Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.109/2024
Скопје, 20.06.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021 ), на седницата одржана на 20 јуни 2024 година, донесе
РЕШЕНИЕ
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 49 во делот „освен членот 8 во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе“ од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019).
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, член 49 од Законот за бесплатна правна помош во оспорениот дел е нејасен, непрецизен и неконзистентен од причина што создава забуни во практиката и доведува до правна несигурност со што се противи на начелото на владеењето на правото.
Имено, подносителот наведува дека со актуелниот Закон за бесплатна правна помош се уредуваат општите прашања за обезбедување на бесплатна правна помош, видовите и опсегот на бесплатна правна помош, давателите и корисниците на бесплатна правна помош, нивните обврски и одговорности, постапката, финансирањето, наградата и надоместокот на трошоците за дадената бесплатна правна помош, надзорот на примената на овој закон како и други прашања кои се однесуваат на бесплатната правна помош.
Оспорената одредба е содржана во одделот 8 од Законот во кој се дефинирани преодните и завршни одредби. Со истата се предвидува дека останува во примена дел од член 8 на сега веќе непостоечкиот Закон за бесплатна правна помош, односно кој повеќе не е во правниот поредок.
Подносителот на иницијативата смета дека ваквата норма е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 од Уставот. Ова од причина што новиот Закон за бесплатна правна помош има целосно различен, односно поинаков концепт на бесплатна правна помош во однос на секундарната правна помош и правото на бесплатен адвокат, за разлика од претходниот Закон од 2009 година кој целосно е ставен вон сила и кој предвидуваше правна помош во сите судски и управни постапки. Новиот Закон за бесплатна правна помош ја исклучува кривичната постапка и предвидува секундарна правна помош за застапување „во сите степени на граѓански судски постапки, управни постапки и управни спорови”. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека со тоа, прашањето за адвокат кој ќе ги застапува правата на жртвите од кривични дела во кривичните постапки е оставено да се уредува со системскиот Закон за кривичната постапка.
Според наводите во иницијативата со оставање во сила во преодните и завршни одредби на актуелниот Закон за бесплатна правна помош на само еден дел од една одредба од Законот кој е вон правен поредок и истото е без временско ограничување, се создава целосна конфузија и се нарушува правната сигурност на граѓаните. Ова, дотолку повеќе што оспорената одредба не е изведена докрај преку креирање на правно издржана норма со која нема да се остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските.
Од наведените причини во иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 49 во оспорениот дел од Законот за бесплатна правна помош и истовремено да донесе и решение за запирање на сите преземени дејствија врз основа на оспорената одредба, а во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд.
II
На седницата Судот утврди дека во член 49 од Законот за бесплатна правна помош е предвидено дека со денот на отпочнување со примената на овој закон, престанува да важи Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2009, 185/2011, 27/2014 и 104/2015), освен членот 8 во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја З од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.
Според член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 52 од Уставот утврдено е дека законите и другите прописи пред да влезат во сила се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од нивното донесување, а влегуваат во сила најдоцна осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Законот за бесплатна правна помош во член 1 предвидува дека со овој закон се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, видовите, опсегот на бесплатната правната помош, давателите и корисниците на бесплатна правна помош, нивните обврски и одговорности, постапката во која се остварува правото на бесплатна правна помош, финансирањето, наградата и надоместокот на трошоците за дадената бесплатна правна помош, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, транспарентност и отчетност во давањето бесплатна правна помош, посебните постапки за правна помош, надзорот над примената на овој закон и други прашања кои се однесуваат на бесплатната правна помош.
Според став З на член 2 од Законот, овој закон не се применува за правни работи за кои е предвидена бесплатна правна помош со посебни закони.
Во член 3 од Законот е утврдено значењето на изразите употребени во овој закон. Така, според член 3 точка 1 бесплатна правна помош е правна помош одобрена и финансирана од страна на државата на начин и под услови предвидени со овој закон. Во точката 2 од овој член од Законот е дефинирано дека примарна правна помош е вид на бесплатна правна помош која се обезбедува од страна на Министеството за правда, овластеното здружение и правната клиника. Според точката 3 од овој член, секундарна правна помош е облик на бесплатна правна помош која се обезбедува од страна на адвокат запишан во Регистар на адвокати за секундарна правна помош.
Според член 6 од Законот примарна правна помош опфаќа: иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош, општа правна информација, општ правен совет, помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош, помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на радово базирано насилство и семејно насилство; постапка за упис во матична книга на родени; стекнување со документи за лична идентификација и државјанство, составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Во член 14 од Законот во кој е содржан опсегот на секундарна правна помош, се наведува дека секундарна правна помош се одобрува за застапување во сите степени во граѓански судски постапки, управни постапки и управни спорови. Секундарна правна помош се одобрува за застапување во постапка за расправање на оставината пред нотар доколку истата се однесува на имот од членот 19 од овој закон. Секундарна правна помош се одобрува за составување на поднесоци на должник пред надлежен извршител, кога извршувањето се спроведува со продажба на недвижност од членот 19 став (1) алинеја 1 од овој закон и се исполнети условите за одобрување на правна помош. Секундарна правна помош од ставот (1) на овој член не се одобрува во случаите предвидени со одредбите од членовите 17 и 22 од овој закон.
Оспорениот член 49 од Законот за бесплатна правна помош е поместен во оддел 8 со наслов „Преодни и завршни одредби“ и во истиот е предвидено дека со денот на отпочнување со примената на овој закон, престанува да важи Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2009, 185/2011, 27/2014 и 104/2015), освен членот 8 во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе.
Членот 8 од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2009, 185/2011, 27/2014 и 104/2015), предвидува дека барањето за правната помош согласно со одредбите на овој закон ќе се одобри во сите судски и управни постапки, доколку со него се решава прашање од интерес за барателот на правната помош (став 1). Во ставот 2 од овој член на Законот се предвидува дека прашањата во смисла на ставот (1) од овој член се: права од областа на социјалното, здравственото, пензиското или инвалидското осигурување, работните односи, заштитата на децата и малолетници, жртвите на семејното насилство, заштитата на жртвите од казниви дела, заштитата на жртвите од трговија со луѓе и имотноправните прашања.
Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни и законски одредби, како и на оспорената законска одредба vis а vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 49 од Законот за бесплатна правна помош со одредбите на Уставот на кои упатува иницијативата.
Имено, од анализата на оспорената одредба неспорно произлегува дека истата по својата содржина и карактер е преодна одредба која регулира преоден режим, односно го уредува начинот на преминување од постојните правни норми кон новите, што е всушност улогата на овие норми во правото, а што произлегува од фактот што истата е содржана во оддел 8 од Законот со наслов „Преодни и завршни одредби“.
Право е на законодавецот при промена на режимот на уредување на одредени односи во одделна област, во конкретниот случај при промена на условите и критериумите за давање бесплатна правна помош да го уреди преминот од стариот во новиот режим. Токму тоа законодавецот го сторил со одредбата на член 49 од Законот кога уредил дека со денот на отпочнување со примената на овој закон, престанува да важи Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2009, 185/2011, 27/2014 и 104/2015), но останува во сила само оној дел кој не е уреден со посебен закон.
Имено, со оглед на тоа дека со новиот Закон за бесплатна правна помош престанува да важи во целост стариот Закон за бесплатна правна помош, освен во оспорениот дел, Судот оцени дека со истиот не се повредува принципот на правната сигурност и принципот на владеењето на правото предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како што тврди подносителот на иницијативата. Ова од причина што интенцијата на законодавецот е заштита на прашања од интерес на барателот, а кои се однесуваат на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртвите од трговија со луѓе. Според Судот, со овој закон се овозможува и унапредува правото на физичките лица на пристап до правдата и правична судска постапка, како едно од основните начела. Но, од анализата на целината на Законот за бесплатна правна помош произлегува дека овој закон не се применува за правни работи за кои е предвидена бесплатна правна помош со посебни закони.
Оттука, според Судот, со цел заштита на жртвите од кривични дела нужно е истото да биде уредено со овој закон сè додека не се донесат измени на Законот за кривичната постапка, како посебен закон, каде би се уредило и ова прашање. Оспорениот дел од одредбата на член 49 од Законот за бесплатна правна помош, според Судот, по својата содржина и карактер е преодна одредба која регулира преоден режим, и истата е од времен карактер кој го уредува начинот на преминување од постојните правни норми кон новите, што е всушност улогата на овие норми во правото и со право законодавецот истото го нормирал во Оддел 8 со наслов „Преодни завршни одредби“.
Оспорениот дел од одредбата кој уредува дека член 8 од стариот Закон за бесплатна правна помош во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе, и понатаму останува во сила и примена, не создава правна несигурност од причина што истиот има правна и логична целина, истиот е јасен и конзистентен, и со основ може да се подведе под преоден режим и да се третира како премин од стар во нов режим.
Ова, од причина што оспорениот дел од одредбата претставува преодна и завршна норма и истиот е со временското важење на овој дел од нормата кој останува во сила до донесување на посебниот закон, а во смисла на член 2 став 3 од истиот закон, каде ќе бидат опфатени жртвите на кривични дела како баратели на бесплатна правна помош.
Од направената уставно-судска анализа, според Судот, оспорениот член во делот „освен членот 8 во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе“ не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја З и членовите 51 и 52 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски