Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.121/2023
Скопје, 30.10.2024
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 74 од од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 30 октомври 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА параграф 4 алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија, заведено под бр. 02-295/1 од 16.07.2012 година, донесено од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
2. Оваa одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија во врска со иницијативата на Здружението за развој „Млади за јавен интерес“ – Дебар, преку законскиот застапник Исамудин Османлиу, со Решението У.бр.121/2023 од 12 септември 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на параграф 4 алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија, заведено под бр. 02-295/1 од 16.07.2012 година, донесено од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/07 и 132/10).
II
На седницата Судот утврди дека согласно член 26 став 1 точка 18 од Законот за одбрана („Службен весник на РМ“ бр.42/2001, 73/2002, 78/2002, 5/2003, 58/2006, 110/2008 и 51/2011), началникот на Генералштабот го донел Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија, заведено под бр. 02-295/1 од 16.07.2012 година, со кое се регулира сместувањето и редот во воените објекти согласно со потребите на Генералштабот на АРМ, командите и единиците. Со Правилото се регулираат одговорностите на сите лица сместени во воените објекти, како и должностите на другите одговорни старешини во командите и единиците, кои директно или индиректно се вклучени во спроведувањето на редот и сместувањето во воените објекти. Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија го регулира начинот на користење на воените објекти од страна на други лица (слушатели, припадници на странски армии и сл.), истото не се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и може да се прецизира или дополни со посебна наредба на надлежен старешина.
III
Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Северна Маке¬до¬нија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, меѓу другото, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право.
Согласно со член 19 ставови 1 и 2 од Уставот се гарантира слободата на вероисповест, односно се гарантира слободно, јавно, поединечно или во заедница со друг, изразување на вера.
Амандманот VII на Уставот уредува дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската зедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон (точка1). Co точката 1 се заменува ставот 3 на член 19 од Уставот.
Членот 25 од Уставот предвидува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватност на неговиот личен и семеен живот на достоинството и угледот.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 5 од истиот член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно со член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, за време на воена или вонредна состојба и истите не можат да бидат дискриминаторски по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето, меѓу другото, не може да се однесува на јавно изразување на мисла и вероисповест.
Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, предвидува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок на Република Северна Македонија и не можат да се менуваат со закон.
Со член 122 од Уставот се предвидува дека вооружените сили на Републиката го штитат интегритетот и независноста на Републиката. Одбраната се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови.
Република Северна Македонија е потписник на повеќе меѓународни конвенции од различни сфери.
Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997.
Член 9 став 1 од Европската конвенција предвидува дека на секој човек му се утврдува право на слобода на мислите, совеста и верата, а ставот 2 предвидува дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесуваат на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко однесување и казнување на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверување, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповед. Ограничувањата на слободите и правата може да има само со закон, кога тоа претставува мерка во интерес на јавната безбедност, поредок, здравје и морал или заштита на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.
Според член 14 од Конвенцијата, уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Согласно со член 18 од Универзалната декларација за човековите права на Обединетите нациии, објавена во Резолуцијата 217 А (III) од 10 декември 1948 година, секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата. Ова право ја вклучува и слободата човекот да ја промени својата религија или убедување, како и слободата на човекот, индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или убедување, преку подучување, практикување, одржување служби или обреди.
Според член 18 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на Обединетите нации, објавен во Резолуцијата 2200А (XXI) на 16 декември 1966 година, секое лице има право на слобода на мислата, на совеста и на вероисповед. Ова право ја подразбира слободата на исповедувањето и на примањето на вера или убедување по свое наоѓање, како и слободата таа вера или убедување да го манифестира поединечно или заедно со други, како јавно, така и приватно, преку култ, преку вршење на верски и ритуални обреди и преку веронаука.
Никој не може да биде предмет на принуда, со која би му се нарушила слободата да има или да прифати вера или убедување по негово наоѓање.
Слободата на манифестирањето на верата или убедувањето може да биде предмет само на оние ограничувања што ги предвидува законот, a што се нужни заради заштита на јавната безбедност, на редот, на здравјето или на моралот, или пак на основните слободи и права на други лица.
Одбраната на Република Северна Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката, согласно со член 1 став 1 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001, 73/2002, 78/2002, 5/2003, 58/2006, 110/2008, 51/2011, 151/2011, 251/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020). Во остварувањето на одбраната на Републиката, граѓаните ги имаат следниве права и должности: 1) да извршуваат воена служба; 2) да извршуваат работна служба и 3) да извршуваат материјална служба. Извршувањето на воената служба на граѓаните, согласно со член 4 од Законот се состои од: доброволно служење на воениот рок и служба во резервните сили на Армијата. Доброволното служење на воениот рок е во траење од три месеци. Должноста за извршување на работната служба се остварува само во воена состојба. Извршувањето на материјалната служба е за потребите на Армијата во кризна, вонредна и воена состојба, како и при изведување вежбовни активности во мир, и тогаш граѓаните, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите се должни, на Министерст¬вото за одбрана по негово барање да му даваат на користење возила, машини, земјиште, објекти, како и други материјални средства, запрежен и товарен добиток.
Согласно со Законот, Армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката. Армијата се организира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката, што е предвидено во член 23. Во Армијата владее посебен ред и дисциплина, правила кои гарантираат кохезија, безбедност и професионална служба. Односите се воспоставени според принципот на хиерархија и субординација.
Армијата има постојан состав и резервни сили. Армијата се организира во единици, команди, штабови и установи.
Оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата. Согласно со член 26 став 1 точка 18 од Законот, началникот на Генералштабот донесува стручни правила и упатства што се однесуваат на употребата на единиците на Армијата, внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во Армијата и други стручни правила и упатства од значење за работата во Армијата. Врз основа на истиот член е донесено Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија.
Со Правилото се регулираат одговорностите на сите лица сместени во воените објекти, како и должностите на другите одговорни старешини во командите и единиците, кои директно или индиректно се вклучени во спроведувањето на редот и сместувањето во воените објекти. Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија го регулира начинот на користење на воените објекти од страна на други лица (слушатели, припадници на странски армии и сл.), истото не се објавува во службен весник и може да се прецизира или дополни со посебна наредба на надлежен старешина.
Службата во Армијата се уредува со Законот за служба во Армијата на Република Маке¬донија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 132/2010 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 193/2015, 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 275/2019, 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024). Со овој закон се уредува статусот, правата, обврските, должно¬стите и одго¬вор¬ностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Службата во Армијата ја врши воен и цивилен персонал. Воен персонал, во согласност со членот 3 овој закон, е:
а) активен воен персонал
– воен старешина-офицер и подофицер и
– професионален војник;
б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука
– војник на доброволно служење на воениот рок,
– лице на стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер и
– питомец на Воената академија и
в) припадници на резервните сили поставени на должност согласно со актот за формација на Армијата и тоа:
– припадници на активната резерва и
– припадници на општата резерва.
Цивилен персонал, во смисла на овој закон, е:
– цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.
Армијата е професионална служба. Согласно со член 7 став 1 од Законот, воениот и цивилниот персонал, при стапување на служба во Армијата, усно се дава и писмено се потпишува заклетва, која гласи: „Се колнам дека ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија. Дисциплинирано, совесно и одговорно ќе ги извршувам обврските и должностите како бранител на мојата татковина Република Северна Македонија и ќе се борам за нејзината слобода и чест”. Начинот и постапката на давање заклетва се утврдува со правилата за внатрешен ред и односите во вршењето на службата во Армијата што ги донесува началникот на Генералштабот на Армијата. Согласно со став 5 од истиот член, ако воениот и цивилниот персонал одбие да ја даде и потпише заклетвата од ставот (1) на овој член, ќе се смета дека договорот за работа не е склучен.
Согласно со член 30 став 1 од истиот закон, работен однос со Министерството за одбрана, како активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата, се заснова со склучување на договор за вработување во писмена форма. Ставот 5 предвидува дека при вработувањето треба да се води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитувањето на критериумите на стручност и компететност.
Државните службеници во Министерството, воените старешини поставени на должност во Министерството како и воениот и цивилниот персонал во службата во Армијата се вработени лица. Школувањето, стручното оспособување, обука и специјализација на овие лица е регулирано на начин што се упатуваат на усовршување во Министерството или во други тренинг институции во земјата и во странство.
Меѓусебните права и обврски на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата и Министерството за одбрана се уредуваат со договор, во согласност со Законот за служба во Армијата на Република Маке¬донија.
Согласно со член 1 став 2 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007, 132/2010), црквата, верската заедница и религиозната група се одвоени од државата и се еднакви пред закон.
Според член 4 став 1 од Законот не е дозволена верска дискриминација, а ставот 2 од Законот предвидува дека верското убедување не го ослободува граѓанинот од обврските што како граѓанин ги има според Уставот, законите и другите прописи, освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено. Членот 8 уредува дека само со закон може да се ограничи слободата на изразување на религијата или убедувањето доколку тоа е неопходно во интерес на јавната сигурност, поредокот, здравјето, моралот или заштита на правата и слободите на другите. Член 18 ставови 1, 2 и 3 предвидуваат дека (1) религиозниот култ се врши во верски објекти како храм, џамија, молитвен дом, синагога, на гробишта и во други простории на црква, верска заедница и религиозна група. (2) Религиозниот култ може да се врши и да се практикува и во други простории и јавни места. (3) Богослужба, молитва и други манифестации на верата во верски објект или на места од ставовите (1) и (2) на овој член може да организира и да врши верски службеник од црква, верска заедница и религиозна група во Република Македонија или со нивна дозвола. Во членот 20 е предвидено дека лицата кои се сместени во болници, домови за деца и стари лица, армиски и полициски институции и простори, затвори и слични институции можат да ја изразуваат својата вера и по сопствено барање да бидат посетувани од свештени лица заради вршење на верски обред и други форми на манифестирање на религијата или верата во согласност со куќниот ред на институцијата во која се сместени, а институциите во рамките на своите законски и просторни можности можат да одвојат просторија во која ќе се изврши верскиот обред.
За уставно-судската анализа во овој предмет Судот ги имаше предвид и компаративните согледувања во однос на слободата на вероисповед во армијата („Човековите права на припадниците на вооружените сили – Зборник на стандарди, добри пракси и препораки“ издаден од ОБСЕ), како и пристапот на Европскиот суд за човекови права по однос на ова прашање.
Имено, согласно овие согледувања, законите за вооружените сили, односно одбраната на една држава мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди. Законите треба да бидат јасни, прецизни и недискриминирачки, како и да спречат злоупотреба на дискреционите права.
Сразмерноста на ограничувањата зависи и од причините за ограничувањата. Европскиот суд за човековите права често дава на државите широки дискрециони права во случаите за ограничувањата на припадниците – персоналот на служба во Армијата. Овие широки дискрециони права се воспоставени поради државната безбедност на државите.
Во некои држави со закон е дозволено вршење на верска служба во вооружените сили. Тоа е во случаите кога одредена држава сака да ги прикаже различните делови од општеството и кога сака да ги привлече најдобрите работници, трудејќи се да ги отстрани сите препреки за учество на мажите и жените од различна вероисповед или уверувања. Во тој случај, државите, во согласност со меѓународните стандарди и примена на националното законодавство би требало да дозволат вршење на верски обреди во вооружените сили, така што чинот на верскиот обред да не ја попречува ефикасноста на војската.
Различни држави имаат различна пракса која, меѓу другото, се однесува на овозможување време и место за молитва, достапност на свештени лица или други верски претставници, погреб по верски обичаи, слободни денови за верски празници, дозвола да носат верски обележја и облека, посебен оброк во време на пост.
Меѓутоа, надворешното изразувањето на слободата на вероисповед или уверување може да биде и во спротивност со дисциплината и начинот на живот во вооружените сили. Ова вообичаено се однесува на позитивните аспекти на оваа слобода, при што вршењето на верски обреди e ограничено во интерес на дневната рутина на војската, маневрите и кампањите. Негативните аспекти можат да бидат доведени во прашање во одредени ситуации кога припадник на воружените сили е приморан да учествува во верски обреди.
Позитивните аспекти на слободата на вероисповед или уверување можат да доведат до одредени проблеми кога во прашање е Армијата како работодавец и кога е неопходно да се одвои време и место за молитва, да се обезбеди пристап на свештените лица од различни вери, обезбедување погреб во согласност со верските обичаи, поинакви униформи или оброк, како и почитување на пост. Во овие случаи сѐ зависи од сразмерноста: правото на искажување и практикување на слободата на вероисповед или уверување и истото мора да биде во согласност со неутралниот интерес на војската, редот, дисциплината и безбедноста на припадниците во службата. Начинот на решавање на овие проблеми зависи од природата и приоритетите во војската.
Во овој контекст се и член 18 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политички правила и член 9 од Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи коишто дозволуваат ова право да се ограничи доколку тоа е во интерес на заштита на јавниот ред, здравје или морал или поради заштита на правата и слободите на останатите граѓани. Член 18 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права на Обединетите нации и член 9 од Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи се однесуваат на правото на слобода на мислата, совеста и верата и го штитат правото на изразување на верата или уверувањето. Двете одредби го истакнуваат правото на секој да има вера или да ја прифати, или да ја прифати по сопствен избор како и дека ова право се однесува и на искажувањето на верата поединечно или групно, јавно или приватно. Согласно со член 18 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права на Обединетите нации, никој не може да биде натеран под присила да прифати одредена вера или уверување, додека член 9 од Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи уредува дека слободата на верата и уверувањето се однесува на правото на промена на верата и уверувањето. Ова значи дека и во време на вонредна состојба и закана по живот на нациите, правото на слободата на вероисповед или уверување мора да биде овозможено, заштитено и не смее да биде неоправдано ограничено. Кога се зборува за ограничување на ова право, Општиот коментар број 22 на Комитетот за човекови права OUN истакнува дека членот 18 прави разлика помеѓу слободата на мислата и совеста, вероисповед или уверување од слобода на изразување на верата и уверувањето. Слободата на мислата и совеста и слободата да имате и да ја прифатите верата по сопствен избор не смее да биде ограничена и безусловно е заштитена, додека правото на искажувањето, практикувањето на верата може да биде ограничено. Пристапот на Европскиот суд за човекови права, е дека во вооружените сили многу легитимно е да се ограничи правото на искажување и практикување на религиозните уверувања на начин кој е во согласност со воената дисциплина, а поради заштита на јавниот ред или права и слободи на останатите. Во редовниот состав на вооружените сили (за разлика од останатите) ограничувањата можат да постојат како резултат на одлуката поединците да се приклучат на вооружените сили и да го прифатат таквиот начин на живот.
Пристапот на Европскиот суд за човекови права е дека мешањето во слободата на вероисповед или уверување на вработените лица мора да биде оправдана. Доколку има ограничувања, неопходно е усогласување на интересите на работодавачот и вработените, како на пример, кога во една цивилна компанија има забрана на носење на верски обележја вклучувајќи го и крстот (Европскиот суд за човекови права, Eweida и други против Обединетото Кралство, oп. цит., напомена 348, параграфи 83 – 84), Судот сметал дека бизнис интересите на работодавачот немаат примат над правата на работникот. Во еден случај, Европскиот суд, сепак одлучи дека отпуштањето висок правен советник на воздушните сили во Турција не претставува кршење на член 9 од Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи (Европски суд за човекови права, Kalaç против Турција, поднесок број 20704/92, Пресуда од 01.07.1997). Турската Влада го застапувала гледиштето дека подносителот на жалбата, не го почитувал принципот на секуларноста на државата така што учествувал во активност на секта која била позната по недозволени тенденции спрема фундамен¬тализмот. Судот сметал дека подносителот на жалбата доброволно ги прифатил ограничувањата по прашањата за изразување на своите уверувања кога го прифатил системот на воената дисциплина. Отказ добил поради своето однесување и став, а не поради начинот на изразување на верата.
Во Република Северна Македонија, во Законот за одбрана и Законот за служба на Армијата на Република Македонија, прашањето за уредување на верските обреди – практикување на верата, не е уредено.
Согласно со член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповест.
Согласно со член 3 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група, правото на слобода на уверување, мисла и совест, ја вклучува слободата на манифестирање на својата вера или убедување, што сам или заедно со другите, јавно или приватно, го има секој човек.
Членот 8 од Законот, уредува дека оставена е можноста со закон да се ограничи слободата на изразување на религија и убедување, доколку тоа е неопходно и во интерес на јавната сигурност, поредок, здравје, морал или заштита на правата и слободите на другите, а според член 20 од Законот е дадена можност во армиските и полициските институции и простории, затвори и слични институции можат да ја изразуваат својата вера и по сопствено барање да бидат посетувани од свештени лица заради вршење на верски обреди и други форми на манифестирање на религијата или верата во согласност со куќниот ред на институцијата во која се сместени.
Ограничувањето на вршење на верски обреди може да има легитимна оправданост за Армијата во која владее посебен ред и дисциплина, правила кои гарантираат кохезија, безбедност и професионална служба. Таквите ограничувања имаат основ и можат да се воведат само со законско решение, а не како што е случајот со Правилото донесено од началникот на Генералштабот.
Уставот прави разлика помеѓу поимите „забрана“ (пример: член 16 став 7 од Уставот „Цензурата е забранета“) и „ограничување“ (пример: член 38 од Уставот „Се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.“) кои не се синоними, односно немаат исто значење. Во конкретниот случај, преку одредбата за забрана за вршење на верски обреди се утврдува ново правило коешто значи дека граѓаните воопшто немаат право да користат едно уставно право. Согласно со член 54 од Уставот и согласно член 8 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група, но и согласно со член 9 став 2 од Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи ова право може само да се ограничи, а не и да се забрани.
Според Судот, оспорената одредба со која началникот на Генералштабот вовел категорична забрана е без уставен и законски основ, и е спротивна на општо прифатените меѓународни стандарди.
Врз основа на наведеното Судот утврди дека оспорената одредба од Правилото „се забранува вршење на верски обреди“ е спротивна на член 54 ставови 1 и 4 и член 118 од Уставот, спротивна на темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот (основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеење на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право), како и спротивна на членовите 3, 8 и 20 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски