Дневен ред за 31-та седница закажана за 4 декември 2024 година

На 4 декември 2024 година (среда), со почеток во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 31-та седница со дневен ред за кој се предвидени десет иницијативи за оценување на уставност и законитост и ќе одлучува по четири предлози за одлучување.

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.107/2021

Оспорен: Член 6 став 3 и 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.151/2021)

Подносител на иницијативата: Лила Лазевска од Скопје, преку полномошник Адвокат Благоја Пaндовски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека воопшто не е јасно зошто се воспоставува даночна обврска за правното лице во ситуации кога имотот на правното лице претставува стечајна маса, предмет на стечајна постапка и истиот не може да се користи.

2. Реферат У.бр.47/2023

Оспорен: Член 26 став 2 во делот „во рок од 30 дена“ од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019)

Подносител: Александра Илиева Милчова, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата наведува дека оспорената одредба која содржи право на судска заштита во управен спор создава правна несигурност бидејќи рокот од 30 дена за поднесување на тужба е преклузивен за граѓанинот да бара судска заштита, а не за администрацијата, па така доколку истече тој рок од 30 дена а се уште не е донесен актот граѓанинот повеќе не може да го бара своето право со тужба.

3. Реферат У.бр.111/2024

Оспорен: Член 31 став 3 од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 294/2021)

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека Законот за медијација не содржи никакви мерила и критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, а со оспорената законска одредба на министерот за правда му е дадено овластување да пропишува критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот што би значело навлегување на извршна во законодавна власт спротивно на член 8 алинеи 3 и 4, член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот.

4. Реферат У.бр.129/2024

Оспорени: Член 2 во делот „федерацијата”, член 4 став 1 во делот „општествено-политички заедници”, член 4 став 3 во деловите „самоуправните судови” и „општествениот правобранител на самоуправувањето” и член 5 став 2 во делот „југословенските” од Законот за организацијата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја („Службен лист на СФРЈ“ бр.44/1989)

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата деловите на оспорените одредби од Законот се во спротивност со членот 1 став 1 од Уставот и член 5 став 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот; со член 8 алинеја 8 од Уставот и со член 2 точка 2 од Законот за локалната самоуправа и со Амандман XXV од Уставот и член 2 став 2 од Законот за судовите.

5. Реферат У.бр.130/2024

Оспорени: Член 2 точки 6, 7, 11 и 21, член 3, член 4 ставови 2, 3, 4, 5, 6 и 8, член 11 став 3, член 26 став 10, член 27 ставовите 4, 5 и 6, член 38-а ставови 5, 6, 7, 8, член 55 став 3, членовите 59, 61,62, 63, 64, член 65 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019, 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020, 72/2020, 160/2020, 74/2021, 215/2021); член 17 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот Законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 58/2024); Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите бр.08- 563/1 од 20.02.2024 година; Посебното појаснување бр.08-563/2 од 20.02.2024 година и Упатството бр.08-489/1 од 15.02.2024 година и Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.10-439/1 од 14.02.2024 година донесени од Државната изборна комисија

Подносители: Ана Бобинкова Мијаковска од Скопје и Зоран Петковски од Куманово во име на „Група избирачи” Независна листа на предложени кандидати за пратеници во ИЕ 1 за Парламентарните избори 2024 година.

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека одредбите од оспорениот Изборен законик се неуставни и со нив се врши дискриминација бидејќи не е овозможена еднаквоста на избирачкото право и на гласот и се остава простор за поголемо кршење и оневозможување на непречено остварување на тоа право. Понатаму, се наведува дека одредбата според која членовите на ДИК се бираат од редовите на парламентарните позициски и опозициски партии е противзаконита бидејќи членовите за организирање за спроведување на изборите треба да ги назначуваат непартиски избирачи зошто во спротивно тие не се независни туку зависат од политичките партии со што не може да се гарантираат слободни и фер избори. Според подносителите, независните кандидати поддржани од група избирачи се исклучени од правото на еднаквост на избирачкото право бидејќи со одредбите за собирање на потписи и за медиумско информирање за независните кандидати им е прекршено и се спречени рамноправно да учествуваат во изборниот процес и да се кандидираат со свои независни листи.

6. Реферат У.бр.180/2024

Оспорен: Член 38-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) и член 62 став 2 од Законот за јавнотото обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020)

Подносител на иницијативата: Љупчо Докузов, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот со оспорените одредби се спречуваат новите судии и јавни обвинители во нивниот напредок и работа, со оглед дека треба да поминат повеќе години за напредок во кариерата, а се чувствуваат како помлади обвинители и судии, иако некои од завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители се на 50 годишна возраст, од кои имаат 25 години поминато во правосудството. Се наведува дека со ограничувањето на судиската и јавно обвинителската функција кои се уставни категории законодавецот директно го прекршил принципот на владеењето на правото и правната сигурност, бидејќи според него не постои правна оправданост за ограничување на овие функции по однос на стаж кои новоизбраните не би можеле да го имаат.

7. Реферат У.бр.199/2024

Оспорен: Член 7 став 2 алинеја 1 во делот „надоместок“ од Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење изградени по програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.37/2022 и 38/2022)

Подносител на иницијативата: Македонско здружение на млади правници

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата по анализа на оспорените одредби дошол до заклучок во кој тврди дека законодавецот предвидел две права кои може да се остварат поради некаков тип на попреченост, односно правото на надоместок заради попреченост и правото на надоместок за помош и нега од друго лице. Со оглед на наведените две права, подносителот наведува дека неоправдано, арбитрено и неосновано пристап до социјално домување имаат само лицата кои го остваруваат правото на надоместок заради попреченост, но не и лицата кои остваруваат право на надоместок за помош и нега од друго лице. Бидејќи истовремено не го остваруваат и правото на надоместок заради попреченост, се исклучени од пристапот до социјалното домување се доаѓа од читање на оспорениот член 7 став 2 алинеја 1 од Одлуката каде се наведува дека кон потребната документација се доставува единствено решение од Центарот за социјални работи за остварување на правото на надоместок за попреченост. Поради тоа се наведува дека доколку некое лице достави решение од Центарот за социјална работа за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, ќе се смета дека тоа не ги доставило потребните документи, па неговото барање логично би било одбиено како непотполно, односно отфрлено како неосновано.

8. Реферат У.бр.216/2024

Оспорен акт:

Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки од Владата на Република Северна Македонија бр. 41-8212/3 од 3 септември 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.183/2024)

Подносител на иницијативата: Ѓорѓе Поп-Кочев, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Подносителот ја оспорува уставноста на оспорената одлука донесена од Владата на Република Северна Македонија со кој е определена највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со училишен прибор, со описно наведен вид на прибор, при што највисоката маржа е ограничена до 5% во трговијата на големо и 10% во трговијата на мало, определувајќи дека истата е со важност до 20 октомври 2024 година. Во иницијативата се наведува дека Владата има право да ограничи или да определи посебни услови за трговија со определени производи доколку се исполнети условите од Законот за трговија, но во конкретниот случај, во оспорената одлука Владата не наведува причини за донесување на одлуката поради што истата е произволна и се коси со начелото на слободна пазарна економија и е спротивна на уставното начело на слобода на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот. Подносителот смета дека органите на државната власт не можат да го ограничат правото на трговецот за слободен настап на пазарот, освен во случаи определени со закон и за него е нејасно кој е јавниот интерес кој се штити со оспорената одлука, имајќи во предвид дека производите на кои се однесува не се егзистенцијални производи, а рокот на траење на оспорената одлука директно упатува дека истата е донесена за времетраење на сезоната на купување училишен прибор и директно ги оневозможува трговците во остварување на профит кој за нив е од егзистенцијално значење за покривање на трошоците за работа кои зафаќаат 90% од вкупните приходи како и за обезбедување плати на вработените.

9. Реферат У.бр.84/2024

Оспорен акт: Одлука за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт С3 19, бр.27-1496/5, донесена од Советот на Град Скопје на 23.02.2021 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.2/2021)

Подносител на иницијативата: Јована Стефановска

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, оспорениот акт е донесен во незаконита постапка и дејствијата коишто требало да претходат на неговото донесување, не биле спроведени со што се засега во особено важните аспекти на заштита на животната постапка. Регулацискиот план не објавен ни на интернет страната на Град Скопје во целост односно недостасува текстуалниот дел, а неговата неусогласеност со ГУП 2012 – 2022 се особено важни од аспект на владеење на правото операционализирано преку членовите 8 и 51 од Уставот. Истовремено, според подносителот, Регулацискиот план не придонесува кон хуманизација на просторот и негативно директно влијае врз остварувањето на здрава животна средина на граѓаните, па оттука последиците од неговата неуставност може да ги пренесе и врз останатите ДУП-ви коишто можат да се донесат врз негова основа, поради што подносителот бара Уставниот суд да го поништи оспорениот акт.

10. Реферат У.бр.65/2024

Оспорен: Насловот на поглавјето 9. „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 100,101 и 102 од Деловникот на Советот на Општина Ресен бр. 256/4 до 25 мај 2005 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр. 4/2005)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр.181/2023

Донесување на одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за основање на друштво со ограничена одговорност, бр.08-31/11 од 24.08.2023 година, донесена од Советот на Општина Вевчани („Службен гласник на Општина Вевчани“ бр.10/2023).

Подносител на иницијативата: Државен инспекторат за локална самоуправа, застапуван од ВД директор, Ферди Шабани

2. У.бр.16/2024

Донесување на одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 16 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Куманово („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.12/2009).

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

3. У.бр.44/2024

Донесување на одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци („Службен гласник на Општина Новаци“ бр.7/2019).

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

4. У.бр.58/2024

Донесување на одлука по поведена постапка за оценување на уставноста на точка 9. Автентично толкување и утврдување на пречистен текст и членовите 96, 97 и 98 од Деловникот за работа на Советот на Општина Радовиш број 07-2151/1 од 19 декември 2005 година („Службен гласник на Општина Радовиш” број 8/2005).

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.