Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.113/2021
Скопје, 2 октомври 2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 39 алинеја 6, член 73 алинеја 2 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 2 октомври 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2014 и 219/2015).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2014 и 219/2015).
Образложение
I
Државната комисија за спречување на корупција поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2014 и 219/2015), од причина што, според Комисијата, Упатството не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членовите 4, 5, 6, 9 и член 39 став 2 алинеја 9 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016 и 132/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.42/2020 и 77/2021).
Во однос на фактичката состојба, Судот утврди дека е доставен одговор под број 03-2924/1 од 21 јули 2023 година од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој Судот е известен дека на 117-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 18 јули 2023 година, е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој стапил на сила осмиот ден од денот на објавувањето во („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023 од 20 јули 2023 година) и согласно со член 3 од овој закон се направени измени и дополнувања. Во член 6 став 1 алинејата 7 се менува и гласи „се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и за оценување на мерките за заштита на тие интереси применети од услугите на платформите за споделување видеа“. Алинејата 15 се менува и гласи „спроведува истражувања и анализи во врска со одделни прашања од областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и услугите платформи за споделување видеа,“. Алинејата 16 се брише. Ставот 2 се брише, а тоа значи дека оспореното упатство го има изгубено правниот основ за негово постоење во правниот поредок.
II
На седницата одржана на 3 јули 2024 година, Судот донесе Решение У.бр.113/2021 со кое поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2014 и 219/2015) бидејќи констатира дека во завршните одредби на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, не е предвидено да престане да важи оспореното упатство. Во врска со оваа констатација, Судот оцени дека поради фактот што Упатството не е укинато ниту со одлука на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, потребно е тоа да биде ставено надвор од правниот поредок поради тоа што со своето понатамошно опстојување го загрозува принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
Во текот на постапката, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, е доставен допис број 03-3027/1 од 11 јули 2024 година од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги дека на 28-та седница, одржана на 10 јули 2024 година, согласно со Заклучокот број 02-2978/7 од 10 јули 2024 година донесе Одлука за престанување на важење на Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2014 и 219/2015), која ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб-страницата на Агенцијата.
Имајќи предвид дека во текот на постапката Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донел одлука за престанување на важење на Упатството, односно истото престанало да важи и не е во правниот поредок, Судот утврди дека се исполнети условите од член 39 алинеја 6, член 73 алинеја 2 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), за запирање на постапката.
III
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски