У.бр.42/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.42/2024
Скопје, 10.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 јули 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 16 алинеја 3 и членовите 146, 147 и 148 од Деловникот на Советот на Општина Струмица, број 07-1510/1 од 16.03.2006 година, објавен во „Службен гласник на Општина Струмица“ бр.2/2006.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 16 алинеја 3 и член 146, 147 и 148 од Деловникот на Советот на Општина Струмица, број 07-1510/1 од 16.03.2006 година, објавен во „Службен гласник на Општина Струмица“ бр.2/2006.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение
I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.42/2024 од 27 март 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот, означен во точката 1 од диспозитивот на Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека во член 16 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Струмица се предвидува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за автентично толкување на прописите.

Судот, исто така, утврди дека во член 146 од Деловникот е уредено дека барањето за автентично толкување на општите акти се поднесува до претседателот на Советот, кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи.

Според член 147 од Деловникот, Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и органите на Општината.

Со член 148 од Деловникот е утврдено дека ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано, ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесува извештај.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Според член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи. Според член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Согласно со погоре цитираните законски одредби, неспорно е дека совет на општина е надлежен да донесува статут и други прописи, меѓутоа, Законот со ниту една одредба не предвидува надлежност на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут) да уредат одредби за автентично толкување на општи акти.

Органите на локалната власт можат да го употребуваат институтот автентично толкување, само ако истото е предвидено во закон, како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, додека, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 152/2019).

Во конкретниот случај, законска основа за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може совет на општина во деловник или статут изворно да го уредува институтот автентично толкување и процедура за истиот, како што во конкретниот случај овој институт е уреден во Деловникот на Советот на Општина Струмица, со што Советот на Општина Струмица излегол надвор од своите надлежности утврдени во Законот за локалната самоуправа.

Имајќи го предвид погоре наведеното, како и имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот оцени дека член 16 алинеја 3 и членовите 146, 147 и 148 од Деловникот на Советот на Општина Струмица, не се во согласност со Законот за локалната самоуправа, вклучително со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека член 16 алинеја 3 и членовите 146, 147 и 148 од Деловникот на Советот на Општина Струмица, број 07-1510/1 од 16.03.2006 година („Службен гласник на Општина Струмица“ бр.2/2006), не се во согласност со Уставот и законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски