У.бр.41/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.41/2023
Скопје, 30 октомври 2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 73 алинеја 3 и член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115 /2024), на седницата одржана на 30 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.12 од 22.01.2014 година).

Образложение
I

Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.12 од 22.01.2014 година).

Според подносителот, оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 55 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Во иницијативата се наведува дека од исклучива важност е да се обезбеди непристрасност и објективност на судската и доказната постапка, при водењето на судски, обвинителски и управни постапки.Со оспорената одредба е воспоставен монопол на Бирото за судско вештачење наспрема другите вешти лица во случаи кога се работи за предмети на барање од државни органи.

Критериумите кои вештото лице треба да ги исполни за да се регистрира во единствениот регистар како независен експерт кој понатаму ќе учествува во доказната постапка се јасно наведени во Законот за вештачење и притоа сите вештаци во своите области се со еднакви лиценци и секој може да избере кој од тие вештаци како физичко и правно лице ќе го ангажира за да изработи независен труд кој ќе служи во постапка со крајна цел остварување на правдата. Понатаму, во иницијативата подносителот наведува дека вештаците кои се вработени во Бирото за судско вештачење коешто е орган во состав на Министерството за правда, примаат плата од Буџетот на Република Северна Македонија и поради тоа се овозможува влијание кај нив и истите се пристрасни.

Со оспорената одредба се создава нееднаквост меѓу вештаците кои се вработени во Бирото за судски вештачења и другите правни и физички лица кои прават вештачења во слуачите кога се прават вештачења нарачани од државните органи, што е на штета на граѓаните. Со иницијативата се бара поништување на оспорената одредба.

II

На седницата Судот утврди дека со оспорената одредба е предвидено дека Бирото за судски вештања врши вештачење за потребите на органите на државната управа, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, по претходно поднесено писмено барање за вештачење во соодветните области, како и тоа дека формата и содржината на образецот на писменото барање ги пропишува министерот за правда.

III

На седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на ден 18 јули 2023 година, е донесен Законот за вештачење којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/2023. Во глава IX со наслов „Преодни и завршни одредби” во член 62 став 1 е предвидено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, Бирото за судски вештачења продолжува да работи како Биро за процена, орган во состав на Министерството за правда. Во член 63 е предвидено дека постапките за вештачење започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат во согласност со одредбите од Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија” број 115/10, 12/14, 43/14, 104/15, 148/15, 192/15 и 64/18), од страна на Бирото за процена.

Во член 69 е наведено дека со денот на стапување на сила на овој закон престанува да важи Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија” број 115/10, 12/14, 43/14, 104/15, 148/15, 192/15 и 64/18), додека со член 70 е предвидено дека овој закон стапува на сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Новиот Закон за вештачење е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/23 од 20 јули 2023 година, а стапил во сила осмиот ден од објавувањето, односно на 28 јули 2023 година.

Тргнувајќи од анализата на одредбите од Законот што сега е во сила и примена, произлегува дека тогашното Биро за вештачење можело за потребите на органите на државната управа, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да врши вештачење во соодветните области до наведениот датум. Но, концептот на Законот што сега е на сила, не предвидува иста таква можност, така што оспорената одредба е исцрпена во примената што претставува процесна пречка за постапување на Судот. Фактот дека биле започнати постапки за вештачење според оспорената одредба до влегување во сила на новиот закон не е од влијание за поинакво одлучување во овој случај. Ова уште повеќе што се работи за преодна одредба (член 63) која уредува на кој начин ќе завршат започнатите постапки, заради настанатите статусни и концептуални промени. Имено, Бирото за вештачење продолжува да работи како Биро за процена со други надлежности и повеќе не врши вештачења, туку согласно со член 47 од Законот сега врши само процена во согласност со одредбите од Законот за процена.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Законот за вештачење во кој била предвидена и оспорената одредба, престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот цени дека согласно со наведената одредба од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски