Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр.4/2024
Скопје, 10.07.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 јули 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 во делот „прво и второ дете“, став 2 и став 3 во деловите „прво и второ“ и „доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот (2) на овој член“ од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022 и 236/2022).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 38 став 3 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022 и 236/2022).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Клементина Ангелеска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 36 и член 38 став 3 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022 и 236/2022).
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби не се во согласност со членовите 9 и 42 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 3, 4, 6, 12 и член 14 став 2 од Законот за заштита на децата.
Според подносителот на иницијативата, со предвидените решенија во оспорените одредби, децата кои се трети по ред во едно семејство се дискриминирани во однос на другите односно прво и второ родено дете, што е спротивно на член 9 и член 42 од Уставот. Исто така, дискриминирани се и оние граѓани кои одлучиле својата иднина да ја градат во Република Северна Македонија и во неа да имаат повеќе од две деца.
Подносителот на иницијативата наведува дека со направените измени во Законот, наместо да се унапредат и прошират правата на децата, направено е токму спротивното особено со измените од 2019 година, во кои се предвидени дискриминаторски решенија на штета на граѓаните и на ваков начин државата свесно и на суров начин одлучила во иднина да стави граница во рамки на едно семејство за колку деца е спремна да одвојува средства и да придонесе во подигањето и развојот на детето, со што се создава нееднаквост на граѓаните.
Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 36 од Законот, се врши повреда на членовите 3, 4, 6, 12 и член 14 став 2 од истиот закон, од причина што, согласно со оспорениот член, секое дете кое е трето живородено дете, само затоа што е трето дете, не само што не се смета за новороденче туку не се смета ни за дете и не може да ги ужива правата што произлегуваат од оспорениот член, за разлика од друго лице или група што се наоѓаат во фактичка или можна споредлива или слична ситуација. Оттука произлегува дека преку неправилна и селективна примена на оспорената одредба се врши повреда на правата и покрај фактот што целта на законите е обезбедување на правичност и сигурност на сите граѓани.
Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека со оспорениот член 38 став 3 од Законот се врши повреда на членовите 3, 4, 6, 12 и 14 став 2 од истиот закон, на начин што не секоја мајка на трето живородено дете, може да остварува право на родителски додаток за дете за трето дете доколку не ги исполнува условите предвидени во оспорениот став, за разлика од другите лица или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, независно што ги исполнува сите останати услови предвидени во член 38 од Законот. Имено, родителски додаток за дете, за трето дете можат да добијат само невработените мајки, земајќи го предвид условот предвиден од законодавецот, а тоа е вкупните примања по сите основи да бидат пониски од висината на минималната плата, што е апсурден, дискриминаторски и намерно креиран услов, без оглед на тоа колку движен и недвижен имот поседува барателот односно носителот на правото, што е парадокс од причина што за стекнување на ова право, битен критериум се финансиските средства односно приходите на барателот, односно носителот на правото.
Подносителот на иницијативата бара Уставниот суд, како заштитник на уставноста, да ги исправи грешките направени со измените и дополнувањата на Законот во 2019 година, и на ваков начин да ги заштити стекнатите права кои на неправилен начин се укинати и да овозможи продолжување на истите засекогаш и за сите подеднакво и без условувања и ограничувања бидејќи прогресот и развојот на една држава најмногу се изразува преку грижата за развој на нејзините граѓани.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги поништи.
II
На седницата Судот утврди дека во член 36 став 1 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022 и 236/2022), се предвидува дека еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејство за прво и второ новородено дете. Согласно со став 2 од овој член, за прво и второ новородено дете се смета дете кое е прво и второ живородено дете по ред на раѓање на мајката, кој редослед се утврдува на ист начин кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш. Во став 3 од истиот член е предвидено дека за прво и второ новородено дете ќе се сметаат и посвоените деца, на возраст до една година, доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот (2) на овој член.
Судот, исто така, утврди дека во член 38 став 3 од истиот закон, којшто се однесува на родителскиот додаток за дете, е предвидено дека правото од ставот (1) на овој член се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на користењето на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето-плата утврдена за претходната година.
III
Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, додека во став 2 е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 34 од Уставот се предвидува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Согласно со член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Во член 40 став 1 од Уставот се предвидува дека Републиката му гарантира посебна грижа и заштита на семејството.
Со член 41 е пропишано дека право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.
Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Согласно со став 2 од истиот член, лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено. Во став 3 од истиот член е предвидено дека малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа. Според став 4 од истиот член малолетните лица не смеат да бидат вработени на работни места што се штетни за нивното здравје.
Со член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Според член 110 алинeja 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во член 1 од Законот за заштита на децата се наведува дека со овој закон се уредува системот и организацијата за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022 и 236/2022).
Според член 2 став 1 на овој закон, заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите за планирање на семејството и на државата и единиците на локалната самоуправа за водење хумана популациона политика. Согласно со став 2 од овој член, заштитата на децата се остварува со обезбедување на услови и ниво на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата. Во став 3 од овој член е предвидено дека државата, како и единиците на локалната самоуправа се грижат за давање на соодветна материјална помош на родителите за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата.
Согласно со член 3 од овој закон, заштитата на децата, во смисла на овој закон, се остварува преку обезбедување на определени права, средства и облици за заштита на децата.
Според член 4 од овој закон, во примената на одредбите од овој закон се тргнува од принципите на заштитата на правото на живот и развој на детето, заштитата на најдобриот интерес на детето, обезбедување на минимум стандард за секое дете под еднакви услови, исклучување на каква било форма на дискриминација, почитување на правото на детето на слобода и безбедност на личноста, на сопствено мислење и слободно изразување, здружување и образование, услови за здрав живот и остварување на други социјални права и слободи на детето.
Според член 6 став 1 од овој закон, права за заштита на децата во смисла на овој закон, меѓу другото, се еднократна парична помош и родителскиот додаток за дете. Согласно со став 2 на истиот член, правата од ставот (1) на овој член под услови утврдени со овој закон ги обезбедува државата.
Согласно со член 12 став 1 од овој закон се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Според член 14 став 1 од овој закон директна дискриминација постои кога со барателот или корисникот на заштита на децата се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.
Правата за заштита на децата детално се разработени во главата II од Законот.
Според член 36 став 1 од овој закон, еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејство за прво и второ новородено дете. Согласно со став 2 од овој член, за прво и второ новородено дете се смета дете кое е прво и второ живородено дете по ред на раѓање на мајката, кој редослед се утврдува на ист начин кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш. Во став 3 од истиот член е предвидено дека за прво и второ новородено дете ќе се сметаат и посвоените деца, на возраст до една година, доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот (2) на овој член.
Во член 38 став 3 од овој закон е предвидено дека правото од ставот (1) на овој член се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на користењето на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето-плата утврдена за претходната година.
Во однос на наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорениот член 36 од Законот за заштита на децата, наместо да се унапредат и прошират правата на децата, се случува спротивното односно се создава нееднаквост на граѓаните, што е спротивно на член 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви и член 42 став 1 од Уставот, според кој Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица, Судот смета дека истите се основани од причина што со оспорениот член се предвидува право на еднократна парична помош за новороденче на семејство за прво и второ новородено дете и на ваков начин се создава нееднаквост во однос на семејствата со повеќе новородени деца што се наоѓаат во иста фактичка состојба и дека оспорениот член не е во функција на заштита на тие семејства, со што се доведува во прашање нивната еднаквост во однос на нивните права. Нееднаквост, односно дискриминација постои кога граѓаните се во иста фактичка состојба (лично својство, припадност или статус), а се третираат на различен начин, како што е примерот со оспорената одредба бидејќи фактичката положба на семејствата на прво и второ новородено дете е иста со фактичката состојба на семејствата со повеќе новородени деца, а се третираат на различен начин единствено поради фактот дека овие семејства имаат повеќе новородени деца. Имено, државата при определувањето стратегија за пораст на природниот прираст на населението, потребно е да определува соодветни мерки и да води соодветна хумана популациона политика, а за исполнување на оваа цел законодавецот со закон може да определи права и обврски за граѓаните и истовремено, при утврдување на условите, начинот и постапката за остварување на одредено право, е должен да пропише еднакви права и исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, што не е случај со одредени делови од оспорениот член 36 од Законот за заштита на децата бидејќи правото на еднократна парична помош за новороденче не се однесува еднакво на сите семејства со новородени деца.
Имајќи го предвид горенаведеното и покрај фактот што подносителот на иницијативата ја оспорува во целост уставноста на член 36 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022 и 236/2022), Судот сепак изрази сомнеж во однос на одредени делови од истиот член, како неуставни и одлучи како во диспозитивот на ова решение.
Во врска со оспорениот член 38 став 3 од Законот за заштита на децата, од уставно-судската практика произлегува дека Судот веќе ја оценил уставноста на оспорената одредба и со Решението У.бр.112/2021 од 07.05.2021 година, не повел постапка за оценување на уставноста на истата, при што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Во однос на наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорените одредби се врши повреда на членовите 3, 4, 6, 12 и член 14 став 2 од истиот закон, Судот оцени дека согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, не е надлежен да оценува меѓусебна согласност на одредби од ист закон односно согласност на одредби од два закони.
Во врска со барањето на подносителот на иницијативата дека Уставниот суд, како заштитник на уставноста треба да ги исправи грешките направени со измените и дополнувањата на Законот во 2019 година, и на ваков начин да ги заштити стекнатите права кои на неправилен начин се укинати, како и да овозможи продолжување на истите засекогаш и за сите подеднакво и без условувања и ограничувања бидејќи прогресот и развојот на една држава најмногу се изразува преку грижата за развој на нејзините граѓани, Судот оцени дека станува збор за неаргументирано барање за активирање на уставно-судскиот механизам за оцена на уставноста на оспорената одредба.
Повикувајќи се на горенаведеното, Судот смета дека деловите од став 1, став 2 и деловите од став 3 од член 36 од Законот за заштита на децата, означени во точката еден од ова решение, не се во согласност со член 9 од Уставот којшто се однесува на еднаквоста на граѓаните при реализација на слободите и правата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски