Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и м-р Фатмир Скендер остварија работна средба со амбасадорот на Република Франција во земјава, Н.Е. Кристоф Ле Риголер (Christophe Le Rigoleur).
Претседателот Костадиновски ја нагласи важноста и интересот за континуитет во одржување на блиски односи меѓу Уставен суд на Република Северна Македонија и Уставниот совет на Република Франција имајќи ги предвид традиционално добрите билатерални односи меѓу нашите две држави. посебен акцент беше ставен и на членство на нашиот Уставен суд во Асоцијацијата на франкофонски уставни судови.
Во тој контекст претседателот Костадиновски му врачи на Н.Е. Кристоф Ле Риголер официјална покана упатена до г-динот Лорен Фабиус (Laurent Fabius), претседателот на Уставниот совет на Република Франција, со која се изразува подговеност нашиот Уставен суд да биде домаќин на нивна делегација предводена од претседателот Фабиус во текот на 2025 година или тие да земат активно учество на претстојниот годишен состанок на Балканскиот форум на уставни судови во 2026 година кој ќе се одржи во Република Северна Македонија. Исто така, претседателот Костадиновски го најави своето учество на 10-от конгрес на Асоцијацијата на франкофонски уставни судови, што ќе се одржи од 6-8 мај 2026 година во Букурешт.
На денешниот работен состанок беше разговарано за надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, кои од страна на Н.Е. Кристоф Ле Риголер беа оценети како широки и суштински, како и за актуелни теми кои се од интерес за градење на правна држава во Република Северна Македонија и суштинската улога на Уставниот суд како орган кој се наоѓа на врвот на пирамидата на владење на правото.