закон според кој со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, како и член 61 од наведениот закон, којшто уредува дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
По цитирањето на уставните и законските одредби, подносителот наведува дека од цитираните уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.
Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека од Законот за медијација може да се утврди дека истиот не содржи никакви мерила и критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, што при една ваква состојба, произлегува дека министерот при утврдувањето на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, ги утврдил и самите критериуми и мерила за определување на висината на самата награда и надоместокот на трошоците.
Оттука, со оспорената законска одредба би можело да се смета дека на министерот за правда му е дадено и овластување да пропишува критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, што би можело да значи навлегување на извршната во законодавната власт, што е спротивно на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија.
Поаѓајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената законска одредба, овластувањето на министерот за правда да ги утврдува висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, подносителот на иницијативата смета дека нема уставна основа, од причина што во Законот за медијација не се содржани критериуми и мерила во однос на ова прашање.
Од погоре изнесените причини, според подносителот, основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба, со одредбите на кои се повикува со иницијативата и предлага Судот, истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 31 став 3 се предвидува дека висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот се определуваат со Тарифник за медијатори што го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората. Комората е должна мислењето по Предлог-тарифникот да го достави до Министерството во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот во Комората.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, и ги утврдува јавните давачки.
Со член 91 од Уставот се утврдени надлежностите на Владата на Република Северна Македонија, меѓу кои, според алинеја 1 на членот од Уставот, да ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и согласно со алинеја 5 од членот да донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 31 став 3 од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” број 294/2021) , од причини што смета дека од Законот за медијација може да се утврди дека истиот не содржи никакви мерила и критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот. При една ваква состојба, произлегува дека министерот при утврдувањето на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, ги утврдил и самите критериуми и мерила за определување на висината на самата награда и надоместокот на трошоците, поточно, со оспорената законска одредба би можело да се смета дека на министерот за правда му е дадено и овластување да пропишува критериуми за определување висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, на што би можело да значи навлегување на извршната во законодавната власт, спротивно на член 8 став алинеи 3 и 4, член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија.
Од направената анализа на одредбите од Законот за медијација, како целина, а со цел да се утврди дали подносителот на иницијативата основано тврди дека во Законот не биле содржани потребните критериуми и мерила за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот врз основа на кои министерот ја донесува Тарифата за определување на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторите за извршените дејствија во постапката за медијација, евидентирана во Регистарот на примени барања за медијација, Судот го утврди следното:
Согласно со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019 и 110/2019), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, а според член 61 од наведениот закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Со Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” број 294/2021) се уредува медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е утврдена исклучива надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка.
Согласно со член 1 став 2 од Законот, медијацијата се применува при имотноправни спорови што произлегуваат од оставински постапки, семејни спорови, работни спорови, трговски спорови, потрошувачки спорови, осигурителни спорови, спорови што произлегуваат од постапките на нотарски платни налози, спорови од областа на образованието, спорови од областа на безбедност и здравје при работа, спорови од областа на здравствената заштита, спорови од областа на заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, спорови поврзани со граѓанска одговорност за навреда и клевета и во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување настанати меѓу домашни и/или странски физички и правни лица.
Во член 2 од Законот е предвидено дека целта на овој закон е да го олесни пристапот до постапката на медијација како алтернативна постапка за решавање на споровите од членот 1 од овој Закон, како и да влијае на подигање на свеста за медијацијата, со поттикнување на нејзината примена и преку гарантирање на балансирана врска меѓу медијацијата и судската постапка.
Со член 3 став 1 точките (а), (б), (в) и (ѓ) од Законот е предвидено дека „медијација“ е посредување и начин на решавање на споровите наведени во членот 1 од овој закон, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува истиот да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба. „Медијатор“ е физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи согласно со овој закон, актите на Комората на медијатори на Република Северна Македонија и ја спроведува медијацијата согласно со начелата за медијација. „Постапка на медијација“ е постапка на решавање на споровите од членот 1 од овој закон, преку која им се овозможува на страните во спорот истиот да го решат на доброволен, ефикасен, експедитивен и економичен начин, во одвоени или заеднички средби на медијаторот со страните учесници, различна од постапката која се води пред надлежните судови. „Комора на медијатори на Република Северна Македонија“ е независна и самостојна организација со својство на правно лице, во која се организирани и членуваат медијатори кои поседуваат лиценца за вршење на медијаторски работи, заради организирање на работите во врска со медијацијата во државата, нејзиниот развој и унапредување.
Според член 6 од Законот, медијацијата се спроведува согласно со начелото на доброволност, рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост, достапност на информации, еднаквост, правичност, ефикасност и економичност.
Со член 13 од Законот се предвидува дека постапката на медијацијата е економична, ефикасна и брза постапка до која страните имаат лесен и еднаков пристап.
Во член 16 став 1 од Законот се предвидува дека Министерството за правда води Регистар за примени барања за медијација во електронска форма. Во став 2 од истиот член се предвидува дека медијаторите имаат овластен електронски пристап до Регистарот кој им овозможува директен внес на податоците по однос на барањата поднесени до нив. Со став 3 од истиот член е предвидено дека медијаторите се должни веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на барањето, истото да го внесат во Регистарот и да продолжат со тековно внесување на сите потребни податоци заклучно со крајниот исход на постапката, додека според став 4 од истиот член министерот за правда ги пропишува содржината на Регистарот и начинот на внесување на примените барања за медијација.
Согласно со член 17 став 1 од Законот, постапката на медијација, се поведува со поднесување на барање до избран медијатор и/или по писмен или електронски пат. Според став 2 од истиот член, барање за поведување постапка на медијација, може да поднесе секоја страна во спорот, посебно или пак двете страни заедно. Во став 3 од истиот член е предвидено дека медијаторот до кој е упатено барањето, должен е во рок од три работни дена, сметано од денот на приемот на барањето, да постапи по барањето и да упати покана до спротивната страна. Со став 4 од истиот е предвидено дека поканата за изјаснување за учество во постапка на медијација, медијаторот ја изготвува во писмена форма и ја доставува до страната која подносителот на барањето ја навел како спротивна страна со која е во спорен однос, преку пошта со препорачана пратка и повратен рецепис или по електронски пат. Според став 5 од истиот член, за физички лица поканата се праќа по пошта на посочената адреса или по електронски пат доколку лицето има наведено електронска адреса, додека за правните лица поканата се праќа по пошта или по електронски пат, согласно со податоците заведени во трговскиот регистар или друг регистар.
Според член 23 став 1 од Законот, медијаторот е должен пред започнување со преговори помеѓу страните да ги запознае со начелата, целите на медијацијата, улогата на медијаторот, правилата и трошоците на постапката на медијација.
Во член 26 став 1 од Законот е предвидено дека спогодбата се смета за постигната на денот кога страните постигнале согласност за начинот на решавање на спорот. Според став 2 од истиот член, спогодбата од ставот (1) на овој член по давање насоки од страните во писмена форма ја изготвува медијаторот, во рок од три работни дена од денот на постигнувањето на спогодбата. Со став 3 од истиот член ако страните не постигнат спогодба заради несогласување за правните прашања, можат да постигнат писмена согласност за фактичките прашања и истите се сметаат за неспорни во судска или друга постапка.
Согласно со член 27 став 1 од Законот, спогодбата постигната во медијација задолжително треба да ги содржи следните елементи: ознака и број на предмет, датум на започнување и на завршување на медијацијата, име и презиме на медијаторот со број на лиценца, име и презиме, односно назив на страните учесници и други основни податоци, вид и предмет на спорот и вредност на спорот, доколку е определен, права и обврски на секоја од страните учесници, со начин и рок на исполнување на преземените права и обврски, трошоци и награда на медијатор во предметот на медијација и потпис на физичко лице, односно потпис и печат на правно лице и потпис и печат на медијаторот. Според став 2 од истиот член во зависност од видот на спорот, спогодбата содржи и елементи од ставот (1) на овој член, доколку тоа е утврдено со закон.
Со член 31 став 1 од Законот се предвидува дека во постапката за медијација секоја страна ги намирува своите трошоци од постапката, а заедничките трошоци се намируваат на еднакви делови, освен ако страните поинаку не се договорат. Според став 2 од истиот член, заедничките трошоци ја сочинуваат наградата на медијаторот и трошоците за спроведените дејства од медијаторот во постапката на медијација.Во став 3 од истиот член е предвидено дека висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот се определуваат со Тарифник за медијатори што го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората. Комората е должна мислењето по Предлог-тарифникот да го достави до Министерството во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот во Комората. Со став 4 од истиот член се предвидува дека доколку е иницирана медијација и во законски предвиден рок за спроведување на постапката, страните го решат спорот, надвор од медијацијата, страната иницијатор е должна да ги плати трошоците на постапката како за склучена спогодба со посредство на медијаторот. Со став 5 од истиот член се предвидува дека страната која ја иницирала медијацијата за која е пропишан задолжителен обид (според закон или договор), а која завршила во обид, без започнување преговори, има право во судска постапка за решавање на истата правна работа меѓу истите странки, да побарува од спротивната страна која не ја прифатила поканата за медијација, да ги надомести трошоците што и биле предизвикани во постапката на медијација, додека според став 6 од истиот член постапката на медијација може да биде бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон.
Согласно со член 32 став 1 од Законот, за предизвиканите трошоци во постапката за медијација, медијаторот е должен на страните учесници да им издаде писмен трошковник во кој е содржан преглед на сите преземени дејствија од страна на медијаторот и настанатите трошоци најдоцна до завршувањето на постапката на медијација.Според став 2 од истиот член, трошковникот од ставот 1 на овој член има својство на јавна исправа, додека според став 3 од истиот член доколку страната не изврши уплата на средствата од трошковникот што го доставил медијаторот во предвидениот рок, медијаторот има право во рок од седум дена од доставувањето на трошковникот да поднесе предлог до нотар за издавање нотарски платен налог.
Според член 35 став 1 од Законот заради развој на медијацијата во Република Северна Македонија државата врши субвенционирање на дел од трошоците на медијацијата, ако:
1) медијацијата била спроведена пред започнување на судска постапка;
2) со посебен закон не е предвиден задолжителен обид на медијација, како услов за водење на судска или друга постапка;
3) во воспоставен договорен однос не е предвидено дека во случај на спор истиот ќе се реши во постапка на медијација, пред да се поднесе тужба до надлежен суд;
4) една од страните во постапката за медијација е физичко лице;
5) медијаторот го евидентирал предметот за медијација како завршен со спогодба во Регистарот на начин како е утврдено со овој закон и
6) медијаторот презентирал трошковник на образец за наплатена награда на медијаторот и наплатени трошоци на медијаторот, намалени за износот на субвенцијата.
Во став 2 од истиот член се предвидува дека државата субвенционира само една постапка за медијација меѓу исти страни за еден спорен однос, во износ не повеќе од 4.000,00 денари по предмет од приложениот трошковник на медијаторот кој ги исполнил условите од ставот (1) на овој член. Со став 3 од истиот член е предвидено дека потребните средства за субвенционирање на медијацијата за секоја година се исплаќаат преку Министерството, по поднесено барање за користење на субвенција од медијаторот заедно со потребната документација од ставот (6) на овој член. Според став 4 од истиот член по барањето од ставот (3) на овој член, Министерството одлучува во рок од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето.Со став 5 од истиот член е предвидено дека субвенцијата се исплаќа соодветно на висината на наплатената награда на медијаторот и трошоците на медијаторот пропишани и одмерени согласно со Тарифникот за медијатори согласно со ставот (2) на овој член, додека според став 6 од овој член поблиските критериуми, начинот на субвенционирањето, исплатата, образецот за наплатена награда, трошоците на медијаторот, образецот на барањето за субвенционирање и потребната документација која се доставува во прилог на барањето за субвенционирање, ги пропишува министерот.
Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот точно дефинирал кој и како може да се стекне со лиценца за вршење на медијаторски работи, што содржи, односно предметот и примената на медијацијата, начелата на постапката на медијацијата, обврските на медијаторот, елементи на медијаторската спогодба, како и трошоци на постапката на медијација и наградата на медијаторот. Оттука, Судот оцени дека во случајот станува збор за реални трошоци што се должат на извршените дејствија на медијаторите во постапката за медијација, евидентирана во Регистарот на примени барања за медијација, кои претставуваат исплата на соодветен паричен износ за ангажирањето, сложеноста на спорот и трошоците на медијаторот во постапка на спорен однос помеѓу две или повеќе страни, за кои постои реална законска рамка во функција на операционализација на законските одредби, како што е определено во член 96 од Уставот. Според тоа, неосновани се наводите во иницијативата дека истиот не содржи никакви мерила и критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, така што при една ваква состојба, Судот оцени дека даденото законско овластување е во функција на операционализација на Законот, а во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, вклучително и член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија.
Врз основа на горенаведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека не постои противречност помеѓу оспорениот член 31 став 3 од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” број 294/2021) и членовите член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски