У.бр.208/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.208/2023
Скопје 07.11.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеи 1 и 3  и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 7 ноември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67-а став 1 во делот „Прекршочниот“ од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2006, 89/2008, 171/2010, 53/2011, 69/2013, 187/2013, 43/2014, 129/2015, 39/2016, 71/2016, 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021 и 99/2023).

I

Игорчо Точев од Скопје поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 67-а став 1 во делот „Прекршочниот“  од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2006, 89/2008, 171/2010, 53/2011, 69/2013, 187/2013, 43/2014, 129/2015, 39/2016, 71/2016, 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021 и 99/2023).

Според наводите во иницијативата и од содржината на оспорената одредба на член 67-а и од целината на оспорениот закон се гледа дека не е пропишан институтот „прекршочен орган“ и од тие причини во правниот промет егзистираат нејасни, непрецизни и концизни норми. Подносителот на иницијативата смета дека со овие одредби се пропишува надлежност на орган или постапување на еден орган кој одлучува за права или обврски на лица на кои треба да им е јасно определено за кој орган станува збор, исто како што и тој орган треба да е јасно определен во својот назив во духот на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XX од Уставот бидејќи не е јасно кој е прекршочниот орган. Комисијата за водење на прекршочната постапка не е прекршочен орган, туку само ја води постапката по прекршок. Понатаму, во иницијативата се наведува дека определувањето на тоа кој е прекршочен орган според Царинскиот законик, Законот за царинска управа на Република Северна Македонија, Законот за Државен пазарен инспекторат и останатите прописи кои евидираат во правниот промет, на јасен начин е пропишано кој е прекршочниот орган, односно тоа може да биде само орган на државната управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања според Амандманот XX од Уставот.

Поради сето наведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел од одредбата, а потоа истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека основниот текст на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија е донесен и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2006. Со иницијативата се оспорува член 67-а став 1 во делот „Прекршочниот“  од Законот за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2006, 89/2008, 171/2010,53/2011, 69/2013, 187/2013, 43/2014, 129/2015, 39/2016, 71/2016, 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021).

Во член 67-а со наслов  „Прекршочна постапка“ во ставот 1 се уредува дека прекршочната постапка за прекршоците предвидени со овој закон ја води прекршочна комисија формирана од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Согласно со ставот 2 од овој член, пред поднесување на барањето за поведување на прекршочна постапка за прекршоците предвидени со членовите 65-а, 66, 66-а и 67 на овој закон, државниот инспектор за земјоделство и фитосанитарниот инспектор на сторителот на прекршокот ќе му предложи постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог, согласно со Законот за прекршоците. Според ставот 3 од истиот член, државниот инспектор за земјоделство и фитосанитарниот инспектор од став 2 на овој член се должни да водат евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот на покренатите постапки. Додека во ставот 4 на член 67-а, е утврдено дека во евиденцијата од ставот 3 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката. Во ставот 5 на истиот член е уредено дека
личните податоци од ставот 4 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата. Според ставот 6 од овој член против одлуките на прекршочниот орган, со кои се изрекува прекршочна санкција се води постапка согласно со Законот за прекршоците. Согласно ставот 7 од истиот член се утврдува дека формата и содржината на прекршочниот платен налог ги пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка утврдени со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 3 став 4 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“бр.96/2019 и 253/2023), јавен орган претставуваат министерствата и други органи на државната управа, организации утврдени со закон, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје. Според став 5 од овој член државни органи се министерствата, другите органи на државната управа, органите на законодавната, извршната и судската власт.

Исто така, согласно член 55 став 1 од погоре наведениот закон, е определено дека постапката пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок, утврдена со закон. Во став 9 од истиот член е утврдено дека прекршочна постапка е постапка која согласно со одредбите на овој закон ја води суд, прекршочен орган и овластено службено лице.  Според став 10 на овој член е уредено дека под прекршочни органи во смисла на овој закон се подразбираат: јавните органи, самостојните регулаторни тела и другите органи надлежни согласно со закон за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции.

Наводите во иницијативата дека оспорениот член 67-а став 1 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, не бил усогласен со Амандманот XX и останатите споменати закони, всушност претставува барање за оценување на меѓусебна согласност на два закони, што според член 110 алинеја 1 од Уставот, не е во надлежност на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Членот 67-a став 1 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/06, 89/08, 171/10, 53/11, 69/13, 187/13, 43/14, 129/15, 39/16, 71/16, 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/21 и 199/23),  како посебен материјален пропис јасно го определува правниот основ за формирање на комисија за спроведување на прекршочна постапка во областа на семенскиот и садниот материјал и истиот не е во спротивност со одредбите од Законот за прекршоците.

Оттука, Судот утврди дека јасна и прецизна е одредбата со која се упатува дека за прекршоците пропишани со Законот за вршење на земјоделска дејност, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како надлежен и стручен орган на државната управа, води постапка за порамнување согласно одредбите на Законот за прекршоци, поради што не може да се прифати наводот во иницијативата дека ваквата одредба, поради својата недоволна прецизност, го повредува владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека не е спорно дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е прекршочен орган, како и дека има правен основ за формирање на прекршочни комисии за спроведување на прекршочни постапки врз основа на општиот пропис за прекршоци, како и врз основа на посебните материјални закони со кои се уредуваат различните области за кои министерството има законска надлежност, меѓу другото, и во областа на семенскиот и саден материјал за земјоделски растенија.

Поради тоа, Судот утврди дека не може да се прифатат наводите дека одредбата од член 67-а став 1 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски