Поведена постапка за три члена од Законот за електронски комуникации кои опфаќаат задржување на „мета податоци” кај операторите

1. Уставниот суд на 25. седница одржана на 25 септември 2025 година одлучи да поведе постапка за членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации со кои е регулирано задржувањето на „мета податоците“ на граѓаните прибрани преку водење на електронска комуникација.

2. Судот оцени дека оспорените одредби од членовите 176, 177 и 178 од Законот навлегуваат во правото на почитување на приватниот живот, непровредливоста на комуникациите и правото на заштита на сигурноста и тајноста на личните податоци кои се гарантирани со Уставот, поради што основано се постави прашањето на нивната согласност со темелната вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 – владеењето на правото како и правната сигурност како негов составен елемент, правото на слобода и неповредливост на сите облици на комуникација од Амандман XIX, правото на сигурност и тајност на личните податоци од член 18 и правото на заштита на приватноста од член 25 од Уставот.

3. Мета-податоците откриваат меѓу кои лица е воспоставена комуникацијата, формата на комуникацијата (мобилна, фиксна телефонија, интернет, електронска пошта итн), точното време и место на комуникацијата, уредите меѓу кои е воспоставена комуникацијата, кои места сме ги посетувале, кога и од која локација сме се поврзале на интернет, кои веб страници ги пребаруваме, кои социјални мрежи ги користиме и др. Со оглед дека станува збор за податоци (податоци за повикувачките и повикуваните телефонски броеви, името и адресата на претплатникот односно корисникот), со нив  лесно може да се идентификува лицето, односно лицата помеѓу кои е воспоставена комуникацијата, а со нивна анализа да се дојде до мошне прецизни заклучоци за приватниот живот на лицата вклучително местото на живеење, дневни активности и навики, податоци за нивното движење, кругот на лица со  кои се остваруваат контакти и сл.

4. Значајно е да се потенцира дека мета-податоците не ја откриваат содржината на комуникацијата и кога зборуваме за задржување на мета-податоци не зборуваме за следење во смисла на прислушкување на телефонски разговори или читање на туѓи мејлови. Содржината на комуникацијата се следи при примената на „класичните“ методи на следење, односно со спроведување посебна истражна мерка (следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации и мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата) детално регулирани со Законот за следење на комуникациите.

5. Судот во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека постојното законско решение овозможува обемно и масовно вмешување од страна на државата во приватниот живот на граѓаните, со оглед на тоа што задржувањето на податоците е неселективно и се однесува практично на целиот телефонски и интернет сообраќај на секој претплатник, односно корисник на фиксна, мобилна телефонија и интернет и се однесува на период од 12 месеци, колку што е законски утврдениот рок за задржување на податоци со исклучок на оние до кои што било пристапено и биле зачувани. Исклучокот значи дека не постои временско ограничување за чување кај операторот на овие податоци до кои што било пристапено и биле зачувани, па оттука тие можат да се чуваат неограничено, без да бидат уништени. Оттука, за Уставниот суд е неспорно дека задржувањето на податоците за телекомуникацискиот сообраќај претставува навлегување во приватниот живот на поединците, односно граѓаните кој ужива заштита согласно член 25, Амандман XIX од Уставот како и на правото на сигурност и тајност на личните податоци од член 18 од Уставот.

6. Поради потенцијал на мета податоците да навлезат во уставно гарантираната приватност на граѓаните, Уставниот суд оцени дека оспорените членови од Законот не го исполнуваат критериумот за јасност и прецизност на правните норми од сферата на следењето на комуникациите и укажа дека е потребно овие законски одредби за задржување на податоците да бидат јасни и прецизни за да не оставаат простор за интерпретација во нивната примена, особено во делот на пристапот кон задржаните податоци каде се потребни посебни гаранции во поглед на тоа кој може да пристапи до податоците, во кои случаи и во каква постапка, како и прашањето за бришење на податоците и правото на правна заштита на поединецот кон чии што мета податоци било пристапено.

7. Уставниот суд оцени дека во оспорените одредби од Законот недостасува квалификативот на неопходност (согласно Амандманот XIX од Уставот „ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела), со кој би се обезбедило ограничувањето на слободата на комуникациите да се врши само кога тоа е навистина потребно заради остварување на уставно дозволените цели – откривање на кривични дела и заштита на безбедноста на државата, односно кога не постојат други методи и средства кои се помалку инвазивни по однос на приватноста на засегнатите лица. Наместо тоа, оспорените одредби утврдуваат општа обврска за задржување на податоците на неограничен број на лица и на целокупната електронска комуникација на сите корисници, без оглед на тоа дали тие се или не се поврзани со истраги за сторени кривични дела со цел во иднина, доколку е потребно (пр. доколку некое лице е осомничено или обвинето за сторено кривично дело или доколку се утврди некаква опасност по обезбедноста и одбраната на земјата) истите да можат да се анализираат во постапката.. Оттука според Судот се постави прашањето дали овие мерки се навистина неопходни и пропорционални заради остварување на легитимната цел – заштита на безбедноста и борбата против сериозните облици на криминал.

8. Судот оцени дека освен природата и тежината на кривичните дела за кои може да се пристапи кон задржаните податоци за да се обезбеди условот на неопходност, потребно е законските одредби на јасен начин да го ограничат пристапот само за оние лица за кои постојат фактички индикации дека планираат или извршиле сериозни кривични дела. Непредвидувањето на овие ограничувачки услови за пристап до задржаните податоци значи дека е оставен широк простор за слободно толкување и арбитрерна примена на законот што создава опасност од злоупотреба на задржаните податоци за други потреби, а не за остварување на легитимните цели утврдени со Уставот.

9. Во насока на усогласување со принципот на владеењето на правото и принципот на пропорционалност и сразмерност на ограничувањеата на човековите права како негов составен дел, законската рамка за мета-податоците мора да предвиди прецизни рокови за чување на задржаните податоци до кои е пристапено по истекот на кој операторите ќе бидат должни истите да ги избришат. 

Неспорна е потребата од предвидување на обврска за бришење на податоците во случај кога ќе се утврди дека задржаните податоци не се од значење за целите поради кои кон нив се пристапило. Постојната ситуација во која постои неограничено чување на податоците, за кои можеби повеќе и не постои потреба да бидат користени и анализирани, е непропорционална со јавниот интерес и создава опасност од злоупотреба на податоците, што е спротивно на Aмандман XIX и на член 18 од Уставот кој ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.                                                                       

10. Свесен дека задржувањето на податоците за телефонските и интернет комуникаци претставува неопходно средство на органите за прогонот заради откривање и гонење на сторителите на кривични дела и заради заштита на безбедноста на државата и на граѓаните, а со цел органите на прогонот да не бидат лишени од оваа алатка за борба против криминалитетот од една страна, а од друга страна граѓаните да бидат заштитени од прекумерното, непропорционално и неселективно навлегување во нивните уставно заштитени права на приватност и  слобода на комуникациите, Уставниот суд одлучи да го примени член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд и да му определи на Собранието на Република Северна Македонија рок од шест месеци за измена и/или дополнување на Законот за електронските комуникации.