Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.34/2023
Скопје, 20.11.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на заштитни зони за заштита на водите на водозафатниот објект извор „Студенчица“, мерки за заштита, услови, начин на воспоставување на заштитните зони и картографскиот приказ бр.41-410/2 („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.7/2023).
Образложение
I
Политичката партија „Левица“, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот, означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителот на иницијативата ја оспорува Одлуката за определување на заштитни зони за заштита на водите на водозафатниот објект извор Студенчица, мерки за заштита, услови, начин на воспоставување на заштитните зони и картографскиот приказ бр.41-410/2 („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.7/2023) во целост, како спротивна на член 8 став 1 алинеи 1, 3, и 10 и член 39 став 2, членовите 43, 51 и член 55 став 3 од Уставот.
Имено, подносителот на иницијативата најпрво ги цитира наведените уставни одредби, а потоа ја цитира содржината на одредбите содржани во членовите 4, 12, 77 и 100 од Законот за водите.
Во образложението на иницијативата, подносителот наведува дека природниот извор Студенчица има непроценливо стратешко значење за државата, бидејќи е клучен фактор за достоинствен живот на граѓаните со оглед на тоа дека преку него се обезбедува јавно водоснабдување на вода за градовите Кичево, Прилеп, Македонски Брод, Крушево и Општините Пласница, Долнени, мал дел од село Кривогаштани, како и околните села на овие општини.
Со оспорената Одлука на Владата, биле дозволени градежни зафати и изградба на ветерни паркови, соларни фотоволтаици заедно со нивна пропратна инфраструктура во заштитената зона на изворот како и изградба на автопатишта, со што се деградирал јавниот и општ интерес, се загрозувала природата и здравјето на граѓаните.
Според наводите, овозможувањето на изградба на комплексни и габаритни градби како електроцентрали и придружна мрежна и патна инфраструктура, во никој случај не обезбедува унапредување на животната средина и природата. Напротив, заштитата на животната средина и природата се уназадувала преку значитело олабавување на заштитните мерки утврдени со Одлуката бр.51-5607/1 од 22.10.2011 година, односно оваа одлука содржела забрана за градење на ветерници, фотонапонски централи и патишта во заштитната зона на Студенчица, која забрана била отстранета со донесување на сега оспорената одлука.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека изградбата на енергетските објекти и патишта неминовно носат неизбежен и реален ризик од загадување и контаминација на почвата во непосредна близина на заштитената зона на изворот од каде извира водата за пиење. Со донесување на оспорената Одлука на Владата, било повредено правото на граѓаните на здрава животна средина и заштита на природата што е спротивно на уставната одредба пропишана во член 43 од Уставот.
Имено, според подносителот, оспорената одлука, е донесена и во спротивност со Законот за водите во кој има предвидено посебен дел со наслов „Режим на заштитени зони за водните тела наменети за консумирање од страна на човекот“, во кој законодавецот сеопфатно и детално го уредил режимот на води, а особено ги забранил активностите кои можат да ја загрозат квалитативната и квантитативната состојба на водното тело наменето за консумирање, со што се повредува и член 88 став 2 од Уставот.
Подносителот смета дека со оспорената одлука се нарушува системот на нормативна хиерархија и се овозможува заобиколување на уставните и законските норми, поради што е спротивна на член 51 од Уставот и како таква е неприменлива во пракса, создава неконзистентност на правните прописи од ист и различен ранг што ја нарушува правната сигурност на граѓаните како фундаментално начело на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, пропишана во член 8 од Уставот.
Уставот го гарантира правото на здрава животна средина во делот на екомономските, социјалните и културните права. Државата има обврска да преземе мерки за заштита на животната средина и да преземе мерки за воздржување од активности кои би биле спротивни на правото на животна средина на граѓаните.
Со уставната одредба пропишана во член 55, која ја уредува слободата на пазарот и претприемништвото, не дава неограничена слобода, односно предвидува дека слободата на пазарот и претприемништвото може да се ограничат со закон заради зачувувањето на природата, животната средина и здравјето на луѓето. Според наводите во иницијативата, овие права не можат да се изменат со подзаконски акт во случајов со оспорената одлука,со која им се давало примат на слободата на пазарот и претприемништвото пред правото на животна средина, а со тоа се деградирало значењето на изворот Студенчица и здравјето и животот на граѓаните кои пиеле вода од истиот.
Од сето погоре наведено, подносителот смета дека оспорената одлука е неуставна и незаконита и предлага истата да се поништи.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 96 став (1) точка 1), став (4) и став (7) од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија” број 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011, 44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015, 52/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.151/2021), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 10 јануари 2023 година, ја донела Одлуката за определување на заштитни зони за заштита на водите на водозафатниот објект извор „Студенчица”, мерки за заштита, услови, начин на воспоставување на заштитните зони и картографскиот приказ бр.41-410/2.
Оспорената одлука содржи 14 члена и 2 прилози. Со оваа одлука се определуваат заштитните зони за заштита на водите на водозафатниот објект извор „Студенчица” кој е во интерес на јавното водоснабдување на вода наменета за консумирање од страна на човекот за градовите Кичево, Прилеп, Македонски Брод, Крушево и општините Пласница, Долнени и мал дел од Кривогаштани, како и околните села на овие градови и општини.
Во прилог 1 е содржан картографски приказ на првата потесна заштитна зона (зона на строг санитарен надзор) на изворот „Студенчица“, картографски приказ на првата поширока заштитна зона, широката заштитна зона (зона на санитарно ограничување) и пошироката заштитна зона (зона на хигиенско-епидемиолошко следење и наблудување) на изворот „Студенчица“.
Во прилог 2 се содржани координатите на првата потесна заштитна зона (зона на строг санитарен надзор) на изворот „Студенчица“, координати на широката заштитна зона (зона на санитарно ограничување) на изворот „Студенчица“ и координати на пошироката заштитна зона (зона на хигиенско-епидемиолошко следење и наблудување) на изворот „Студенчица“.
III
Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот.
Според член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, во став 2 од истиот член се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Секој човек има право на здрава животна средина, што е утврдено со член 43 став 1 од Уставот.Според став 2 од истиот член од Уставот, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Согласно со став 3 од овој член од Уставот, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, што е определено во член 51 од Уставот.
Според член 55 став 3 од Уставот, Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно со член 88 став 2 од Уставот, своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од содржината на овие уставни одредби произлегува дека владеењето на правото, утврдено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со сите принципи и начела кои ги содржи претставува темелна вредност на уставниот поредок која истовремено е и гарант за афирмација и почитување на сите други темелни вредности утврдени во Уставот. Покрај ова, една од темелните вредности на уставниот поредок е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, што е утврдено во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот. Вака формулираната уставна одредба го нагласува значењето на уредувањето и хуманизацијата на просторот што го има врз унапредувањето и заштитата на животната средина и на природата, што значи дека е тесно поврзан со неа. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите што е утврдено во член 39 став 2 од Уставот. Статусот на темелна вредност, пак значи дека истата се користи при толкувањето на другите уставни одредби, вклучувајќи ја и уставната одредба за правото на здрава животна средина и на природата, согласно со член 43 став 1 од Уставот. Што се однесува до членот 43 од Уставот, од содржината на ставот 1 од истиот произлегува правото на секој човек на здрава животна средина и на природата, а наспроти ова е обврската на Републиката да обезбеди услови за неговото остварување, согласно ставот 3 од истиот член од Уставот, а исто така Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, согласно со член 55 став 3 од Уставот.
Со Законот за водите се уредуваат прашањата коишто се однесуваат на површинските води, вклучувајќи ги и постојаните водотеци или водотеците во коишто повремено тече вода, езерата, акумулациите и изворите, подземните води, крајбрежното земјиште и водните живеалишта и нивното управување вклучувајќи ги и распределбата на водите, заштитата и зачувувањето на водите, како и заштитата од штетното дејство на водите, водостопанските објекти и услуги, организационата поставеност и финансирањето на управувањето со водите, како и условите, начинот и постапките под кои можат да се користат или испуштаат водите.
Во член 4 од Законот е дефинирано значењето на одделни изрази (поими) употребени во овој закон.
Согласно со член 12 став 1 од Законот, режимот на водите е збир од параметри коишто ја дефинираат квантитативната и квалитативната состојба на водите на определено место и во определено време, како што се: водостојот, протекот, насоката на текот, брзината на водата, прoнос на наносот, физичките, хемиските и радиоактивните особини, хидробиолошкиот состав на водите и други параметри. Според став 2 од истиот член забрането е вршење на работи коишто предизвикуваат промени во режимот на водите, односно промена на параметрите од ставот (1) на овој член, спротивно на одредбите од овој закон, а со став 3 од истиот член, се предвидува дека одржувањето и подобрувањето на режимот на водите се врши во согласност со плановите за управување со речните сливови.
Според член 77 став 1 од Законот секое дејствие или активност со коешто се загадуваат водите или се испуштаат отпадни води или непреземање на дејствие со коешто се овозможува загадување на водите или испуштање на отпадни води е забрането. Согласно став 2 од истиот член по исклучок од ставот (1) на овој член дејствијата и активностите можат да се преземат под услови и на начин утврдени со овој закон.
Согласно со член 96 став 1 точка 1 од Законот, Владата на Република Северна Македонија ги определува заштитните зони за водни тела наменети за консумирање од страна на човекот, на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството и министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина.
Според став 2 од истиот член, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје можат да укажат на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, за потребата од определување на заштитна зона, во смисла на ставот (1 ) од овој член. Одлуката за потребата од определување на заштитна зона, во смисла на ставот (1) од овој член ја донесуваат советот на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.
Со став 3 од истиот член се предвидува дека заштитните зони се обележуваат на самото место со помош на предупредувачки знаци и информативни табли. Обележување на заштитните зони го обезбедува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина.
Согласно со став 4 од истиот член, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, утврдува мерки потребни за заштита на заштитните зони од ставот (1) на овој член обезбедувајќи постигнување на целите на животната средина.
Во став 5 од истиот член се предвидува дека заштитните зони и водните тела во рамките на секој речен слив што бараат посебна заштита, определени согласно со ставот (1) од овој член се запишуваат и постојано се ажурираат во регистар на заштитни зони којшто го води органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина.
Според став 6, податоците и картографскиот приказ на заштитните зони од ставот (1) на овој член и податоците од регистарот на заштитените зони, се составен дел на Планот за управување со соодветниот речен слив.
Согласно со став 7 од истиот член Владата на Република Северна Македонија, на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина ги утврдува условите и начинот за воспоставување на заштитните зони и за картографскиот приказ на заштитните зони од овој член.
Според став 8 точка 1 од истиот член, формата и содржината на регистарот од ставот (5) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, за зоните од ставот (1) точки 1, 2 и 4 на овој член.
Во член 98 став 1 од Законот се предвидува дека водното тело коешто се користи за снабдување со вода наменета за консумирање од страна на човекот се заштитува преку воспоставување и одржување на потесна или зона на строг санитарен надзор и една или повеќе пошироки заштитни зони. Во став 2 од истиот член се предвидува потесна заштитна зона, во смисла на ставот (1) од овој член, е непосредниот простор околу местото на зафаќање на водата наменета за консумирање од страна на човекот, чија граница се определува особено во зависност од штедроста и значењето на водното тело, конфигурацијата, видот и составот на земјиштето и близината на населените места. Според став 3 од истиот член, поширока заштитна зона, во смисла на ставот (1) од овој член, е поширокиот простор околу водното тело наменето за снабдување со вода за консумирање од страна на човекот, во кој обработката на земјиштето, изградбата и користењето на објекти и вршењето на други работи можат негативно да влијаат врз квалитативната и квантитативната состојба на водното тело, а нејзината граница се определува особено во зависност од големината и значењето на водното тело, хидрогеолошката состојба и потеклото на водното тело. Согласно со став 4, картографските прикази на заштитните зони се составен дел на катастрите и урбанистичките планови на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје. Со став 5 од истиот член е предвидено дека министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, го утврдува начинот на определување и одржување на потесните и пошироките заштитни зони и начинот на обработка на земјиштето, изградба и користење на објекти и вршење на други работи и активности во заштитните зони што можат неповолно да влијаат врз квалитативната и квантитативната состојба на водното тело.
Согласно со член 99 став 1 од Законот за водите, границите на заштитните зони за водите наменети за консумирање од страна на човекот, заштитните мерки и други услови се одредуваат со елаборат изготвен врз основа на проучувањата и резултатите од истражните работи од страна на овластено стручно правно лице. Според став 2 од истиот член, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина поблиску ги пропишува содржината и начинот на изготвување на елаборатот од ставот (1) на овој член. Во став 3 од истиот член е предвидено дека овластеното стручно правно лице од ставот (1) на овој член треба да ги исполнува следниве услови: да има вработено најмалку едно лице кое има завршено висока стручна подготовка од областа на природните и здравствените науки, кое има најмалку три години работно искуство и да поседува соодветна опрема и просторни услови за работа.
Согласно со став 4, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина поблиску ги пропишува видот на стручната подготовка, опремата и просторните услови коишто треба да ги исполнува стручното правно лице со цел да биде овластено за работите од ставот (1) на овој член. Според став 5 од истиот член, овластувањето од ставот (1) на овој член го издава министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството и истото се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Во член 100 став 1 од Законот се предвидува дека заради заштита на водното тело коешто се употребува за снабдување со вода наменета за консумирање од страна на човекот од загадување или од други видови на искористувања кои можат да влијаат врз безбедноста на водата или нејзината количина, се преземаат неопходни мерки кои нема посредно или непосредно да дозволат влошување на постојниот квалитет на водата во мера релевантна за заштита на човековото здравје и зголемување на нивото на третман за прочистување на водите што се користат за производство на вода за пиење. Според став 2 од истиот член активности кои би ја загрозиле квалитативната и квантитативната состојба на водното тело наменето за консумирање од страна на човекот се забранети во заштитните зони. Со став 3 од истиот член е предвидено дека заради ограничување и спроведување контрола на движењето, правното лице кое управува со водоснабдителниот систем го оградува и презема други потребни мерки за заштита и обезбедување на земјиштето на потесната заштитна зона. Во став 4 од истиот член, се предвидува дека земјиштето во потесната заштитна зона коешто е во сопственост на физички и правни лица се експроприра, согласно со прописите за експропријација, а со став 5 од истиот член се предвидува дека изградба на објекти и вршењето на други дејства и активности, со исклучок на зафатни објекти, резервоари, трафостаници, внатрешни патишта и други објекти потребни за водоснабдување и дејства потребни за функционирање на тие активности, на земјиштето во потесната заштитна зона е забрането.
Од набавената документација произлегува дека Одлуката за определување на заштитни зони за заштита на водите на водозафатниот објект извор „Студенчица”, мерки за заштита, услови, начин на воспоставување на заштитните зони и картографски приказ („Службен весник на Република Северна Македонија бр.7 од 13.01.2023 година) е донесена согласно Елаборатот за ажурирање на границите на заштитни зони на изворот „Студенчица” и определување на мерки за заштита, со тех.бр.09-2881/1 од 30.11.2022 година, изработен од Градежниот институт на Македонија и ЈЗУ Институтот за јавно здравје.
Во однос на наводите на подносителот дека со оспорената одлука се нарушува системот на нормативна хиерархија и се овозможува заобиколување на уставните и законските норми, спротивно на член 51 од Уставот и како таква е неприменлива во пракса, создава неконзистентност на правните прописи од ист и различен ранг што ја нарушува правната сигурност на граѓаните како фундаментално начело на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок пропишано во член 8 од Уставот, Судот оцени дека истите се неосновани од причина што од формален аспект оспорената одлука е донесена во согласност со член 96 став 1 точка 1, став 4 и став 7 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија” бр. 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011, 44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015, 52/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.151/2021) и на ваков начин е испочитувано уставното и законското овластување на Владата како носител на извршната власт да донесува подзаконски акти со цел операционализација на уставните и законските одредби. Ова од причина што во член 96 став став 1 точка 1, став 4 и став 7 од Законот за водите е предвидено дека Владата на Република Северна Македонија ги определува заштитните зони за водни тела наменети за консумирање од страна на човекот, на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството и министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, ги утврдува мерките потребни за заштита на заштитните зони обезбедувајќи постигнување на целите на животната средина и ги утврдува условите и начинот за воспоставување на заштитните зони и за картографскиот приказ на заштитните зони. Покрај ова, оспорената одлука е донесена согласно со Елаборатот за ажурирање на границите на заштитните зони на изворот „Студенчица” и определување на мерки за заштита, изработен од ИЈЗ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија и Градежен институт Македонија” Скопје, со тех. бр.0902- 1368/3, од 04.11.2022 година, што е во согласност со член 99 став 1 од Законот за водите според кој границите на заштитните зони за водите наменети за консумирање од страна на човекот, заштитните мерки и други услови се одредуваат со елаборат изготвен врз основа на проучувањата и резултатите од истражните работи од страна на овластено стручно правно лице.
Во однос на наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорената одлука се дозволуваат градежни зафати и изградба на ветерни паркови, соларни фотоволтаици заедно со нивна пропратна инфраструктура во заштитена зона на изворот како и изградба на патна инфраструктура, со што се деградирал јавниот и општ интерес, се загрозува природата и здравјето на граѓаните, се загадува и контаминира почвата во непосредна близина на заштитената зона на изворот од каде извира водата за пиење и на ваков начин се повредува правото на граѓаните на здрава животна средина и заштита на природата загарантирано со член 43 од Уставот, Судот оцени дека се неосновани од причина што Владата на Република Северна Македонија оспорената одлука ја донела согласно насоките дадени во Елаборатот за ажурирање на границите на заштитните зони на изворот Студенчица и определување на мерки за заштита, изработен од ИЈЗ „Институт” за јавно здравје на Република Северна Македонија и Градежен Институт Македонија” Скопје, со тех. бр.0902- 1368/3, од 04.11.2022 година, каде што на јасен начин се наведува дека дозволено е реализирање на активности и дејствија доколку бидат запазени сите мерки за заштита на животната средина во фаза на градба, како и во фаза на одржување и редовно сервисирањето на градбите. Покрај ова, во член 8 став 1 од оспорената одлука на многу јасен начин се наведува дека во првата потесна заштитна зона (зона на строг санитарен надзор), не се вршат дејствија и активности со цел заштита на изворот „Студенчица“ од загадување, освен дејствија кои се преземаат заради одржување и подобрување на функционалноста на зафатите на изворот „Студенчица“ и активности кои се поврзани со зафаќање, мониторинг, преработка и пренос на водата во водоснабдителниот систем додека во член 9 од истата одлука се наведува дека во првата поширока заштитна зона не треба да се градат градби и/или да се преземаат дејствија и активности, со цел заштита на изворот „Студенчица“, освен контролирани и претходно одобрени активности согласно оваа одлука поврзани со мониторинг на изворот „Студенчица“. Во оваа насока е и член 10 од истата одлука според кој во широката заштитна зона (зона на санитарно ограничување) не треба да се вршат активности и дејности кои можат да предизвикаат негативно влијание врз квалитетот и издашноста на водата во изворот „Студенчица“.
Врз основа на наведеното произлегува дека во рамки на Одлуката се предвидени одредби со кои се забранува преземање на какво било дејство кое може да влијае негативно врз животната средина и ваквата регулатива е предвидена со цел да се заштити животната средина како основно човеково право на човекот и граѓанинот загарантирано со член 43 од Уставот, при што Судот оцени дека оспорената одлука е во согласност со уставните одредби од оваа област.
Во однос на наводите на подносителот дека оспорената одлука, е донесена спротивно на Законот за водите во кој се предвидува посебен дел со наслов „Режим на заштитени зони за водните тела наменети за консумирање од страна на човекот“, во кој законодавецот сеопфатно и детално го уредил режимот на води, а особено ги забранил активностите кои можат да ја загрозат квалитативната и квантитативната состојба на водното тело наменето за консумирање, со што се повредува и член 88 став 2 од Уставот, Судот оцени дека истите се неосновани од причина што во самата одлука се содржани одредби кои се во иста насока со законските одредби од наведениот закон.
Во член 8 став 1 од оспорената одлука е предвидено дека во првата потесна заштитна зона (зона на строг санитарен надзор), не се вршат дејствија и активности со цел заштита на изворот „Студенчица“ од загадување, освен дејствија кои се преземаат заради одржување и подобрување на функционалноста на зафатите на изворот „Студенчица“ и активности кои се поврзани со зафаќање, мониторинг, преработка и пренос на водата во водоснабдителниот систем. Според член 9 од истата одлука, во првата поширока заштитна зона не треба да се градат градби и/или да се преземаат дејствија и активности, со цел заштита на изворот „Студенчица“, освен контролирани и претходно одобрени активности согласно оваа одлука поврзани со мониторинг на изворот „Студенчица“. Во член 10 став 1 алинеја 1 од оспорената одлука е предвидено дека не треба да се вршат активности и дејности кои можат да предизвикаат негативно влијание врз квалитетот и издашноста на водата во изворот „Студенчица“ и тоа: изведба на објекти со кои се менува режимот на површинските и подземните води додека во став 6 од истиот член се предвидува дека објектите од типот на ветерни паркови и соларни фотоволтаици заедно со нивната пропратна инфраструктура доколку не претставуваат објекти кои можат да го загрозат квалитетот на подземните води можат да се градат во широката заштитна зона. Согласно со член 11 став 1 од истата одлука се предвидува дека во пошироката заштитна зона (зона на хигиенско- епидемиолошко следење и набљудување), не треба да се вршат активности и дејности кои можат да предизвикаат негативно влијание врз квалитетот и издашноста на водата во изворот „Студенчица“ додека во став 5 од истиот член се наведува дека објектите од типот на ветерни паркови и соларни фотоволтаици заедно со нивната пропратна инфраструктура доколку не претставуваат објекти кои можат да го загрозат квалитетот на подземните води можат да се градат во пошироката заштитна зона.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука е во согласнот со наведените одредби од Законот за водите и член 88 став 2 од Уставот од причина што и во Одлуката се забрануваат активности и дејствија кои можат да влијаат негативно врз квалитетот и квантитетот на водата, наменета за консумирање од страна на човекот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски