У.бр.65/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.65/2024
Скопје 04.12.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеja 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и члено¬вите 100, 101 и 102 од Деловникот на Советот на Општина Ресен, заведен под број 07-256/4 од 25 мај 2005 година и објавен во „Службен гласник на Општина Ресен“ бр.4/2005.

Образложение
I

На работниот состанок одржан на ден 25.12.2023 година Уставниот суд одлучи, врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на согласноста на оспорените одредби, со одредбите на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 100 од Деловникот на Советот на Општина Ресен, заведен под број 07-256/4 од 25 мај 2005 година и објавен во „Службен гласник на Општина Ресен“ бр. 4/2005 барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државни органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Барањето за давање автентично толкување на општиот акт се поднесува до Комисијата за статут и прописи. Според член 101 од истиот, Комисијата по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од комисиите на Советот и органите на општинската администрација. Согласно член 102 од овој деловник е уредено дека ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до советот на општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна  Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Со иницијативата на Судот се оспорува уставноста и законитоста на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 100, 101 и 102  од Деловникот на Советот на Општина Ресен.

Советот на Општина Ресен повикувајќи се на член 21 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Ресен („Службен гласник на Општина ” број 4/2002) на седницата одржана на 26 мај 2005 година донел Деловник на Советот на Општина Ресен, заведен под број 07-256/3 од 26 мај 2005 година и објавен во „Службен гласник на Општина”бр.4/2005.

Деловникот  на Советот на Општина Ресен ги содржи дел 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 100, 101 и 102 од Деловникот на Советот на Општина Ресен. Согласно член 100 е уредено дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државни органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Барањето за давање автентично толкување на општиот акт се поднесува до Комисијата за статут и прописи. Според член 101 од овој деловник е определено дека  Комисијата по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од комисиите на Советот и органите на општинската администрација. Во член 102 од Деловникот ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до советот на општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 248/2023).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Ресен, како орган на локалната власт.

Постапувајќи по сопствена иницијатива, Судот утврди дека Советот на Општината согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа го донел оспорениот деловник.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Ресен, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел оспорениот деловник во кој предвидел поглавје 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 100, 101 и 102 кои се содржани во оспореното поглавје.

Во конкретниот случај станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 248/2023). Со оглед на тоа дека  органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Поради фактот дека автентичното толкување е дадено врз основа на една од погоре наведените одредби на Деловникот, со што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, во однос на кои Судот изразува сомнеж за нивната уставност и законитост, тоа за Судот е причина за да го покрене прашањето и за уставноста и законитоста на даденото автентично толкување коешто е предмет на оспорување со иницијативата. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека  со основ се постави прашањето за уставноста и законитоста на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 100, 101 и 102 од Деловникот  на Општина Ресен.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски