У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023
Скопје, 25.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 37, член 73 и член 79 став 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 25 септември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Славко Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), по која е оформен предметот У.бр.2/2024. Исто така, Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски, сите од Скопје, до Уставниот суд поднесоа две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат”, по кои се оформени предметите У.бр.203/2023 и У.бр.3/2024.

По повод поднесените иницијативи, Судот спроведе единствена постапка согласно со член 25 од Актот на Судот.

Подносителот на иницијативата по предметот У.бр.2/2024, наведува дека член 8 (со еден став) од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), е неуставен, бидејќи упатува на ретроактивна примена на одредбите од Правилникот. Наведува и дека ЗАМП, со член 1 од дополнително донесен правилник за дополнување на погоре наведениот правилник, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 286/2023, го дополнил член 8 со нов став 2, но дека и по дополнувањето, не е отстрането ретроактивното дејство на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023) којшто уредува пониски коефициенти за пресметка на авторските надоместоци за емитуваните авторски дела во 2023 година, споредбено со коефициентите, пред да бидат изменети.

Во продолжението на иницијативата подносителот ја наведува содржината на член 8 ставови 1 и 2 од интегралниот текст на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), наведувајќи дека одредбите се нејасни и конфузни и создаваат можност за латентни манипулации при вршењето на пресметката на надоместоците, а авторите ќе добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ што им припаѓа, што е во спротивност со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно правната сигурност и легитимните очекувања на граѓаните, како и во спротивност со член 52 став 4 од Уставот со кој се забранува повратното и понеповолно дејство на законите и другите прописи. Со иницијативта подносителот предлага до конечното одлучување, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот, со цел да се спречи неуставна и незаконита пресметка и исплата на авторските надоместоци.

Во иницијативата по предметот У.бр.203/2023, подносителите наведуваат дека оспорениот член 8 (со еден став) од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), недвосмислено создава повратно дејство на изменетите правила опфатени со членовите од 1 до 7 од Правилникот, бидејќи го опфаќааат периодот од 01.01.2023 година до 20.07.2023 година, во кој важеле други, различни класи, фондови и коефициенти за поентирање на емитуваните авторски дела. Наведуваат дека станува збор за понеповолни правила за пресметка на авторските надоместоци, а се однесуваат и за периодот пред влегувањето во сила на Правилникот, што е спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, којшто ја опфаќа и правната сигурност и легитимните очекувања на граѓаните, и спротивно на член 52 став 4 од Уставот, со кој се забранува повратното и понеповолно дејство на законите и другите прописи, бидејќи изменетите одредби со оспорениот правилник имаат понеповолен ефект од оние пред да бидат изменети.

Во иницијативата по предметот У.бр.3/2024, подносителите наведуваат дека откако со иницијативата по предметот У.бр.203/2023, го оспориле член 8 (со еден став) од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), ЗАМП го донел Правилникот за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 286/2023), каде што со член 1 уредил дека во Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), се врши дополнување на член 8, на начин што се додава нов став 2 којшто гласи „Одредбите на овој Правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибираат по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибирааат пред неговото влегување во сила, ќе се применува Правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој Правилник”.

Според подносителите, и по направеното дополнување на член 8 од Правилникот со новиот став 2, повратното и понеповолно дејство на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), не е отстрането. Неуставноста на член 8 став 2 од Правилникот, подносителите ја гледаат во деловите „кои се прибираат”, наведувајќи дека правната сигурност на авторите може да се гарантира само ако однапред им се познати параметрите и критериумите врз основа на кои ќе се пресметува и исплатува авторскиот надоместок, како и дека правната сигурност и легитимните очекувања на авторите можат да им бидат гарантирани само врз основа на периодот кога нивните дела биле користени, односно емитувани од страна на медиумите и корисниците, а не врз основа на времето, односно месецот кога ЗАМП ги прибрал, односно ги наплатил авторските надоместоци од медиумите за користените авторски дела.

Во продолжението на иницијативата подносителите ги појаснуваат причините поради кои сметаат дека, токму овие оспорени делови создаваат основа за повратно дејство на изменетите и дополнети правила за распределба на авторските надоместоци, пред нивното влегување во сила на 20.07.2023 година. Имено, тие наведуваат дека пресметката на авторските надоместоци треба да се врши според коефициентот којшто важел во времето кога делото е емитувано, а не според коефициентот којшто важел во време кога ЗАМП го прибрал надоместокот од медиумот. Ова од причини што за едно авторско дело, емитувано во два различни медиуми во периодот до 20.07.2023 година, авторскиот надоместок од едниот медиум може да биде прибран пред влегувањето во сила на Правилникот, а авторскиот надоместок од другиот медиум, по влегувањето во сила на Правилникот, со што оспорените делови „кои се прибираат” создаваат ситуација авторот да добие два различни авторски надоместоци (иако станува збор за исто дело емитувано во исто време), едниот поголем и пресметан според утврдениот коефициент во стариот правилник којшто важи до 20.07.2023 година, а другиот помал и пресметан според утврдениот коефициент во новиот правилник, само заради тоа што другиот медиум доцнел со плаќањето на надоместокот за користеното дело, односно само заради тоа што ЗАМП ги прибрал надоместоците од корисниците по 20.07.2023 година, кога стапиле во сила новите правила за пресметка.

Според подносителите, дополнувањето на член 8 со оспорениот став 2 од предметниот правилник, е всушност со цел да се прикаже дека со тоа се отстранува ретроактивното дејство на Правилникот, меѓутоа, од неговата содржна, конкретно од оспорените делови „кои се прибираат”, се гледала јасна намера на ЗАМП дека примената на Правилникот ќе ја темели врз основа на датумот на прибирање на авторските надоместоци, а не според датумот на емитување на авторските дела, со што, според подносителите се изигруваат легитимните очекувања на авторите дека пресметката ќе се врши согласно времетот/датумот кога нивните дела се емитувани. Во ситуација кога стариот и новиот правилник за распределба на авторските надоместоци, утврдуваат различни коефициенти за пресметка и различни класи и фондови, пресметката на авторските надоместоци, според подносителите, треба да се врши согласно коефициентот утврден во Правилникот којшто важел, односно бил на сила во времето кога делото е емитувано, поточно дека пресметката на авторскиот надоместок, не треба да се врзува и да зависи од времето, односно од датумот кога ЗАМП ги наплатил авторските надоместоци од медиумите, туку исклучиво од времето кога делата се емитувани, за да не дојде до нарушување на правната сигурност на авторите и нивните легитимни очекувања во остварувањето на нивните права.

Во врска со предметното прашање, подносителите доставија и поднесок, а кон него и Записник од мај 2016 година за извршен надзор над актите и работењето на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП” – Скопје, со наводи дека Министерството за култура при вршењето на надзорот, констатирало неправилности поврзани со пресметката, со предлог мерка насочена кон организацијата ЗАМП дека е потребно поединечните пресметки за исплата на средства на автори, ЗАМП да ги врши според класите и вредноста на бодот, коишто важеле за годината во која делата биле користени и се евидентирани и идентификувани во програмите, а не кога биле прибрани/наплатени надоместоците.

Од изнесените причини, подносителите предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот, до конечното одлучување.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот став 1 на член 8 од Правилникот, е уреден со Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), а став 2 на член 8 во кој се содржани оспорените делови, е уреден дополнително со член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 286/2023).

Судот, воедно утврди дека според оспорениот член 8 став 1 и став 2 во кој се содржани оспорените делови од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), е со следната содржина:

(1) Овој правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година.
(2) Одредбите на овој Правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибираат по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибирааат пред неговото влегување во сила, ќе се применува Правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој Правилник.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со член 52 став 4 од Уставот, е уредено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно со член 3 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија” број 115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Носителите на авторското право и на сродните права согласно со член 129 ставови 1 и 2 од Законот, можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално, лично, односно преку застапник или колективно преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон, при што колективното управување со правата опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти.

Според член 132 став 1 од Законот, колективното управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и /или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).

Со член 133 точки 1), 3) и 6) од Законот, организацијата е должна да ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Северна Македонија и во странство, да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон, како и да ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти.

Согласно со член 144 став 7 од Законот, поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите и носителите на сродните права се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.

Собранието на ЗАМП Скопје, врз основа на член 132 и член 144 од Законот за авторското право и сродните права на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), член 13 став 1 точка 1 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП Скопје (во понатамошниот текст ЗАМП Скопје), донело Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), којшто содржи 9 члена.

Со членовите од 1 до 7 од Правилникот, се вршат измени и дополнувања на одредби од интегралниот текст на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија” број 141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 281/2022). Со оспорениот член 8 којшто има само еден став, се уредува примената на Правилникот, а со член 9, се пропишува дека истиот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”, и дека влегува во сила осмиот ден од објавувањето.

Погоре наведениот Правилник е објавен на 12.07.2023 година, а влегол во сила осум дена од објавувањето, односно на 20.07.2023 година.

Собранието на ЗАМП, со интенција да го коригира, односно попрецизно да го регулира правниот режим на примена, по и пред влегување во сила на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), донел Правилник за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 286/2023. Правилникот содржи два члена.

Со член 1 од Правилникот се врши дополнување на член 8 со нов став 2, а со член 2 од Правилникот се уредува објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија” и влегувањето во сила на Правилникот по неговото објавување.

Содржината на член 8 од Правилникот со дополнетиот став 2 гласи:

(1) Овој правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година.
(2) Одредбите на овој Правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибираат по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибирааат пред неговото влегување во сила, ќе се применува Правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој правилник.

Постапувајќи по предметните иницијативи, Судот утврди дека оспорениот член 8 став 1 од Правилникот, уредува дека изменетите правила за распределбата на авторските надоместоци пропишани со Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023) ќе се применуваат почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година.

Имајќи предвид дека Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023) е објавен на 12.07.2023 година, а влегол во сила осум дена од објавувањето, односно на 20.07.2023 година, произлегува дека примената на изменетите правила за распределбата на авторските надоместоци пропишани со Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023), се однесуваат и за периодот пред 20.07.2023 година, во кој важеле други правила за распределба и пресметка на авторските надоместоци.

Според Судот, вака уредениот правен режим на примена на изменетите правила, дефиниран со одредбата од член 8 став 1 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023), којшто го опфаќа и периодот пред влегувањето во сила на изменетите правила со Правилникот, не ја обезбедува правната сигурност и легитимните очекувања на граѓаните во остварувањето на нивните права настанати пред влегувањето во сила на новиот Правилник, поради што Судот изрази сомнеж за согласноста на член 8 став 1 од Правилникот, со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Со став 2 оспорен во деловите „кои се прибираат” на член 8 од Правилникот, доносителот на актот, со интенција да го допрецизира правниот режим на примена, по и пред влегувањето во сила на новите правила, уредил дека „Одредбите на овој правилник ќе се применуваат на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибираат по неговото влегување во сила, додека на авторските надоместоци за емитувани авторски дела кои се прибирааат пред неговото влегување во сила, ќе се применува правилникот кој важел пред денот на влегувањето во сила на овој правилник.”

Анализирајќи ја содржината на член 8 став 2 и оспорените делови „кои се прибираат” од Правилникот, произлегува дека распределбата и пресметката на авторските надоместоци на авторите ЗАМП ќе ги врши, не според правилата коишто важеле во времето кога нивните авторски дела се емитувани, односно користени од страна на медиумите, туку според правилата коишто важат во времето кога корисниците извршиле плаќање за користените (емитуваните) дела, односно датумот кога ЗАМП ги прибрал, односно наплатил надоместоците од медиумите за користените дела.

Согласно Законот за авторското право и сродните права, организацијата за колективно управување, во случајов ЗАМП, е надлежна да ги прибира надоместоците од корисниците за емитуваните авторски дела, при што на авторот му следува надоместок за користеното (емитуваното) дело, а за таа цел, организацијата за колективно управување е обврзана да врши електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права.

Според член 135-а став 6 од Законот, евидентирањето се врши преку Системот за електронска евиденција, којшто, помеѓу другото, треба да обезбеди идентификување на емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права во времето кога тие се емитуваат на програмата на радио-телевизиската организација.

Согласно член 144 став 1 од Законот, организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање, додека според став 2 од истиот член, распределбата на надоместоците од ставот 1 на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Од погоре наведеното, неспорно произлегува дека емитувањето на авторското дело му претходи на прибирањето на надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права, за што на авторот треба да му се пресмета и исплати надоместок за емитуваното дело. Со моментот (времето) на емитувањето на авторското дело, се создадени правните односи, со што за организацијата произлегува обврска пресметката на авторските надоместоци да ја врши согласно правилата утврдени во Правилникот за распределба на авторските надоместоци коишто важат во време кога се создани правните односи, односно кога е емитувано делото на авторот, односно според правилата коишто им се познати на авторите во време кога се емитува нивното дело, и се согласиле со тие правила.

Меѓутоа, од оспорените делови на член 8 став 2 од Правилникот, неспорно произлегува дека правилата за пресметка на надоместоците ЗАМП ги врзува со времето кога организацијата ги прибира надоместоците од корисниците на авторските дела, а не со времето кога се емитувани делата на авторите (за што се води електронска евиденција), што доведува до ситуација, доколку тие се прибрани по влегувањето во сила на новите правила, пресметката на надоместоците (хонорарите) на авторите за нивните емитувани дела, да се врши според новите правила, независно од фактот дека тие можеби се емитувани во време на важење на претходните правила.

Оспорените делови „кои се прибираат” од член 8 став 2 од Правилникот, според Судот, не може да бидат одредница при дефинирањето на преодниот режим, по и пред влегувањето во сила на новиот пропис, туку времето на емитување на авторските дела, од причини што истото ги доведува во прашање легитимните очекувања на авторите дека за нивните емитувани дела ќе го добијат надоместокот пресметан според правилата коишто важат во време на емитувањето на делото, односно според коефициентите коишто им биле познати на авторите во време на емитувањето на нивното дело, од кои причини според Судот, уредувањето на оспорените делови во член 8 став 2 од Правилникот, не е во согласност со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи не ја гарантира правната сигурност на граѓаните и нивните легитимни очекувања коишто ги имале во времето на емитување на нивните авторски дела, и спротивно на член 54 став 2 од уставот бидејќи последица на ваквото уредување е изменетите правила да се применуваат и врз односи настанати пред нивното влегување во сила.

На ваквата околност укажувало и Министерството за култура, што се констатира од Записникот од мај 2026 година (во прилог кон иницијативата) за извршен надзор над актите и работењето на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП” – Скопје, со предлог мерка насочена кон организацијата ЗАМП дека е потребно поединечните пресметки за исплата на средства на автори, ЗАМП да ги врши според класите и вредноста на бодот, коишто важеле за годината во која делата биле користени и се евидентирани и идентификувани во програмите, а не кога биле прибрани/наплатени надоместоците.

Имајќи го предвид сето погоре наведено, пред Судот, со основ се постави прашањето за согласноста на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023) со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Поради можноста од настанување штетни последици, Судот, согласно со член 37 од Актот на Уставниот суд, одлучи да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот член 8 став 1 и став 2 во оспорените делови од Правилникот, до донесувањето на конечната одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Решението од точка 2 од диспозитивот, произведува правно дејство од денот на неговото донесување.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски