Издвоено мислење по предметот У.бр.61/2009

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) после моето гласање против укинување на акт на Владата, го изнесувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

На Одлуката У.бр.61/2009 од 25 ноември со која се укинува актот на Владата на Република Македонија за разгледување и усвојување на Информацијата за начинот на одбивање на надоместокот за превоз од бруто плата на вработените во 2009 година кои и досега не го примале истиот, донесен на Педесеттата седница на Владата одржана на 30 јануари 2009 година.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.61/2009 од 25.11.2009 го укина актот на Владата на Република Македонија за разгледување и усвојување на Информацијата за начинот на одбивње на надоместокот за превоз од бруто плата на вработените во 2009 година, а по иницијатива на Основна органиација на СОНК при ОУ „Емин Дураку“ од с. Букович – Скопје. Ваквата одлука Уставниот суд ја донесе со мнозинство гласови.

Од причина што против ваквата одлука на Судот јас гласав против, чувствувам потреба а во смисла на горе цитираната деловничка одредба да го издвојам своето мислење, а од следните причини:

Според моето мислење во конкретниот случај Уставнииот суд постапи спротивно на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд бидејќи сметам дека оспорениот акт не ги содржи сите елементи што треба да ги содржи еден општ пропис, само за кои Уставниот суд согласно член 110 од Уставот има надлежност да постапува.

Имено од одредбите на Уставот и неговиот концепт пооднос на прописите, според мое мислење неспорно е дека предмет на уставно судска оценка може да биде само пропис кој содржи определени правни елементи кои му даваат карактер на пропис, поточно да е донесен од надлежен орган, да содржи општи норми на однесување, да ги уредува односите на субјектите во правото на општ начин и за неопределен круг на субјекти во правото. Меѓутоа сметам дека во конкретниот случај оспорениот акт – писменото известување на Владата на Република Македонија за разгледување и усвојување на информацијата на Министерството за финансии од 30.01.2009 година претставува редовен допис на Владата со органите на државната управа и со другите субјекти на правото и како таков тој нема карактер на пропис. Од тука според моето длабоко убедување иницијативата за оценување на таквиот допис Уставниот суд согласно своите надлежности дефинирани во Уставот, во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, требаше да ја отфрли

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Вера Маркова

Одлука У.бр.61/2009