У.бр.144/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.144/2024
Скопје, 10.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10.07.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22 став (1) алинеја 1 во делот „и членовите на стечајниот совет“, член 65 став (4) во делот „до стечајниот совет“, член 206 став (1) во делот „стечајниот совет“ и член 214 став (1) во делот „стечајниот совет“ од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

Образложение
I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 22 став (1) алинеја 1 во делот „и членовите на стечајниот совет“, член 65 став (4) во делот „до стечајниот совет“, член 206 став (1) во делот „стечајниот совет“ и член 214 став (1) во делот „стечајниот совет“ од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015), како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во наводите од иницијативата се наведува дека со Законот за стечај донесен во 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006) се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка, органите на стечајната постапка, управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса, намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка, правните последици од отворањето на стечајната постапка, планот за реорганизација, личното управување, ослободувањето од другите обврски, посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец, стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.

Во глава втора од Законот се предвидени одредби кои го утврдуваат составот и овластувањата на Стечајниот совет, па така член 16 од Законот предвидува дека стечајниот совет е составен од тројца судии, од стварно надлежниот (првостепен) суд, од кои еден е претседател на советот, при што стечајниот судија не може да биде член на стечајниот совет.

Членот 17 пак содржи повеќе одредби со кое се уредуваа самите овластувања на стечајниот совет.

Стечајниот совет во принцип одлучува против жалбите на решенијата на стечајниот судија, кое нешто го предвидува и член 12 став (1) од Законот, додека член 12 став (5) уредува дека против решенијата на стечајниот совет е дозволена жалба до апелациониот суд.

Со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2013), член 12 се измени и во став (1) по измената гласи „против решение на стечајниот судија може да се изјави жалба до апелациониот суд преку надлежниот основен суд во рок од осум дена, кога тоа е определено со овој закон.“

Со член 6 пак, од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2013), е предвидено во дел втори глава втора, членовите 16 и 17 да се бришат.

На овој начин, „стечајниот совет“ како еден вид на инстанционен орган во постапката за стечај составен од тројца судии на стварно надлежниот првостепен суд, престана да постои.

Меѓутоа, со овие и подоцнежните измени и дополнувања на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015), не е (во целост) извршено усогласување со бришењето на „стечајниот совет“, на начин што сè уште останаа на сила некои законски одредби во кои и понатаму егзистира поимот „стечаен совет“.

Понатаму, подносителот на иницијативата ги цитира член 22 став 1 алинеја 1, член 65 став 4, член 206 став 1, член 214 став 1 од Законот за стечај и наведува дека цитираните законски одредби кои се моментално во примена, сè уште се повикуваат на „стечајниот совет“, и покрај фактот што истиот е избришан и не постои во правниот промет што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, нешто што секако би можело да биде на штета на правата и правните интереси на граѓаните.

Во смисла на горенаведеното, цитираните законски одредби во оспорените делови се нејасни, неразбирливи и неконзистентни една со друга, кое нешто секако може да биде на штета на правната сигурност на граѓаните.

Врз основа на сето погоре наведено, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да поведе постапка и да донесе одлука со која ќе се укинат цитираните членови во оспорените делови.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 22 став 1 алинеја 1 е предвидено дека за стечаен управник не може да биде именувано лице роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четвртиот степен (колено), роднина по сватовство до втор степен, или брачен другар на стечајниот судија и членовите на стечајниот совет.

Со член 65 став 4 од Законот се предвидува дека со решението, со кое се одобрува преземањето на долгот, стечајниот судија ќе ја запре претходната постапка. Против тоа решение предлагачот има право на жалба до стечајниот совет. Примерок од решението се доставува до Централниот регистар.

Во член 206 став 1 е предвидено дека ако трошоците на стечајната постапка се покриени, но имотот што влегува во стечајната маса не е доволен за намирување на другите пристигнати обврски на стечајната маса, стечајниот управник ќе го извести стечајниот совет за недоволноста на имотот што влегува во стечајната маса. Оваа одредба ќе се применува и тогаш кога постои само веројатност дека на денот на нивното пристигнување, имотот нема да биде доволен за намирување на другите постојни обврски на стечајната маса.

Со член 214 став 1 е предвидено дека против решението со кое стечајниот судија ја запрел, односно ја заклучил стечајната постапка, согласно со членовите 205, 210 или 211 од овој закон, секој доверител може да изјави жалба до стечајниот совет во рок од осум дена. Должникот, исто така, може да изјави жалба во рок од осум дена ако стечајната постапка е запрена врз основа на член 205 од овој закон.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 22 став (1) алинеја 1 во делот „и членовите на стечајниот совет“, член 65 став (4) во делот „до стечајниот совет“, член 206 став (1) во делот „стечајниот совет“ и член 214 став (1) во делот „стечајниот совет“ од Законот за стечај со образложение дека со измени и дополнувања на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015), член 22 став 1 алинеја 1, член 65 став 4, член 206 став 1, член 214 став 1 од Законот за стечај, оспорените законски одредби кои моментално се во примена, сè уште се повикуваат на „стечајниот совет“, и покрај фактот што истиот е избришан и не постои во правниот промет што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, што секако би можело да биде на штета на правата и правните интереси на граѓаните.

Од анализата на горенаведените одредби од Законот произлегува дека станува збор за технички пропуст од номотехничка природа и истиот е сторен во моментот на измени и дополнувања на Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015), кога не е (во целост) извршено усогласување со бришењето на „стечајниот совет“, на начин што сè уште останаа на сила одредени законски одредби во кои и понатаму постои поимот „стечаен совет“, којшто со системско толкување на целините на законските одредби е лесно воочлив. Поради наведеното сметаме дека не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба со принципот на владеењето на правото.

Уставниот суд констатира дека многу често во Судот доаѓаат иницијативи со кои се бара да се исправи технички пропуст од номотехничка природа што го направил законодавецот. Уставниот суд ги отфрла ваквите иницијативи кои сами по себе, како во овој случај, не се во негова надлежност. Судот цени дека законодавецот е должен да врши соодветно хоризонтално усогласување на законите, толкување на нормите, пополнување на номотехничките пропусти и празнини во практичната примена на законите во функција на обезбедување на правната сигурност.

При ваква состојба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата бидејќи наводите на подносителот на иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд, за прашање за кое надлежен е законодавниот орган кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски