У.бр.61/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.61/2024
Скопје, 20.06.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 70 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 јуни 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА насловот на точка 9 „Автентично толкување на прописите” и членовите 109, 110, 111 и 112, содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување на прописите” од Деловникот на Советот на Општина Дебрца, објавен во „Службен гласник на Општина Дебрца” број 3/2005, 11/2014 и 6/2019.

2. СЕ СТАВА ВОН сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на одредбите од точка 9 „Автентично толкување на прописите” и членовите 109, 110, 111 и 112, содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување на прописите” од Деловникот на Советот на Општина Дебрца, објавен во „Службен гласник на Општина Дебрца” број 3/2005, 11/2014 и 6/2019.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.61/2024 од 27 март 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека Деловникот на Советот на Општина Дебрца содржи дел со наслов 9 „Автентично толкување на прописите” во кој се уредени членовите 109, 110, 111 и 112.

Според член 109, барање за автентично толкување на прописот може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на прописите во нивното работење.

Во член 110 е уредено дека барањето за давање на автентично толкување на прописот се поднесува до претседателот на Советот, кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи.

Според член 111, Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од комисиите на Советот и општинската администрација.

Согласно член 112, ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до советот на општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот, е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи.

Според член 62 став 1 од погоре наведениот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Со член 43 од Законот за локалната самоуправа се уредени правата и должностите на членовите на советот, а во таа смисла според став 2 на наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Според тоа, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека Советот на Општина Дебрца во свој пропис – Деловникот на Советот на Општина Дебрца, во поглавјето VIII „Постапка за донесување на прописите”, уредил точка 9 „Автентично толкување на прописите”, во која ги пропишал членовите 109, 110, 111 и 112, со кои се уредува постапката за давање на автентично толкување на прописите.

Согласно со погоре цитираните законски одредби, неспорно е дека совет на општина е надлежен да донесува статут и други прописи. Меѓутоа, Законот со ниту една одредба не предвидува надлежност на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут), да уредат одредби за автентично толкување на општи акти, со што одредбите коишто Советот на Општина Дебрца ги пропишал во Деловникот на Советот на Општина Дебрца, се без законски основ, а со тоа, Советот ги надминал и своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа.

Институтот автентично толкување, мора да биде предвиден во закон за да можат органите на локалната власт да го употребуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, при што, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија. Во конкретниот случај, законска основа за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот според кои во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот со основ изрази сомнеж за согласноста на насловот на точка 9 „Автентично толкување на прописите” и членовите 109, 110, 111 и 112, содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување на прописите” од Деловникот на Советот на Општина Дебрца со Законот за локалната самоуправа, а со тоа, со основ се постави прашањето и за неговата согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски