Организирана пригодна свеченост по повод пензионирањето на Мирјана Лесевска, советникот на Судот и шеф на кабинет

Судиите и службата во Уставниот суд организираа пригодна свеченост по повод пензионирањето на советникот на Судот и шеф на кабинетот на претседателот, Мирјана Лесевска.

Лесевска повеќе од половина од својот работен век го помина во Уставниот суд во одделението за стручно аналитички работи и со својот ангажман даде значаен придонес за подобрување на квалитетот на одлуките на Судот, унапредување на работењето на службата како шеф на кабинет и во последните неколку години беше назначена за ментор на новите вработени кои работат на предмети.

На свеченоста присуствуваа сите судии и службата и изразија неизмерна благодарност за досегашната соработка и професионално работење.

„Во име на Уставниот суд сакам да Ви оддадам едно признание и да искажам дека за сите нас овде Вашето работење остави силен впечаток сите овие години, ние се потпиравме на Вашата стручност, принципиелност и она што е навистина реткост, доследно држење до етиката и професионалноста во работата, кажа претседателот д-р Дарко Костадиновски.

Во Уставниот суд советничката Лесевска беше ангажирана од декември 2001 година, претходно работела во Општинскиот суд Скопје I (сега Основен суд Скопје), Апелациониот суд Скопје.

„Среќна сум што мојата кариера како правник ја завршувам во институцијата која се наоѓа на врвот на правото, се надевам дека оставам квалитетна пракса и сработени предмети од кои новите генерации на советници во Уставниот суд ќе може да научат и да им биде од помош при работењето. Низ раце ми поминале важни предмети, многу пати и со советниците и со судиите сме имале спротивставени гледишта за крајниот исход, но сум задоволна затоа што секој реферат ги добивал најиздржаните аргументи и одлуките имале тежина”, вели Лесевска.

Советничката Мирјана Лесевска работеше на предмети од сите области, меѓу кои и законите за употреба на знамињата, закон за амнестија, закони за ПИ мерки, закони од енергетскиот сектор итн.