Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.52/2024
Скопје, 20.11.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Деловникот на Општина Зелениково, заведен под број 08-021-1 од 5 мај 1997 година, објавен во „Службен гласник на Општина Зелениково“ бр.1/1997.
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на Деловникот на Општина Зелениково, заведен под број 08-021-1 од 5 мај 1997 година, објавен во „Службен гласник на Општина Зелениково“ бр.1/1997.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива со Решението У.бр.52/2024 од 18 септември 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Деловникот на Општина Зелениково, заведен под број 08-021-1 од 5 мај 1997 година, објавен во „Службен гласник на Општина Зелениково“ бр.1/1997, означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.
II
На седницата Судот утврди дека постојниот Деловник на Општина Зелениково е донесен врз основа на правен пропис кој не се применува во Република Северна Македонија. Имено, Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1995 и 60/1995) престана да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), заведен под број 23-316/1 од 22 јануари 2002 година. Во глава XV во делот „Преодни и завршни одредби“, во член 91 став 1 од овој закон е уредено дека постојните статути на општините, актите за организација и работа и актите за систематизација на работните места во општините ќе се усогласат со одредбите на овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот на неговото стапување на сила. Советот на Општина Зелениково постапил согласно со Законот за локална самоуправа и донел нов статут со кој престанал да важи Статутот на Општина Зелениково донесен 1997 година, меѓутоа, не донел нов деловник. Судот веќе укажа дека во постојниот акт се наведува непостоечки правен основ врз кој се засновани наведениот закон и статут чија важност престанала. Оттука Судот, по утврдување на целосната фактичка состојба поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Деловникот на Општина Зелениково во целост.
III
Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во конкретниот случај се оспорува уставноста и законитоста на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти“ и на членовите 116, 117, 118 и 119 од Деловникот на Советот на Општина Зелениково.
Советот на Општина Зелениково, повикувајќи се на член 29 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.52/1995) и член 43 од Статутот на Општина Зелениково („Службен гласник на Општина Зелениково” број 1/1997), на седницата одржана на 5 мај 1997 година го донел Деловникот на Општина Зелениково, објавен во „Службен гласник на Општина Зелениково” бр.1/1997 година.
Деловникот на Општина Зелениково содржи дел со наслов 9 „Автентично толкување на општи акти” во кој се уредени членовите 116, 117, 118 и 119. Во член 116 од Деловникот на Општината се уредува дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, граѓаните од Општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на Општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Во член 117 од Деловникот, се уредува дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Комисија за статут и прописи. Член 118 од Деловникот уредува дека Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и општинската администрација, а според член 119 од Деловникот на Општината ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на усвојување, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување, не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.
По утврдувањето на фактичката состојба, Судот оцени дека при донесувањето на оспорениот деловник на Советот на Општина Зелениково, како правен основ биле земени член 29 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.52/1995) и член 43 од Статутот на Општина Зелениково („Службен гласник на Општина Зелениково” број 1/1997).
На 25 јуни 2019 година, на 32-та седница, градоначалникот на Општина Зелениково донел решение за објавување на Статутот на Општина Зелениково, заведен под број 07-414/1 од 4 јули 2019 година кој е објавен во „Службен гласник на Општина Зелениково” број 9/2019 и како правен основ при донесување на истиот акт се повикува на член 7 и член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.05/2002). Оттука, оспорениот деловник нема правен основ за негово постоење во правниот поредок.
Согласно со завршните одредби на член 165 од Статутот на Општина Зелениково, заведен под број 07-395/1 од 3 јули 2019 година и објавен во „Службен гласник на Општина Зелениково” број 9/2019, е предвидено да престане да важи Статутот на Општина Зелениково, заведен под број 08-020 од 31 март 1997 година („Службен гласник на Општина Зелениково” број 1/1998), кој се јавува како правен основ за донесување на оспорениот деловник на Општина Зелениково.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 248/2023).
Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.
Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Зелениково, како орган на локалната власт.
Постапувајќи по предметот оформен од страна на Судот, се утврди дека Советот на Општината, согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, го донел оспорениот деловник.
Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.
При таква фактичка состојба, Судот оцени дека недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Зелениково, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел оспорениот деловник во кој ги предвидел поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 116, 117, 118 и 119 во кои е содржано оспореното поглавје.
Во конкретниот случај, станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013). Со оглед на тоа дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.
Со оглед на тоа дека автентичното толкување е дадено врз основа на една од погоре наведените одредби на Деловникот, со што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, Судот оцени, дека тоа е доволна причина за да го покрене прашањето за уставноста и законитоста на конкретно даденото автентично толкување коешто е предмет на анализа на Судот.
Постапувајќи по сопствена иницијатива за согласноста на наведениот деловник, Уставниот суд утврди дека во Општина Зелениково постојниот Деловник на Општина Зелениково е донесен врз основа на правен пропис кој не се применува во Република Северна Македонија. Имено, Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1995 и 60/1995) престана да важи со денот на стапување на сила на Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), заведен под број 23-316/1 од 22 јануари 2002 година и поради овие причини треба да се укине.
Во глава XV во делот „Преодни и завршни одредби“, во член 91 став 1 од овој закон е уредено дека постојните статути на општините, актите за организација и работа и актите за систематизација на работните места во општините ќе се усогласат со одредбите на овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот на неговото стапување на сила. Советот на Општина Зелениково постапил согласно со Законот за локална самоуправа и донел нов статут со кој престанал да важи Статутот на Општина Зелениково, донесен 1997 година. Меѓутоа, не донел нов деловник, како што веќе Судот утврди во постојниот акт се наведува непостоечки правен основ врз кој се засновани наведениот закон и статут чија важност престанала и по утврдувањето на целосната фактичка состојба Судот оцени дека Деловникот на Општина Зелениково треба да се укине.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски