У.бр.128/2024

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У. бр.128/2024
Скопје, 18.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 18.09.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31 став 1 во делот „го назначува“ од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Рапублика Северна Македонија“ бр.53/2024).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата по однос на меѓусебната согласност на член 31 став 1 во делот „го назначува“ од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Рапублика Северна Македонија“ бр.53/2024) со член 39-а од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10 и 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19).

Образложение
I

Игорчо Точев пред Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 31 став 1 од Законот за вработените во Министерството за одбрана како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека делот од одредбата што се оспорува можел да доведе во заблуда при примената, затоа што пропишувал дека министерот го назначува државниот секретар, што било спротивно на член 39-а став 2 од Законот за Владата на Република Северна Македонија, според кој државниот секретар се именува од Владата на предлог на министерот.

Подносителот смета дека со оспорениот дел од одредбата се предизвикува судир на надлежности и овластувања кои Владата ги има при именување на државен секретар во Министерството и надлежностите кои ги има министерот согласно со Законот за организација и работа на органите на управа што може да доведе до забуна во примената на самата одредба и како таква спротивна на владеењето на правото, поради што предлага Судот истата да ја укине како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

II

Судот на седница утврди дека во член 31 став 1 од Законот за вработените во Министерството за одбрана е уредено дека државниот секретар го назначува министерот, од редот на вработените од категорија Б.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оспорениот член 31 став 1 во делот „го назначува“ од Законот за вработените во Министерството за одбрана, се определува дека министерот го назначува државниот секретар кој треба да биде од редот на вработените од категорија Б.

Во конкретниот случај, со иницијативата се бара оценување на уставноста на член 31 став 1 од Законот за вработените во Министерството за одбрана, затоа што, спротивно на член 39-а став 2 од Законот за Владата на Репбулика Северна Македонија, предизвикувал судир на надлежности и овластувања, а со тоа се нарушува владеењето на правото.

Со член 112 став 2 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија”, број 27/2014), насловен како „Престанок на важност“, престанале да важат одредбите од главата IX-a членови 39-а, 39-б и 39-в од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10 и 51/11).

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, односно од 13.02.2014 година, а се применува од 13.02.2015 година.

Од изнесените наводи, произлегува дека подносителот на иницијативата аргументите ги влече преку неусогласеност на одредбите од два различни закони, а согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на два закони. Оттаму, по однос на наводите за меѓусебна неусогласеност на двата закони, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.

Што се однесува до наводот за повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, ако се имаат предвид аспектите на иницијативата, Судот оцени дека оспорената одредба не го повредува владеењето на правото со тоа што министерот за одбрана од редот на вработените од категорија Б назначува државен секретар.

Во конкретниот случај подносителот немал предвид дека законската одредба од член 39-а став 2 од Законот за Владата на Репбулика Северна Македонија, повеќе не е дел од правниот поредок, односно дека со член 112 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија”, број 27/2014) бришана е главата IX-a од овој закон, во кој беше содржан и член 39-а, па со бришењето во целост на главата IX-a од Законот, овој член повеќе не постои.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски