У.бр.132/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.132/2024
Скопје, 25.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 септември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 122 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009, 35/2010).

Образложение

I

Дамјан Цветановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 122 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009, 35/2010).

Иницијативата за оценување на уставноста на член 122 од Законот за сопственост и други стварни права започнува со констатација за несогласноста на наведениот член со член 30 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се цитира оспорената одредба од Законот за сопственост и други стварни права.

Во натамошниот тек на иницијативата подносителот го цитира членот 30 од Уставот кој смета дека е повреден со наведената одредба од Законот за сопственост и други стварни права. По однос на оспорената одредба, според подносителот на иницијативата, не се гарантира правото на сопственост на заедничките делови од објектот на сите сопственици на посебните делови. Воедно, се наметнувал заклучок дека за промена на целата ствар би била потребна согласност на сите сопственици, а не само на мнозинството сопственици како што предвидува оспорената одредба, а отсуството на обврска за плаќање на соодветен надоместок за отстапување на правото за градење придонесувало за натамошни ограничувања и нарушувања на правото на сопственост на сопствениците на станови кои не дале согласност.

Понатаму во иницијативата, подносителот наведува дека оспорената одредба го регулира остварувањето на правото на градење во случаи кога се планира надградба или доградба на објект во етажна сопственост.

Подносителот наведува дека согласно член 107 од Законот за сопственост и други стварни права се определува дека деловите на станбената зграда што се во функција на зградата како целина или само на некои нејзини делови се користат како заедничка и неделива сопственост на сите сопственици на посебните делови, односно на сопствениците чии делови се во нивна функција. Тоа значи дека темелите, столбовите, другите конструктивни елементи, кров, рамна кровна тераса, скалест простор, лифтови и сл. се во заедничка и неделива сопственост на сите сопственици на посебните делови во објектот.

Во инивијативата, подносителот правејќи аналогија со горенаведениот член, наведува дека оспорениот член од Законот е спротивен на претходното решение, односно дека кога се работи за одредено оштетување на тие заеднички делови од зградата, поправката на истите се финансира од страна на сите станари, а не само од тие кои се непосредно поврзани со наведената штета, а од друга страна кога се работи за доградба или надградба се бара согласност само од мнозинството, а не од сите станари.

Ваквото регулирање на оспорената одредба било во спротивност со член 30 од Уставот, бидејќи мнозинството од станарите можеле да ги надгласаат останатите и со тоа да им го загрозат нивното право на сопственост.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да го укине член 122 од Законот за сопственост и други стварни права со цел остварување на уставното право за заштита на сопственоста загарантирано со член 30 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 122 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект. Доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопственици на постојна зграда. Со доградбата, односно надградбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопственост и врз доградбата, односно надградбата. Во став 2 од истиот член се предвидува дека право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност.

Со став 3 од од оспорениот член е пропишано дека ако за доградбата, односно надградбата не се заинтересирани сопствениците на посебните делови од зградата, правото на градење можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата, со тоа што градителот, односно градителите се должни да платат соодветен надоместок за правото на градење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.

III

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот Суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, во постапката по предметот У.бр.203/2002 со Решението од 12 март 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста на целината на членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права. Во постапката по предметите У.бр.99/2003, 39/2004, 59/2004, 110/2004, 209/2007 и 73/2011 Судот ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста на член 122 од Законот, бидејќи одлучувал за уставноста на оспорениот член и оценил дека не постојат основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од наведеното, во постапка по предметот У.бр.203/2002, ставот на Судот е дека член 122 од Законот за сопственост и други стварни права не овозможува ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, а со пренесувањето на правото на доградба односно надградба на трето лице не се загрозуваат правата на сопствениците, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

Оттаму произлегува дека за истата работа Судот веќе одлучувал, а во иницијативата не се содржани основи кои можат да доведат до поинакво одлучување, поради што Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски