Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.2/2024, 3/2024 и 203/2023
Скопје, 20.11.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 39 став 1 алинеја 6, член 72 став 1 алинеја 6, член 74 и член 79 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УТВРДУВА неуставност и незаконитост на член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), во време на важењето.
Оваа одлука има правно дејство на одлука со која се поништува член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023).
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 8 став 1 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023).
3. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023).
4. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесените иницијативи од Славко Димитров, Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски, сите од Скопје, со Решението У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023 од 25 септември 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека оспорениот став 1 на член 8 од Правилникот, е уреден со Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), а став 2 на член 8 во кој се содржани оспорените делови, е уреден дополнително со член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 286/2023).
Судот, воедно утврди дека според оспорениот член 8 став 1 и став 2 во кој се содржани оспорените делови од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), е со следната содржина:
(1) Овој правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година.
(2) Одредбите на овој Правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибираат по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибирааат пред неговото влегување во сила, ќе се применува Правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој Правилник.
III
По поведувањето на постапката со погоре наведеното Решение, доносителот на актот во кој се содржани оспорените одредби, на 29.10.2024 година, до Уставниот суд, достави допис со два поднесоци, и тоа Поднесок за достава на акт за измени и дополнувања и Поднесок со одговор на наводи од Решение.
Во првиот поднесок, ЗАМП Скопје го известува Судот дека одредбите коишто се предмет на Решението со кое се поведува постапка, престанале да важат со донесување Правилник за измени и дополнување на Правилникот за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 286/2023) и Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 135/2024).
Поконкретно, престанале да важат оспорените делови „кои се прибираат“ содржани во член 8 став 2 од Правилникот.
Со вториот поднесок ЗАМП се произнесува по наводите од Решението за поведување на постапката.
Во одговорот се наведува дека органите на ЗАМП откако се запознале со Решението за поведување ја воочиле правно-техничката нелогичност којашто се јавува поради употребените зборови „кои се прибираат” во одредбата од член 8 став 2 од Правилникот, па веднаш по приемот презеле дејствија за нивно отстранување. Тоа го сториле на одржана седница на 24.10.2024 година (последниот ден за давање одговор), па по опсежна дискусија и анализа, Собранието на ЗАМП донело одлука да се избришат зборовите „кои се прибираат” од член 8 став 2 од Правилникот со цел да се отстрани предметната забуна.
Во одговорот се наведува и дека со отстранувањето на оспорените делови „кои се прибираат” од член 8 став 2 од Правилникот, отстранета е и дилемата за можна ретроактивност на одредбата од член 8 став 1 од Правилникот којашто претходно, а под влијание на член 8 став 2 со оспорените делови имплицирала можна ретроактивност на правилата за распределба на авторските надоместоци и пред влегувањето во сила на изменетите правила.
Во одговорот се цитира оспорениот член 8 став 1 од Правилникот „(1) Овој правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година.” Потоа се цитира содржината на оспоренот член 8 став 2 од Правилникот, којашто ја добива по бришењето на оспорените делови „кои се прибираат” „(2) Одредбите на овој Правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела пред неговото влегување во сила, ќе се применува Правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој Правилник.”
Во продолжението на Одговорот ЗАМП дава непосреден приказ на практичниот ефект на одредбите по бришењето на оспорените делови од член 8 став 2 од Правилникот, и се наведува дека:
– За авторски надоместоци за емитувани авторски музички дела до 19.07.2023 година коишто се предмет на распределбата на авторски надоместоци за 2023 година, утврдена со општата пресметка во 2024 година, се применуваат правилата коишто му претходеле на оспорениот Правилник;
– За авторски надоместоци за емитувани авторски музички дела по 20.07.2023 година коишто се предмет на распределбата на авторски надоместоци за 2023 година, утврдена со општата пресметка во 2024 година, се применуваат правилата на предметниот правилник којшто стапил на сила на 20.07.2024 година.
По ова, во одговорот се наведува дека самостојно цитираната одредба од член 8 став 1 од конкретниот Правилник доведена во сооднос со погоре расчистените факти и настанатите измени во Правилникот за дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023), а особено со изложениот приказ околу начинот на примена на правила при вршење на пресметките за распределба (врз основа на моментот на емитување), јасно говори за фактот дека не се работи за повреда на забраната за ретроактивност.
На крајот во одговорот, ЗАМП потенцира дека одредбата која ги содржи зборовите „кои се прибираат” престанала да важи, па имајќи го предвид нејзиното директно влијание врз ставот 1 од членот 8 на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), а и неспорниот факт дека во времето на нивното важење не се настанати никакви последици, односно распределбата на авторските надоместоци е вршена според времето на емитување на авторските музички дела, предлага Уставниот суд, во смисла на член 39 став 1 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да донесе решение со кое ќе ја запре предметната постапка.
До Уставниот суд се обрати и подносителот Славко Димитров, со известување по е-пошта во кое наведува дека на крајот на март 2024 година, пред донесувањето на Решението за поведување на постапка, ЗАМП извршил поединечни пресметки и исплати на надоместоците на авторите за репартиционата 2023 година, односно дека имало негативни последици за засегнатите страни коишто можеле да се решат само со поништување на одредбите од Правилникот.
Во прилог на известувањето, подносителот Славко Димитров приложи писмо бр.03-489/1 од 05.04.2024 година, со кое ЗАМП ги известува авторите, со следната содржина „Врз основа на Правилникот за распределба на авторските надоместоци на ЗАМП („Сл.весник на РМ” бр.141/14 и 36/16) за период од 01.01.2023 година до стапување на сила на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Сл.весник на РСМ” бр.147/23) согласно одредбите на Правилникот за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за измени и дополнување на авторските надоместоци („Сл.весник на РСМ” бр.286/23), како и врз основа на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Сл.весник на РМ” бр.141/14 и 36/16 и „Сл.весник на РСМ” бр.147/23, 263/23 и 286/23) за период од стапување на сила на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Сл.весник на РСМ” бр.147/23) согласно одредбите на Правилникот за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Сл.весник на РСМ” бр.286/23) до 31.12.2023 година направена е конечна пресметка за репартиционата 2023 година, која Ви ја доставуваме во прилог на овој допис.”
Во писмото стои дека направената конечна пресметка за репартиционата 2023 година, им се доставува во прилог, со известување дека авторскиот надоместок им е уплатен на трансакциска сметка на 29.03.2024 година, и дека имаат право да поднесат приговор со докази доколку не се задоволни со извршената пресметка до ЗАМП во рок од 1 месец од приемот на поединечната пресметка.
IV
Во конкретниот случај, Судот констатира дека по поведувањето на постапката за оценување на уставноста на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), Собранието на ЗАМП донело Правилник, објавен на 28.10.2024 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 218/2024, каде со член 1 од Правилникот, се менува член 8 став 2 од Правилникот, така што изменетата одредба повеќе не ги содржи оспорените делови „кои се прибираат”.
ЗАМП предлага Судот да ја запре поведената постапка, согласно со член 39 став 1 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.
Според член 39 став 1 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката, законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.
Според член 72 став 1 алинеја 6 од Актот на Судот, Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата за утврдување неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи по поведувањето постапка.
Судот ја имаше предвид околноста дека оспорениот член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот, по поведувањето на постапката престанал да важи, меѓутоа оцени дека постојат основи за оценување на неговата уставност во време на важењето, поради следното:
Според член 144 став 7 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија” број 115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите и носителите на сродните права се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.
Согласно со законски предвидениот период за пресметки и исплати на надоместоците на авторите и носителите на сродните права, пресметките и исплатите за претходната 2023 година, односно за конкретниот случај, се вршат најдоцна до март 2024 година.
Оспорениот член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот, токму во време на вршењето на пресметките и исплатите бил во правниот поредок, со влијание коешто ја загрозува правната сигурност на граѓаните дека пресметките и исплатите на надоместоците на авторите и носителите на сродните права ќе се вршат согласно правилата коишто важат во време на емитување на нивните авторски дела.
Со менувањето на член 8 став 2 од Правилникот, извршено со Правилникот донесен на 24.10.2024 година, а објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија”, број 218/2024, поточно со отстранувањето на оспорените делови „кои се прибираат” од наведениот член од Правилникот, одредбата е доведена во согласност со Уставот, меѓутоа, според Судот, ваквата околност е ирелевантна за предметниот случај бидејќи врз основа на истиот се вршени пресметки и исплати на авторските надоместоци за кои немало уставна основа, при што новите правила имале и ретроактивно дејство, што според Судот е доволна основа за оценување на неговата уставност во време на важењето.
V
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со член 52 став 4 од Уставот, е уредено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Согласно со член 3 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија” број 115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Носителите на авторското право и на сродните права согласно со член 129 ставови 1 и 2 од Законот, можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално, лично, односно преку застапник или колективно преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон, при што колективното управување со правата опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти.
Според член 132 став 1 од Законот, колективно управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и /или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).
Со член 133 точки 1), 3) и 6) од Законот, организацијата е должна да ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Северна Македонија и во странство, да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон, како и да ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти.
Согласно со член 144 став 7 од Законот, поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите и носителите на сродните права се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната, за претходната година.
Според оспорениот член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот „Одредбите на овој правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибираат по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибирааат пред неговото влегување во сила, ќе се применува правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој правилник.”
Анализирајќи ја содржината на член 8 став 2 и оспорените делови „кои се прибираат” од Правилникот, произлегува дека распределбата и пресметката на авторските надоместоци на авторите ЗАМП ќе ги врши, не според правилата коишто важеле во времето кога нивните авторски дела се емитувани, односно користени од страна на медиумите, туку според правилата коишто важат во времето кога корисниците извршиле плаќање за користените (емитуваните) дела, односно датумот кога ЗАМП ги прибрал, односно наплатил надоместоците од медиумите за користените дела.
Согласно со Законот за авторското право и сродните права, организацијата за колективно управување, во случајов ЗАМП, е надлежна да ги прибира надоместоците од корисниците за емитуваните авторски дела, при што на авторот му следува надоместок за користеното (емитуваното) дело, а за таа цел, организацијата за колективно управување е обврзана да врши електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права.
Според член 135-а став 6 од Законот, евидентирањето се врши преку Системот за електронска евиденција, којшто, помеѓу другото, треба да обезбеди идентификување на емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права во времето кога тие се емитуваат на програмата на радио-телевизиската организација.
Согласно со член 144 став 1 од Законот, организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање, додека според став 2 од истиот член, распределбата на надоместоците од ставот 1 на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.
Од погоре наведеното, неспорно произлегува дека емитувањето на авторското дело му претходи на прибирањето на надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права, за што на авторот треба да му се пресмета и исплати надоместок за емитуваното дело. Со моментот (времето) на емитувањето на авторското дело, се создадени правните односи, со што за организацијата произлегува обврска пресметката на авторските надоместоци да ја врши согласно правилата утврдени во Правилникот за распределба на авторските надоместоци коишто важат во време кога се создадени правните односи, односно кога е емитувано делото на авторот, односно според правилата коишто им се познати на авторите во време кога се емитува нивното дело, и се согласиле со тие правила. Меѓутоа, од оспорените делови на член 8 став 2 од Правилникот, неспорно произлегува дека правилата за пресметка на надоместоците ЗАМП ги врзува со времето кога организацијата ги прибира надоместоците од корисниците на авторските дела, а не со времето кога се емитувани делата на авторите (за што се води електронска евиденција), што доведува до ситуација, доколку тие се прибрани по стапувањето на сила на новите правила, пресметката на надоместоците (хонорарите) на авторите за нивните емитувани дела, да се врши според новите правила, независно од фактот дека тие можеби се емитувани во време на важење на претходните правила.
Според Судот, оспорените делови „кои се прибираат” од член 8 став 2 од Правилникот, не може да бидат одредница при дефинирањето на преодниот режим, по и пред стапувањето на сила на новиот пропис, туку времето на емитување на авторските дела, од причини што истото ги доведува во прашање легитимните очекувања на авторите дека за нивните емитувани дела ќе го добијат надоместокот пресметан според правилата коишто важеле во време на емитувањето на делото, односно според коефициентите коишто им биле познати на авторите во време на емитувањето на нивното дело.
Од тие причини, според Судот, уредувањето на оспорените делови во член 8 став 2 од Правилникот, не е во согласност со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи не ја гарантира правната сигурност на граѓаните и нивните легитимни очекувања коишто ги имале во времето на емитување на нивните авторски дела, и е спротивно на член 54 став 2 од Уставот бидејќи последица на ваквото уредување е изменетите правила да се применуваат и врз односи настанати пред нивното влегување во сила.
На ваквата околност укажувало и Министерството за култура, што се констатира од Записникот од мај 2016 година (во прилог кон иницијативата) за извршен надзор над актите и работењето на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП – Скопје, со предлог-мерка насочена кон организацијата ЗАМП дека е потребно поединечните пресметки за исплата на средства на автори, ЗАМП да ги врши според класите и вредноста на бодот, коишто важеле за годината во која делата биле користени и се евидентирани и идентификувани во програмите, а не кога биле прибрани/наплатени надоместоците.
Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот врз основа на член 72 став 1 алинеја 6 од Актот на Судот, утврди дека оспорениот член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), не бил во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот и Законот за авторското право и сродните права, во време на важењето.
Судот, утврдувајќи ја неуставноста во време на важењето, согласно со член 74 од Актот на Судот, ги зеде предвид сите околности од значење за заштита на уставноста, тежината на повредата и нејзината природа и последиците за граѓаните во остварувањето на правата, и оцени дека ефектот на заштита на уставноста за конкретниот случај, може да се постигне само со правно дејство на одлуката со која се поништува член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот.
Во Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023) како самостојна одредба е уреден оспорениот член 8 со еден став, којшто гласи „Овој правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година”.
Од содржината на оспорениот член 8 став 1 од Правилникот, произлегува дека новите правила коишто се во сила од 20.07.2023 година, се однесуваат за пресметката на авторските надоместоци за цела тековна 2023 година. Поточно, од ваквата формулација на одредбата, не произлегува јасна претстава дека новите правила ќе се однесуваат само за дел од 2023 година, односно за периодот по нивното стапување на сила, што создава можност за нивна ретроактивна примена, од кои причини Судот, и во однос на овој оспорен член од Правилникот, изрази сомнеж за неговата уставност.
Во доставениот одговор, ЗАМП, помеѓу другото, се произнесе и во однос на оспорениот член 8 став 1 од Правилникот, појаснувајќи дека одредбата од член 8 став 2 од Правилникот којашто ги содржи зборовите „кои се прибираат” престанала да важи, па имајќи го предвид нејзиното директно влијание врз ставот 1 од членот 8 на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), се отстранува и дилемата за можна ретроактивност на одредбата од член 8 став 1 од Правилникот којашто претходно, а под влијание на член 8 став 2 со оспорените делови, имплицираше можна ретроактивност на правилата за распределба на авторските надоместоци и пред влегувањето во сила на изменетите правила.
Според член 39 став 1 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.
Судот, ги имаше предвид ваквите наводи изнесени во доставениот одговор и влијанието на изменетата фактичка состојба врз оспорениот член 8 став 1 од Правилникот настаната со менувањето на оспорениот член 8 став 2 од Правилникот, и оцени дека со појаснувањето и аргументите изнесени во одговорот, отпаднат е сомнежот за неуставноста на оспорениот член 8 став 1 од Правилникот, од кои причини Судот оцени дека во однос на овој член од Правилникот, се исполнети условите од член 39 став 1 алинеја 3 од Актот на Судот, за запирање на постапката поведена со Решението У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023 од 25 септември 2024 година.
VI
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VII
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски