Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.132/2022
Скопје, 09.10.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифниот систем за изменување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 211/2022).
Образложение
I
Друштвото за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорениот Тарифен систем, како и Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 146/2022) се донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, врз основа на член 24 став 1 точка 1 алинеја 7 во врска со член 29 став 3 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија” бр.96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019), па како такви, наведените акти претставуваат други прописи кои според член 51 од Уставот, мора да бидат во согласност со Уставот и со закон.
Во продолжението на иницијативата, подоносителот ги цитира членовите 1 и 2, член 3 точките 69 и 76, членовите 4, 6, 7, 10, 16, член 18 став 1, членовите 23, 24, 28, 29, член 30 ставовите 1 и 5, член 34, член 100 став 5, членовите 101 и 102 од Законот за енергетика.
Понатаму, подносителот на иницијативата ги цитира членовите 1, 2 и 3 од Тарифниот систем, членовите 19 и 21 од глава III од Тарифниот систем, како и Прилог 4 кон Тарифниот систем и наведува дека со оспорениот Тарифен систем извршена е измена во Прилог 4 на формулата за пресметување на цената по која снабдувачот во краен случај ги снабдува големите потрошувачи кои останале без снабдувач со електрична енергија, односно намалување на коефициентот од 1,5 на 1,2. Како резултат на измената, цената која ја плаќаат потрошувачите кои се снабдуваат од снабдувачот во краен случај, наместо 50% над HUPX е предвидено да биде 20% над HUPX.
Во образложението на оспорениот Тарифен систем кое е достапно на веб-страницата на РКЕ како орган кој го усвоил оспорениот пропис, исто како и кај предлог тарифниот систем, се наведува дека Владата на Република Северна Македонија на седница на 30.08.2022 година препорачала на РКЕ да го измени Тарифниот систем во насока на промена на цената која ја плаќаат потрошувачите кои се снабдуваат од снабдувачот во краен случај, наместо 50% на HUPX да биде 20% над HUPX, односно да се измени формулата од Прилог 4 на Тарифниот систем.
Во продолжението на иницијативата се образложува дека на 07.09.2022 година РКЕ одржала подготвителна седница на која ЕВН Хоме ДОО Скопје изнел забелешки на предлог-тарифниот систем. На 12.09.2022 година ЕВН Хоме доставил коментари по предлог-тарифниот систем, додека на 16.09.2022 година поднел барање за ревидирање на препораката за намалување на цената што ја плаќаат потрошувачите кои се снабдуваат од снабдувачот во краен случај, до Владата на РСМ, до Министерството за финансии, до Министерството за економија и до РКЕ, дека РКЕ ги разгледала коментарите и забелешките од ЕВН Хоме и на седница на 30.09.2022 година го донела оспорениот Тарифен систем.
Според подносителот на иницијативата, од содржините достапни на веб-страницата на РКЕ, како и од образложението на предлог Тарифниот систем и на оспорениот Тарифен систем, не може да се утврди дека РКЕ како доносител на оспорениот пропис направила проценки на последиците од донесувањето на оспорениот Тарифен систем (член 34 став 2) врз исполнувањето на обврските на снабдувачот во краен случај и дека тие проценки ги објавила.
Со оглед на тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот Тарифен систем се повредени членовите 8, 30, 31, 51, 52 и 55 од Уставот, член 2 точките 1, 2 и 6, член 6, член 10 став 1 точките 1, 2 и 3, член 16 став 3, член 23 став 1 точка 8, член 28 став 4 точките 1, 3, 4 и 5, член 29 став 3 и на член 34 став 4 од Законот за енергетика како и дека со оспорениот Тарифен систем е повредена независноста во одлучувањето на РКЕ при донесувањето на оспорениот Тарифен систем.
Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека оспорениот Тарифен систем не се заснова на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација и со него, спротивно на горенаведените одредби, не се обезбедува урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите, вршители на енергетски дејности да ги надоместат оправданите трошоци, како и да стекнат соодветен принос на капитал, финансиски средства неопходни за инвестиции со кои ќе се обезбеди одржливо и сигурно функционирање на енергетските системи. Според тоа, оспорениот Тарифен систем е спротивен на целта на Законот за енергетика, особено од член 2 точка 2, за обезбедување на ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор, заснован на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, којшто обезбедува високо ниво на сигурност во снабдувањето со енергија.
Исто така, оспорениот Тарифен систем е спротивен на член 16 став 3, со што е повредена независноста во одлучувањето на РКЕ при донесувањето на оспорениот Тарифен систем, во однос на Владата на РСМ или кој било друг орган кој е дел од организацијата на државната власт, бидејќи единствен поттик за донесување на овој пропис од страна на РКЕ, видно и од неговото образложение била препораката од Владата на Република Северна Македонија донесена на седница на 30.08.2022 година. Дотолку повеќе што, спротивно на член 34 став 4, РКЕ во постапката на донесување на оспорениот Тарифен систем не објавила на својата веб-страница, ниту пак во образложението на овој пропис, навела какви било образложенија и проценки за последиците од донесувањето, односно одобрувањето на оспорениот Тарифен систем, ниту соодветно се сумирани резултатите од јавната расправа.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека самото носење и стапување на сила на оспорениот Тарифен систем процедурално и суштински не е во согласност со Уставот и со Законот за енергетика, истиот создава дополнителна правна несигурност, ги повредува темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, загарантираните економски права, гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи, загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото. Со неговата примена се доведува во прашање стабилноста на електроенергетскиот систем во целина, поради неспорното негативно влијание врз финансиската кондиција и ликвидноста на подносителот на оваа иницијатива.
Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејства донесени врз основа на Тарифниот систем за изменување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 211/2022) , бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко остранливи последици, по што, истиот да се поништи или укине како спротивен на Уставот и на Законот за енергетика.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 7, а во врска со член 29 став (3) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на седницата одржана на 30 септември 2022 година донела Тарифен систем за изменување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 211/2022).
Во член 1 од оспорениот акт било предвидено дека во Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 146/22) во Прилогот 4 формулата „𝐶𝑚 = 1,5 ∙ 𝐶m,HUPX” се заменува со формулата „𝐶𝑚 = 1,2 ∙ 𝐶m,HUPX”.
Со член 2 од оспорениот акт бил предвидено дека овој Тарифен систем влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а се применува од 1 октомври 2022 година.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата се оспорува Тарифниот систем за изменување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 211/2022) донесен на 30 септември 2022 година од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.
По поднесувањето на иницијативата, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 13 јули 2023 година, донела нов Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 155/2023). Во новиот Тарифен систем во член 21 се предвидува дека со денот на примената на овој тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северен Македонија“ бр. 146/22, 211/22 и 258/22), додека со член 22 се предвидува дека истиот ќе почне да се применува од 1 декември 2023 година.
Исто така, Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 17 ноември 2023 година, донела нов Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 246/2023), каде што во член 18 се предвидува дека со денот на стапување на сила на овој тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 146/22, 211/22 и 258/22) и Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 155/23).
Оттаму, со донесувањето на новите тарифни системи, оспорената одредба како дел од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” број 211/2022) престанала да важи заедно со означениот Тарифен систем, како негов составен дел.
Врз основа на ова произлегува дека оспорениот тарифник не е веќе дел од правниот поредок, поради што Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски