Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.195/2024
Скопје, 02.10.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 2 октомври 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Нотарската тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2024).
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Нотарската тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2024).
Со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на предметната Нотарска тарифа, со нагласување дека истата е во спротивност со Законот за нотаријат, а истовремено во спротивност и со повеќе уставни норми.
Цитирајќи ја содржината на нормите содржани во член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 50 став 1, член 51, член 52, член 68 став 1 алинеи 2 и 3, член 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Северна Македонија, подносителот конкретно нагласувајќи го член 52 од Уставот, констатира дека оваа уставна норма е содржана во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, во делот за гаранциите на основните слободи и права, што укажува дека Уставот во однос на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку како на суштинско прашање од значење и во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните во остварувањето на слободите и правата гарантирани со Уставот.
Во смисла на наведеното, подносителот додава дека во конкретниот случај, оспорениот подзаконски акт е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125 на 12 јуни 2024 година, од каде произлегува дека од датумот на неговото донесување – 2 февруари 2024 година, до денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ се изминати повеќе од седум дена, односно истиот е објавен надвор од предвидениот рок во член 52 став 2 од Уставот кој го утврдува временскиот период во кој законите и другите прописи треба да бидат објавени по нивното донесување. Според него, на овој начин се повредува уставниот принцип на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.
Анализирајќи ја, пак, одредбата од член 153 став 1 од Законот за нотаријат која претставува основ за донесување на предметниот подзаконски акт, а во која е уредено дека нотарската тарифа министерот ја донесува по претходно прибавено мислење од Комората и согласност од Владата, подносителот нагласува дека нејасно е како во член 18 од оспорениот подзаконски акт се предвидува дека „оваа тарифа влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се објави по добивањето на согласност од Владата на Република Северна Македонија“. Согласно вака пропишаното, тој заклучува дека предметната Нотарска тарифа најпрво е донесена од министерот, а дури потоа е побарана согласност од Владата, а не како што предвидува законската одредба од член 153 став 1 од Законот за нотаријат.
Согласно наведеното, од Судот се бара да поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на оспорениот подзаконски акт и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека основ за донесување на Нотарската тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа е член 153 став 1 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Во член 1 е определено дека во Нотарската тарифа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 226/16 и 33/19), членот 11 се менува и гласи: „(1) За подготовката и составувањето на нотарските акти од член 52 став (1) од Законот за нотаријатот и други закони на нотарот му припаѓа награда според вредноста на предметот на службеното дејствие, и тоа:
Од денари До денари Награда во денари
0 3.000.000,00 8.000,00
3.000.001,00 6.000.000,00 10.000,00
6.000.001,00 9.000.000,00 12.000,00
9.000.001,00 12.000.000,00 14.000,00
12.000.001,00 20.000.000,00 20.000,00
20.000.001,00 40.000.000,00 30.000,00
40.000.001,00 60.000.000,00 40.000,00
60.000.001,00 120.000.000,00 60.000,00
Над 120.000.001,00 90.000,00
(2) Во наградата од ставот (1) на овој член, опфатена е и наградата за издавање на изводи и преписи ако се издаваат непосредно по составувањето на нотарскиот акт.“
Согласно член 2 од Тарифата, во член 16 во ставот (1) износот „400,00“ се заменува со износот „1.300,00“. Во член 3 од Тарифата е определено дека во член 21 ставот (4) се менува и гласи: „(4) За прогласување на тестамент или за составување на смртовница, на нотарот му припаѓа единствена награда во износ од 2.000,00 денари.“ Додека, согласно член 4, во член 24 по ставот (1) се додаваат два нови ставови (2) и (3), кои гласат: „(2) Нотарот наплатува трошоци за секоја достава во износ од 200,00 денари. (3) Нотарот има право на материјални трошоци во износ од 50,00 денари без соодветен доказ, а за поголем износ го наплатува направениот реален трошок.“ Ставот (2) станува став (4).
Во член 5 од Тарифата е определено дека во член 27 ставот (3) се менува и гласи: „(3) За дејствијата за издавање на нотарски платен налог според член 68 став (3) од Законот за нотаријатот, кога должник е физичко лице на нотарот му припаѓа единствена награда во износ од 500,00 денари.“ А, согласно член 6 од Тарифата, насловот на членот 31 и членот 31 се менуваат и гласат:
„Заверка на договори за моторни возила
Член 31
Нотарската награда за заверка на договори за продажба на моторни возила се определува според вредноста на предметот на продажба, и тоа:
Од денари До денари Награда во денари
300.000,00 1.000,00
300.001,00 600.000,00 2.000,00
Над 600.001,00 3.000,00
Судот, исто така, утврди дека член 7 од Тарифата уредува дека насловот на членот 32 и членот 32 се менуваат и гласат:
„Заверка на препис или фотокопија на исправи
Член 32
(1) За секој заверен препис или фотокопија на исправата, наградата на нотарот изнесува 200,00 денари за секоја страница заверен препис или фотокопија на исправата, до три страници.
(2) Ако исправата се состои од четири или повеќе страници, покрај наградата од став (1) на овој член, на нотарот му припаѓа награда во висина од 30,00 денари за четвртата и за секоја наредна страница од заверениот препис или фотокопија на исправата, но не повеќе од 500,00 денари.“
Согласно член 8 од Тарифата, членот 33 се менува и гласи:
„(1) За заверка на извод од трговски, деловни и јавни книги или регистри наградата на нотарот изнесува 200,00 денари за секоја страница заверен извод од исправата до три страници.
(2) Ако изводот се состои од четири или повеќе страници, покрај наградата од став (1) на овој член, на нотарот му припаѓа награда во висина од 30,00 денари за четвртата и за секоја наредна страница од заверениот извод, но не повеќе од 500,00 денари.“
Во член 9 од Тарифата е определено дека во член 34 износот „100,00“ се заменува со износот „200,00“. Согласно член 10 од Тарифата, во член 35 во ставовите (1) и (3) износот „100,00“ се заменува со износот „200,00“. Додека, според член 11, во насловот на точката 9 зборот „ИЗВОДИ,“ се брише. А, согласно член 12, насловот на членот 45 се менува и гласи: „Преписи“.
Во член 13 од Тарифата е определено дека во член 45 ставот (1) се менува и гласи: „(1) За издавање на преписи од нотарски исправи и нотарски заверки од нотарската архива, на нотарот му припаѓа награда во износ од 600,00 денари, но не повеќе од 3.000,00 денари во зависност од големината на преписот, бројот и големината на прилозите и времето потребно за неговото издавање.“ Во ставот (2) зборот „акти“ се заменува со зборовите „исправи и нотарските заверки“. По ставот (3) се додава нов став (4), кој гласи: „(4) За вршење увид во списи од архивата на нотарот и за издавање на службена белешка, на нотарот му припаѓа награда во износ од 300,00 денари и трошоци во реален износ направени во врска со увидот пропишани со оваа тарифа.“
Согласно член 14 од Тарифата, во член 46 ставот (2) се менува и гласи: „(2) За издавање на фотокопија од архивата на нотарот, а по барање на странка, на нотарот му припаѓа награда во износ од 30,00 денари од страница.“ А, според член 15, во насловот на точката 14 сврзникот „И“ се заменува со запирка, а по зборот „РЕГИСТРИ“ се додаваат зборовите „И ПИСМЕНИ БАРАЊА“.
Според член 16 од Тарифата, во член 55 ставовите (1) и (2) се менуваат и гласат: „(1) За дејствијата кои нотарот ги презема заради запишување или бришење во јавни книги и регистри, по сила на закон или по барање на странка, на нотарот му припаѓа награда во износ од 600,00 денари. (2) За изготвување и доставување на писмени барања до органите на државната управа, единиците на локална самоуправа, судовите, други институции, организации и субјекти, до кои нотарот е должен или овластен да се обрати, на нотарот му припаѓа награда во износ од 600,00 денари по изготвено барање.“ Ставот (4) се менува и гласи: (4) За издавање на имотен лист, нотарот како овластен субјект согласно Законот за катастар на недвижности има право на награда во износ од 100,00 денари и материјални трошоци во износ од пет денари по испечатен лист хартија.“
Со член 17 од Тарифата е уредена нејзината примена која отпочнува од 1 септември 2024 година. А, согласно член 18, истата влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се објави по добивањето на согласност од Владата на Република Северна Македонија.
Судот утврди и дека Тарифата е донесена од страна на министерот за правда, со архивски бр.01-560/1 од 2 февруари 2024 година.
III
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Министерот за правда, на 19 август 2024 година, донел Нотарска тарифа за престанување на важењето на Нотарската тарифа за изменување и дополнување на нотарската тарифа, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.173 од 20.08.2024 година. Во член 1 од истата е определено дека со оваа тарифа престанува да важи Нотарската тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/24). А, согласно членот 2, оваа тарифа влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
При вака утврдена фактичка состојба, Судот цени дека со донесувањето на Нотарската тарифа за престанување на важењето на Нотарската тарифа за изменување и дополнување на нотарската тарифа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.173) и нејзиното влегување во сила, престанала да важи оспорената Нотарска тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2024), поради што истата е надвор од правниот поредок на Република Северна Македонија.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите за примена на одредбата од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата, поради постоење процесни пречки за постапување по истата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски