У.бр.150/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.150/2024
Скопје, 30.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 30 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 81/2022).

Образложение
I

Никола Темелковски од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба означена во диспозитивот на Решението.

Подносителот на иницијативата наведува дека член 2 од Уредбата не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 24 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ број 4/2005, 13/07, 165/08;.146/09, 18/11, 51/11, 27/14, 144/14, 72/15, 104/15, 153/15, 23/16, 178/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.122/21).

Според подносителот, со оспорениот член од Уредбата се дава повратно дејство на самата Уредба, иако е понеповолна за странките, истата овозможува да се примени надоместокот утврден во прегледот на веќе започнатите постапки за приватизација кои се во постапка на решавање пред надлежен орган, а кои поради неажурност на органите сè уште не се решени. Дијаметрално од нив, постојат повластени баратели за приватизација чии барања се веќе решени со помал износ на надоместок, согласно Уредбата пред нејзината измена, од што произлегува дека со ретроактивното важење на оспорената уредба, барателите чии предмети не се окончани, се доведени во дискриминирачка и понеповолна положба во однос на другите баратели.

Оттука, подносителот предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка и да донесе одлука со која ќе ја поништи оспорената одредба, со оглед на фактот дека истата е спротивна на член 52 став 4 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека во член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 81/2022) е предвидено „На постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместот определена со Прегледеот кој е составен дел на оваа уредба“.

III

Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Во однос на член 2 од оспорената Уредба за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), Уставниот суд веќе се има произнесено за прашањата што се покренати со предметната иницијатива, постапувајќи по предметот У.бр.36/2022 каде со Одлуката од 15.05.2024 година, го укина член 2 од Уредбата.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за член 2 од Уредбата, а притоа подносителот нема наведено причини за неуставноста на член 24 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, поради што нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски