Дневен ред за 27. седница закажана за 9 октомври во 9:30 часот

На 9 октомври со почеток во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 27. седница со Дневен ред за кој се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост. Предвидено е Судот да гласа по шест предлози за донесување на конечни одлуки и да утврди пет нацрт- решенија. 

1. Реферат У.бр.6/2024 

Оспорен: Член 242 став 1 во делот „семејна“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, со оспорената законска одредба се воспоставува нееднаквост меѓу корисниците за секој друг вид на пензија (старосна или инвалидска) кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој да не можат да го остварат правото на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување за разлика од корисниците на семејна пензија кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој кои имаат право на овој надоместок. На ваков начин се повредуваат начелото на еднаквост пропишана со членот 9 од Уставот и начелото на социјална правда и хуманизам пропишани со членот 8 алинеа 8 од Уставот.

2. Реферат У.бр.102/2024

Оспорен: Делот „ако кон пријавата за исправка на грешка с еприложи изјава за согласност за исправка на грешката заверена кај нотар дадена од носителите на правата запишани во катастарот на недвижностите и субјектите во чија корист се запишани други стварни права, товари, ограничувања и прибележувања. Доколку не се приложат изјавите за согласност за исправка на грешка или постоењето на истата се утврди во постапка по службена должност, направената грешка не се отстранува, а постоењето на грешката се прибележува во имотниот лист, со потврда за запишување на промена” од член 209 став 6 од Законот за катастар на недвижности.

Подносител на иницијативата: Симо Трипуноски

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба е на штета на носителот на правото на сопственост, односно на вистинскиот носител на тоа право во случаите кога нема согласност од лицето на кое по грешка му е запишано правото на сопственост. Се наведува дека со така поставената одредба не е можно да се изврши исправка по службена должност и со тоа се повредува уставно загарантираното право на сопственост, а вистинскиот носител на правото треба да води посебна постапка за заштита на свој трошок, а притоа не по своја вина. 

3. Реферат У.бр.97/2022

Оспорен: Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Подносител на иницијативата: Ацо Томановски застапуван од адвокат Калин Митрески

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека Уредбата е во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија бидејќи законите и другите прописи не може да имаат повратно дејство и смета дека оваа Уредба не влијае поповолно за граѓаните.  

4. Реферат У.бр.88/2024

Оспорен: Член 2 став 1 алинеја 1 од Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање примарна правна помош.

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, оспорената одредба од Тарифата која предвидувала исплата на трошоци на давателите на примарна правна помош со број на бодови особено за иницијален правен совет за правото на користење бесплатна правна помош била спротивна на одредбите од Законот за бесплатна правна помош во кој децидно било пропишано дека давателите на примарна правна помош истиот го обезбедуваат без никаков надомест.

5. Реферат У.бр.132/2022

Оспорен:Тарифен систем за изменување на Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувач во краен случај донесен на 30.09.2022 година.

Подносител на иницијативата: ЕВН Хоме ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата го оспорува Тарифниот систем кој содржи два члена, а се однесува на утврдување на формулата за продажба, односно начинот на пресметка на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај. Се наведува дека  оспорениот Тарифен систем не се заснова на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација и со него не се обезбедува урамнотежување на интересите на вршителите на енергетските дејности и потрошувачите. Меѓу другото се наведува дека спротивно на член 34 став 4 РКЕ во постапката на донесување на оспорениот Тарифен систем не објавила на својата веб-страница ниту пак дала образложенија и проценки за последиците од донесувањето. 

6.  Реферат У.бр.185/2023

Оспорен: Член 13 став 2 и член 14 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија 

Подносител: Александар Петковски

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека со членот 13 од Статутот се повредува уставно загарантираното право на членовите слободно да стапува и истапува од Синдикатот, при што со членот 14 од истиот акт дополнително се условува истапувањето од членството со одредба која му наложува на работникот да мора да плаќа членарина од 3 години откако ќе истапи од членството.

II-ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр.90/2024

Донесување на одлука по поведена постапка за: 

Член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“,од Законот за вработените во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија” бр. 27/14, 199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/19 14/20 и 302/20) и член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 14/20 215/21 и 99/22);

– оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 алинеја 8 во делот „припадноста на заедницата/заедниците“, член 2 став 2 и 3 член 3, став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15); член 3 став 1 алинеја 8 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците бр. 14/2-2766/3 од 29.08.2014 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2014) и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување бр.0402-313/1 од 25.03.2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2016).

2. У.бр.69/2023 и У.бр.70/2023

Донесување на одлука по поведена постапка за член 2 став 2 алинеја 6 од Правилникот за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори и нивните измени („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.223/2022).

3. У.бр.206/2023

Донесување на одлука по поведена постапка за член 88 ставови 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023 од 12.12.2023 година).

4. У.бр.22/2024

Донесување на одлука по поведена постапка за точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп“ бр.11/2004 и 15/2020).

5. У.бр.170/2024

Донесување на одлука по поведена постапка за Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.

6. У.бр.12/2024

Донесување на одлука по поведена постапка за член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Град Скопје заведен под број 07-5204/1 од 13 декември 2011 година и објавен во „Службен гласник на Град Скопје“ број 17/2011 од 19 декември 2011 година.