Издвоено мислење по предметот У.бр.141/1997 и 146/1997

Противењето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.141/97 и 146/97 од 18.11.1998 година, со која се укинаа:

а) Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености и

б) Указот за прогласување на Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97),

го правам врз основа на член 25 став 6 и член 50 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) и го образложувам со следната фактичка и правна аргументација:

Според член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и слободното изразување на националната припадност. Исто така, според член 48 став 1 од Уставот, припадниците на националностите имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености, а според став 2 од истиот член на Уставот, Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на националностите.

Овие уставни одредби значат:

1) граѓанинот државјанин на Република Македонија, кој е припадник на некоја националност во Република Македонија, претставува вредност (богатство) од темелно (базично) значење за правниот поредок на државата – Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот);

2) на тоа богатство, односно на граѓанинот (државјанин на Република Македонија) кој е едновремено и припадник на некоја националност во Република Македонија), му се дава можност слободно (што значи без ограничување) да ја покаже (на било кој начин: со збор, звук-тон, боја… или друг знак, односно симбол) посебноста, специфичноста на националноста на која и припаѓа (член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот);

3) овие граѓани кои се основно богаство на државата – Република Македонија, не само што не се ограничени во покажувањето на своите посебности, туку не се ограничени ниту во чувањето (негувањето), ниту во продлабочувањето (развивањето) на своите индивидуални и колективни национални посебни особини (член 48 став 1 од Уставот);

4) овие граѓани дури и се заштитени од Републиката, односно државата е должна да им ги чува етничките, културните, јазичните и верските посебности (член 48 став 2 од Уставот);

5) освен изнесената интерпретација на наведените уставни одредби и целината на Уставот на Република Македонија од 1991 година, укажува дека изнесените уставни одредби (член 8 став 1 алинеја 2 и член 48 ставовите 1 и 2) треба да се разберат и применуваат во напред наведената смисла. Имено, со оглед на тоа што суверенитетот (односно власта) во Република Македонија произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните (член 2 став 1 од Уставот), како и со оглед на тоа што Собранието на Република Македонија одлучува со мнозинство гласови (член 69 од Уставот), очигледно е потребно националностите да се заштитени од евентуалната еднострана воља на мнозинството и тоа е направено со Уставот како акт со кој се конституира државата. На тој начин, заштитени и слободни, националностите стануваат позитивен, конструктувен фактор во развојот на вредностите на Република Македонија како држава, бидејќи се задоволни со условите во кои живеат, а не се деструктивен фактор кој сака реорганизира нешто што му создава незадоволство односно чувство на асимилација;

6) Наведените уставни одредби, особено член 48 ставовите 1 и 2 од Уставот, интерпретирани во напред изнесената смисла, претставуваат цврста основа за донесување на Законот за употребата на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентите и националните особености (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/97). Имено, Законот има уставна основа и не требаше да се укине поради следното:

а) поблиску ги определува правилата за изразување на идентитетот и националните особености на припадниците на националностите во Република Македонија преку употреба на знамињата на националните малцинства кои живеат во Република Македонија (на пр. граѓаните државјани на Република Македонија кои се припадници на националностите можат да го употребуваат своето знаме во приватниот живот – свадба, сунет, крштевка, погреб… или на културни, спортски и други приредби – музички фестивали, фудбалски утакмици … член 3 од Законот). Тие граѓани не можат да го употребуваат своето знаме пред објектите во кои се сместени државните органи (член 4 од Законот) или на државен празник на Република Македонија може да се истакне, покрај државното знаме, и знамето на националностите и тоа во општините во кои националностите се во мнозинство како и пред објектите на општинските органи (член 5 од Законот). Очигледно е дека Законот ја регулира употребата на знакот (симболот) – знамето на националните малцинства во приватната и културната сфера и на локалното подрачје, односно вон сферата на државната власт, освен во еден случај (државните празници), кога не се доведува во прашање државниот суверенитет во определени општини, бидејќи се истакнува државното знаме а се покажува и посебноста на населението во општината (преку нивното знаме);

б) изнесениот начин на употребување на знамето на националностите може поблиску да се подведе под чување на нивниот културен идентитет, односно посебност (член 48 став 2 од Уставот);

в) знамето на албанската националност се употребувало (црвено поле што го симболизира сонцето со црн двоглав орел во средината – што ја симболизира слободата) уште од 28 ноември 1443 година (историја на албанскиот народ, издание – Тирана од 1994 година, страна 56) како и со оглед дека тие, тој симбол го употребувале на овие простори и во текот на II-та светска војна од 1941 до 1945 година (Кичево и кичевско во НОБ – документи, издание 1985 година, страна 181), произлегува дека тој симбол е дел и на нивната традиција која, пак, е елемент на етничкиоте идентитет па, и по тој основ, Законот има основа во член 48 став 2 од Уставот;

г) знамето на албанската националност во Република Македонија станало традиција и елемент на нивниот етнички идентитет и со тоа што имале право да го употребуваат “знамето на народностите” според член 178 став 3 од Уставот на СРМ од 1974 година и според Законот за употреба на знамињата на народностите (“Службен весник на СРМ” бр.40/73);

д) дека симболите на националностите на (знамињата) имаат основа во член 48 од Уставот на Република Македонија од 1991 година, произлегува и од изјавата, дадена во својство на член на Комисијата за изготвување на текстот на Уставот, во врска со тој член од Уставот. Тоа го потврди и еден бивш амбасадор на подготвителната седница на Судот, одржана во март 1998 година;

ѓ) и почитуваниот академик по уставно право Евгениј Димитров, на подготвителната седница на Судот од јануари 1998 година изјави дека Законот има основ во членот 8 став 1 алинеја 2 и во членот 48 од Уставот, како и дека поради гостиварските настани и практичните потреби Законот требаше да се донесе, при што Законот не го повредува суверенитетот на државата ниту воспоставува суверенитет на националностите туку се изразува само националниот идентитет (култура и традиција);

е) Законот не може да се оценува од аспект на неговата согласност со член 5 од Уставот, како што се прави во Одлуката за неговото укинување, бидејæи се однесуваат на различни прашања. Имено, Законот се однесува на употреба на знамињата на националните малцинства заради изразување на своите посебности, а членот 5 од Уставот се однесува на државното знаме како израз на суверенитетот и територијатлниот интегритет на Република Македонија.

ж) Стечените и природните права, Уставот на Република Македонија не ги укинува (член 52 став 4 од Уставот).

з) Со ваквата Одлука Уставниот суд го крши и членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот според која една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право. Ова, затоа што: член 5 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, ратификувана со закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/97), ја задолжува Република Македонија, како потписничка да им овозможи на припадниците на националностите да ја сочуваат и развиваат својата култура, како и да ги сочуваат суштинските елементи на нивниот идентитет – нивната вера, нивниот јазик, нивните традиции и нивното културно наследство.

Знамето, албанската националност го има употребувано од 1941 до 1998 година (со мали прекини 1948 поради информбирото и 1989 година кога почна да се распаѓа Титова Југославија – значи за време на вонредни околности) и за тоа време не го навредувала суверенитетот и територијалниот интегритет како и политичката независност на Република Македонија (член 21 од Рамковната конвенција).

и) Истото право го уживаат националните малцинства со член 11 од Уставот на СР Југославија, и во Република Хрватска како и во Република Словенија (Књига људска права, Београд 1997 година страна 78).

ј) Необјективен е ставот на Судот дека членот 4 кој зборува за употреба на знамето на националностите пред и во објектите на локалната самоуправа (без исклучок) ако тие се малцинство од населението и членот 5 кој допушта и употреба на знаме на националностите пред и во објектите на локалната самоуправа ако припадниците на една националност се мнозинство од населението, дека со тоа наводно се повредува начелото на еднаквост на граѓаните (член 9 од Уставот).

Со овој став не се согласувам од причини што сметам дека самиот Устав во членот 7 ја прави истата разлика кога е во прашање службената употреба на јазикот на националноста. Ако во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кириличното писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.

Во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кириличното писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и на начин утврдени со закон. Разликата што ја прави самиот Устав не го вреѓа начелото на еднаквост (- макар таа и да постои и во реалниот живот), затоа што тоа го бара принципот на владеење на правото.

к) Недоволно научен е ставот на Судот изнесен на страна 4 став 3 од Одлуката дека членот 48 од Уставот признава поединечни права а не и колективни, затоа што националноста е колективитет, и членот 48 од Уставот на националностите им признава колективни права.

Според италијанскиот научник Макинверни постојат три права кои се потполно колективни и тоа: право на опстанок на малцинствата, право да не бидат асимилирани и право на стварно учествување при објавување на јавни работи (Књига људска права, Београд 1997, страна 402).

По содржина овие колективни права – со сите четири става ги признава член 48 од Уставот за малцинствата. Цел е на членот 48 од Уставот да се постигнат тие вредности што ги набројува Макинверни.

Указот за прогласување на Законот не е пропис (општ акт) и согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја цени неговата уставност, па не требаше ниту да го укине.

Да резимирам:

Во правна ситуација кога:

1) Овој исти суд во врска со гостиварските настани, со Решение У.бр.52/97 од 21 мај 1997 година на чија страна 2 точка 5 изрази став дека оваа материја може да се уредува само со закон (и сугерираше на Владата и Собранието да се донесе закон);

2) Собранието на Република Македонија, согласно член 68 став 1 алинеја 2 го донесе Законот;

3) Претставникот на Собранието и на Владата пред овој Суд, на подготвителната седница изјавија дека Законот не во спротивност со член 5 од Уставот, а има основ во член 48 од Уставот;

4) Претставникот на науката по уставно право академикот Димитров изјави дека Законот е во согласност со Уставот, има основ во член 8 став 1 алинеја 2 и во член 48 од Уставот – и изјави дека поради гостиварските настани овој закон требаше да се донесе како и дека Законот не го вреѓа суверенитетот на државата, односно не е израз на суверенитетот на националностите.

Се наметнува заклучок (логичен) дека Законот не требаше да се укине.

Судија на Уставниот суд
на Република Македонија
Бесим Селими

Решение У.бр.141/1997 и У.бр.146/1997