У.бр.73/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.73/2024
Скопје,12.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 12 септември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 17 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Василево, број 01-24/1 од 10.01.2007 година („Службен гласник на Општина Василево” бр. 1 од 28.12.2006).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 17 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Василево, број 01-24/1 од 10.01.2007 година („Службен гласник на Општина Василево” бр. 1 од 28.12.2006).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива со Решението У.бр.73/2024 од 9 мај 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 17 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Василево, означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека според член 17 алинеја 3 од Деловникот на Општината, член на Советот, меѓу другото, има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување прописите.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис ии друг општ акт.

Уставниот суд, согласно член 27 став 1 од Деловникот, може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се носат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, дека само Собранието има уставно овластување за донесување закони и нивно автентично толкување, а сето тоа во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Од содржината на оспорениот акт, произлегува дека Советот на Општина Василево, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), член 22 точка 1 од Статутот на Општина Василево – пречистен текст („Службен гласник на Општина Василево“ бр.10/06), на седница одржана на 08.12.2006 година, донел Деловник на Советот на Општина Василево.

Оспорениот член 17 од Деловникот, пропишува кои права ги имаат членовите на Советот на седниците на Советот. Помеѓу останатите права, во алинеја 3 од истиот член, се предвидува дека член на Советот на седниците на Советот има право да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, а оттука и Советот на Општината да дава автентично толкување.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010,23/2013 и 152/19).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Василево како орган на локалната власт, донел Деловник на Советот на Општина Василево во кој во член 17 алинеја 3 е содржано оспореното автентично толкување на прописи.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002), не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, произлегува дека Советот на Општина Василево, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот на Советот на Општина Василево, во кој во член 17 алинеја 3 е содржано оспореното автентично толкување.

Во конкретниот случај станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010,23/2013 и 152/19 ). Со оглед на тоа дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Од наведените причини, Судот цени дека пропишаниот член 17 алинеја 3 од Деловникот не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски