У.бр.21/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.21/2024
Скопје, 25.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 септември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 16 алинеја 3, како и главата X „Автентично толкување на општите акти“ и членовите 145, 146 и 147 од Деловникот на Советот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово” бр.18/2007 и 37/2020).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 16 алинеја 3, како и на главата X „Автентично толкување на општите акти“ и членовите 145, 146 и 147 од Деловникот на Советот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово” бр.18/2007 и 37/2020).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива, со Решението У.бр.21/2024 од 9 мај 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Деловникот на Советот на Општина Берово, означени во точката 1 од оваа одлука.

II

На седницата Судот утврди дека согласно член 16 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Берово, член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барања за давање на автентично толкување на прописите.

Судот, исто така, утврди дека во Деловникот на Советот на Општина Берово, систематизирана е главата X „Автентично толкување на општите акти“ во која се содржани членовите 145, 146 и 147.

Според член 145 од Деловникот, барање за автентично толкување на општите акти се поднесува до претседателот на Советот, кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи.

Согласно член 146 од Деловникот, Комисијата за статут и прописи по барањето на автентично токлување има право да бара мислење од работните тела на Советот и органите на општината.

Во член 147 од истиот деловник е утврдено дека ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесува извештај.

III

Владеењето на правото како уставен принцип утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи. Додека, според член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Членот 43 од наведениот закон ги уредува правата и должностите на членовите на советот. Конкретно, според став 2 од наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Советот на Општина Берово, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и член 19 став 2 точка 2 од Статутот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово“ бр.13/02) го донел Деловникот на Советот на Општина Берово, објавен во „Службен гласник на Општина Берово“ бр.18/2007. Притоа, од содржината на одредбите од член 16 алинеја 3, како и членовите 145, 146 и 147 содржани во глава X со наслов „Автентично толкување на општите акти“ од наведениот деловник, произлегува дека со истите се утврдува право на член на Советот, на седница, да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, а исто така, се уредува и постапката за институтот „автентично толкување“.

Неспорно е дека утврденото право за членовите на Советот на Општина Берово се однесува на институтот „автентично толкување на прописите“ иако Законот за локалната самоуправа не содржи одредби од кои произлегува надлежност за совет на општина да може да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту пак, Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди овој правен институт. Следствено, Судот утврди дека Советот на Општина Берово, уредувајќи го ова прашање со конкретните одредби од Деловникот, излегол надвор од своите законски утврдени надлежности.

Воедно, од уставната норма содржана во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот произлегува дека автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Согласно оваа уставна норма, Собранието ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.248/2023). Според Судот, наведеното упатува на заклучок дека институтот „автентично толкување“, треба да биде предвиден во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, впрочем како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт во цитираната одредба од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Во конкретниот случај, законски основ за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може во деловник или статут изворно да се уредува истиот.

Согласно наведеното, а имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот каде е утврдено дека во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот утврди дека член 16 алинеја 3, како и главата X „Автентично толкување на општите акти“ и членовите 145, 146 и 147 од Деловникот на Советот на Општина Берово се во спротивност со Законот за локалната самоуправа и со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно која во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

IV

Со донесувањето на оваа одлука, Судот одлучи да го стави вон сила Решението У.бр.21/2024 од 9 мај 2024 година, за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Деловникот на Советот на Општина Берово.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваa одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски