Уставниот суд го отфрли барањето на подносителот Глигорие Ќатоски. Судот оцени дека барањето не ги задоволува критериумите на Судот да се впушти во мериторно одлучување, при што се исполнети условите од член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Судот за отфрлање на барањето, поради неколку факти.
Според Судот, за мериторно впуштање во одлучување потребно е да се наведат поединечни акти (конечен или правосилен) со кои е направена повредата за дискриминација, по што е побарана уставно-судска заштита, што не е случај во ова барање. Имено, подносителот наведува дека повредата на слободите и правата е сторена со дејствијата преземени од страна на Министерството за внатрешни работи со издавање на патна исправа на ден 9 февруари 2020 година и издавање на лична карта.
Наведените дејствија се хронолошки набројaни настани во конкретниот период, за што подносителот смета дека полициски службеници и други лица ја сториле повредата, но како такви не можат да претставуваат дејствија коишто имаат директен, одлучувачки карактер за ограничување на слободите и правата.
Дополнително, со барањето Уставниот суд да одлучи за добивање на соодветни документи, всушност се бара да се одлучи за фактички прашања кои излегуваат од надлежноста на Судот утврдена со Уставот, а станува збор за прашања кои можат да се утврдат или санкционираат во постапка пред други надлежни органи.
Според Уставниот суд, спорен е и временскиот рок во кој е поднесено барањето, односно ако се има во предвид датумот на преземените дејствија на кои се повикува подносителот, тоа е 9 февруари 2020 година и 28 мај 2021 година, барањето е ненавремено, односно истото е поднесено по истекот на рокот од 60 дена, предвидени во член 53 од Актот на Судот.