Дневен ред за 29. седница закажана за 7 ноември 2024 година

На 7 ноември (четврток) во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 29. седница со дневен ред за кој се предвидени седум иницијативи за оценување на уставност и законитост.

1. Реферат У.бр.208/2023

Оспорен акт: Член 67-а став 1 во делот „Прекршочниот“ од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот „Комисијата за водење на прекршочна постапка“ не е прекршочен орган, а во оспорената законска одредба, како и во Законот во целина не е пропишан институтот „прекршочен орган“ што е спротивно на член 8 алинеја 3 од Уставот и со Амандман XX.

2. Реферат У.бр.10.2024

Оспорен акт: Член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Политичка партија ВМРО – ДПМНЕ

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци, во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните. Се наведува дека истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Исто така подносителот тврди дека со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/ дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга, некои граѓани плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи.

Според наводите во иницијативата, заради оперативна и техничка неможност за издавање на стотици илјади патни исправи во предвидениот рок до 12 февруари 2024 година, дури и под услов сите лица да аплицираат до наведениот термин, управните служби на Министерството за внатрешни работи нема да бидат во можност да ги изработат сите овие документи во наведениот рок. Подносителот тврди дека стотици илјади граѓани нема да бидат во можност да ја напуштаат Републиката и да се вратат во неа по наведениот датум, а истото ќе има ефект врз нивната слобода на движење, како и врз стопанскиот промет во државата. Заради неверојатниот метеж при аплицирање и подигање на документите граѓаните се приморани дополнително да го бранат сопствениот морален интегритет од разните форми на понижувачко однесување на институциите, но и на граѓаните кои за да го остварат сопственото право, го нарушуваат правото на другите, пишува во иницијативата.

3. Реферат У.бр.105/2024

Оспорен акт: Член 16 став 4 од Законот за управни спорови

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба овозможува судиите избрани во Управен суд да се стават во нерамноправна положба, бидејќи за нив се наметнува обврската да имаат „две години судиски стаж” за да постапуваат како судија-поединец во постапките поведени во управен спор и покрај тоа што ваков услов не е предвиден во Законот за парнична постапка. Според подносителот обврската за „две години судиски стаж”е нејасна одредба бидејќи не може да се разграничи дали тој стаж треба да биде додека судијата е во Управен суд или вкупен стаж како судија. 

4. Реферат У.бр.129/2024

Оспорен акт: член 2 во делот „федерација“, член 4 став 1 во делот „општествено-политичките заедници“, член 4 став 3 во делоците „самоуправните судови“ и „општествениот правобранител на самоуправувањето“ и член 5 став 2 во делот „југословенските“, од Законот за организацијатата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја („Службен лист на СФРЈ“ бр.44/1989)

Подносител на иницијативата: игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата деловите на оспорените одредби од Законот се во спротивност со членот 1 став 1 од Уставот и член 5 став 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот; со член 8 алинеја 8 од Уставот и со член 2 точка 2 од Законот за локалната самоуправа и со Амандман XXV од Уставот и член 2 став 2 од Законот за судовите.

5. Реферат У.бр.180/2024

Оспорен акт: Член 38-а од Законот за судовите

Подносител на иницијативата: Љупчо Докузов, адвокат од Штип

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот со оспорените одредби се спречуваат новите судии и јавни обвинители во нивниот напредок и работа, со оглед дека треба да поминат повеќе години за напредок во кариерата, а се чувствуваат како помлади обвинители и судии, иако некои од завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители се на 50 годишна возраст, од кои имаат 25 години поминато во правосудството. Се наведува дека со ограничувањето на судиската и јавно обвинителската функција кои се уставни категории законодавецот директно го прекршил принципот на владеењето на правото и правната сигурност, бидејќи според него не постои правна оправданост за ограничување на овие функции по однос на стаж кои новоизбраните не би можеле да го имаат. 

6. Реферат У.бр.117/2024

Оспорен акт: Одлука за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер”, КО Долно Лакочерај-вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр.08-2681/14, донесена од Советот на Општина Охрид на 27.02.2015 година.

Подносител на иницијативата: Туристичко Здружение-Асоцијација на Охрид Билјана од Охрид, застапувано од претседател Никола Киселинов-Боздоганов

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата, меѓудругото се тврди дека изготвувачот на урбанистичкиот план во фазата на јавна анкета не го зел предвид писменото укажување за постоење на археолошки локалитет утврден со решение од страна на Еколошкото друштво „Грашница”.

7. Реферат У.бр.199/2024

Оспорен акт: Член 7 став 2 алинеја 1 од Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење изградени по програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија во делот „надоместок”. 

Подносител на иницијативата: Македонско здружение на млади правници

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата по анализа на оспорените одредби дошол до заклучок во кој тврди дека законодавецот предвидел две права кои може да се остварат поради некаков тип на попреченост, односно правото на надоместок заради попреченост и правото на надоместок за помош и нега од друго лице.

Со оглед на наведените две права, подносителот наведува дека неоправдано, арбитрено и неосновано пристап до социјално домување имаат само лицата кои го остваруваат правото на надоместок заради попреченост, но не и лицата кои остваруваат право на надоместок за помош и нега од друго лице. Бидејќи истовремено не го остваруваат и правото на надоместок заради попреченост, се исклучени од пристапот до социјалното домување се доаѓа од читање на оспорениот член 7 став 2 алинеја 1 од Одлуката каде се наведува дека кон потребната документација се доставува единствено решение од Центарот за социјални работи за остварување на правото на надоместок за попреченост. Поради тоа се наведува дека доколку некое лице достави решение од Центарот за социјална работа за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, ќе се смета дека тоа не ги доставило потребните документи, па неговото барање логично би било одбиено како непотполно, односно отфрлено како неосновано.