У.бр.83/2022


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.83/2022
Скопје, 03.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 јули 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22-а став 1 точка 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 18/1999, 31/2000, 42/2003, 64/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 8/2011, 55/2013, 33/2015 и 104/2015).

Образложение

I

Адвокатското друштво Бачовски Синколи адвокати од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 22-а став 1 точка 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 18/1999, 31/2000, 42/2003, 64/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 8/2011, 55/2013, 33/2015 и 104/2015).

Подносителот во иницијативата наведува дека оспорениот член 22-а став 1 точка 2 во делот „земјоделско“ и „од ист вид, површина и бонитет како одземеното“, од Законот за денационализација, не се во согласност со член 9 став 2 и член 30 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека според член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2000), кој претставува член 22-а од пречистениот текст на Законот за денационализација, меѓу другото, уредено е дека кога не е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, кое при поднесување на барањето за денационализација е градежно неизградено земјиште, барателот може да бара враќање на земјиштето во сопственост, да му се даде ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното или да му се даде надомест согласно со одредбите на овој закон.

Во врска со предметното оспорување, подносителот наведува дека во делот II од Законот за денационализација, со наслов „Враќање во сопственост“ се регулирани прашањата за враќање на недвижноста во сопственост, каде е содржан и оспорениот член.

Според подносителот, како спорно, се поставува прашањето дали граѓаните како баратели во постапка за денационализација со оспорената одредба можат да бидат доведени во нерамноправна положба, имајќи предвид дека доколку одземеното земјиште, порано земјоделско сега градежно, ако би можело да се врати би се вратило како градежно земјиште. Наспроти ова доколку одземеното земјоделско земјиште станало градежно изградено земјиште и повеќе не може да се врати, тогаш на граѓаните односно барателите за денационализација им се дава надомест земјоделско земјиште соодветно на одземеното.

За подносителот спорен е фактот дека, ако се има предвид дека целта на Законот за денационализација е давање надомест за имот одземен во корист на државата, зошто сопствениците на одземеното земјоделско земјиште кое станало градежно, а нема услови да им се врати во сопственост, не можат да бараат да им се даде ново земјиште кое одговара на видот, катастарската култура и површината на земјиштето кое би им било вратено во сопственост доколку постоеле услови за тоа.

Во иницијативата се наведува и дека со оспорената одредба, на граѓаните на кои земјиштето не може да им се врати се ставани во нерамноправна положба со граѓаните на кои им било одземено земјоделското земјиште од владение, кое подоцна го сменило правниот режим во градежно, но за разлика од првите нивното земјиште останало неизградено и им се враќа во сопственост како градежно неизградено земјиште. Воедно, оспорената одредба го условува давањето на друго земјиште со видот на земјиштето во време на одземањето, а враќањето во сопственост на земјоделско земјиште кое подоцна станало градежно не е условено со видот на земјиштето со што се доведуваат граѓаните во нееднаква положба во зависност од тоа дали земјиштето им било одземено или не, пред да стане градежно земјиште.

Подносителот во наводите на иницијативата наведува и пример за нееднаков третман во Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ број 4/05, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011, 27/2014, 144/2014, 72/2015, 104/2015, 153/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/2021), во кој за поранешните сопственици нема ограничување да го приватизираат земјиштето кое било земјоделско земјиште, а подоцна станало градежно земјиште.

Од наведените причини, подносителот предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од законската одредба и истите да ги поништи или укине како спротивни на член 9 став 2 и член 30 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека во член 22-а став 1 точка 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 18/1999, 31/2000, 42/2003, 64/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 8/2011, 55/2013, 33/2015 и 104/2015), се предвидува дека кога не е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено земјоделско земјиште, кое при поднесување на барањето за денационализација е градежно неизградено земјиште, барателот може да бара: 1.враќање на земјиштето во сопственост, 2.да му се даде ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното и 3. да му се даде надомест согласно со одредбите на овој закон.

III

Согласно со член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 108 од Уставот се уредува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Согласно со член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Во делот II од овој закон се регулирани прашањата околу враќањето на недвижноста во сопственост, каде се наоѓа и оспорениот член 22-а став 1 точка 2. Од овој член од Законот, произлегува дека кога не е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено земјоделско земјиште, кое при поднесување на барањето за денационализација е градежно неизградено земјиште, барателот може да бара да му се даде ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното.

Согласно со член 31 од Законот, надомест се дава за имот кој не се враќа, како и кога имотот не се враќа затоа што престанал да постои. Надомест во смисла на став 1 од овој член се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Уредбата за процена на вредноста и утврдување надомест за денационализиран имот што ја донесува Владата на Република Северна Македонија.

Со член 32 од истиот Закон, се предвидува дека за имот од член 31 став 1 на овој закон како надомест се дава: 1) друг имот од ист вид во сопственост на државата и 2) акции и удели во сопственост на државата. Кога надоместот не се дава согласно со став 1 од овој член, надомест за имот од член 31 став 1 на овој закон се дава вo вид на обврзници.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, Судот цени дека неосновани се наводите во иницијативата дека граѓаните се нееднакви и им се ограничува правото на сопственоста со оспорената одредба. Ова од причина што станува збор за законско решение со кое законодавецот предвидел можност на барателот да му се враќа земјиштето во сопственост, да му се даде ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното и да му се даде надомест согласно со одредбите на овој закон, кога не е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште. Од наведеното произлегува дека законодавецот, приоритетно ја предвидел можноста за враќање на земјиштето во сопственост во случај кога не е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, но и во случај кога е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, а тоа може да биде промена на правниот режим од земјоделско на градежно земјиште, со услов во моментот на поднесување на барањето за денационализација, истото да е градежно неизградено земјиште. Во случај кога е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште односно е трансформирано од земјоделско на градежно земјиште, и во чиј рамки е изградено, тогаш законодавецот предвидел можност за давање на ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното. Имено, од причина што одземеното земјиште била земјоделско земјиште, законодавецот предвидел можност за давање на ново исто така земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното или да му се даде надомест согласно со одредбите на овој закон.

Наводите на подносителот на иницијативата дека се создава нееднаквост помеѓу субјектите на правото од причина што на една категорија на граѓани им се враќа земјиштето во сопственост со нов правен режим, како градежно земјиште, а им било одземено како земјоделско земјиште додека на друга категорија граѓани им се враќа како земјоделско земјиште, Судот смета дека истите се неосновани, од причина што законската одредба е многу јасна бидејќи во Законот е предвидено можноста начелно на сите да им се враќа одземеното земјиште, во ситуации кога не е реализирана целта за која било одземено земјоделското земјиште дури и во ситуации кога е реализирана целта заради која било одземено земјоделското земјиште, но со услов, истото да е градежно неизградено земјиште. Ваквото законско решение не дава за можност создавање на нееднаквост помеѓу субјектите на правото бидејќи сите засегнати страни начелно ги третира на еднаков начин.

Во член 32 став 1 точка 1 од Законот, децидно е утврдено дека за имот кој не се враќа како надомест се дава имот од ист вид сопственост на државата, што значи дека кога земјиштето во моментот на одземањето било земјоделско, државата го обесштетува барателот со надомест од ист вид, односно со земјоделско земјиште како што бил режимот на земјиштето во моментот на одземањето, а со тоа граѓаните односно барателите не се ставени во нерамноправна положба пред Уставот како што се наведува во иницијативата.

Исто така, неосновани се наводите на иницијативата дека со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост и е во спротивност со член 30 став 1 од Уставот, од причина што државата како титулар на сопственоста определила кој и каков имот ќе биде предмет на обесштетување во постапка за денационализација, односно јасно се определува дека надоместот ќе се дава според состојбата на имотот во моментот на одземањето на недвижноста.

Од погоре цитираните уставни и законски одредби произлегува дека законодавецот во согласност со своето уставно овластување, има обврска со закон да го уредува процесот на денационализација. Државата како сопственик на национализираниот имот со Законот за денационализација, се раководи од различни состојби на имотот настанати во повеќе децениски периоди и во тие рамки денационализацијата се спроведува во услови кои ги диктира државата како титулар на сопственоста на одземениот имот.

Имено, државата како титулар на сопственоста на одземениот имот, има право да одлучува за промена или не, на правниот режим на одземеното земјоделско земјиште, односно дали истото ќе остане земјоделско земјиште или ќе се трансформира на градежно земјиште.

Законодавецот предвидел различни правни решенија, од причина што може да се појават различни ситуации во однос на одземеното земјиште, поради што Судот оцени дека со истите не се создава нееднаквост помеѓу правните субјекти напротив истите се третираат на еднаков начин бидејќи начелно одземеното земјоделско земјиште се враќа дури и во ситуации кога целта заради која било одземено земјоделското земјиште, но останало неизградено земјиште, освен кога е реализирана целта односно е изграден објект, при што на барателите може да им се даде ново земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното односно да им се даде надомест согласно со одредбите на овој закон.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 22-а став 1 точка 2 во делот „земјоделско“ и „од ист вид, површина и бонитет како одземеното“ од Законот за денационализација со одредбите од член 9 став 2 и член 30 став 1 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски